Пази се од обичаи што не му се угодни на Бог
ВО МАЛИОТ двор, ковчегот стои отворен под врелото африканско сонце. Додека ужалените поминуваат еден по еден покрај него за да ја изразат својата тага, еден стар човек подзастанува. Со очи исполнети со тага, се наведнува над лицето на мртвиот човек и почнува да зборува: „Зошто не ми кажа дека заминуваш? Зошто ме остави вака? Сега кога се врати, ќе продолжиш ли да ми помагаш?“
Во друг дел на Африка се раѓа бебе. Никој не смее да го види детето. Дури по некое време бебето се изнесува во јавноста и тогаш со сите обреди му се дава име.
На некои луѓе можеби им изгледа чудно некој да зборува со мртов човек или да се крие новороденче од другите. Меѓутоа, во некои култури и општества, врз однесувањето и гледиштата на луѓето за смртта и раѓањето влијае едно силно верување дека мртвите, всушност, не се мртви, туку се живи и свесни.
Ова верување е толку силно што е вткаено во обичаите и ритуалите што ги опфаќаат речиси сите аспекти од животот. На пример, милиони веруваат дека важните етапи во животот на еден човек — како што се раѓањето, пубертетот, бракот, раѓањето деца и смртта — се дел од еден преод што води во духовното подрачје на предците. Се верува дека таму мртвиот човек продолжува да има активна улога во животот на оние што ги оставил зад себе, и дека може да го продолжи животниот циклус преку повторно раѓање.
За да се обезбеди гладок преод од една во друга етапа во овој циклус, се прават безброј обичаи и обреди. Врз овие обичаи влијае верувањето дека нешто во нас ја преживува смртта. Вистинските христијани ги избегнуваат сите обичаи што се поврзани со ова верување. Зошто?
Каква е состојбата на мртвите?
Библијата е сосем јасна кога ја опишува состојбата на мртвите. Таа едноставно вели: „Живите барем знаат дека ќе умрат, а мртвите не знаат ништо . . . Одамна ги снема: нивната љубов и нивната омраза . . . нема ни дела, ни умување, ни сознавање, ни мудрост во Подземјето [општиот гроб на човештвото] во кое одиш“ (Проповедник 9:5, 6, 10). Вистинските обожаватели на Бог одамна ја прифатиле оваа основна библиска вистина. Тие сфатиле дека душата не е бесмртна, туку може да умре и да биде уништена (Езекиел 18:4, ПСП). Тие исто така знаат дека духовите на мртвите не постојат (Псалм 146:4). Во древни времиња, Јехова стриктно му заповедал на својот народ потполно да се држи настрана од сите обичаи и ритуали што биле поврзани со верувањето дека мртвите се свесни и дека можат да имаат влијание врз живите (Второзаконие 14:1; 18:9-13; Исаија 8:19, 20).
И христијаните од првиот век ги избегнувале сите обичаи или обреди што биле поврзани со лажни религиозни учења (2. Коринќаните 6:15-17). Денес, Јеховините сведоци, без оглед на расата, племето или потеклото, ги отфрлаат традициите и обичаите што се поврзани со лажното учење дека нешто во човекот ја преживува смртта.
Што може нас, како христијани, да нѐ води кога одлучуваме дали ќе држиме некој обичај или не? Мораме внимателно да размислиме дали можеби тој обичај е поврзан со некое небиблиско учење, како што е верувањето дека духовите на мртвите имаат влијание врз живите. Освен тоа, мораме да размислиме дали тоа што ќе учествуваме во некој таков обичај или прослава можеби ќе ги спрепне другите што се запознати со верувањата и учењата на Јеховините сведоци. Имајќи го ова на ум, да разгледаме две подрачја — раѓањето и смртта.
Церемонии при раѓање и давање име на дете
Многу обичаи што се поврзани со раѓање на дете се во ред. Меѓутоа, на некои места каде што раѓањето се смета како преод од подрачјето на духовите на предците во подрачјето на луѓето, вистинските христијани мораат да бидат претпазливи. На пример, во некои делови на Африка, новороденчето се чува внатре и не му се дава име сѐ додека не помине извесен период. Иако тој период на чекање може да се разликува од место до место, завршува со церемонија на која му се дава име на детето и тогаш детето се изнесува надвор и официјално им се покажува на роднините и на пријателите. Во таа прилика, на присутните официјално им се објавува името на детето.
