ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g00 8/8 стр. 24-30
  • „Битката не е ваша, туку Божја“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „Битката не е ваша, туку Божја“
  • Разбудете се! 2000
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Донесувам одлука да му служам на Бог
  • Законска одбрана на добрата вест
  • Битката во Квебек
  • Одбрана од обвинението за побуна
  • Борба против цензурата
  • Последниот напад на Дуплеси
  • Промена на околностите
  • Битките продолжуваат
  • Благодарен сум што и јас имав удел
  • Законско потврдување на нашето право да проповедаме
    Божјето Царство владее!
  • Учев од добриот пример на другите и добив многу благослови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2020
  • Законско признавање на нашето дело во Квебек
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2019)
  • Јехова е мое прибежиште и сила
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2000
Повеќе
Разбудете се! 2000
g00 8/8 стр. 24-30

„Битката не е ваша, туку Божја“

РАСКАЖАЛ В. ГЛЕН ХАУ

Во изминатите шест децении, Јеховините сведоци водеа многу правни битки во Канада. Нивните победи не поминаа незабележани од правните кругови. За мојата улога во некои од овие битки, неодамна ја добив Наградата за храбра одбрана, што ја доделува Американското здружение на адвокатите. На свеченоста при врачувањето на наградата беше наведено дека судските процеси во кои беа вклучени Јеховините сведоци „создадоа еден важен бедем против пречекорувањата на државата . . . бидејќи тие ја создадоа судски признатата и индиректно изразена декларација за правата, која ги призна и ги заштити слободите на сите Канаѓани. Дозволете ми да Ви ги раскажам деталите од некои од овие судски процеси и да Ви кажам како се поврзав со правото и со Јеховините сведоци.

ВО 1924, кај моите родители во Торонто (Канада) дојде Џорџ Рикс, Библиски студент, како што беа наречени Јеховините сведоци во тоа време. Мајка ми, Беси Хау, ситна женичка, го покани на разговор. Јас имав пет, а брат ми Џо имаше три години.

Наскоро мајка ми почна да присуствува на состаноците на Библиските студенти во Торонто. Во 1929 стана пионер, односно полновремен министер, и продолжи со таа активност сѐ до 1969, кога го заврши својот земен пат. Нејзината одлучна и неуморна служба ни даде добар пример и им помогна на многумина да ја запознаат библиската вистина.

Татко ми, Франк Хау, беше тивок човек кој на почетокот се противеше на религиозните активности на мајка ми. Меѓутоа, таа мудро покануваше патувачки министри, како што беше Џорџ Јанг, да доаѓаат кај нас и да разговараат со него. Со текот на времето, ставот на татко ми омекна. Додека гледаше како библиската вистина влијае корисно врз неговото семејство, тој почна да нѐ поддржува, иако никогаш не стана Сведок.

Донесувам одлука да му служам на Бог

Во 1936 завршив средно училиште. Додека бев тинејџер, не бев многу заинтересиран за духовните работи. Се наоѓавме среде Големата депресија и имаше мали шанси да се најде работа. Затоа отидов на универзитетот во Торонто. Во 1940 одлучив да се запишам на правен факултет. Оваа одлука не ја изненади мајка ми. Кога бев дете, таа честопати налутено ќе речеше: „Овој немирко се препира за сѐ и сешто! Сигурно ќе стане адвокат!“

На 4 јули 1940, непосредно пред да го започнам правниот факултет, канадската влада ги забрани Јеховините сведоци без да даде никакво предупредување. Тоа беше пресвртница во мојот живот. Кога владата со сета сила се нафрли врз оваа мала организација невини, понизни луѓе, се уверив дека Јеховините сведоци се вистинските следбеници на Исус. Токму онака како што прорекол тој, тие беа „мразени од сите народи, заради [неговото] име“ (Матеј 24:9). Одлучив да ѝ служам на Божествената сила што стои зад оваа организација. На 10 февруари 1941, го симболизирав моето предание на Јехова Бог со крштавање во вода.

Веднаш сакав да започнам со пионерската служба. Меѓутоа, Џек Натан, кој во тоа време предводеше во проповедничкото дело во Канада, ме охрабри да ја завршам мојата правничка обука. Го послушав и дипломирав во мај 1943, а потоа почнав да пионерам. Во август бев повикан да служам во канцеларијата на подружницата на Watch Tower Society во Торонто и да помагам во решавањето на правните проблеми со кои се соочуваа Јеховините сведоци. Следниот месец бев примен во адвокатската комора во Онтарио (Канада).

Законска одбрана на добрата вест

Беснееше II светска војна, а Сведоците во Канада сѐ уште беа под забрана. Мажи и жени беа ставани в затвор само затоа што беа Јеховини сведоци. Децата беа истерувани од училиште, а некои беа давани на посвојување во други фамилии. Тоа се случуваше затоа што одбиваа да учествуваат во националистичките облици на обожавање, како што беше поздравувањето на знамето или пеењето на националната химна. Професорот Вилијам Каплан, кој напиша една книга со наслов State and Salvation: The Jehovah’s Witnesses and Their Fight for Civil Rights (Државата и спасението: Јеховините сведоци и нивната борба за граѓански права), рече дека „Сведоците беа јавно клеветени и станаа предмет како на државната интервенција така и на приватните напади на една нетолерантна влада и граѓани кои отворено го покажуваа своето непријателство и кои беа фатени во страстите и патриотизмот на војната“.

Сведоците настојуваа да се укине забраната, но без никаков успех. Ненадејно, на 14 октомври 1943, таа беше поништена. Сепак, Сведоците и понатаму останаа во затворите и во работните логори, на децата и понатаму не им беше дозволено да одат во државните училишта, а забраната продолжи да важи за Watch Tower Bible and Tract Society и International Bible Students Association, корпорација која го поседуваше правото над нашата сопственост во Торонто.

Кон крајот на 1943, отидов во Њујорк заедно со Перси Чапман, кој беше надгледник на подружницата на Канада, за да се консултирам со Натан Нор, тогашниот претседател на Watch Tower Society, и Хајден Ковингтон, потпретседател и правен застапник на Заедницата. Брат Ковингтон имаше огромно искуство во областа на правото. Тој доби неверојатни 36 од вкупно 45 жалби пред Врховниот суд на Соединетите Држави.

Олеснувањето за Сведоците во Канада доаѓаше полека. Во 1944, на подружницата во Торонто ѝ беше вратена сопственоста, а оние кои служеа таму пред да биде наметната забраната, можеа да се вратат. Во 1945, највисокиот суд на покраината Онтарио донесе одлука дека децата не смеат да бидат присилувани на учество во активности за кои имаат приговор на совеста. Тој издаде наредба истераните деца повторно да бидат примени на училиште. Конечно, во 1946, канадската влада ги ослободи сите Сведоци од работните логори. Под водство на брат Ковингтон, научив да се борам во овие спорови храбро и решително но, над сѐ, потпирајќи се на Јехова.

Битката во Квебек

Иако религиозната слобода на Јеховините сведоци сега се почитуваше во поголемиот дел на Канада, имаше еден исклучок — француската католичка покраина Квебек. Римокатоличката црква директно ја контролираше оваа покраина повеќе од 300 години. Свештенството управуваше или, пак ги контролираше училиштата, болниците и повеќето јавни служби. Веднаш до катедрата на претседавачот во законодавното тело во Квебек имаше дури и една столица за католичкиот кардинал!

Премиерот и државен обвинител на Квебек, Морис Дуплеси, беше диктатор кој, според квебечкиот историчар Жерар Пелтје, во покраината наметна „дваесетгодишно владеење на лаги, неправда и корупција, систематска злоупотреба на власта, владеење на малите умови и триумф на глупавоста“. Дуплеси ја зацврсти својата политичка власт тесно соработувајќи со римокатоличкиот кардинал Вилнев.

Во почетокот на 1940-тите, во Квебек имаше 300 Сведоци. Многумина, вклучувајќи го и брат ми Џо, беа пионери од други делови на Канада. Додека проповедничкото дело во Квебек се зголемуваше, локалната полиција, под притисок на свештенството, се одмаздуваше вознемирувајќи ги Сведоците со постојани апсења и погрешно применувајќи ги локалните трговски прописи врз нашите религиозни активности.

Толку често патував на релацијата Торонто—Квебек што на крајот добив доделба да се преселам во Квебек за да им помагам на адвокатите кои не беа Сведоци а ги застапуваа нашите христијански браќа и сестри. Првата работа што требаше да ја направам секој ден беше да дознаам колкумина биле уапсени претходниот ден и што побрзо да појдам во локалниот суд за да се договорам за кауцијата. За среќа, еден имашлив Сведок, Франк Ронкарели, обезбеди кауција за многу од овие случаи.

Од 1944 до 1946, бројот на поднесени тужби за наводно кршење на локалните прописи скокна од 40 на 800! Не само што државните власти постојано ги апсеа и ги вознемируваа Сведоците туку тие беа напаѓани и од нескротливите толпи, подбуцнувани од католичкото свештенство.

На 2 и 3 ноември 1946, во Монтреал се одржа специјален состанок на кој дискутиравме за оваа криза. Брат Нор го одржа последното предавање, кое имаше наслов: „Што да правиме?“ Сите присутни беа восхитени кога го чуја неговиот одговор — тој гласно го прочита новиот историски документ Силната омраза на Квебек кон Бог, Христос и слободата е срамота за цела Канада. Тоа беше еден жесток трактат од четири страници — детално експозе во кое беа наведени имињата, датумите и местата на немирите што ги подбуцнало свештенството, бруталноста на полицијата, апсењата и насилството на толпите врз Јеховините сведоци во Квебек. Само 12 дена подоцна овој трактат почна да се дистрибуира низ цела Канада.

За неколку дена, Дуплеси јавно објави „безмилосна војна“ против Јеховините сведоци. Но, несвесно тој дејствуваше во наша корист. Како? Така што издаде наредба според која секој што ќе го дистрибуира трактатот Силната омраза на Квебек ќе биде обвинет за побуна — што е многу сериозно кривично дело заради кое би можеле да излеземе надвор од судовите на Квебек и да се појавиме пред Врховниот суд на Канада. Во својот гнев, Дуплеси невнимателно ја игнорираше ваквата последица. Исто така, тој лично издаде наредба да се поништи дозволата за точење алкохол што ја имаше Франк Ронкарели, кој ни беше главен извор на кауции. За неколку месеци, брат Ронкарели го затвори својот убав ресторан во Монтреал бидејќи не можеше да набавува вино, и затоа доживеа финансиски крах.

Апсењата се множеа. Наместо 800, наскоро пред нас стоеја 1.600 тужби. Многу адвокати и судии се жалеа дека сите тие случаи во кои беа вклучени Јеховините сведоци ги претрупуваа судовите на Квебек. Како одговор, ние предложивме едно лесно решение: Полицијата нека ги апси криминалците, а не христијаните. Со тоа ќе се реши проблемот!

Двајца храбри еврејски адвокати, А. Л. Стајн од Монтреал и Сем С. Бард од градот Квебек, ни помогнаа дејствувајќи во наша корист во многу судски процеси, особено пред да бидам примен во адвокатската комора на Квебек во 1949. Пјер Елиот Трудо, кој подоцна стана премиер на Канада, напиша дека Јеховините сведоци во Квебек „беа исмејувани, прогонувани и мразени од целото општество; но со законски средства тие успеаја да се борат против црквата, владата, државата, полицијата и јавното мнение“.

Ставот што го имаа судовите во Квебек можеше да се види од нивното постапување со брат ми Џо. Тој беше обвинет за нарушување на мирот. Општинскиот судија Жан Мерсје го осуди Џо на максимална казна од 60 дена затвор. Потоа сосема изгуби контрола над себе и од својата судска столица извика дека, кога би можел, би го испратил Џо на доживотен затвор!

Во еден весник беше речено дека Мерсје ѝ дал наредба на полицијата во Квебек „да го уапси веднаш штом ќе го здогледа секој што е познат како Сведок или, пак, постои сомневање за тоа“. Ваквото однесување само ја потврди вистинитоста на обвиненијата кои беа изнесени во нашиот трактат Силната омраза на Квебек. Следат неколку типични наслови во канадските весници надвор од Квебек: „Во Квебек се враќа Средниот век“ (The Toronto Star), „Враќање на инквизицијата“ (The Globe and Mail, Торонто), „Реата на фашизмот“ (The Gazette, Глејс Беј, Нова Шкотска).

