Читателите прашуваат
Дали Јеховините сведоци го прифаќаат Стариот завет?
За Јеховините сведоци Библијата е Божја реч и тие ги прифаќаат и Стариот и Новиот завет како составен дел од неа. Меѓутоа, претпочитаат да ги користат посоодветните називи „Хебрејски списи“ и „Христијански грчки списи“, бидејќи хебрејскиот и грчкиот јазик се главни јазици на кои биле напишани Стариот и Новиот завет.
За разлика од нив, некои што се исповедаат како христијани не го прифаќаат спремно Стариот завет. Тие велат дека во него е прикажан еден гневен Бог кој одобрува војни, убиства и постапки што немаат допирни точки со Богот на љубовта и моралот за кој се зборува во Новиот завет. Други, пак, мислат дека Стариот завет не важи за христијаните бидејќи во него главно се зборува за еврејската религија. Меѓутоа, со оглед на Божјата заповед од 5. Мојсеева 12:32, да не се додава ниту да се одзема од неговата Реч, дали овие причини се оправдани за да се отфрлат три четвртини од Библијата?
Некаде во 50 год. од н.е., кога христијанскиот апостол Павле ги посетил жителите на Солун (Грција), тој ‚расправал со нив на темел на Писмата, објаснувајќи и докажувајќи со она што е напишано дека Христос требало да страда и да стане од мртвите‘ (Дела 17:1-3). Некои од оние што го слушале станале христијани, и подоцна Павле ги пофалил со зборовите: „Божјата реч, која ја примивте откако ја чувте од нас, не ја прифативте како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е“ (1. Солуњаните 2:13). Изгледа дека во времето кога Павле бил во Солун, од сите 27 книги кои ги сочинуваат Христијанските грчки списи било напишано само Евангелието според Матеј. Значи, „Писмата“ што ги користел за да докажува користејќи го „она што е напишано“, очигледно биле текстови од Хебрејските списи.
Писателите на Христијанските грчки списи директно се осврнале на Хебрејските списи околу 320 пати, а индиректно уште неколку стотини пати. Зошто? „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Ова јасно покажува дека оние што денес ја прифаќаат целата Библија извлекуваат голема корист од неа.
Христијанските грчки списи, кои се надоградуваат на темелот што е поставен во Хебрејските списи, се логично продолжение на Божјата реч кое е резултат на постепеното исполнување на Божјите намери. Тие воопшто не ја намалуваат вредноста на Хебрејските списи. Херберт Х. Фармер, професор по богословија на Универзитетот во Кембриџ, тврди дека евангелијата „не можат да се разберат ако не се земе предвид она што претходно му се случувало на народот кој бил под Законот, како што ни е изложено во Стариот завет“.
На Божјата реч не треба да ѝ се направат никакви измени. Сепак, „патеката на праведниците е како блескава светлина, која свети сѐ посилно додека сосема не се раздени“ (Изреки 4:18). Со тоа што ги додал Христијанските грчки списи кон библискиот канон, Бог пуштил уште посилна светлина врз извршувањето на својата намера без да ја намали вредноста на Хебрејските списи. Сите тие се дел од „Јеховината реч [која] останува засекогаш“ (1. Петрово 1:24, 25).