ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w20 Февруари стр. 26-30
  • Учев од добриот пример на другите и добив многу благослови

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Учев од добриот пример на другите и добив многу благослови
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2020
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КАКО ЈА ЗАСАКАВ СЛУЖБАТА
  • ПОВТОРНО ВО КВЕБЕК КАКО СПЕЦИЈАЛНИ ПИОНЕРИ
  • ПОКАНА ДА СЛУЖИМЕ ВО ПАТУВАЧКОТО ДЕЛО
  • ЗНАЧАЈНА ГОДИНА
  • НОВА ЗАДАЧА НА ДРУГО ПОДРАЧЈЕ
  • „Битката не е ваша, туку Божја“
    Разбудете се! 2000
  • Личниот интерес кон другите води до трајни благослови
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Секогаш зафатен во Јеховината организација
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Законско признавање на нашето дело во Квебек
    Нашиот живот и служба како христијани — работни листови (2019)
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2020
w20 Февруари стр. 26-30

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Учев од добриот пример на другите и добив многу благослови

РАСКАЖАЛ ЛЕОНС КРЕПО

Леонс Крепо како млад.

КАКО млад, ми беше тешко да одам во служба. А подоцна, низ годините, добивав задачи за кои сметав дека не сум способен да ги извршувам. Да ви раскажам за добрите примери на некои браќа кои ми помогнаа да ги надминам стравовите и да уживам во благословите од полновремената служба во последните 58 години.

Роден сум во градот Квебек, кој се наоѓа во истоимената канадска област, во која се зборува француски. Татко ми Луи и мајка ми Зелиа беа грижливи родители полни со љубов. Татко ми беше срамежлив човек, кој многу сакаше да чита. А јас уживав да пишувам и сонував еден ден да станам новинар.

Кога имав 12 години, Родолф Суси, кој му беше колега на татко ми, дојде кај нас дома заедно со еден пријател. Тие беа Јеховини сведоци. Не знаев многу за Сведоците и не бев баш заинтересиран за нивната религија. Сепак, ми остави силен впечаток тоа што на нашите прашања даваа логични одговори од Библијата. Тоа им се допадна и на моите родители, и затоа прифативме да проучуваме со нив.

Во тоа време одев во католичко училиште. Одвреме-навреме разговарав со моите соученици за она што го учев од Библијата. По некое време, наставниците, кои беа свештеници, дознаа за тоа. Наместо да докажат со помош на Библијата дека она што го кажував не е точно, еден од нив ме обвини пред целиот клас дека сум бунтовен! Иако таа ситуација ми беше многу стресна, на крајот роди добар плод — ми помогна да увидам дека верските поуки што ги добивав на училиште не се во склад со Библијата. Сфатив дека не ми е местото таму. Со дозвола од родителите, се префрлив во друго училиште.

КАКО ЈА ЗАСАКАВ СЛУЖБАТА

Продолжив да ја проучувам Библијата, но не напредував брзо бидејќи ми беше страв да проповедам од врата до врата. Католичката црква беше многу влијателна и жестоко се противеше на нашето проповедање. Морис Диплеси, премиерот на Квебек, беше близок политички сојузник на црквата. Со негова поддршка, насилни толпи ги малтретираа, па дури и ги напаѓаа Јеховините сведоци. Во тоа време навистина беше потребна храброст за да се проповеда.

Еден брат кој ми помогна да го совладам стравот беше Џон Реј, кој дипломирал на деветтиот клас на Школата Гилеад. Иако беше многу искусен, тој беше кроток, скромен и пристаплив. Ретко ми даваше директен совет, но учев многу од неговиот добар пример. Тој не знаеше да зборува добро француски, па затоа често одев во служба со него и му помагав со јазикот. Тоа што се дружев со Џон на крајот ми помогна да донесам одлука да му го заветувам својот живот на Бог. Се крстив на 26 мај 1951 год., десет години откако првпат имав контакт со Јеховините сведоци.

Леонс Крепо и Џон Реј со некои пријатели.

Добриот пример на Џон Реј (А) ми помогна (Б) да се изборам со стравот да проповедам од врата до врата

Повеќето браќа и сестри во нашето мало собрание во Квебек служеа како пионери. Нивниот добар пример ме поттикна и јас да започнам со пионерска служба. Во тоа време проповедавме од врата до врата само со Библија. Моравме да научиме подобро да се служиме со неа бидејќи немавме литература. Затоа се трудев подобро да научам кои стихови да ги користам за да ја одбранам вистината. Меѓутоа, мнозина не сакаа да им читаме од превод на Библијата кој немаше официјално одобрување од Католичката црква.