Одбрана од обвинението за побуна

Во 1947, му помагав на г-н Стајн во нашата прва парница заради обвинението за побуна, случајот на Еме Буше. Еме дистрибуирал трактати во близина на местото каде што живеел. На судењето на Еме докажавме дека Силната омраза на Квебек не содржи лаги туку дека користи само силни зборови во знак на протест заради свирепостите против Јеховините сведоци. Покажавме дека никогаш не беа покренати обвиненија против извршителите на тие свирепи дела. Еме беше осуден едноставно затоа што го објавуваше тоа пред јавноста. Обвинението се сведе на следново: Стана кривично дело да се кажува вистината!

Судовите во Квебек се раководеа од една нејасна, 350 години стара дефиниција за „побуна“, која вели дека секој што ја критикува владата може да биде осуден за кривично дело. И Дуплеси сметаше на таа дефиниција за да го потисне критикувањето на неговиот режим. Но, во 1950, Врховниот суд на Канада го прифати нашето излагање што го поднесовме, според кое, во една современа демократија, за „побуна“ би било потребно подбуцнување на насилство или бунт против владата. Силната омраза на Квебек не содржеше такво подбуцнување и затоа претставуваше законски облик на слобода на говор. Со оваа една единствена значајна одлука, сите 123 судски случаи за побуна беа отфрлени! Од прва рака видов како Јехова ни ја даде таа победа.

Борба против цензурата

Градот Квебек имаше еден локален пропис со кој се забрануваше дистрибуирање литература без дозвола од шефот на полицијата. Тоа претставуваше директна цензура, а оттаму и кршење на религиозната слобода. Заради овој локален пропис, Лорје Сомер, кој тогаш служеше како патувачки надгледник, одлежа затворска казна од три месеци и се соочи со уште неколку други обвиненија.

Во 1947, во името на брат Сомер беше поднесено граѓанско барање да му се забрани на градот Квебек да го спроведува овој локален пропис против Јеховините сведоци. Судовите на Квебек пресудија против нас и ние повторно поднесовме жалба до Врховниот суд на Канада. Во октомври 1953, после едно седумдневно сослушување пред деветте судии на тој суд, нашето барање за судска забрана беше одобрено. Судот призна дека јавното дистрибуирање на отпечатени библиски проповеди е фундаментален дел од христијанското обожавање на Јеховините сведоци и, според тоа, уставот го штити од цензура.

Така, со случајот Буше беше донесена одлука дека она што го зборуваат Јеховините сведоци е законски, а со одлуката Сомер беше утврдено како и каде може да се зборува тоа. Победата во случајот Сомер водеше до отфрлање на повеќе од 1.100 обвиненија во врска со локалните прописи во Квебек. Заради целосен недостиг на докази, во Монтреал беа повлечени преку 500 обвиненија. Наскоро, досието беше чисто — во Квебек не остана ниту едно обвинение!

Последниот напад на Дуплеси

Бидејќи не остана ниту еден закон кој би го користел против Јеховините сведоци, на почетокот на јануари 1954, Дуплеси воведе во законодавството еден нов закон, нацрт-законот бр. 38, кого медиумите го опишаа како ‚закон против Јеховините сведоци‘. Тој пропишуваше дека, оние кои се сомневаат дека некој има намера да изјави нешто што е „навредливо или погрдно“, би можеле да поднесат жалба без да треба да изнесат доказ. Како државен обвинител, Дуплеси тогаш можеше да добие судски налог да му забрани на обвинетото лице да дава каква и да е јавна изјава. Штом ќе биде издаден налог против едно лице, тогаш и на сите други членови на неговата црква ќе им беше забрането да зборуваат. Освен тоа, сите Библии и религиозната литература што ѝ припаѓаат на таа црква ќе бидат запленети и уништени, а сите нејзини места на обожавање ќе бидат затворени сѐ додека не се донесе одлука за тој случај, а тоа може да трае со години.

Нацрт-законот бр. 38 беше препис на еден закон смислен во 15 век, за време на шпанската инквизиција под Торкемада. Обвинетото лице и сите негови соработници ги губеле сите граѓански права без да се изнесе доказ дека направиле престап. Во врска со нацрт-законот бр. 38, печатот објави дека полицијата од покраината добила упатства да ги затвори сите Сали на Царството на Јеховините сведоци и да ги заплени и уништи нивните Библии и останатата литература. Соочени со оваа монструозна закана, Јеховините сведоци ги изнесоа сите религиозни публикации од оваа покраина. Сепак, тие продолжија со нивното јавно дело на проповедање, но само со своите лични примероци од Библијата.