Објаснувајќи што значи овој обичај, книгата Ghana—Understanding the People and Their Culture (Гана — да се разберат луѓето и нивната култура) вели: „Во текот на првите седум дена од неговиот живот се смета дека детето е на ‚посета‘ и дека преминува од светот на духовите во земен живот . . . Бебето обично се чува внатре и луѓе што не се од семејството не смеат да го видат“.
Зошто има период на чекање пред церемонијално да му се даде име на детето? Книгата Ghana in Retrospect (Ретроспектива на Гана) објаснува: „Пред осмиот ден, се мисли дека детето не е човек. Помалку или повеќе, тоа е поврзано со другиот свет од којшто и дошло“. Книгата продолжува: „Бидејќи името е, така да се каже, она што го прави детето човек, кога некој брачен пар се плаши дека детето ќе умре, обично одложува да му даде име сѐ додека не е сигурен дека детето ќе преживее . . . Затоа, се мисли дека овој церемонијален обред, што понекогаш се вика јавно претставување на детето, е од огромна важност за детето и за родителите. Церемонијата е таа што го воведува детето во светот на човечките битија“.
Обично на церемонијата кога му се дава име на детето предводи еден од постарите роднини во семејството. Она што се случува во таа прилика се разликува од место до место, но честопати во текот на церемонијата се излеваат налевници, се упатуваат молитви до духовите на предците за да им се изрази благодарност за тоа што детето безбедно пристигнало и други ритуали.
Главниот дел на церемонијата е кога ќе се каже името на детето. Иако родителите се одговорни за името на своето дете, честопати и другите роднини имаат силно влијание врз името што ќе се избере. Некои имиња можат да имаат симболично значење на локалниот јазик, како што се „отиде и се врати“, „мајката дојде по вторпат“ или „таткото дојде пак“. Други имиња носат во себе значење што има за цел да ги спречи предците пак да го земат новороденото дете во светот на мртвите.
Се разбира, нема ништо погрешно во тоа да се радуваме кога ќе се роди некое дете. Да му се даде име на детето според некого и да му се даде име што ги одразува околностите што се поврзани со неговото раѓање се прифатливи обичаи, а тоа кога ќе му се даде име на детето е лична одлука. Меѓутоа, христијаните што сакаат да му угодат на Бог претпазливо ги избегнуваат сите обичаи или церемонии што изгледа дека се во склад со гледиштето дека новороденото дете е „посетител“ што минува од духовниот свет на предците во светот на живите.
Освен тоа, иако мнозина во околината сметаат дека церемонијата кога му се дава име на детето е важен церемонијален обред, христијаните треба да ја имаат на ум совеста на другите и да земат предвид каков впечаток ќе остави тоа врз неверниците. На пример, што можат да заклучат некои ако едно христијанско семејство не го покажува своето дете додека не се изврши церемонијата кога ќе му биде дадено име на детето? Каков впечаток ќе имаат другите ако се користат имиња што не се во склад со нивното тврдење дека поучуваат за библиската вистина?
Затоа, кога одлучуваат какво име ќе им дадат на своите деца, христијаните се трудат ‚сѐ да прават за Божја слава‘, за да не станат причина за спрепнување (1. Коринќаните 10:31-33). Тие не ‚ја оставаат настрана Божјата заповед за да ги држат своите традиции‘ кои во основа се наменети да им се оддаде чест на мртвите. Напротив, тие му оддаваат чест и слава на живиот Бог, Јехова (Марко 7:9, 13).
Преод од смрт во живот
Смртта, како и раѓањето, за мнозина е преод; некој што ќе умре преминува од видливиот во невидливиот свет на духовите на мртвите. Мнозина веруваат дека, кога ќе умре некој, ако не направат извесни погребни обичаи и ритуали, ќе се налутат духовите на предците, за кои се верува дека имаат моќ да ги казнат или да ги наградат живите. Ова верување има големо влијание врз тоа како се организираат и извршуваат погребите.
Во погребите што имаат цел да ги смират мртвите честопати се вклучени еден цел спектар на емоции — од избезумено оплакување и викање над мртвото тело до весели слави по закопот. Ваквите погребни прослави честопати се карактеризираат со необуздано јадење, пијанчење и танцување проследено со гласна музика. На погребите им се придава толку голема важност што дури и најсиромашните семејства честопати прават големи напори да соберат средства за да направат „пригоден погреб“, иако со тоа можат да западнат во беда и долг.
