Првиот меѓународен конгрес на Јеховините сведоци во Русија
САНКТ ПЕТЕРСБУРГ (Русија) е нашироко познат по неговите „бели ноќи“ — период од околу три седмици во јуни кога небото не е потполно темно. Но деновите од 26. до 28. јуни беа посебни.
Во тие денови Јеховините сведоци одржаа конгрес кој го привлече вниманието, не со дословната светлина која непрестајно го облеваше градот Санкт Петерсбург, туку со духовната светлина што ја одразуваат вистинските христијани. Така гласеше и конгресното мото: „Светлоносци“.
Тоа беше првиот меѓународен конгрес на Сведоците во поранешниот Советски Сојуз. Имаше делегати од околу 30 земји од светот, вклучувајќи ги Велика Британија, Германија, Данска, Италија, Јапонија, Канада, Норвешка, Соединетите Држави, Финска, Холандија, Швајцарија и Шведска.
Освен тоа, беа присутни и околу 29.000 Сведоци од поранешниот Советски Сојуз. Некои дојдоа од Естонија, Грузија, Летонија, Литванија, Молдавија и Украина. Состанокот беше извонреден кога ќе се земе предвид дека Русија доживуваше тешки економски промени. Беше извонредно и присуството на руските делегати кои патуваа околу 8.000 километри од Владивосток и од други места од источниот брег на Русија.
Најголемата странска делегација дојде од блиската Финска, со повеќе од 10.000 претставници. Стадионот беше поделен на два дела — за руски и за фински јазик, секој со сопствена бина од каде што се изнесуваше програмата.
Подготовки
Местото на одржувањето на конгресот беше 42-годишниот стадион Киров кој се наоѓа на островот Крестовски, само неколку километри од ценаторот на Санкт Петерсбург. Може да прими 60.000 луѓе, а по големина е втор стадион во поранешниот Советски Сојуз. Во позадината можеше да се види како водите на реката Нева се влеваат во Финскиот Залив.
Меѓутоа, беше потребно стадионот да се поправи. Беа исчистени канализациските цевки и направени дополнителни простории за тоалет. Мораше да се обојат клупите за седење во должина од околу 30 километри. Освен тоа, беа поткастрени грмушките околу стадионот и беше окосена тревата. Беа потребни многу седмици за да се доврши таа работа.
Патување и сместување
Бидејќи беа поканети 17.000 странски делегати, патувањето и подготовките за сместување се покажаа како огромна задача. Руските власти беа спремни да соработуваат не само во различните конзулати туку и на граничните премини и на меѓународниот аеродром во Санкт Петерсбург.
Беа склучени договори со 32 хотели за сместување на повеќето од 17.000 странски делегати. Во 132 училишта и детски градинки беа сместени 29.000 делегати од различни делови на поранешниот Советски Сојуз. На делегатите секој ден им беше потребен и превоз до стадионот, а за таа цел беа изнајмени околу 390 автобуси.
Многу странски делегати ручаа во хотелите. Меѓутоа, повеќе месеци пред конгресот, властите во Санкт Петерсбург изразија загриженост околу проблемот на прехраната на многуте илјади делегати кои доаѓаа од различни делови на поранешниот Советски Сојуз. Наведоа дека нема да има доволно храна во градот и дека Сведоците ќе мораат храната да си ја донесат од друго место.
Тие го сторија токму тоа. Повеќе подружници на Друштвото Стражарска кула поклонија огромни пратки со храна. Само финската подружница поклони 200 тони храна за конгресот! Освен тоа, повеќето странски делегати донесоа помали количини конзервирано месо, суво овошје и ореви, леб и друга храна. На последниот ден од конгресот, на стадионот на делгатите од поранешниот Советски Сојуз им беа поделени камионски товари на кутии со храна за да имаат за патот до дома.
Голема рекламна кампања
Санкт Петерсбург е втор град по големина во Русија, со околу пет милиони жители. За првпат на Јеховините сведоци во Русија им беше дозволено да започнат голема рекламна кампања.
Таа невидена акција започна неколку седмици пред конгресот. Беа отпечатени и поделени околу милион летоци на руски јазик. На предната страна на летокот се наоѓаше покана за јавното предавање во сабота попладне. Отпозади имаше опис на програмата во недела. Освен тоа, на жителите на Санкт Петерсбург им беа поделени скоро 750.000 примероци на трактатот Што веруваат Јеховините сведоци? Тој ги запозна луѓето со учењата на Сведоците.
