Дали е сѐ уште корисен „Стариот завет“?
ВО 1786 год., еден француски лекар ја објавил книгата со наслов Расправа за анатомијата и физиологијата (Traité d’anatomie et de physiologie). Таа се смета за најточниот прирачник за невроанатомија од тоа време, и еден редок примерок неодамна беше продаден за преку 20.000 евра! Сепак, денес нема многу пациенти што ќе имаат доверба во хирург кој учел од книга со стручни информации стари неколку века. На еден болен човек нема многу да му помогне таквата книга, и покрај тоа што има историска и литературна вредност.
Многумина го мислат истото и за таканаречениот Стар завет. Јасно им е дека историскиот извештај за Израелците има своја вредност и воодушевени се од убавината на библиската поезија, но мислат дека не е многу разумно да се следат упатства стари повеќе од 2.400 години. Причината е тоа што научните сознанија, трговијата, па дури и семејниот живот се многу поинакви денес отколку во времето кога била пишувана Библијата. Филип Јанси, поранешен уредник на списанието Christianity Today, во својата книга Библијата што ја читал Исус (The Bible Jesus Read) напишал: „Тоа што стои во [Стариот завет] не е секогаш логично, но дури и да е логично, на модерниот човек не му се допаѓа. Од овие и од други причини, Стариот завет, односно три четвртини од Библијата, најчесто остануваат непрочитани“. Ваквото размислување не е ново.
Неполни 50 години по смртта на апостол Јован, кој умрел о. 100 год. од н.е., еден млад богаташ, по име Марсион, јавно тврдел дека христијаните треба да го отфрлат Стариот завет. Според англискиот историчар Робин Лејн Фокс, Марсион образложувал дека „,Богот‘ во Стариот завет бил ‚закоравен варварин‘ кој им помагал на бандити и убијци, како израелскиот цар Давид. Христос ни открил друг, сосема поинаков Бог, кој е многу подобар“. Фокс пишува дека овие верувања „биле наречени ‚марсионизам‘, и сѐ до крајот на 4 век од н.е. привлекувале нови следбеници, особено на Средниот Исток“. Некои од тие идеи опстојуваат до ден-денес, иако поминале повеќе од 1.600 години. Под нивно влијание, како што пишува и Филип Јанси, „христијаните имаат сѐ помали познавања за Стариот завет, а современото општество речиси никакви“.
Дали Стариот завет бил заменет? Каква врска постои меѓу „Јехова над војските“ од Стариот завет и „Богот на љубовта и на мирот“ од Новиот завет? (Исаија 13:13; 2. Коринќаните 13:11). Има ли некаква корист од Стариот завет денес?