Русите ја ценат слободата на обожавање
ОТКАКО СЕ РАСПАДНА СОВЕТСКИОТ СОЈУЗ ВО 1991, ЛУЃЕТО ШТО ЖИВЕАТ ТАМУ ИМААТ ПОГОЛЕМА СЛОБОДА ДА ГО ОБОЖАВААТ БОГ. ТАКВАТА СЛОБОДА ЈА ЦЕНАТ И ОНИЕ ШТО ИМИГРИРАА ВО ДРУГИ ЗЕМЈИ.
ЗА МНОГУМИНА кои живеат во поранешниот Советски Сојуз, слободата јавно да се собираат за да го обожаваат Бог е задоволство кое многу го ценат — задоволство од кое биле лишени со децении.
По Октомвриската револуција во 1917, во Русија стана опасно да се чита Библијата и малку луѓе ја ризикуваа слободата за да го прават тоа. Јеховините сведоци беа исклучок. Всушност, списанието Newsweek од 16 април 1956 — пред 44 години — цитирало еден младинец од Источна Германија кој рекол: „Никој не ја чита Библијата, освен Јеховините сведоци“. Сепак, заради тоа што одржуваа состаноци за проучување на Библијата и ја проповедаа нејзината порака, Сведоците беа праќани во затвори и во работни логори. Меѓутоа, каде и да одеа, го насочуваа вниманието кон библиската надеж, како што покажува и придружната рамка.
Кога почна да се распаѓа Советскиот Сојуз, во 1991, тамошните Сведоци одржаа седум конгреси на кои беше изнесена програма на библиска поука. На конгресите присуствуваа вкупно 74.252 лица. Во 1993, само две години подоцна, 112.326 лица се собраа на осум такви конгреси во 4 од 15-те поранешни републики на Советскиот Сојуз.a Голем број од тие илјадници луѓе поминале многу години во советските затвори и работни логори. Овие верни христијани беа крајно благодарни за својата слобода да го обожаваат Бог без пречки.
Луѓето од поранешните советски републики ја ценат предноста што секоја година, почнувајќи од 1993, слободно се состануваат на христијанските собири во нивната татковина. На пример, минатата година вкупно 282.333 Јеховини сведоци и нивни пријатели се радуваа на заедничко обожавање на 80 обласни конгреси „Божјата пророчка реч“ што се одржаа во поранешните советски републики. Се крстија вкупно 13.452 лица.
Колку и да изгледа изненадувачки, минатата година се одржаа конгреси на руски јазик и во други земји во светот. Вкупно 6.336 лица присуствуваа на четири такви собири во земјите надвор од поранешниот Советски Сојуз! Каде се одржаа? И зошто толку многу луѓе од руско говорно подрачје имаат толку голем интерес за Библијата? Најнапред кратко да го разгледаме второто прашање.
Ги признаваат духовните потреби
Русија има богата религиозна историја. Нејзините накитени катедрали, изградени со векови наназад, се меѓу најпрочуените во христијанскиот свет. Сепак, руската православна црква, исто како и римокатоличката црква, ги држела луѓето во незнаење за Библијата.
„Библијата“, објаснува новата книга The Russian Tragedy—The Burden of History (Руската трагедија — товарот на историјата), „никогаш не била главен дел од руското православие.“ Според Сергеј Иваненко, руски изучувач на религијата, резултатот е тоа што „недоволното спознание за Библијата од страна на православните верници довело до тоа многу епархијани на православните цркви да бидат поподложни на влијанието на суеверието, окултизмот и магијата отколку неверниците“.
Прочуениот руски писател Толстој дал слична забелешка. Тој напишал: „Се уверив дека доктрината на [руската православна] црква, во теорија е итра и штетна измама, а во пракса е збирка на најголемите суеверија и магии, а тоа сосема го сокрива целокупното значење на христијанската наука“.
