Славното минато и предизвикувачката иднина на Атина
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГРЦИЈА
АВИОНОТ прави уште еден круг пред да се спушти на меѓународниот аеродром во Атина. По две години отсуство, се враќам во местото кое две децении го нарекував свој дом. Од книгите за историјата знам дека многумина го сметаат градот што лежи под нас за место каде што била родена демократијата.
На тлото, пак, откривам дека прочуената и одважна престолнина на Грција е богата со енергични и оптимистични луѓе, а не само со историја, уметност и споменици. Исто така, сфаќам дека нејзините пријателски настроени и насмеани жители се трудат нивниот град да биде успешен — особено затоа што се прават подготовки да биде домаќин на Олимписките игри во 2004.
Славно минато
Атина потекнува од 20 век пред Христос и го носи името на грчката божица Атина. Таму сѐ уште можете да одите по улиците по кои одел Сократ, да се прошетате во школата каде што поучувал Аристотел или, пак, да уживате во некоја длабока трагедија или комедија на истата сцена на која Софокле и Аристофан ги режирале своите драми.
Атина била еден од првите грчки градови-држави и ги доживеала своите најславни денови, својата златна доба, во петтиот век пр.н.е. Во текот на тој период, демократска Атина играла главна улога во грчките победи над Персија и станала центар на литературата и уметноста на Грција. Отприлика во тоа време биле подигнати голем број од нејзините прочуени споменици на архитектурата — а најпознат е величествениот Партенон.
Иако атињаните го избегнале јаремот на Персијците, подоцна подлегнале на нападите на еден долгогодишен непријател кој се наоѓал уште поблиску до нив — Спарта. Во вековите што следеле, Атина била подјармен град со кој владееле Македонија, Рим, византиските императори во Константинопол, франкските војводи на Крстоносните војни, како и Турците. Во 1829, кога Грците стекнале независност, Атина спаднала на ниво на еден мал провинциски град во кој живееле само неколку илјади луѓе.
Современа реалност
Од 1834, кога Атина станала главен град на Грција, градот почнал забрзано да расте. Сега покрива околу 450 квадратни километри и се протега низ рамнината Атика. Нејзините „прсти“ продираат длабоко во падините на планините Парнас, Пентеликон и Химетос. Во оваа метропола живеат повеќе од четири и пол милиони луѓе — речиси 45 проценти од населението на Грција. Поголемиот дел од Атина е изграден без некаков план или прописи. Според една проценка, повеќе од една третина од станбените објекти се изградени незаконски, а денес само мал дел од Атина не е покриен со бетон.
Архитектурата на повеќето атински современи населби е во коцкаст стил на градби од бетонски блокови. Градот изгледа како да клечи на сонцето, овде-онде стрчат древни столбови покриени со прав од сивите отпадни честици од индустријата и од моторните возила.
Како и многу други современи метрополи, и Атина страда од смог. Неколку метри над шумата од телевизиски антени се создава еден облак од смог — кој локалните жители го нарекуваат нефос. Тој смог ги разјадува древните споменици толку брзо што археолозите едно време размислуваа да подигнат стаклен балон над Акропол. Вообичаено е да се даваат предупредувања за загадувањето. Кога заради временските услови смогот ќе остане заробен меѓу планините што ја опкружуваат Атина, нефос може да биде смртоносен за луѓето. Тие денови е забрането да се возат приватни возила низ центарот на градот, фабриките ја намалуваат потрошувачката на гориво, на постарите им се препорачува да не излегуваат, а атињаните се замолени да ги остават дома своите автомобили.
На викендите, атињаните масовно заминуваат од градот. „Седнете во својот автомобил“, вели Василис — стар атињанин — додека, во едно од кафулињата, ужива во слатката како мед, мека баклава со ореви и во филџанот горко кафе. „За само неколку часа ќе бидете во планините или крај морето.“ Со оваа забелешка сака да каже дека може да седнете во својот автомобил и потоа, после неколку часа возење во густ сообраќај, да го оставите градот и да се најдете на село.
Чистење и средување
Меѓутоа, Атина изјавува дека е сериозна во врска со расчистувањето и има убедливи докази во прилог на оваа изјава. На пример, еден голем дел од градскиот трговски центар е затворен за сообраќај. Пред да бидат затворени, овие трговски улици беа едни од најблокираните. Автомобилите се движеа просечно по пет километри на час, а тоа е темпо на бавна прошетка. Сега, дрвјата во саксии ги заменија долгите колони сообраќај, а птичјиот пој го замени вообичаеното чкрипење на менувачот и брмчењето на мопедите, што се слушаше во далечината. Градот му се заканува дури и на традиционалниот медитерански начин на живот, барајќи од работниците да не си одат дома на попладневна починка — навика која додаде уште два шпиц-термини.
Воздржан оптимизам ја исполнува атмосферата во канцеларијата на Никос Јатракос, заменик на градоначалникот на Атина. Кога му спомнувам дека ми требаа два исцрпувачки часа за да дојдам до неговата канцеларија, кимнува со главата во знак на сожалување. „Но, не заборавајте“, веднаш нагласува тој, „се ближат Олимписките игри во 2004. Си зедовме обврска да го разубавиме градот и имаме намера да го сториме тоа.“ Константин Бакурис, главен организатор на игрите, забележува: „Мораме добро да ги [изведеме] игрите. Но, кога гледаме во иднината, размислуваме за понатаму . . . Мора да правиме работи кои знаеме дека ќе останат трајно“.
