ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/5 стр. 4-7
  • Татковци — зошто исчезнуваат

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Татковци — зошто исчезнуваат
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Неуспехот на заедничкото старателство
  • Невенчани родители
  • Зошто момчињата си заминуваат
  • Кисело грозје
  • Татковци кои бегаат — дали навистина можат да побегнат?
    Разбудете се! 2000
  • Семејства без татко — да се прекине кругот
    Разбудете се! 2000
  • Четири факти за разводот за кои треба да си свесен
    Разбудете се! 2010
  • Семејства без татко — знак на времињата
    Разбудете се! 2000
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/5 стр. 4-7

Татковци — зошто исчезнуваат

„Не се сеќавам дека мама и тато некогаш се карале или се расправале. Сѐ што знам е дека тато беше овде, и наеднаш — бам! — еден ден повеќе го немаше. До ден-денес сѐ уште не знам каде е татко ми. Знам дека за него не чувствувам ништо“ (Брус).

„Јас бев единственото дете на училиште кое немаше двајца родители и не живееше во куќа . . . Постојано имав чувство дека не сум како другите. Секогаш се чувствував многу поинаква од сите други што беа на моја возраст“ (Патриша).

КРИЗАТА со семејствата без татко има корени во индустриската револуција. Кога работата во фабриките почнала да ги намамува мажите да излезат од дома, влијанието на таткото во семејството почнало да опаѓа, а мајките добиле поголема улога во воспитувањето на децата.a Сепак, повеќето татковци останале со своите семејства. Меѓутоа, во средината на 1960-тите, стапката на развод во Соединетите Држави почна драматично да расте. Религиозните, економските и социјалните бариери за да се добие развод почнаа да се рушат. Поттикнати од советот на самопрогласените експерти кои тврдеа дека разводот не само што не им наштетува на децата туку би можел да биде и добар за нив, рекорден број двојки одлучуваа да се разведат. Книгата Divided Families—What Happens to Children When Parents Part (Поделени семејства — што се случува со децата кога ќе се разделат родителите) од Франк Ф. Фурстенберг, Јр. и Ендрју Џ. Черлин, вели: „Во Белгија, Франција и Швајцарија, стапките [на развод] двојно се зголемија [од 1960-тите], додека во Канада, Англија и Холандија станаа три пати поголеми“.

Иако после разводот децата обично остануваат со мајката, повеќето татковци што си заминуваат сакаат да одржуваат врска со нив. Заедничкото старателство е едно популарно решение. Сепак, повеќето разведени татковци одржуваат изненадувачки малку контакти со своите деца. Една анкета откри дека само секое 6-то дете го гледа својот разведен татко секоја седмица. Речиси половина од децата не го виделе својот татко цела една година!

Неуспехот на заедничкото старателство

За да имаат заедничко старателство, разведените двојки треба многу да соработуваат и да имаат голема доверба — а тоа се работи кои честопати недостигаат. Истражувачите Фурстенберг и Черлин велат вака: „Главна причина зошто татковците престануваат да се гледаат со своите деца е тоа што не сакаат да имаат никаква врска со своите поранешни сопруги. И многу жени го усвојуваат истиот став кон своите поранешни сопрузи“.

Точно е дека многу разведени татковци редовно се гледаат со своите деца. Но, бидејќи повеќе не се вклучени во секојдневниот живот на децата, на некои им е тешко да се однесуваат како татковци кога се заедно со нив. Многумина ја избираат улогата на другар, минувајќи го речиси целото време додека се заедно во рекреација и купување. Четиринаесетгодишниот Ари ги опишува своите викенд-посети кај својот татко, велејќи: „Нема утврден ред, нема нешто како ‚дојди си дома во пет и триесет‘. Сѐ е дозволено. Сѐ е слободно. Татко ми секогаш ми купува подароци“ (How It Feels When Parents Divorce [Како е кога ќе се разведат родителите] од Џил Кременц).

Еден татко кој е полн со љубов треба ‚да умее да им дава на своите чеда добри дарови‘ (Матеј 7:11). Но, подароците не се замена за потребното водство и стега (Изреки 3:12; 13:1). Ако некој ја замени улогата на родител со улога на другар или посетител, односот татко—дете сигурно ќе се наруши. Едно истражување заклучило: „Разводот може трајно да го наруши односот татко—дете“ (Journal of Marriage and the Family, мај 1994).

