Лунарна нова година — дали е за христијаните?
СЕКОЈА година во јануари или февруари, Азија е најраздвижениот континент во светот. Стотици милиони Азијци се враќаат кај своите семејства за да ја прослават лунарната Нова година.a
Лунарната Нова година е најважниот празник во азискиот календар. Празникот почнува на првата млада месечина според кинескиот лунарен календар, или некаде помеѓу 21 јануари и 20 февруари според западните календари. Трае од неколку дена до две седмици.
Основна нишка на ваквата новогодишна прослава е новиот почеток — испраќање на старото и дочекување на новото. За да се подготват за овој празник, луѓето ги чистат и уредуваат своите домови, купуваат нова облека, подготвуваат храна со имиња што се римуваат со зборовите „среќа“ или „успех“ и си ги расчистуваат долговите и несогласувањата. На денот кога е Нова година, си разменуваат подароци и убави желби, обично за богатство и успех, си подаваат црвени пакетчиња со таканаречени пари што носат среќа, јадат посебни јадења, пукаат петарди, гледаат танцови на шарени змејови или лавови или, пак, едноставно уживаат во празникот заедно со семејството и пријателите.
Овие обичаи имаат длабоко значење. Во една книга се објаснува: „На семејството, пријателите и роднините најважно им е да направат сѐ што треба за да ги следи среќа, да им оддадат чест на боговите и на духовите, и да си пожелат сѐ најубаво за следната година“ (Новогодишните колачиња и гладните духови: празниците во Кина — Mooncakes and Hungry Ghosts: Festivals of China). Со оглед на тоа што се вклучени толку многу традиционални и верски елементи, како треба христијаните да гледаат на овој празник? Треба ли едноставно да ги прифатат тие обичаи? Дали е за христијаните?
„Помисли од каде извира“
Една популарна кинеска пословица гласи: „Кога пиеш вода, помисли од каде извира“. Ова ја одразува длабоката почит што многу Азијци по традиција ја имаат кон своите родители и предци. Бидејќи родителите им дале живот, на децата им е нормално да покажуваат таква почит, која игра важна улога во прославата на Нова година.
За многу азиски семејства без сомнение најважна е вечерта пред Нова година. Таа ноќ, повеќето семејства се собираат за посебна гозба. Тоа е можност целото семејство да се собере заедно, а луѓето во тој дел од светот во никој случај не би сакале да пропуштат таква можност. На трпезата се поставува прибор не само за членовите на семејството што се присутни туку и за починатите, за кои се верува дека се присутни со духот. На овој оброк „постои вистинска комуникација помеѓу предците и членовите на семејството“, пишува во една енциклопедија. „Кога вака ќе се обнови врската помеѓу живите и мртвите, предците ќе го штитат семејството во текот на целата година“, пишува во едно друго дело. Како треба да гледаат христијаните на овој обичај?
И за христијаните е важно да покажуваат љубов и почит кон родителите. Тие се послушни на божествениот совет: „Слушај го својот татко, својот родител, и не презирај ја мајка си кога ќе остари“ (Изреки 23:22). Исто така, ја слушаат и библиската заповед: „,Почитувај ги татка си и мајка си‘ — тоа е првата заповед проследена со ветување: ‚За да ти биде добро и да останеш долго на земјата‘“ (Ефешаните 6:2, 3). Да, вистинските христијани сакаат да покажуваат љубов и почит кон своите родители!
Исто така, Библијата покажува дека е убаво кога семејството ќе се собере заедно (Јов 1:4; Лука 15:22-24). Сепак, Јехова заповеда: „Кај тебе нека не се најде некој, кој... би повикувал духови и души на предците или кој би се обраќал на покојниците“ (5. Мојсеева 18:10, 11, Превод на д-р Д. Х. Константинов). Зошто била дадена оваа забрана? Затоа што Библијата ни открива во каква состојба се навистина мртвите. Таа вели: „Живите се свесни дека ќе умрат, а мртвите не се свесни за ништо“. Според тоа, мртвите не можат да го прават она што го прават живите, ниту можат да ни помогнат ниту да ни наштетат (Проповедник 9:5, 6, 10). Божјиот Син, Исус Христос, ја споредил смртта со длабок сон, а мртвите ќе се разбудат од тој сон дури кога ќе воскреснат (Јован 5:28, 29; 11:11, 14).
