„Храни ја устата, а не стапалата“
Еден поглед на традиционалните африкански погребни обичаи
„ТИЕ не ги погребуваат своите мртовци!“ Тоа е вообичаената изјава за Јеховините сведоци во Западна Африка. Сепак, сосем е познато дека Сведоците ги погребуваат своите мртви.
Зошто луѓето зборуваат дека Јеховините сведоци не ги погребуваат своите мртви? Тоа е затоа што Сведоците не ги држат повеќето популарни месни погребни обичаи.
Традиционални погребни обичаи
Алиу живее во едно малечко село во Централна Нигерија. Кога умрела мајка му, ги известил своите роднини за нејзината смрт, а потоа се погрижил во нејзиниот дом да се одржи библиски говор. Еден старешина од месното собрание на Јеховините сведоци го одржал говорот кој се сосредоточувал на состојбата на мртвите и охрабрувачката надеж за воскресение која е запишана во Библијата. После говорот, мајката на Алиу била погребана.
Роднините биле мошне огорчени. За нив, ниеден погреб не е погреб без мртовечка стража, која обично се држи ноќта откако дотичниот ќе умре. Во средината на Алиу, стражата е време на славење, а не на жалост. Трупот го бањаат, го облекуваат во бело облекло и го положуваат на кревет. Ожалостените повикуваат музичари, купуваат гајби пиво и стомни палмино вино и подготвуваат вол или коза на жртва. Потоа доаѓаат роднините и пријателите да пеат, играат, јадат и пијат сѐ до зори.
Во текот на ова свечено расположение, кај стапалата од трупот ставаат храна. Делови од косата и ноктите на рацете и нозете на покојниот се сечат и ставаат настрана за вториот погреб кој се прави после неколку дена, недели, па дури и години.
Дента после стражата, трупот се погребува, иако погребната церемонија трае уште цела недела и повеќе. Подоцна, се прави вториот погреб. Деловите од косата и ноктите од рацете и нозете се замотуваат во бело платно кое се прицврстува на една даска со должина од 1,5 до 1,8 метри. Пропратено со пеење и танцување, се носи до гробот и се гори во близина на погребаниот. Повторно многу се свири, пие и јаде. За крај на погребните обичаи, се пука еднаш од огнено оружје кон небото.
Бидејќи Алиу не допуштил ниту еден од овие обичаи, го обвиниле дека нема почитување ниту за покојниците ниту за традициите кои ним им оддаваат чест. Но зошто Алиу, Сведок на Јехова, одбил да ја исполни традицијата? Затоа што не би можел свесно да ги прифати религиозните идеи врз кои се темелат овие традиции.
Традиционални африкански верувања
Низ цела Африка луѓето веруваат дека сите луѓе дошле од духовното подрачје и дека таму ќе се вратат. Народот Јоруба од Нигерија вели: „Земјата е само привремено место низ кое се поминува, додека трајно живеалиште е небото“. А изрека на народот Игбо е: „Секој кој доаѓа на овој свет ќе мора да се врати на небото, без обѕир колку долго престојувал на Земјата“.
Разгледај ги обичаите кои ги споменавме претходно. Целта на мртовечката стража е да му се приреди на духот добро испраќање. Белото платно се смета за соодветна облека за духовното подрачје. Ставањето на храна кај стапалата асоцира на идејата дека трупот јаде преку нозете и мора да се нахрани за да не биде гладен на патот до земјата на предците.
Што е уште позначајно, луѓето воопшто, веруваат дека, кога духот го напушта телото, се движи во близина на живите и не се враќа кај предците додека конечно не биде ослободен со вториот погреб. Сѐ додека не се направи вториот погреб, луѓето се плашат дека духот може да се разгневи и да ги погоди живите со болест или смрт. Истрелот од огненото оружје се прави за да го „испратат духот назад“ на небото.
Иако погребните обичаи варираат во голема мерка од место до место во Африка, средишната идеја главно е таа дека духот ја надживува смртта на телото. Главната цел на ритуалите е да му се помогне на духот да одговори на „небесниот повик“.
Овие верувања и практики се поттикнати со доктрините на т. н. христијанство за бесмртност на човечката душа и обожавањето на „светци“. Типичен е коментарот на еден воен каплар од државата Свази, кој рекол дека Исус дошол не да ги уништи традиционалните верувања, туку да ги исполни, односно потврди. Бидејќи свештениците обично ги вршат погребните церемонии, многу луѓе сметаат дека Библијата ги поддржува и традиционалните верувања и обичаите кои потекнуваат од нив.
Што вели Библијата
Дали ги поддржува Библијата овие верувања? Што се однесува до состојбата на мртвите, Проповедник 3:20 наведува: „Сѐ [и луѓето и животните] оди на едно место: сѐ произлегува од земја, и сѐ ќе се врати во земјата“. Библијата понатаму вели: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат . . . и љубовта нивна, и омразата нивна и љубомората нивна веќе исчезнале . . . зашто во гробот, каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 6, 10).
Овие и други стихови јасно покажуваат дека мртвите не можат да нѐ видат или слушнат, ниту да ни помогнат или наштетат. Зарем тоа не е во согласнот со она што и самиот си го забележал? Можеби си познавал некој богат и влијателен човек кој умрел и чие семејство после тоа пострадало иако во потполност ги направиле сите вообичаени погребни церемонии. Ако тој човек е жив во духовното подрачје, зошто не му помогне на своето семејство? Тој не може да го стори тоа затоа што е вистина она што го вели Библијата — мртвите се навистина безживотни, „немоќни во смртта“ и затоа неспособни да помогнат некому (Исаија 26:14, НС).
Синот Божји, Исус Христос, знаел дека тоа е вистина. Разгледај што се случило после смртта на Лазар. Библијата наведува: „Им рече [Исус на своите ученици]: ‚Лазар, пријателот наш, заспал; но ќе отидам да го разбудам.‘ Тогаш учениците Негови рекоа: ‚Господи, ако заспал, ќе стане.‘ Исус го рече тоа за смртта негова“ (Јован 11:11-13).
Забележи дека Исус ја поврзал смртта со спиење, односно со починок. Кога пристигнал во Витанија, ги утешил Лазаровите сестри Марија и Марта. Поттикнат од сочувство, Исус дозволил да му потечат солзи. Сепак, воопшто не рекол или не направил нешто што би наведувало на помислата дека Лазар имал дух кој уште живеел и имал желба да му се помогне да дојде до земјата на неговите предци. Наместо тоа, Исус го направил она што рекол дека ќе го направи. Го разбудил Лазар од смртниот сон така што го воскреснал. Тоа пружило доказ дека Бог на крајот ќе го употреби Исус за да ги воскресне сите кои се наоѓаат во спомен–гробовите (Јован 11:17-44; 5:28, 29).
Зошто да се биде поинаков?
Дали е погрешно да се следат погребните обичаи кои се темелат на небиблиски верувања? Алиу и останатите милиони Сведоци на Јехова веруваат дека е. Тие знаат дека е погрешно — дури и лицемерно — да поддржуваат некаков обичај кој очигледно се темели на лажни и заведувачки доктрини. Не сакаат да бидат како книжниците и фарисеите кои Исус ги осудил за религиозно лицемерство (Матеј 23:1-36).
Апостол Павле го предупредил својот соработник Тимотеј: „А Духот јасно зборува дека во последните времиња некои ќе отстапат од верата, слушајќи измамливи духови и ѓаволски учења, преку лицемерството на оние, што зборуваат лага“ (1. Тимотеј 4:1, 2). Дали концептот дека мртвите луѓе се живи во духовното подрачје е демонско учење?
Да, токму така. Сатана Ѓаволот, „татко на лагата“ ѝ рекол на Ева дека таа нема да умре, укажувајќи дека ќе продолжи да живее во тело (Јован 8:44; 1. Мојсеева 3:3, 4). Тоа не било исто како и изјавата дека бесмртната душа живее после смртта на телото. Меѓутоа, Сатана и неговите демони се обидуваат да ги одвратат луѓето од вистината во Божјата Реч така што ја унапредуваат идејата дека животот продолжува после смртта. Бидејќи веруваат во она што Бог го вели во Библијата, Јеховините сведоци никако не ги споделуваат гледиштата и обичаите кои ги поддржуваат Сатановите лаги (2. Коринтјаните 6:14-18).
Со тоа што избегнуваат небиблиски погребни обичаи, Јеховините слуги го навлекуваат врз себе неодобрувањето од оние кои не ги делат нивните гледишта. Некои Сведоци биле лишени од своето наследство. Други биле прогонувани од нивните семејства. Меѓутоа, како вистински христијани, сфатиле дека верната послушност спрема Бог донесува неодобрување од светот. Како и лојалните апостоли на Исус Христос, тие се одлучни ‚повеќе да Му се покоруваат на Бога, отколку на луѓето‘ (Дела 5:29; Јован 17:14).
Вистинските христијани се напрегаат да ја покажуваат својата љубов кон живите, додека своите сакани мртви кои заспале во смрт ги чуваат во драг спомен. На пример, Алиу ја зел мајка си дома откако починал татко му и ја хранел и се грижел за неа до крајот на нејзиниот живот. Кога другите му приговараат на Алиу дека немал љубов кон мајка си затоа што не ја погребал според популарниот обичај, тој, на овој вообичен приговор меѓу неговиот народ, вели: „Хранете ми ја устата пред да ми ги храните стапалата“. Хранењето на устата или грижата за човекот додека тој е уште жив е далеку поважно отколку хранењето на стапала, обичај кој го опишавме претходно, а поврзан со мртовечката стража по смртта на дотичниот. Хранењето на стапалата, всушност, воопшто не му користи на покојниот.
Алиу ги прашува своите критизери: „Што сакате повеќе — вашето семејство да се грижи за вас кога ќе остарите или да ви направат голема свеченост откако ќе умрете?“ Повеќето одбираат да бидат згрижени додека сѐ уште се живи. Тие го ценат и спознанието дека во случај на нивна смрт, ќе добијат почесна спомен служба темелена на Библијата и пристоен закоп.
Токму тоа Јеховините сведоци настојуваат да го сторат за своите сакани. Тие ја хранат устата, а не стапалата.