Дали Месечината влијае врз Вашиот живот?
ВО ТЕКОТ на илјадници години, луѓето верувале дека Месечината управува со некои аспекти од животот на земјата. Се мислело дека Месечевите мени имаат влијание врз растенијата, животните, па дури и врз луѓето. Иако со современите научни истражувања се побиени некои сфаќања кои преовладувале долго време, други верувања опстојуваат до ден-денес. Што покажуваат фактите?
Некои луѓе се уверени дека постои врска помеѓу Месечевите мени и растот на растенијата. Затоа тие користат календари и алманаси кога одлучуваат кога да садат цвеќиња, да ставаат ѓубриво, да го ставаат виното во шишиња или да ја конзервираат храната. Ова се прави поради верувањето дека, ако некои работи се направат во погрешна Месечева мена, тоа ќе се одрази врз квалитетот на производот. Еден извор им го дава следниов совет на земјоделците: Зеленчукот кој треба да се јаде свеж, обично треба да се набере кога Месечината станува полна, додека зеленчукот кој е за конзервирање треба да се бере кога Месечината се намалува“. Има ли некаква научна основа за ваквата практика?
Изгледа дека некои истражувања го доведуваат во врска растот на растенијата и лунарниот ритам. Меѓутоа, многу научници не се уверени во ова. Тие укажуваат дека Месечевите мени се сложени, дека не се сосема редовни и дека нивното влијание не е забележливо и затоа е тешко повторно да се направат експериментите врз кои се темелат овие истражувања.
Сепак, извесни влијанија на Месечината се потврдени. На пример, докажано е дека активноста, исхраната, размножувањето и биолошките ритми на многу живи организми се поврзани со плимата и осеката, врз кои директно влијае гравитационата сила на Месечината.
Некои тврдат дека штом Месечината влијае врз плимата и осеката, тогаш таа мора да влијае и врз луѓето, бидејќи 80 проценти од човечкото тело се вода. А што е со наводната врска помеѓу Месечевите мени и душевните растројства, времето на раѓање, па дури и менструалниот циклус, кој трае приближно колку еден лунарен месец?
Спроведени се истражувања на полето на психијатријата, психологијата и гинекологијата за да се дојде до вистината за овие работи. Резултатите не беа многу уверливи. Некои истражувачи тврдат дека нашле слаба поврзаност помеѓу човечките активности и лунарниот ритам, но други одлучно тврдат дека не постои никаква врска. Тие аргументираат дека, ако Месечевите мени имаат забележително влијание врз моментот кога се раѓаат луѓето, врската би била јасно видлива уште многу одамна. Освен тоа, ниту една од предложените теории кои го објаснуваат наводното влијание на Месечината врз човекот не ги убедила научниците во целина.a
Иако науката покажала дека Месечината има некакво влијание врз различни облици на живот на земјата, не е лесно да се одреди до кој обем. Нашиот видлив универзум е комплексен и, барем засега, голем број од зачудувачките механизми кои управуваат со него сѐ уште не ни се познати.
[Фуснота]
a Некои од овие теории ја вклучуваат месечевата светлина, гравитацијата, геомагнетните сили и електромагнетизмот.
[Слика на страница 30]
Божицата Селена, што ја обожавале древните Грци и Римјани како персонификација на Месечината
[Извор на слика]
Musei Capitolini, Roma