Повредени и лути што се исклучени од животот на своите деца — или можеби само студено рамнодушни — некои мажи ги напуштаат своите семејства без да им ја дадат финансиската поддршка што е потребнаb (1. Тимотеј 5:8). „Ништо кај татко ми не ми се допаѓа“, вели еден огорчен тинејџер. „Тој е сосема исклучен од нашиот живот, не ни дава издршка ниту што и да било друго, и мислам дека тоа е ужасно.“

Невенчани родители

Рекордниот број вонбрачни деца го предизвика најголемиот пораст на бројот на деца без татко. „Околу една третина од сите породувања во [Соединетите Држави] сега се надвор од бракот“, вели книгата Fatherless America (Америка без татко). Од приближно 500.000 бебиња кои секоја година им се раѓаат на родители од 15 до 19-годишна возраст, 78 проценти се на невенчани тинејџерки. Меѓутоа, бременоста на тинејџерките е глобален проблем. А програмите кои нудат информации за контрацепција или проповедаат апстиненција не придонесоа многу за да се промени сексуалното однесување на тинејџерите.

Книгата Teenage Fathers (Татковци-тинејџери) од Брајан Е. Робинсон, објаснува: „Вонбрачната бременост повеќе не ја носи дамката на срам и понижување што ја носела во текот на 1960-тите поради полибералните општествени ставови кон сексот и предбрачната бременост . . . Исто така, денес младите постојано се бомбардирани со секс преку рекламите, музиката, филмовите и телевизијата. Американските медиуми им кажуваат на адолесцентите дека сексот е романтичен, возбудлив и пријатен без воопшто да им ги покажат реалните последици на спонтаното и неодговорно сексуално однесување“.

Изгледа дека многу млади не се сосема свесни за последиците од недозволен секс. Забележете некои коментари што ги чул авторот Робинсон: „,Таа не изгледаше како таков тип [дека ќе забремени]‘; ‚Имавме секс само еднаш неделно‘; или ‚Мислев дека не се забременува првиот пат‘“. Се разбира, некои млади многу добро знаат дека сексот може да води до бременост. Книгата Young Unwed Fathers (Млади невенчани татковци) забележува: „За многу момчиња [од центарот на градот] сексот е важен симбол на локален социјален статус; сексуалните освојувања стануваат само токи на нечиј колан. Многу девојки нудат секс како подарок кога сакаат да го привлечат вниманието на некое момче“. Во некои кругови од центарот на градот, момчињата кои не станале татковци може да бидат исмејувани заради тоа што се „невини“!

Сликата станува уште помрачна кога ќе размислите за резултатите на една анкета што беше спроведена во Калифорнија во 1993 меѓу мајки на училишна возраст. Се покажало дека две третини од девојките останале бремени, но не од момчиња кои се тинејџери туку од мажи постари од 20 години! Всушност, некои анкети покажуваат дека многу невенчани мајки тинејџерки се жртви на секс со малолетнички — па дури и на злоупотреба на деца. Таквото раширено искористување открива колку болно и изопачено станало современото општество (2. Тимотеј 3:13).

Зошто момчињата си заминуваат

Тинејџерите кои се татковци на деца ретко преземаат долгорочна одговорност за своите деца. Едно момче чија девојка затруднела, рекло: „Само ѝ реков: ‚Ај со здравје‘“. Меѓутоа, како што истакнува една статија од Family Life Educator, „повеќето млади татковци изразуваат силна желба да имаат близок однос со своите деца“. Според една анкета на млади невенчани татковци, 70 проценти ги посетувале своите деца еднаш неделно. „Меѓутоа“, предупредува статијата, „како што децата растат, бројот на посетите се намалува.“

Еден 17-годишен татко заклучил зошто, велејќи: „Само да знаев колку ќе биде тешко, никогаш немаше да дозволам да се случи тоа“. Малку млади се доволно емоционално зрели или искусни за да се справат со она што го бара родителството. Исто така, многумина немаат стекнато образование или работни вештини што се потребни за да заработат за живот. Наместо да се справат со понижувањето од доживеаниот неуспех, многу млади мажи едноставно ги напуштаат своите деца. „Мојот живот е голем хаос“, признава еден млад татко. Друг се жали: „Едвај можам да се грижам за себе; не знам што би правел кога би морал да се грижам и за [мојот син]“.

Кисело грозје

Во библиски времиња, Евреите имале една изрека: „Татковците јадеа кисело грозје, а на децата забите им фаќаа оскомина“ (Језекиил 18:2). Бог им рекол на Евреите дека не мора да биде така, дека минатите грешки не мора да се повторуваат во иднината (Језекиил 18:3). Меѓутоа, изгледа дека денес милиони деца чувствуваат колку е горчливо ‚киселото грозје‘ на нивните родители — плаќајќи ја казната за незрелоста, неодговорноста и брачните пропусти на нивните родители. Истражувањето едноставно поразува кога ќе се види дека децата кои растат без татко се изложени на мноштво физички и емоционални ризици. (Видете ја рамката на страница 7.) Особено вознемирува фактот што наследството на дом без татко честопати се пренесува од генерација на генерација — еден постојан круг на болка и беда.

Дали семејствата без татко се осудени на неуспех? Во никој случај. Всушност, добра вест е дека кругот на семејства без татко може да се прекине. Нашата следна статија ќе дискутира на кој начин може да се постигне тоа.

[Фусноти]

a Интересно е што пред индустријализацијата прирачниците за воспитување деца во Соединетите Држави обично беа наменети за татковците, а не за мајките.

b Според истражувачите Сара Мекланехан и Гари Сандефер, во Соединетите Држави „на околу 40 проценти од децата на кои теоретски им следува алиментација, воопшто не им е доделена со [судски налог], а една четвртина од оние на кои им е доделена, не добиваат ништо. Помалку од една третина од децата го добиваат целосниот износ што им следува“.

[Рамка/слика на страница 7]

РИЗИЦИТЕ ОД РАСТЕЊЕТО БЕЗ ТАТКО

Растењето без татко носи сериозни ризици за децата. Иако на некои може да им биде болно разгледувањето на следниве информации, свесноста за ризиците е првиот чекор во спречувањето, или барем во намалувањето на штетата. Исто така, сфатете дека статистичките истражувања се однесуваат на групи, а не на поединци. Многу деца растат во домови без татко и немаат ниту еден од овие проблеми. Како што ќе покаже нашата последна статија, интервенцијата на родителите и примената на библиските начела можат многу да придонесат за да се намалат овие потенцијални тешкотии. Потоа, разгледајте некои од можните ризици со кои може да се соочи детето без татко.

◼ Поголема опасност од сексуална злоупотреба Истражувањето јасно покажува дека ризикот од сексуална злоупотреба е поголем кај оние што се без татко. Едно истражување откри дека од 52.000 случаи на злоупотреба на деца, „72 проценти вклучувале деца кои живеат во домаќинство без едниот или без обата биолошки родитела“. Книгата Америка без татко тврди: „Зголемениот ризик од сексуална злоупотреба во детството во нашето општество доаѓа првенствено од сѐ поголемата отсутност на венчаните татковци и сѐ поголемата присутност на очуви, момчиња и други машки лица кои не се роднини или се присутни само привремено“.

◼ Зголемен ризик од рано започнување со секс Бидејќи во домот со еден родител веројатно има помал надзор од родителите, младите честопати имаат повеќе прилики да се впуштат во неморално однесување. Еден фактор може да е тоа што родителите помалку ги воспитуваат своите деца. „Девојчињата без татко во својот живот имаат два и пол пати поголема веројатност да забременат“, вели Одделот за здравство и човекови служби на САД.

◼ Сиромаштија Едно истражување на тинејџерки што се црнкињи во Јужна Африка заклучило дека сиромаштијата е вообичаена последица кога родителите не се во брак. „Отприлика во 50% од случаите“, велат авторите на ова истражување, „тинејџерката веројатно нема да се врати на училиште.“ Многу невенчани мајки завршуваат во проституција и трговија со дрога. Во западните земји ситуацијата не е многу подобра. Во Соединетите Држави, „10 проценти од децата во семејствата со два родитела биле сиромашни [во 1995], во споредба со 50 проценти од семејствата со самохрана мајка“ (America’s Children: Key National Indicators of Well-Being 1997).

◼ Запоставеност Присилени да се грижат сами за себе, некои самохрани родители се преоптоварени со своите одговорности и не можат да минуваат доволно време со своите деца. Една разведена жена вели: „Дење работев а навечер одев на училиште — и тоа ме исцрпуваше. Сосема ги запоставив децата“.

◼ Емоционална штета Спротивно на она што го тврдат некои експерти, дека децата брзо се повраќаат после разводот, истражувачите, како што е д-р Џудит Валерстајн, откриле дека разводот нанесува долготрајни емоционални рани. „Повеќе од една третина од младите мажи и жени на возраст од деветнаесет до дваесет и девет години имаат мали или никакви амбиции уште десет години по разводот на нивните родители. Тие го живеат животот без да си постават цели . . . и со чувство на беспомошност“ (Second Chances [Втора шанса] од Џудит Валерстајн и Сандра Блејксли). Кај многу деца на разведени родители се забележани ниска самопочит, депресија, делинквенција и постојан гнев.

Книгата The Single-Parent Family (Семејството со еден родител) вели: „Многу студии покажуваат дека момчињата што се воспитани без цврстото присуство на маж во својот живот покажуваат несигурност во врска со нивната машкост, ниска самопочит и — подоцна во животот — тешко создаваат блиски врски. Проблемите што може да ги имаат девојчињата кога живеат без машка улога како пример обично излегуваат на виделина дури во адолесценцијата или подоцна, и вклучуваат тешкотии во создавањето успешни односи машко—женско во зрелата доба“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели