Средоземно Море — затворено море со отворени рани
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГРЦИЈА
Повеќе од илјада мртви делфини натрупани на крајбрежјето од Грција до Мароко, затруени црвени плими во Егејот, милиони тони слузава пена на Јадранот, желки и фоки на работ на истребувањето, водени пространства сосема лишени од живот. Што се случува со Средоземното Море? Дали неговата иднина е осудена на загадување и пустош?
„НАЈСТАРИОТ предел во светот што му е прилагоден на човекот.“ Вака зоологот Давид Антенбро го опишува Средоземното Море и неговото крајбрежје. Обезбедувајќи пристап на три континенти, ова море одиграло клучна улога во подемот и во падот на Египет, Грција и Рим. Тоа е расадник од кој се развил голем дел од денешната култура и цивилизација. Меѓутоа, последниве децении на пребрз развој, процветот на туризмот, преголемото рибарење и загадувањето го доведоа Средоземното Море до криза. Загрижените научници и нациите кои се лично погодени се растрчуваат да дојдат до решение, но засега само со ограничен успех.
Средоземното Море е најголемото континентално море во светот. Неговото крајбрежје со должина од 46.000 километри, кое е природна граница на 20 земји, го населуваат повеќе од 160 милиони луѓе, бројка која се предвидува да се удвои до 2025 година. Потопло и посолено од Атлантскиот Океан, кој е главниот извор на неговите води, Средоземното Море е речиси нема плима. Бидејќи неговите води се обновуваат отприлика само на секои 80 или 90 години, тоа е подложно на загадување. „Сѐ што ќе се фрли во Средоземното Море останува таму долго време“, вели National Geographic.
Инвазија на туристи
Плажите кои се облеани од сонцето, прекрасните глетки, традиционалната гостољубивост на Средоземието и богатата историја, го прават целото тоа подрачје многу популарно катче за годишен одмор. Секоја година на неговите плажи доаѓаат 100 милиони локални посетители и странски туристи, а се очекува оваа бројка тројно да се зголеми за 25 години. Дали оваа плима на луѓе е делумно одговорна за загадувањето на нивната летна дестинација? Да ги разгледаме фактите.
Овие орди од човечки натрапници носат со себе отпадоци со кои средоземноморските земји не можат да излезат на крај. Околу 80 проценти од отпадните води што истекуваат — повеќе од 500 милиони тони годишно — завршуваат во морето без да бидат преработени! Повеќето од овие туристи доаѓаат во сувата сезона, придонесувајќи за загадувањето на веќе ограничените резерви на вода во тој предел. Од друга страна, пак, загадената вода е опасна за здравјето. Ако се плива во некои делови од Средоземното Море, може да се добијат инфекции на увото, носот и грлото, а да не зборуваме за болестите како што се хепатитот и дизентеријата и повремените случаи на колера.
Сепак, економијата на многу средоземноморски земји зависи од туризмот. Зборувајќи за таквите земји, Мишел Батис, поранешен помошник на генералниот директор на Организацијата за образование, наука и култура при Обединетите нации, вели: „Нивниот единствен приход е туризмот, но тој зависи од тоа крајбрежјето да не биде уништено со неконтролирано градење мотивирано од потрага по брз профит.
Густ танкерски сообраќај
Средоземното Море е главна транспортна линија помеѓу Средниот Исток и Европа, од што произлегува густ сообраќај на танкери со нафта. Повеќе од 20 проценти од нафтата во светот минува низ него. Се проценува дека количеството отпадна нафта кое секоја година се излева во Средоземното Море е 17 пати поголемо од количеството што го излеа Exxon Valdez на Аљаска во 1989. Помеѓу 1980 и 1995, во Средоземното Море дојде до излевање на танкери 14 пати, а секоја година од бродовите се исфрла повеќе од еден милион тони сурова нафта, честопати затоа што пристаништата немаат капацитети за да ја собираат отпадната нафта или за да ги чистат цистерните.
За да бидат работите уште полоши, водата што дотекува од Средоземното Море во Атлантскиот Океан преку Гибралтарскиот проток е длабока. Бидејќи нафтата плива, морето ја губи својата подлабока, почиста вода и ја задржува на површината насобраната нафта. „Синџирот на исхрана на Средоземното Море сега носи траги од загадување со нафта“, вели Колет Серија, поранешен директор на Институтот за океанографија во Израел. „Таа е дел од ткивото на нашите риби и мекотели.“ Во 1990, Програмата за природна средина при Обединетите нации (UNEP) изнела дека 93 проценти од школките и раковите земени од Средоземното Море содржеле повеќе фекални бактерии од максимално дозволените од страна на Светската здравствена организација.
Загрозени екосистеми
Освен ова опасно загадување, голема штета му се нанесува и на брегот на Средоземното Море, од кој голем дел бил густо пошумен уште во 15 век н. е. Сечењето на шумите, што се вршело за да се создаде обработливо земјиште, за да се прошират градовите или за да се обезбедат бродски материјали за венецијанските галии, предизвикало непоправлива ерозија. Освен цврстите материи што се пренесуваат со дождот, реките носат во морето такви загадувачи како што се детергенти, пестициди и тешки метали. Рона во Франција, Нил во Египет, По во Италија, Ибар во Шпанија и други реки носат зголемени количества земјоделски и индустриски отпад.
Еден директен резултат од ова загадување се црвените плими кои погодија различни делови од Јадранското и од Егејското Море, прекривајќи ги бреговите со смрдлива, слузава тиња. Оваа појава е предизвикана од еутрофикацијата, процес кој настанува кога разложените отпадни материи ќе ѝ го одземат на водата нејзиниот растворен кислород, задушувајќи голем дел од локалната флора и фауна. Други подрачја зафатени од оваа појава се Лионскиот Залив (Франција), Тунискиот Залив, (Тунис), Измирскиот Залив (Турција) и Венецијанскиот Залив (Италија).