Оваа ситуација се покажа како плодно тло за подемот на советскиот комунизам со неговата атеистичка пропаганда и добро познатиот слоган: „Религијата е опиум за народот“. Сепак, и самиот комунизам наскоро стана еден облик на религија, честопати наречен Црвена религија. Но, Црвената религија не потраја. Кога Советскиот Сојуз се распадна во 1991, милиони луѓе беа збунети и се прашуваа каде да се свртат. Охрабрени од Јеховините сведоци, илјадници Руси ги побараа одговорите во Библијата.
Како резултат на добриот образовен систем, Русите станаа еден од најобразованите народи во светот. Затоа, многу Руси не само што станаа читатели на Библијата туку ги засакаа и нејзините науки. Во исто време, особено во текот на деценијата на 1990-тите, стотици илјади луѓе од поранешниот Советски Сојуз имигрираа во други земји, како што се Германија, Грција и Соединетите Држави. Со каков резултат?
Слободни да обожаваат во Германија
Во 18 и 19 век, многу Германци се преселиле во Русија. Најпозната била 15-годишната Софи, која во 1762 го наследила својот сопруг како владетел на Русија. За време на нејзиното долго владеење, Софи, која подоцна станала позната како Катерина Велика, ги повикала германските земјоделци да живеат во Русија. Потоа, кога Германија го нападна Советскиот Сојуз за време на II светска војна, повеќето од оние кои имаа германско потекло беа транспортирани во Сибир и во советските републики Казахстан, Киргистан и Узбекистан. Неодамна, многу Германци кои зборуваат руски јазик, како и други луѓе од поранешниот Советски Сојуз, се преселија во Германија заради подобрите економски услови.
Во декември 1992, во Берлин беше формирано првото собрание на руски јазик во Германија. До минатата година, во три покраини од руско говорно подрачје во Германија беа формирани 52 собранија и 43 помали групи. Од 30 јули до 1 август, во Келн се одржа Обласниот конгрес „Божјата пророчка реч“ на руски јазик. На него имаше највисок број од 4.920 присутни, а се крстија 164 лица, симболизирајќи го своето предание на Јехова. Претходно, на 1 април, во собранијата на руски јазик во Германија имаше 6.175 присутни за прославата на Меморијалот на Исусовата смрт.
Русите во Соединетите Држави
И во Соединетите Држави имаше прилив на луѓе што зборуваат руски јазик од поранешниот Советски Сојуз. The New York Times извести: „Од 1991 до 1996, Русите беа имигрантска група во Бруклин која најбрзо се зголемуваше. Во истиот период, Службата за имиграција и натурализација прими во Соединетите Држави повеќе од 339.000 имигранти кои дојдоа од поранешниот Советски Сојуз.
Подоцна, Times од јануари 1999 изјави дека во текот на претходната деценија, околу 400.000 Евреи од поранешниот Советски Сојуз имигрирале во Њујорк Сити и околината. Освен тоа, последниве години илјадници Руси се населија во други делови на Соединетите Држави. На пример, во северна Калифорнија имаше прилив на околу 35.000 нови руски имигранти и таа стана трет најголем центар на имигранти од поранешниот Советски Сојуз, веднаш после Њујорк и Лос Анџелес. Овие луѓе кои зборуваат руски јазик се одѕваа на приликата да ја проучуваат Библијата и стотици од нив станаа обожаватели на вистинскиот Бог, Јехова.
На 1 април 1994, првото собрание на руски јазик на Јеховините сведоци што се формира во поново време во Соединетите Држави беше во Бруклин (Њујорк). Со текот на времето, руски собранија беа формирани и во Пенсилванија, Калифорнија и Вашингтон. Во многу други делови од земјата беа формирани и групи за проучување.