Фактот што Атина ќе биде домаќин на Олимписките игри во 2004 покрена бран на невидена активност и развој. Машините копаат насекаде за да се подобри инфраструктурата и за да се направат патишта и локации за игрите. При крај е едно ново проширување на метрото во должина од 18 километри. Ако сѐ оди според планот, во март 2001 ќе се спушти првиот авион на новиот меѓународен аеродром во Атина, аеродром за кој се вели дека е најмодерен во Европа.
Освен тоа, во 2001 година ќе бидат завршени вкупно 72 километри нови автопати. Тие ќе го пренасочуваат сообраќајот надвор од центарот на Атина, а тоа ќе го стимулира користењето на јавниот превоз. Се очекува ова да го намали бројот на автомобили во центарот на градот за повеќе од 250.000 на ден и да го намали атмосферското загадување за 35 проценти. Новата програма за биолошко отстранување на отпадните води на поширокото подрачје на Атина ветува дека ќе ја подобри околината околу морето покрај главниот град. Амбициозна цел е, за неколку години, Атина да се претвори во нов град со подобрен транспортен систем, со повеќе зеленило и со почиста околина.
Дел од старата Атина
И покрај новите згради со канцеларии, обновени булевари и фонтани, отмени продавници и разбрануван живот на улиците, за многумина Атина секогаш ќе остане село — повеќе спонтано отколку организирано, повеќе расфрлано отколку средено. Селската страна на Атина може да се види во оние делови на градот каде што куќите сѐ уште имаат кровови од ќерамиди и балкони со железни решетки и саксии со сардели.
За да ја пронајдам таа Атина, одам во Плака, најстариот дел од градот, во прегратките на северните падини на Акропол. Таму наидувам на лавиринт од тесни и стрмни, кривулести улички, пропаднати куќи, винарски визби, заталкани мачки и кучиња, таверни и рачни колички. Овој предел го задржал бучниот, карневалски карактер на минатото, кој ги привлекува туристите. По должината на тротоарите се поставени маси кои понекогаш имаат една пократка ногарка, заедно со мали столчиња. Келнерите, со отворени менија, се обидуваат да ги привлечат муштериите.
Звукот на моторите ја задушува музиката на уличните свирачи на музичка кутија. Цели редови свежо штавени кожни чанти висат пред продавниците за сувенири. Војски од мермерни шаховски фигури со ликовите на грчките богови, стојат во воена формација, марионетки играат народни танци, се вртат керамички ветерни мелници. Очигледно е дека овој дел од градот дава силен отпор на сите обиди да се модернизира.
Атина ноќе — глетки и звуци
Посетата на Атина нема да биде потполна ако не го вкусите културното богатство на овој град. Одлучив вечерва, заедно со мојата сопруга, да отидам на една симфонија во реставрираниот римски амфитеатар на Херод, кој се наоѓа на јужната падина на Акропол. Пешачкиот пристап до театарот е еден тивок, слабо осветлен премин под темните силуети на боровите. Осветлената фасада со жолтеникави камења театрално се наѕира меѓу дрвјата. Купивме билети за горниот ред, па така, се искачуваме по мермерните скалила и потоа влегуваме во амфитеатарот низ еден римски портал.
Застануваме накратко за да уживаме во тој миг — небо како црно кадифе, речиси полна месечина зад еден венец цирусни облаци, и рефлектори кои ја претвораат внатрешноста на стрмниот полуконус во блескава сцена. Стотици луѓе — кои изгледаат мали и далечни во неизмерноста на овој театар, кој може да смести 5.000 души — се движат по должината на концентричните редови од бел мермер за да ги најдат своите места. Камените седишта сѐ уште се топли од сонцето, истите камења од кои со милениуми одѕвонувале драмите, музиката, смеата и аплаузот.
Не треба да се пропуштат ниту многубројните градски музеи. Најистакнат од нив е Народниот археолошки музеј, со својот импресивен и детален преглед на грчката уметност низ вековите. Други музеи кои вреди да се посетат се Музејот на кикладската уметност и Византискиот музеј. Од 1991, атинската концертна сала Мегарон — величествена мермерна зграда со извонредна акустика — во текот на целата година е место за одржување оперски и балетски претстави и концерти на класична музика. И, се разбира, можете да уживате во грчката народна музика во многу од традиционалните таверни.
Добредојдени сте!
Денешната Атина со своето славно минато се соочува со притисоците на една предизвикувачка иднина. Но, нејзините жители научиле да се приспособуваат најдобро што можат со нивниот добар хумор, снаодливост и филотимо — буквално, љубов кон самопочитувањето. За повеќето туристи, Атина останува фасцинантен град со богата култура.
[Карта на страница 13]
(Види во публикацијата)
Атина
[Слика на страница 14]
Партенон, древен пагански храм, служел како црква и како џамија
[Слика на страница 15]
Атина е дом на повеќе од четири и пол милиони луѓе
[Слика на страница 16]
Таверна во Плака, најстариот дел на Атина
[Извор на слика]
M. Burgess/H. Armstrong Roberts
[Слика на страница 17]
Балконите се карактеристични за некои продавници за сувенири
[Извор на слика]
H. Sutton/H. Armstrong Roberts