Освен тоа, Библијата покажува дека ‚духовите и душите на предците‘ се, всушност, злите духовни суштества што се преправаат дека се починатите луѓе. Со каква цел? За да ги заведат луѓето и да ги држат под своја контрола! (2. Солуњаните 2:9, 10). Значи, Божјите заповеди нѐ штитат од сериозна опасност. Затоа, од љубов кон Јехова и од желба да се заштитат, христијаните не се мешаат во никакви обичаи со кои им се оддава чест на семејни „духови“ или со кои се бара нивна заштита (Исаија 8:19, 20; 1. Коринќаните 10:20-22).
Од друга страна, христијаните сакаат да му оддадат чест на „Таткото, кому секое семејство на небото и на земјата му го должи своето име“ (Ефешаните 3:14, 15). Кој е овој Татко? Тој е нашиот Творец и Животодавец, Јехова Бог (Дела 17:26). Значи, кога размислуваме за обичаите поврзани со лунарната Нова година, треба да се запрашаме: Како гледа Јехова на овие обичаи? Дали ги одобрува? (1. Јованово 5:3).
Чест на домашните богови
Прославите поврзани со лунарната Нова година вклучуваат и многу обичаи со кои им се оддава чест на бројни домашни богови и божества, како што се богот на вратата, богот на земјата или духот-чувар, богот на богатството или среќата, и богот на кујната или печката. Размисли за обичајот да му се оддава чест на богот на кујната.b Се верува дека неколку дена пред Нова година, овој бог оди на небото за да поднесе извештај за тоа семејство пред Императорот на жадот, кој е најважен бог во кинеската митологија. Со надеж дека богот на кујната ќе даде добар извештај, семејството го испраќа со еден посебен оброк, со дарови од слатки и лепливи печива. За да му посакаат побрзо да стигне, го симнуваат неговиот портрет од ѕидот, понекогаш му ги размачкуваат усните со печивата и го палат надвор. Вечерта на Нова година, во кујната ставаат нова слика на богот над печката, повикувајќи го да се врати во домот и следната година.
Иако многу обичаи можеби изгледаат безопасно, кога станува збор за обожавањето, христијаните сакаат да го прават она што го вели Божјата реч. Исус Христос рекол: „Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!“ (Матеј 4:10). Јасно е дека Бог сака да го обожаваме само него. Зошто? Размисли за следново: Јехова е нашиот небесен Татко. Како би се чувствувал еден татко ако неговите деца го игнорираат и си најдат друг татко? Зар нема да чувствува голема болка?
Исус го нарекол својот небесен Татко „единствениот вистински Бог“, а самиот Јехова јасно им кажал на своите слуги дека не треба ‚да имаат други богови‘ освен него (Јован 17:3; 2. Мојсеева 20:3). Затоа, вистинските христијани сакаат да го радуваат Јехова, а не да го разочараат или да го повредат со тоа што ќе им служат на други богови (1. Коринќаните 8:4-6).
Суеверие и спиритизам
Лунарната Нова година е тесно поврзана и со астрологијата. Во лунарниот календар, секоја година добива име според едно од 12-те животни во кинескиот зодијак — змеј, тигар, мајмун, зајак итн. Наводно, животното ги одредува личноста и однесувањето на оние што се родени таа година или ја прави годината поволна за извесни активности. Многу други обичаи што се држат по повод лунарната Нова година, вклучувајќи го и обожавањето на богот на богатството или среќата, имаат за цел да донесат „добра среќа“. Како треба христијаните да гледаат на овие обичаи?
Во својата Реч, Библијата, Јехова ги прекорил оние што почнале да го ‚обожаваат небото, да гледаат во ѕвездите и да даваат објави при млада месечина за она што ќе ги снајде!‘ Исто така, го осудил и обожавањето на „богот на Среќата“ и „богот на Судбината“ (Исаија 47:13; 65:11, 12). Наместо да се потпираат на некои мистериозни или невидливи влијанија што наводно се поврзани со духовниот свет или со ѕвездите, на слугите на вистинскиот Бог им е речено: „Имај доверба во Јехова со сето свое срце и не потпирај се на сопствениот разум. На сите свои патишта имај го на ум, и тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Изреки 3:5, 6). Да, суеверието ги држи луѓето во ропство, но библиската вистина ги ослободува (Јован 8:32).
Покажи ја својата љубов кон Бог
Да се знае нешто повеќе за потеклото на обичаите и верувањата поврзани со прославите на лунарната Нова година е една работа, но одлуката да не се учествува во нив е сосема друга работа. Ако живееш во место каде што е обичај редовно да се прославува лунарната Нова година или, пак, ако во твоето семејство е традиција да се прават новогодишните обичаи, треба да донесеш една важна одлука.
Точно, потребна е храброст и одлучност да се остане цврст под притисок. „Многу се плашев затоа што сите што ги знаев славеа Нова година, а јас не“, вели една христијанка од Азија. Што ѝ помогнало? „Успеав да останам цврста само благодарение на тоа што многу го сакам Бог“ (Матеј 10:32-38).
Дали чувствуваш толку длабока љубов кон Јехова? Имаш многу причини да го сакаш. Твојот живот не се должи на некое мистериозно божество, туку на Јехова Бог, за кого Библијата вели: „Во тебе е изворот на животот, со твојата светлина гледаме светлина“ (Псалм 36:9). Животот и среќата не ти зависат од некаков бог на среќата или бог на кујната, туку од Јехова (Дела 14:17; 17:28). Дали ќе му возвратиш со љубов? Биди уверен дека ако го сакаш, Јехова богато ќе те благослови (Марко 10:29, 30).
[Фусноти]
a Наречена е и кинеска Нова година, Пролетен празник, Цван Џа (Кина), Тет (Виетнам), Солнал (Кореа) или Лосар (Тибет).
b Обичаите што се опишани во оваа статија се разликуваат од една до друга азиска земја, но имаат заеднички основни нишки. Нешто повеќе можеш да прочиташ во англиските изданија на Разбудете се! од 22 декември 1986, страници 20 и 21, и 8 јануари 1970, страници 9-11.
[Рамка/слика на страница 23]
Што да им речеш на роднините и пријателите
Се разбира, кога некој од фамилијата ќе престане да учествува во прославите на лунарната Нова година, за пријателите и роднините тоа може да биде шок. Можеби се чувствуваат вознемирени, повредени, па дури и изневерени. Сепак, може да се стори многу за да се одржат мирољубиви семејни односи. Размисли за следниве коментари од христијани што живеат во различни делови на Азија:
Џинг: „Доволно време пред Новата година, отидов на гости кај моите роднини и тактично им објаснував зошто повеќе нема да учествувам во некои обичаи. Внимавав да не ги омаловажувам нивните верувања и со почит им одговорив на прашањата користејќи ја Библијата. Така успеав да водам неколку убави духовни разговори“.
Ли: „Пред лунарната Нова година, тактично и со почит му кажав на маж ми дека морам да си ја слушам совеста за да бидам навистина среќна. Исто така, му ветив дека нема да го засрамам кога ќе ја посетиме неговата фамилија за време на празниците. Се изненадив што дента кога неговата фамилија им оддаваше почит на предците, тој ме однесе во друг крај на еден христијански состанок“.
Ши: „Ги уверив роднините дека ги сакам и им реков дека моите верувања ќе ме направат подобра личност. Многу се трудев да покажувам христијански особини, како што се благоста, тактичноста и љубовта. Малку по малку, тие почнаа да ја почитуваат мојата религија. Подоцна, и маж ми почна да ја проучува Библијата и стана христијанин“.
Мин: „Разговарав со моите родители благо и со почит. Наместо да им посакам ,среќа‘, им реков дека секогаш го молам Јехова, нашиот Творец, да ги благослови и да им даде мир и радост“.
Фонг: „Им реков на родителите дека не морам да чекам да дојде Нова година за да си ги посетам роднините. Тоа го правев често. Така, моите родители беа многу среќни и престанаа да ми приговараат. Освен тоа, и мојот помлад брат се заинтересира за библиската вистина“.
[Извор на слика на страница 20]
Panorama Stock/age Fotostock