Овој нацрт-закон стана закон на 28 јануари 1954. На 29 јануари, во 9.00 часот, јас бев пред вратата на судот за да поднесам тужба во корист на сите Јеховини сведоци во покраината Квебек, барајќи трајна судска забрана на овој закон уште пред да го употреби Дуплеси. Судијата не издаде привремен налог затоа што нацрт-законот бр. 38 сѐ уште не беше употребен. Но, тој рече дека, ако владата се обиде да го употреби, ќе можам повторно да дојдам кај него за да побарам заштита. Со тоа, постапката на судијата имаше ист ефект како привремен налог, бидејќи штом Дуплеси ќе се обидеше да го употреби овој закон, веднаш ќе беше спречен!

Во текот на следната седмица, чекавме да видиме дали полицијата ќе преземе некоја акција врз основа на овој нов закон. Ништо не се случи! За да откриеме зошто, направив една проба. Две пионерки, Викторија Дагалак (подоцна Стил) и Хелен Дагалак (подоцна Симкокс), одеа од куќа до куќа со литература во Троа Ревијер, градот каде што живееше Дуплеси. Повторно немаше никаква реакција. Додека сестрите беа зафатени во службата, го испратив Лорје Сомер да ѝ телефонира на полицијата во покраината. Без да се идентификува, тој се пожали дека Јеховините сведоци проповедаат и дека полицијата не го спроведува новиот закон на Дуплеси.

Простодушно, одговорниот службеник рече: „Да, знаеме дека е донесен тој закон; но, следниот ден Јеховините сведоци добија судски налог против нас и затоа не можеме да сториме ништо“. Веднаш ја вративме нашата литература во покраината и во текот на следните десет години додека овој случај одеше пред сѐ повисоки судови, нашето проповедничко дело успешно напредуваше.

Освен судска забрана, баравме да се прогласи за неуставен нацрт-законот бр. 38. За да докажеме дека овој закон е насочен директно против Јеховините сведоци, се одлучивме на еден храбар чекор — да му испратиме покана за суд лично на Дуплеси и со тоа да го принудиме да дојде на судењето и да даде доказ. Му поставував вкрстени прашања два и пол часа. Постојано го соочував со неговите јавни објави на „безмилосна војна против Јеховините сведоци“ и со неговата изјава дека нацрт-законот бр. 38 ќе биде крај за Јеховините сведоци во Квебек. Разбеснет, тој ме нападна мене лично: „Вие сте многу дрзок човек!“

„Господине Дуплеси“, одговорив јас, „ако сакате да разговараме за тоа кој каков е, и јас би имал да кажам нешто. Но, бидејќи треба да завршиме една работа, ќе сакате ли, Ве молам, да му објасните на судот зошто не одговоривте на последното прашање?“

Во 1964, пред Врховниот суд на Канада аргументирав против нацрт-законот бр. 38. Но, тие не решаваа за неговата уставност затоа што тој закон никогаш не бил применет. Меѓутоа, тогаш Дуплеси веќе беше мртов и никој повеќе не беше заинтересиран за нацрт-законот бр. 38. Никогаш не беше применет против Јеховините сведоци или против некој друг.

Кратко време пред смртта на Дуплеси, во 1959, Врховниот суд на Канада му нареди да му плати отштета на брат Ронкарели затоа што противзаконски ја поништил неговата дозвола за точење алкохол. Оттогаш, многу луѓе во Квебек станаа пријателски настроени. Според еден државен попис, бројот на Сведоци таму порасна од 300 во 1943 на повеќе од 33.000 денес. Сега Јеховините сведоци се наведени како четврта најбројна религиозна група во оваа покраина. Јас не мислам дека овие правни победи или успешната служба на Јеховините сведоци се должат на постигнувањата на некој човек. Напротив, за мене тие се доказ дека Јехова ја дава победата, бидејќи битката е негова, а не наша (2. Летописи 20:15, NW).