За првпат во Соединетите Држави
Од 20 до 22 август минатата година, најголем број од 670 присутни кои дојдоа од сите места на Соединетите Држави и Канада беа восхитени што присуствуваа на првиот обласен конгрес на руски јазик што се одржа во Њујорк Сити. Сите говори беа изнесени на руски јазик, а костимираната драма, во која се зборуваше за извештајот за Јаков и Исав, ја прикажаа членовите на руското собрание од Лос Анџелес (Калифорнија). Навистина, тоа беше врвна точка на конгресот.
Друга врвна точка на конгресот беше крштавањето на 14 лица, и сите тие се прикажани на придружната фотографија. Некои патуваа 4.000 километри од Портланд (Орегон), и од Лос Анџелес и Сан Франциско (Калифорнија), за да се крстат на конгресот во Њујорк Сити. Претходно тие 14 души живееле во поранешните советски републики Азербејџан, Белорусија, Ерменија, Молдавија, Русија и Украина. Нивните искуства откриваат колку го ценат спознанието за Бог и слободата да го обожаваат.
Светлана (првиот ред, трета одлево) пораснала во Москва. На 17 години се омажила за еден познат пејач кој бил многу постар од неа, а во 1989 дошле во Соединетите Држави заедно со нивното мало синче. Нејзиниот сопруг многу патувал, и по пет години се развеле.
Кога Светлана се запознала со една колешка која била Сведок, нејзините пријателки ја опоменале да не се поврзе со „сектата што ќе ѝ го контролира животот и ќе ѝ ги земе сите пари“. Сепак, таа сакала да дознае што учи Библијата. Кога ѝ го покажале Божјето име во Библијата, таа вели: „Ми остави голем впечаток тоа што само Сведоците беа тие што го кажуваа“.
Како младинец, Андреј (последниот ред, третиот одлево) си заминал од дома, од Сибир, за да продолжи да тренира како спортист во денешен Санкт Петербург. Кратко потоа, Советскиот Сојуз се распаднал и, во 1993, кога имал 22 години, Андреј имигрирал во Соединетите Држави. Тој објаснува: „Почнав да размислувам за Бог и да одам во руската православна црква. Еднаш, за време на руската прослава на Велигден, останав во црква цела ноќ за да му се приближам на Бог“.
Отприлика во тоа време Светлана се запознала со Андреј и му кажала што учела од својата библиска студија. Тој се согласил да појде со неа на еден состанок на Јеховините сведоци и потоа прифатил библиска студија. Во јануари 1999 стапиле во брак. Откако се крстија на конгресот, зрачеа од радост.
Павел (последниот ред, четвртиот одлево) е роден во близината на Караганда (Казахстан), но подоцна се преселил во Налчик (Русија). Овој голем град се наоѓа во близината на Чеченија и Дагестан, каде што имаше многу борби. Таму Павел прв пат се запознал со Сведоците во август 1996, но следниот месец имигрирал во Сан Франциско. Земал дрога и имал ќерка, но ја оставил во Русија со мајка ѝ.
Веднаш кога пристигнал во Соединетите Држави, Павел се поврзал со Јеховините сведоци и прифатил библиска студија. Го исправил својот живот и ѝ напишал писмо на мајката на неговата ќерка во врска со својата новопронајдена вера. Сега таа проучува со Сведоците и планираат да дојде во Соединетите Држави за да се венча со Павел и да му служат на Јехова во Калифорнија заедно со нивната ќерка.
Ѓорѓи (последниот ред, вториот одлево) се родил и пораснал во Москва. Дошол во Соединетите Држави во 1996, и следната година се оженил со Флора, која потекнува од Азербејџан. Ѓорѓи одел во руската православна црква, но откако прочитал еден примерок од списанието Стражарска кула, имал прашања за науката за тројството. Како одговор на неговото писмо до Watch Tower Society, ја добил брошурата Дали треба да се верува во Тројство? Во 1998, и тој и Флора почнале да ја проучуваат Библијата. Сега и таа планира да се крсти.
Друга врвна точка на конгресот беа поздравите што ги примија од Москва, каде што истиот викенд се собраа 15.108 лица за својот конгрес. Колку само беа восхитени делегатите во Њујорк Сити кога го слушнаа известувањето дека таму се крстиле 600 души! Посебно се радуваа со оглед на лошите предвидувања во весниците и на телевизијата што во седмицата пред да се одржи конгресот почнаа да се појавуваат во Соединетите Држави и на други места.
Што се случуваше во Москва
На 21 јули 1999, Сведоците потпишаа договор за да го користат Олимпискиот стадион кој се наоѓа во близина на центарот на Москва, веднаш до една голема руска православна црква. Но, една седмица пред да започне конгресот, беше јасно дека ќе има противење. Во среда, 18 август, сѐ уште не беше издадена дозвола за да се користи стадионот, иако цената за изнајмување веќе беше платена. На службениците им беше нагласено дека, како што може да се види во рамката на страница 24, Јеховините сведоци се законски призната религиозна организација во Русија.
Заради тоа што околу 15.000 конгресни делегати се подготвуваа да присуствуваат во петок претпладне, претставниците на Сведоците се загрижија. Некои делегати допатуваа во Москва од градови и гратчиња оддалечени многу километри. Конечно, после неколкучасовна дискусија, во четврток на 19 август, околу 20 часот, управата на стадионот со радост ги информираше претставниците на Сведоците дека конгресот може да се одржи. Градската управа извести дека нема ништо против одржувањето на конгресот.
Следното утро илјадници луѓе го преплавија стадионот. Сведоци доброволци работеа цела ноќ за да направат подготовки за нивното доаѓање. Тоа прво утро присуствуваа и претставници на печатот, кои веќе претходно беа известени дека има противење за да се одржи конгресот. „Честитаме!“, извикна еден од нив. „Радосни сме што слушаме дека се одржува вашиот конгрес.“
Пример за уредно однесување
Управата на стадионот сметаше дека ќе биде паметно да се преземат мерки на безбедност. Затоа, на сите влезови беа поставени луѓе од обезбедувањето со опрема за откривање метал, каква што се користи на аеродромите за проверка на патниците. На стадионот беа поставени и полицајци. Конгресот се одржа уредно и покрај една сериозна закана.
Саботата попладне, некој се јавил по телефон и рекол дека на стадионот има поставено бомба. Заканата беше добиена кратко пред да заврши претпоследното предавање тој ден. Затоа, на барање на управата на стадионот, беше дадено кратко известување веднаш да се евакуираат присутните од стадионот. Кога сите уредно го направија тоа, службениците на стадионот и полицијата беа зачудени. Никогаш не виделе нешто слично! Прашаа дали претходно била направена вежба.
Не беше пронајдена никаква бомба и следниот ден програмата траеше подолго затоа што во неа беше вклучен делот што не се одржа во саботата. Управата на стадионот беше задоволна од конгресот.
Во Грција и на други места
Во текот на последниот викенд на август и првиот викенд во септември, обласни конгреси на руски јазик се одржаа и во Грција — прво во Атина и потоа во Солун. Имаше вкупно 746 присутни, а се крстија 34 лица. Во Грција има 8 собранија на руски јазик и 17 помали групи кои се составени од имигранти од поранешните јужни републики на Советскиот Сојуз. Тие одржуваат состаноци на руски и на другите јазици на кои зборуваат имигрантите.
Во Атина се крсти и Виктор. Тој бил атеист, но во август 1998 присуствувал на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци во Атина, на кој се крстила неговата сопруга. Рекол дека бил толку импресиониран од љубовта што ја покажале делегатите што бил поттикнат да ја проучува Библијата.
Еден човек по име Игор добил примерок од книгата Ти можеш засекогаш да живееш во Рајот на Земјата и откако ја прочитал, ги фрлил сите икони што ги имал. Дури и почнал да се претставува како Јеховин сведок. Откако пишал до канцеларијата на подружницата во Атина и го посетиле Сведоци во ноември 1998, веднаш присуствувал на својот прв собраниски состанок и оттогаш не пропуштил ниту еден состанок. Сега, откако се крсти, Игор има цел да стане полновремен министер на Јеховините сведоци.
Луѓето што зборуваат руски јазик имигрирале и во други земји во светот што не ги спомнавме. Многу од овие луѓе исто така се радуваат на својата слобода да ја проучуваат Библијата и отворено да се собираат за да го обожаваат Бог. За нив оваа предност претставува скапоцено задоволство!
[Фуснота]
a Петнаесетте републики, сега независни држави, се: Азербејџан, Белорусија, Грузија, Ерменија, Естонија, Казахстан, Киргистан, Летонија, Литванија, Молдавија, Русија, Таџикистан, Туркменистан, Узбекистан и Украина.
[Рамка на страница 18]
Руси кои имаат љубов кон Библијата
Професорот Сергеј Иваненко, почитуван руски изучувач на религијата, ги опишал Јеховините сведоци како луѓе кои се искрено оддадени на проучувањето на Библијата. Во својата најнова книга на руски јазик, O lyudyakh, nikogda nye rasstayushchikhsya s bibliey (Луѓе кои не се делат од своите Библии), тој пишува за нивната рана историја во Советскиот Сојуз: „Дури и кога ќе се најдеа в затвор заради лојалноста кон своите верувања, Јеховините сведоци наоѓаа начини да ја користат Библијата“. За да го илустрира ова, го раскажал следново искуство.
„Беше забрането затворениците да имаат Библија. Библиите беа одземани кога се вршеа претреси. Во еден од северните логори, еден Јеховин сведок, електричар, ги чуваше библиските книги во трансформатор со многу висок напон. Секој дел од Библијата беше врзан за одредена жица преку една струна, и само тој човек знаеше која струна треба да се повлече за да го извлече, на пример, евангелието по Матеј — без да добие смртоносен струен удар. Се разбира, никаков претрес, колку и да пребаруваа чуварите, не даде резултати, и на тој начин оваа единствена Библија не беше откриена.“
[Рамка на страница 24]
Јеховините сведоци во Русија повторно се регистрирани
Јеховините сведоци активно го објавуваат Божјето Царство во Русија повеќе од еден век. Меѓутоа, заради ограничувањата што ги поставуваше владата, Сведоците беа законски признати дури на 27 март 1991. Во тоа време беа регистрирани под името Административен центар на религиозните организации на Јеховините сведоци во СССР.
На 26 септември 1997, беше донесен еден закон наречен „За слободата на совеста и религиозната поврзаност“. Овој нов закон доби широк публицитет во печатот ширум светот. Зошто? Затоа што многумина сметаа дека усвојувањето на овој закон е обид да се ограничат религиозните активности на малцинските религии во Русија.
Така, и покрај тешко добиената регистрација на Јеховините сведоци во 1991 година, рускиот нов закон за Слободата на совеста бараше од нив, како и од сите други религиозни организации, повторно да се регистрираат. Тоа покрена бројни прашања. Дали тоа значеше дека руските власти се враќаат на политиката на потиснување на Јеховините сведоци? Или, пак, ќе се потврди религиозната толеранција и слобода на обожавање што се гарантирани со Уставот на Руската федерација?
Конечно дојде одговорот. Колку само беа среќни Сведоците кога повторно беа законски признати на 29 април 1999, кога руското Министерство за правда издаде документ за регистрација на „Административниот центар на Јеховините сведоци во Русија“!
[Слика на страница 19]
Првиот обласен конгрес на руски јазик во Соединетите Држави
[Слика на страница 20]
Библиската драма прикажана во Њујорк од руското собрание од Лос Анџелес
[Слика на страница 21]
Четрнаесетте крстени во Њујорк доаѓаат од шест поранешни републики на Советскиот Сојуз
[Слика на страници 23 и 24]
Повеќе од 15.000 се состанаа на Олимпискиот стадион во Москва