Повеќето делегати стигнаа во Санкт Петерсбург за конгресот еден до четири дена порано. Во тие денови, илјадници делегати беа на улиците, разделувајќи летоци и нудејќи трактати и друга литература на руски јазик. Освен тоа, беа подготвени повеќе огромни плакати и поставени на најпрометните улици во центарот на Санкт Петерсбург. Беа високи околу 3 метри, а широки 1,5 метри, со шарена покана за јавното предавање и на предната и на задната страна. Некои беа поставени токму на влезовите на најпрометните станици на метро́то.
Програмата
Конечно, дојде првиот ден на конгресот, со повеќе од 45.000 присутни! Програмата беше прилагодена да биде од корист за многуте делегати кои не зборуваа руски или фински јазик. На пример, повеќе говори беа изнесени на англиски и преведувани на фински и руски. Седум членови на Водечкото тело на Јеховините сведоци одржаа голем број од тие предавања.
Секој ден на конгресот имаше извештаи и искуства од други земји, со кои се нагласуваше како Јехова го благословува проповедничкото дело таму. Тие извештаи, со многу искуства, исто така беа изнесувани на англиски и превдувани на руски и фински јазик.
Јавното предавање за рускиот сектор разработи едно прашање кое е од голем интерес за многу Руси денес. Насловот беше „Дали Бог е навистина заинтересиран за нас?“ После предавањето делегатите со воодушевување ја поздравија новата брошура Дали Бог е навистина заинтересиран за нас? на руски и на фински јазик.
Песнарката која Јеховините сведоци ја користат на нивните состаноци сѐ уште не е достапна на руски јазик. Затоа, Друштвото Стражарска кула подготви специјална брошура која ги содржи зборовите на сите песни што требаше да се пејат за време на конгресот. Руските делегати добија лични примероци кога влегуваа на стадионот. Колку беше воодушевувачко да се чујат 46.000 луѓе од околу 30 различни земји како на Јехова Бог му пеат фалби на различни јазици, па и на руски!
Со децении теоријата на еволуција се учеше во многу делови од светот, па и во подрачјата на поранешниот Советски Сојуз. Јеховините сведоци во тие земји сега се подобро опремени да ги откријат заблудите на таа теорија и да ја рашират вистината за Творецот на животот. Колку делегатите беа возбудени на крајот од програмата во недела наутро кога еден член на Водечкото тело ја објави книгата Животот — Како настанал? Преку еволуција или преку создавање? на руски јазик! Секој можеше да добие по еден бесплатен примерок.
Странските делегати беа однапред информирани дека повеќето Сведоци од Русија немаат Библии. Затоа како подароци беа донесени илјадници Библии на руски јазик. Библиите беа собрани на едно место на стадионот за после тоа да се однесат во собранијата на Јеховините сведоци и да им се поделат на оние на кои им треба примерок.
Беа зачудени!
Во саботата претпладне и рано попладне, на стадионот постојано доѓаа посетители кои не беа Сведоци. Беа љубопитни и сакаа со свои очи да видат што се случува. Многу од нив беа зачудени. Повеќето од нив никогаш не чуле за Јеховини сведоци пред да добијат покана за јавното предавање. Некои слушнале за конгресот преку вестите на телевизија. Највисокиот број на присутни на конгресот беше 46.214.
Една млада жена која ѝ припаѓа на руската православна црква коментираше: „Многу сум импресионирана од Сведоците. Тие се мирољубиви, учтиви и достоинствени луѓе“. Еден друг посетител рекол: „Се надеваме дека Јеховините сведоци ќе имаат уште многу конгреси овде во Санкт Петерсбург“. Еден службеник на руската полиција, или милиција, кој бил поставен на местото на конгресот, рекол дека било „возбудливо да се биде овде на конгресот“.
Еден месен претставник на властите коментирал: „Јеховините сведоци се сметаат за некој вид подземна секта чии членови се состануваат во темнина и малтретираат деца и самите себе. Но јас гледам нормални, насмеани луѓе, дури подобри од повеќето луѓе кои ги знам. Мирољубиви се и смирени, и многу се сакаат меѓусебно“. Тој додал: „Навистина не сфаќам зошто луѓето шират такви лаги за вас“.
Во саботата попладне некои противници се обидоа да го прекинат конгресот. Носеа големи транспаренти со лажни обвиненија против Сведоците. Додека мноштвото противници стануваше поголемо и погласно, полицијата повика засилување за да ги заштити конгресните делегати. Противниците не успеаја да ги преминат предните порти. На крајот од денот, едноставно си заминаа разочарани.
Еден од конгресните делегати кој виде што се случи, бил особено импресиониран од духот на соработка што го имала милицијата. „Не можам да се изначудам кога гледам како милицијата толку многу се труди да нѐ заштити. Само пред неколку години, Јеховините сведоци беа сметани за непријатели на државата. А сега милицијата дури и нѐ штити!“ Еден милициски службеник отворено ги изразил своите чувства кога на една група делегати им рекол: „Не сакаме да се плашите од нас. Ние сме тука за да ве заштитуваме и да провериме дали е сѐ како што треба“.