Во 1952 год., се оженив со Симона Патри, една верна сестра од моето собрание. Се преселивме во Монтреал, и уште во првата година се роди нашата ќерка Лиза. Иако престанав да служам како пионер кратко пред да стапиме во брак, јас и Симона се трудевме да водиме едноставен живот за да можеме како семејство да имаме што поголем удел во собраниските активности.

Поминаа уште десет години пред да почнам сериозно да размислувам да ја зголемам службата. Во 1962 год., додека еден месец присуствував на Школата за именувани браќа во Бетелот во Канада, бев во иста соба со еден брат по име Камил Волет. Неговата ревност за службата ми остави силен впечаток — особено затоа што беше семеен човек. Иако во тоа време во Квебек беше речиси незамисливо некој што има мали деца истовремено да биде и пионер, токму тоа беше негова цел. Додека бевме заедно, тој ме поттикна да размислам за моите околности. По само неколку месеци, сфатив дека можам повторно да служам како општ пионер. Некои сметаа дека тоа не е баш мудра одлука, но јас сепак решив да почнам со оваа служба, уверен дека Јехова ќе ме благослови затоа што сакав да правам повеќе за него.

ПОВТОРНО ВО КВЕБЕК КАКО СПЕЦИЈАЛНИ ПИОНЕРИ

Во 1964 год., јас и Симона бевме доделени како специјални пионери во нашиот роден град Квебек, каде што служевме следните неколку години. Дотогаш противењето веќе попушти, но некои луѓе сѐ уште ни правеа проблеми.

Едно саботно попладне бев уапсен во Сент Мари, гратче недалеку од Квебек. Еден полицаец ме одведе во станицата и ме стави в затвор затоа што проповедав од куќа до куќа без дозвола. Подоцна бев изведен пред еден судија кој се викаше Бијаржон и изгледаше застрашувачки. Тој ме праша кој ќе ме застапува на суд. Кога го спомнав Глен Хау,a познат адвокат кој беше наш брат, тој вознемирено извика: „О, не! Само тој не!“ Дотогаш Глен Хау веќе многупати успешно ги имаше одбрането Јеховините сведоци на разни судови. Наскоро судот ме информира дека обвиненијата против мене се повлечени.

Поради противењето во Квебек, ни беше тешко да изнајмиме соодветни места за состаноци. За нашето мало собрание успеавме да најдеме само една стара гаража во која беше многу ладно во зима. За да се стопли барем малку, браќата користеа мала печка на нафта. Честопати се собиравме околу неа неколку часа пред да почне состанокот и си раскажувавме охрабрувачки искуства.

Многу се радувам кога размислувам како проповедањето напредуваше низ годините. Во 1960-ите, во областа Квебек, во Кот Нор и на полуостровот Гаспе имаше само неколку мали собранија. Денес на ова подрачје има две покраини, а браќата одржуваат состаноци во прекрасни сали.

ПОКАНА ДА СЛУЖИМЕ ВО ПАТУВАЧКОТО ДЕЛО

Леонс Крепо заедно со други патувачки надгледници на еден состанок во Торонто (Канада), во 1977 год.

Во 1977 год., присуствував на еден состанок за патувачки надгледници во Торонто (Канада)

Јас и Симона бевме поканети да служиме во покраинското дело во 1970 год. Потоа, во 1973 год., добив задача да служам како областен надгледник. Во текот на тие години научив многу од некои способни браќа како, на пример, Лорије Сомурb и Дејвид Сплејнc‚ кои исто така беа патувачки надгледници. По секој собир, јас и Дејвид си дававме предлози како да се подобриме во поучувањето. Се сеќавам дека еднаш тој ми рече: „Леонс, многу ти беше убав последниот говор. Ама јас ќе направев три говори од целиот тој материјал!“ Имав обичај да користам премногу информации во моите говори. Морав да научам да бидам поконцизен.

Карта на Канада со градови каде што служел Леонс Крепо: Сент Мари, Квебек, Монтреал и Торонто.

Служев во разни градови во источниот дел на Канада

Обласните надгледници имаа задача да ги охрабруваат покраинските надгледници. Но, многу објавители во Квебек добро ме знаеја. Кога ги посетував покраините, сакаа да одам во служба со нив. Иако уживав во тоа, не одвојував доволно време за покраинскиот надгледник. Во една прилика, еден покраински надгледник љубезно ме потсети: „Убаво е што поминуваш време со браќата, но не заборавај дека оваа седмица дојде за мене. И мене ми треба охрабрување!“ Овој совет ми помогна да бидам поурамнотежен.

За жал, во 1976 год., доживеав ненадејна трагедија. Мојата мила жена, Симона, тешко се разболе и почина. Таа ми беше прекрасна сопруга бидејќи беше самопожртвувана и многу го сакаше Јехова. Тоа што продолжив да поминувам време во службата ми помогна да се справам со таа загуба. Благодарен сум му на Јехова за поддршката што со љубов ми ја даваше во тоа тешко време. Подоцна се оженив со Керолин Елиот, ревносна пионерка која зборуваше англиски и беше дојдена да служи во Квебек, каде што имаше потреба од повеќе објавители. Керолин е пристаплива и искрено заинтересирана за другите, особено за оние што се срамежливи или се чувствуваат осамено. Таа многу ми помогна откако ми се придружи во покраинската служба.

ЗНАЧАЈНА ГОДИНА

Во јануари 1978 год., бев замолен да бидам инструктор на првата Школа за пионери во Квебек. Имав голема трема бидејќи програмата беше исто толку нова за мене колку што беше и за учесниците. За среќа, во првиот клас што го поучував имаше голем број искусни пионери. Иако јас бев инструкторот, научив многу од нив!

Подоцна истата година, на Олимпискиот стадион во Монтреал се одржа меѓународниот конгрес „Победоносна вера“. Со над 80.000 присутни, тоа беше најголемиот конгрес одржан во Квебек. Добив задача да служам во конгресната Служба за контакт со медиумите. Имав прилика да зборувам со многу новинари и бев пресреќен што дадоа позитивни извештаи. На радио и на телевизија беа пуштени вкупно над 20 часа интервјуа што ги водеа со нас, а во весниците излегоа стотици статии во поврзаност со конгресот. Сето тоа придонесе да се даде огромно сведоштво!

НОВА ЗАДАЧА НА ДРУГО ПОДРАЧЈЕ

Во 1996 год., следеше огромна промена за мене. Откако од моето крштавање служев во Квебек, каде што главно се зборува француски, бев доделен да служам како областен надгледник на англиското подрачје во Торонто и околината. Не се чувствував доволно способен за таа задача, и ме плашеше и самата помисла дека ќе треба да држам говори на англиски, бидејќи не го зборував добро. Морав да се молам почесто и уште повеќе да се потпирам на Јехова.

Кога сега размислувам за тоа, можам да кажам дека таму поминав две прекрасни години од мојата служба. Керолин стрпливо ми помагаше со јазикот, а браќата ме поддржуваа и ме охрабруваа. Брзо стекнавме многу нови пријатели.

Морав да правам многу работи за да се подготвувам за собирите што се одржуваа во текот на викендите. Освен тоа, во петок навечер, честопати одев околу еден час во служба од врата до врата. Некои можеби си мислеа: „Зошто некој би одел во служба пред еден напорен викенд на кој се одржува собир?“ Но, разговорите што ги водев во служба беа вистинско освежување за мене. До ден-денес се чувствувам поубаво откако ќе одам во служба.

Во 1998 год., јас и Керолин бевме доделени да служиме како специјални пионери во Монтреал. Со години имав задача да организирам посебни акции за сведочење на јавни места. Освен тоа, контактирав со медиумите со цел да ги разбиеме предрасудите на луѓето во однос на Јеховините сведоци. Сега, јас и Керолин со задоволство им проповедаме на странци кои од неодамна се доселени во Канада и кои сакаат да дознаат нешто за Библијата.

Леонс Крепо со жена му, Керолин.

Со жена ми, Керолин

Кога размислувам за последниве 68 години како крстен слуга на Јехова, сфаќам дека тој навистина ме благослови. Многу сум среќен што ја засакав службата и што имав прилика да им помогнам на мнозина да ја дознаат вистината. Мојата ќерка Лиза и нејзиниот маж почнаа да служат како општи пионери откако им пораснаа децата. Многу се радувам кога гледам дека таа и понатаму е ревносна во службата. Особено сум благодарен за соверниците чиј добар пример и мудри совети ми помогнаа духовно да напредувам и да се грижам за разни теократски одговорности. Се уверив дека е можно верно да ја извршуваме секоја задача само ако се потпираме на Јеховиниот моќен свет дух (Пс. 51:11). Благодарен сум му на Јехова затоа што ми даде огромна чест да го фалам неговото име! (Пс. 54:6).

a Види ја животната приказна на В. Глен Хау со наслов „Битката не е ваша, туку Божја“, која излезе во Разбудете се! од 8 август 2000.

b Види ја животната приказна на Лорије Сомур со наслов „Најдов нешто за што вредеше да се борам“, која излезе во англиското издание на Стражарска кула од 15 ноември 1976 год.

c Дејвид Сплејн служи како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели