Гледиште на Библијата
Дали Бог се менува?
АНТРОПОЛОГОТ Џорџ Дорси го опишал Богот на „Стариот завет“ како „свиреп Бог“. Тој додал: „Јахве е . . . потполно одбивен. Тој е Бог на разбојници, мачители, воини, освојувања“. И други луѓе дошле до сличен заклучок во врска со Богот на „Стариот завет“ — Јахве, односно Јехова. Затоа, некои луѓе денес се прашуваат дали Јехова навистина бил суров Бог кој на крајот го променил својот карактер и станал Богот на „Новиот завет“, кој е полн со љубов и милостив.
Ваквото сфаќање за Богот на Библијата не е нешто ново. Најпрво било воведено од Марсион, полугностичар од вториот век н.е. Марсион не го признал Богот на „Стариот завет“. Сметал дека тој Бог е насилен и одмаздлив, тиранин кој им дава материјални награди на оние кои го обожаваат. Од друга страна, пак, Марсион го опишал Богот на „Новиот завет“ — кој е откриен преку Исус Христос — како совршен Бог, Бог на чиста љубов и милост, на добрина и простување.
Јехова се соочува со предизвикот на променетите околности
Самото Божје име, Јехова, значи „Тој предизвикува да стане“. Тоа значи дека Јехова предизвикува самиот да стане Исполнител на сите свои ветувања. Кога Мојсеј го прашал Бог како гласи неговото име, Јехова го образложил неговото значење на овој начин: „Ќе докажам дека сум она што ќе докажам дека сум“ (Излез 3:14, NW). Преводот Ротерхам го изразува тоа на овој начин: „Ќе станам она што ми е волја“.
Значи, Јехова избира да стане, односно докажува дека е, сѐ она што е потребно за да ги исполни своите праведни намери и ветувања. Доказ за ова е фактот што тој носи низа титули и описни називи: Јехова над војските, Судија, Суверен, Ревнител, Суверен Господ, Творец, Татко, Голем Учител, Пастир, Слушач на молитви, Искупител, среќен Бог и многу други. Избрал да стане сѐ ова — и многу повеќе — за да ги спроведе своите намери полни со љубов (Излез 34:14; Судии 11:27; Псалми 23:1; 65:2; 73:28, NW; 89:26; Исаија 8:13; 30:20; 40:28; 41:14; 1. Тимотеј 1:11).
Тогаш, дали ова значи дека Божјата личност или неговите мерила се менуваат? Не. Во врска со Бог, Јаков 1:17 вели: „Кај него нема промена во вртењето на сенката“. Како може Бог да се соочи со предизвикот на променетите околности, а истовремено да остане непроменет?
Примерот на грижливите родители кои ги менуваат своите улоги заради своите деца илустрира како е возможно ова. Во текот на само еден ден, родителот може да биде готвач, домаќин, електричар, негувател, пријател, советник, учител, воспитувач и многу други нешта. Родителот не ја менува својата личност кога ги презема овие улоги туку само се приспособува на потребите кога ќе се појават. Така е и со Јехова, но во многу поголем обем. Нема граница за она што тој може да стане за да ја исполни својата намера во полза на своите суштества (Римјаните 11:33).
На пример, и во хебрејските и во христијанските грчки списи Јехова ни е откриен како Бог на љубовта и милоста. Пророкот Михеј од осмиот век пр.н.е. го поставил следново прашање во врска со Јехова: „Кој Бог е како Ти Кој го проштава беззаконието, Кој го проштава гревот и преминува преку престапите на Остатокот на Своето наследство, Кој не дотраја довека во Својот гнев, туку Тој ужива да искажува милост“ (Михеј 7:18). На сличен начин, и апостол Јован ги напишал прочуените зборови: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8).
Од друга страна, пак, во двата дела на Библијата, Јехова е претставен како праведен Судија на оние кои постојано, сериозно и непокајнички ги прекршуваат неговите закони и им нанесуваат зло на другите. „[Јехова] ќе ги сотре сите злосторници“, рекол псалмистот (Псалми 145:20). И Јован 3:36 наведува: „Кој практикува вера во Синот, има вечен живот; кој не го слуша Синот, нема да види живот, туку Божјиот гнев останува врз него“.
Не ги менува своите особини
Јеховината личност и неговите главни особини — љубовта, мудроста, правдата и моќта — не се промениле. На Израелскиот народ му рекол: „Јас, Господ, не се менувам“ (Малахија 3:6). Тоа било околу 3.500 години откако Бог го создал човештвото. Верно на таа божествена изјава, темелното испитување на целата Библија ни открива еден Бог кој не ги менува своите мерила и особини. Со минувањето на вековите, Јеховините особини не биле ублажени бидејќи немало потреба од такво ублажување.
Божјата цврстина за праведноста, која е откриена низ целата Библија, не е помала ниту, пак, неговата љубов е поголема отколку што била на почетокот, при неговите постапки со луѓето во Еден. Разликите во неговата личност кои навидум можат да се видат во различни делови на Библијата, всушност, се само различни аспекти на истата непроменлива личност. Тие произлегуваат оттаму што биле потребни различни ставови или односи во неговите постапки под различни околности и со различни личности.
Значи, Писмото јасно покажува дека Божјата личност не се променила низ вековите и дека нема да се промени во иднината. Јехова е најголемо олицетворение на постојаност и доследност. Во секое време тој е доверлив и веродостоен. Секогаш можеме да се потпреме на него.
[Слики на страници 14 и 15]
Истиот Бог кој ги уништил Содом и Гомор . . .
. . . ќе воведе еден праведен нов свет