Крајбрежниот екосистем е загрозен до тој степен што видовите кои не се својствени за Средоземното Море можат да ги истиснат домашните видови. Типичен пример е алгата „убиец“, Caulerpa taxifolia, која истребува други морски видови. Случајно донесена во околината на Монако, сега почна да се шири на морското дно. Таа е токсична, нема познати предатори и веќе е широко распространета. „Можеби го гледаме почетокот на една еколошка катастрофа“, вели Александре Менеш, професор по морска биологија на универзитетот во Ница (Франција).
Има уште лоши вести. Според морскиот биолог Шарл-Франсоа Будуреск, во Средоземното Море се појавиле повеќе од 300 несвојствени морски организми. Повеќето дошле од Црвеното Море преку Суецкиот Канал. Некои истражувачи сметаат дека ова биолошко загадување оди во неповратен правец и дека би можело да се покаже како еден од главните еколошки проблеми во следниот век.
Смрт во водата
Флората на Средоземното Море се соочува со многу опасности. Една од нив е уништувањето на ливадите морска трева Posidonia, кои служат како бели дробови, шпајз и мрестилиште на морето и како засолниште во кое се размножуваат стотици морски видови. Браните и марините кои ги преминуваат границите на овие ливади можат да ги уништат, како и излетничките бротчиња, кои ги раскинуваат растенијата со своите котви.
Подеднакво е загрозена и морската фауна. Средоземноморскиот монах, еден од 12-те најзагрозени видови во светот, е доведен до истребување. Во 1980 имаше речиси 1.000 монаси во Средоземното Море, но нивните редови беа проретчени од ловците и риболовците, и денес се останати само 70 до 80. Каретата сега ги положува своите јајца само на грчките и на турските плажи, каде што понекогаш се изгазени од нозете на туристите. Желките честопати се заплеткуваат во рибарските мрежи и завршуваат на менито во локалните ресторани. Ракот богомолка, паламидата и литофагата го дополнуваат списокот на загрозени видови.
План за акција
За справување со оваа алармантна ситуација, во 1975 беше усвоен План за акција на Средоземното Море (МАП) под покровителство на UNEP. Тој се стреми да ги обврзе средоземноморските земји, како и другите членки на Европската унија, не само да го заштитат морето од загадување туку и да се погрижат развојот на крајбрежјето да не ја нарушува природната средина. Во 1990 беше започната Програма за техничка помош на природната средина на Средоземното Море (МЕТАП), после која следеше МЕТАП II, во 1993. И други напори за да се создадат природни резервати и морски национални паркови дадоа некои пофални резултати во заштитувањето на делфините, китовите, монасите, желките и другите загрозени видови.
Меѓутоа, делата не беа во потполн склад со зборовите. До почетокот на 1990-тите, МАП речиси ќе пропаднеше бидејќи главните донаторски нации не ги платија своите долгови. Според авторите на тој план, не е познато дека е постигната барем една од неговите цели. Известувајќи за спремноста на средоземноморските земји да преземат мерки за подобрување, Љубомир Јефтиќ, пратеник кој е координатор на МАП, предупредил: „Немојте да бидете преголеми оптимисти“. Дури и ако овие земји можат да се согласат да дејствуваат, можеби ќе требаат децении за да се поправи штетата што веќе е направена. Списанието New Scientist забележува: „Токму сега, исто како поголемиот дел од средоземноморскиот жив свет, МАП изгледа мртов во водата“.
Тогаш, каква е иднината на Средоземното Море? Дали ќе стане некакво мртво море полно со смрдливи, калливи алги? Можеби, доколку неговата иднина зависи само од човекот. Меѓутоа, Творецот на оваа планета, Јехова Бог, се грижи за ‚морето, кое Он го создал‘ (Псалм 94:5). Тој ветил дека наскоро „ќе ги донесе до уништување оние кои ја уништуваат Земјата“ (Откровение 11:18, NW). После ова неопходно отстранување на неодговорните луѓе кои, меѓу другото, ги загадуваат и морињата, Бог ќе ја обнови еколошката рамнотежа и соодветната биолошка разновидност на нашата Земјина топка. Тогаш „морето и сѐ што живее во него“ ќе ‚Го фали‘ со својата нерасипана, чиста состојба (Псалм 68:34).
[Карта/слики на страница 15]
(Види во публикацијата)
АТЛАНТСКИ ОКЕАН
ПОРТУГАЛИЈА
ШПАНИЈА
МАРОКО
ФРАНЦИЈА
МОНАКО
АЛЖИР
ТУНИС
СЛОВЕНИЈА
ИТАЛИЈА
ХРВАТСКА
ЈУГОСЛАВИЈА
АЛБАНИЈА
МАЛТА
ГРЦИЈА
ТУРЦИЈА
ЛИБИЈА
ЕГИПЕТ
КИПАР
СИРИЈА
ЛИБАН
ИЗРАЕЛ
[Слики на страница 16]
Големиот развој довел до загадување
Љорет де Мар, Коста Брава (Шпанија)
Хотели во Бенидорм (Шпанија)
[Слики на страница 16]
Загадените шпански води и (долу) нафтена дамка кај Ѓенова (Италија)
[Извор на слика]
V. Sichov/Sipa Press
[Слики на страница 17]
Каретите се загрозени
Средоземноморските монаси се на работ на истребувањето
[Извор на слика]
Желка: Tony Arruza/Corbis; фока: Panos Dendrinos/HSSPMS