Низ годините, Јеховините сведоци потполно ги расветлиле погребните обичаи што не се во склад со Библијата.a Во тие обичаи спаѓаат пречувување на мртовецот, излевање на налевници, да се разговара со мртовецот тогаш и да се бара нешто од него, помени и други обичаи што се темелат на верувањето дека нешто во човекот ја преживува смртта. Таквите обичаи што го обесчестуваат Бог се ‚нечисти‘, „празна измама“ и се темелат на „човечката традиција“, а не на Божјата реч на вистината (Исаија 52:11; Колошаните 2:8).
Притисок да се подлегне
Се покажало дека на некои им е тешко да ги избегнуваат традиционалните обичаи, особено во земји каде што оддавањето чест на мртвите се смета за нешто многу важно. Бидејќи не следат такви обичаи, на Јеховините сведоци се гледа со сомничавост или, пак, се обвинети дека се антисоцијални и дека не ги почитуваат мртвите. Поради критиките и силниот притисок, на некои им е страв да бидат поинакви, иако исправно ја разбираат библиската вистина (1. Петрово 3:14). Други сметаат дека тие обичаи се дел од нивната култура и дека не можат потполно да ги избегнуваат. Има и такви кои мислат дека тоа што ќе одбијат да следат некој обичај може да предизвика нетрпеливост кон Божјиот народ во заедницата.
Ние не сакаме непотребно да ги навредиме другите. Сепак, Библијата нѐ предупредува дека поради тоа што ќе заземеме цврст став за вистината, овој свет отуѓен од Бог нема да не прифати (Јован 15:18, 19; 2. Тимотеј 3:12; 1. Јованово 5:19). Ние доброволно заземаме таков став, зашто знаеме дека мораме да бидеме поинакви од оние што се во духовна темнина (Малахија 3:18; Галатите 6:12). Како што Исус се спротивставил на искушението од Сатана да направи нешто што не му е угодно на Бог, така и ние се спротивставуваме на притисокот да постапуваме на начин што не му е угоден на Бог (Матеј 4:3-7). Наместо врз нив да влијае стравот од човек, вистинските христијани првенствено се заинтересирани за тоа да му угодат на Јехова Бог и да му оддадат чест како на Бог на вистината. Тоа го прават така што не ги прекршуваат библиските мерила на чистото обожавање поради притисокот од другите (Пословици 29:25; Дела 5:29).
Да го почитуваме Јехова со начинот на кој гледаме на мртвите
Нормално е да чувствуваме длабока емоционална болка и тага кога ќе умре некој што го сакаме (Јован 11:33, 35). Да се негува споменот за некој што го сакаме и да се направи пристоен погреб е исправен и соодветен израз на нашата љубов. Меѓутоа, Јеховините сведоци се справуваат со огромната тага што ја причинува смртта без да бидат вовлечени во некои традиционални обичаи што не му се угодни на Бог. Тоа не е лесно за оние што биле воспитани во култура во којашто постои голем страв од мртвите. Може да биде вистински предизвик да останеме урамнотежени кога емоционално страдаме поради смртта на некој наш близок. Сепак, верните христијани се зајакнати од Јехова, „Богот на секоја утеха“, и добиваат помош од поддршката што нивните соверници со љубов им ја даваат (2. Коринќаните 1:3, 4). Тоа што цврсто веруваат дека мртвите што се во несвесна состојба и кои се во Божјето сеќавање еден ден повторно ќе живеат, им дава на вистинските христијани причина потполно да ги избегнуваат нехристијанските погреби што го негираат воскресението.
Зарем не сме воодушевени што Јехова нѐ повикал „од темнината во својата чудесна светлина“? (1. Петрово 2:9). Додека доживуваме радост кога некој ќе се роди и трпиме тага кога некој ќе умре, нека нашата силна желба да го правиме она што е исправно и нашата длабока љубов кон Јехова Бог нѐ поттикнат да ‚одиме како деца на светлината‘. Никогаш да не дозволиме да бидеме духовно извалкани од нехристијански обичаи што не му се угодни на Бог (Ефешаните 5:8).
[Фуснота]
a Те молиме види ја брошурата Духовите на мртвите — дали можат да ти помогнат или да ти наштетат? Дали навистина постојат? издадена од Јеховините сведоци.