Промена на околностите

Во 1954, се оженив со една шармантна пионерка од Англија, Маргарет Бигл, и заедно започнавме со пионерската служба. Јас продолжив да водам судски процеси во корист на Јеховините сведоци како во Канада така и во Соединетите Држави и да служам како советник во некои случаи во Европа и Австралија. Маргарет стана моја секретарка и многу години ми беше од непроценлива помош. Во 1984, заедно со Маргарет се вративме да живееме во подружницата во Канада, каде што помогнав повторно да се основа Правниот оддел. За жал, во 1987, Маргарет умре од рак.

Мајка ми умре во 1969, и тогаш брат ми Џо и неговата сопруга, Елси, обајцата школувани како мисионери во деветтиот клас на библиската школа Гилеад на Watchtower, го зедоа татко ми кај себе и се грижеа за него сѐ до неговата смрт, после 16 години. Со ваквата самопожртвуваност, тие ми овозможија да останам во полновремената служба и јас секогаш ќе им бидам благодарен заради тоа.

Битките продолжуваат

Низ годините, правните битки на Јеховините сведоци се променија. Во многу случаи стануваше збор за добивање локации и дозволи за изградба на Сали на Царството и Конгресни сали. Во други случаи се работеше за спорови во врска со старателство над деца кога родителите кои не се Сведоци ја користеа религиозната нетолеранција за да добијат исклучително старателство или за да ги ограничат родителите кои се Сведоци во споделувањето на корисните религиозни верувања и практики со сопствените деца.

Во 1989, една американска правничка, Линда Манинг, дојде во канадската подружница за да помага во правните работи само привремено. Во ноември истата година стапивме во брак и оттогаш радосно служиме заедно.

Во 1990-тите, заедно со Џон Бернс, кој исто така е адвокат овде во подружницата во Канада, бевме во Јапонија и им помогнавме на нашите христијански браќа кои се таму да добијат еден уставен случај во кој се работеше за правото на еден студент да не учествува на часовите за боречки вештини што беа задолжителни во неговото училиште. Исто така, победивме во еден случај во врска со правото на еден возрасен човек да одбие трансфузија на крв.

Потоа, во 1996 и 1997, Линда и јас имавме предност да поминеме пет месеци во Сингапур заради забраната врз Јеховините сведоци во таа земја и заради тужбите што следеа после неа. Бранев 64 мажи, жени и млади кои мораа кривично да одговараат заради тоа што присуствуваа на христијанските состаноци и поседуваа Библии и религиозна литература. Не добивме ниту еден од овие случаи, но видовме како Јехова ги зајакнува своите верни слуги да истраат со интегритет и радост.

Благодарен сум што и јас имав удел

На возраст од 80 години, се радувам што здравјето добро ме служи и што можам и понатаму да имам удел во водењето правни битки за Јеховиниот народ. Сѐ уште сум подготвен во секое време да излезам пред судот и да заземам став за она што е исправно. Се радувам што доживеав бројот на Сведоци во Канада да порасне од 4.000 во 1940 на 111.000 денес. Луѓето и настаните доаѓаат и поминуваат, но Јехова постојано го води својот народ напред, грижејќи се за неговиот духовен напредок.

Се појавуваат ли проблеми? Да, но Јеховината реч нѐ уверува: „Ниедно оружје, направено против тебе, нема да има успех“ (Исаија 54:17). Врз основа на повеќе од 56 години што ги поминав во полновремена служба ‚одбранувајќи ја и законски утврдувајќи ја добрата вест‘, можам да посведочам дека ова пророштво на Исаија е сосема вистинито! (Филипјаните 1:7, NW).

[Слика на страница 25]

Со мојот помлад брат и нашите родители

[Слика на страница 25]

Хајден Ковингтон, правен застапник

[Слика на страница 25]

Со Натан Нор

[Слика на страница 26]

Дуплеси клекнат на коленици пред кардинал Вилнев

[Извор на слика]

Фотографија на W. R. Edwards

[Слики на страници 26 и 27]

Франк Ронкарели

[Извор на слика]

Со љубезна дозвола на Canada Wide

[Слики на страница 27]

Еме Буше

[Слика на страница 30]

Со колегите адвокати Џон Бернс и мојата сопруга Линда

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели