Дали навистина е толку штетна?
КАКО што видовме, Интернет ја направи порнографијата лесно достапна и за возрасните и за децата. Дали треба да бидете загрижени? Дали порнографијата навистина е штетна?
Многумина мислат дека површниот контакт со порнографијата е безопасен. Меѓутоа, фактите покажуваат нешто друго. Размислете за случајот на една двојка која навидум имала идеален брак. Тие биле добро ситуирани и сакале да патуваат. Нивните пријатели мислеле дека се блиски, нежни и верни, и во многу погледи било така.
Меѓутоа, се појавиле проблеми кога сопругот почнал да гледа порнографија. Пишувајќи до една популарна советничка која има своја рубрика, неговата вознемирена сопруга ја опишала својата загриженост: „Кога [мојот сопруг] првпат почна да минува многу време пред компјутерот среде ноќ и рано наутро, ми рече дека ‚истражува‘. Едно утро ненадејно влегов во собата и го фатив како гледа [порнографија] . . . Тој рече дека се работи само за љубопитност. Кога повнимателно погледнав што гледа, ми се смачи. Тој се засрами и вети дека ќе престане, а јас верував дека мисли сериозно. Отсекогаш беше чесен — вистински човек од збор“.
Како што било случај со овој човек, многумина почнале да гледаат порнографија затоа што биле љубопитни. Од страв да не бидат откриени, тие се вклучуваат доцна навечер или рано наутро. Ако ги фатат, честопати лажат за да сокријат што прават, како што излажал овој човек. Дали е разумно да се тврди дека е безопасно некое „хоби“ кое наведува еден „човек од збор“ да се прикрадува сред ноќ и да ги лаже своите сакани?
Оваа навика може да води до сериозни лични и семејни проблеми. Некои признале дека заради тоа што гледале порнографија не можеле да изградат блиски односи со другите. Тие не сакаат околу нив да има луѓе кога ја задоволуваат својата страст за порнографија. Додека гледаат порнографија, луѓето обично фантазираат, а фантазијата не придонесува за изградување цврсти врски или за справување со животот во реалниот свет. Може ли навистина да биде безопасна некоја разонода што ги отуѓува луѓето од оние кои им се најмили?
Во некои случаи, луѓето кои гледаат или читаат порнографски материјал имаат проблеми дури и при нормалните сексуални односи со својот сопружник. За да разбереме зошто, да ја разгледаме Божјата првобитна намера за луѓето кои се во брак. Тој со љубов им дал на сопрузите и на сопругите способност радосно да ја изразуваат својата меѓусебна љубов преку чесни сексуални односи. Во Пословици 5:18, 19 е покажано дека тие требало да им донесат задоволство: „Радувај се со жената на својата младост . . . нека те напојуваат нејзините гради во секое време, и нејзината љубов те восхитува непрекратно“.
Забележете дека основа на сексуалните односи требало да биде љубовта. Дали оној кој гледа порнографија негува срдечна врска на љубов и интимност? Не, тој ги задоволува сопствените сексуални желби — и тоа најчесто сам. Еден оженет човек кој гледа порнографија може да почне да ја смета својата сопруга за предмет — некој што постои само за негово задоволство. Ова е далеку од достоинството и честа кои Творецот имал намера мажот да ѝ ги укажува на жената (1. Петрово 3:7). Дали може една навика која ги расипува најинтимните аспекти од бракот да се смета за пожелна?
Освен тоа, она што се мисли дека ќе биде повремено уживање може да води до долготрајна зависност. Една писателка забележува: „Исто како што на наркоманите им треба појака дрога за да бидат ‚хај‘, така и оние кои гледаат порнографија мора да доживеат нешто уште посилно за да ги достигнат истите еуфорични чувства како претходно“.
Очигледно тоа се случило со сопругот кој беше спомнат на почетокот на оваа статија. Една вечер, неколку месеци откако ветил дека ќе престане да гледа порнографија, неговата сопруга се вратила дома и го нашла пред компјутерот. Од неговото однесување можело да се види дека нешто не е во ред. „Изгледаше многу нервозен и вознемирен“, напишала таа. „Погледнав во компјутерот и, како што можеше да се очекува, тој гледаше некои неверојатно безобразни сцени. Рече дека беше искрен кога вети дека ќе прекине, но едноставно не можел“.
Со оглед на штетата што може да ја нанесе порнографијата и нејзината широка достапност, имате добри причини да бидете загрижени. Како можете да се заштитите себеси и Вашите деца? Последната статија од оваа серија ќе го разгледа ова прашање.
[Слика на страница 6]
Порнографијата го руши моралот