И сѐ беше како што треба. Дури и времето беше идеално. Секој ден од конгресот времето беше суво, топло и ведро.
Илјадници се крштеваат
За многумина кулминација на конгресот беше самото крштевање кога беа крстени илјадници. Едно собрание од Санкт Петерсбург со 254 објавители извести 108 крстени! Тешко е со зборови да се изразат возбудливите чувства што ги доживеаја делегатите кога видоа како 3.256 кандидати стојат за крштение. Говорникот им постави две прашања за нивното предание на Јехова, а тие одговорија со громогласно „Да“.
После молитва, женските кандидати беа упатени во еден, а машките во друг правец до соблекувалните. Додека стотици од нив ја напуштаа арената, тие и публиката се поздравуваа мавтајќи со рацете.
Мнозина во публиката плачеа од радост. Други ракоплескаа наизменично повеќе од 45 минути. Еден фински делегат не можел да ги контролира емоциите и почнал да плаче. Тој објаснува: „Во 1943 бев регрутиран во финската армија за да се борам против Русите. Тоа беше ужасна војна. А сега, на овој конгрес, видов илјадници Руси како му го предаваат својот живот на Јехова! Кога видов некои од нив во инвалидски колички, а други како куцаат, јас плачев. Се прашав: ‚Дали се и тие воени ветерани? Дали биле ранети од фински војници?‘ Можеби Јехова сега може да ми помогне да им бидам од помош на моите руски браќа“.
Дали браќата кои зборуваат руски ја ценеа Јеховината подготовка на оваа тридневна духовна гозба што беше подготвена за нив, овој прв голем конгрес во Санкт Петерсбург? Кога последниот говорник ги изнесуваше неговите последни забелешки, тој рече: „Пред сѐ, му благодариме на Јехова Бог за овој прекрасен конгрес“. Публиката стана на нозе и одушевено аплаудираше повеќе од пет минути. Тоа беа овации на нозе за Јехова!
Јехова Бог, Изворот на светлина, навистина ги поддржува илјадниците светлоносци во тие земји кои порано беа дел од Советскиот Сојуз. После повеќе од 70 години забрани и прогонства, сега стана јасно дека за сето тоа време Јехова го исполнувал своето ветување во Исаија 60:22 каде стои: „Од мал народ ќе се намножат илјади, од најслабиот — силен народ. Јас, Господ, ќе побрзам да го завршам тоа навреме“.
[Рамка на страница 27]
Други конгреси
Сѐ на сѐ, минатото лето во поранешниот Советски Сојуз беа одржани шест конгреси. Вкупно беа присутни 91.673, а се крстија 8.562. Тоа значи дека се крстиле 9,3 проценти од бројот на присутните на тие конгреси. Секако, овој процент би бил уште поголем кога не би се броеле околу 17.000 странски делегати на меѓународниот собир во Санкт Петерсбург.
Високи Замок, весник кој излегува во Лавив (поранешен Лавов), забележа: „Љубезноста и искреноста навистина владееја на стадионот во текот на трите дена на конгресот. Покрај толку големиот број на присутни, игралиштето беше чисто како и пред конгресот. Насекаде владееше примерен ред и мир“.
Сега, кога Јеховините сведоци уживаат слобода отворено да го обожаваат Бог во поранешниот Советски Сојуз, многу тамошни луѓе имаат прилика од прва рака да видат какви се навистина Сведоците. Рускиот весник, Краснојарски Комсомолец, изјави: „Тоа е еден атрактивен, многу пријателски настроен и потполно аполитичен народ; подбудуваат на работливост, а не на трчање по ‚лесна заработувачка‘.“
Конгреси во поранешниот Советски Сојуз
ДАТУМ ГРАД НАЈВИСОК БРОЈ КРСТЕНИ
НА ПРИСУТНИ
26-28. јуни Санкт Петерсбург (Русија) 46.214 3.256
10-12. јули Лавив (Украина) 15.011 1.326
Алма Ата (Казахстан) 6.605 829
17-19. јули Харков (Украина) 17.425 2.577
24-26. јули Иркутск (Сибир) 5.051 536
Талин (Естонија) 1.367 38
ВКУПНО 91.673 8.562
[Слика на страница 24]
Плакати го рекламираа конгресот
[Слики на страница 25]
Руски делегат добива свој примерок на Библијата
Беа употребувани посебни брошури за пеење
[Слики на страница 26]
Впечатливо беше крштевањето на 3.256 лица