„Напишано е за наша поука“
„НА СОСТАВУВАЊЕТО многу книги му нема крај“ (Проповедник 12:12). Купиштата печатени материјали во нашиов век се доказ дека тие зборови важат денес исто колку што важеле во времето кога биле напишани. Тогаш, како еден избирлив читател да одлучи што да чита?
Кога размислуваат дали некоја книга вреди да се прочита или не, многу читатели сакаат да знаат нешто за авторот. Затоа издавачите понекогаш даваат во книгата кратка биографија на авторот. Тие ќе кажат збор-два за местото во кое се родил, какво образование стекнал и кои дела ги напишал. Многу е битно да се знае кој ја напишал книгата. Пред неколку века, тоа било толку важно што жените ги објавувале своите дела под машки псевдоним за потенцијалните читатели да не ја оценат книгата како помалку вредна само затоа што ја напишала жена.
За жал, како што забележавме и во претходната статија, некои не сакаат да ги читаат Хебрејските списи затоа што сметаат дека Богот за кој се зборува во нив е свиреп и без милост ги уништува своите непријатели.a Да разгледаме што велат Хебрејските списи и Христијанските грчки списи за Авторот на Библијата.
Белешка за авторот
Во Хебрејските списи, Бог му рекол на израелскиот народ: „Јас сум Јехова, јас не се менувам“ (Малахија 3:6). Околу 500 години подоцна, Јаков, кој напишал дел од Библијата, за Бог рекол: „Тој не се менува, не е како непостојана сенка“ (Јаков 1:17). Тогаш, зошто на некои им се чини дека Богот од Хебрејските списи е поинаков од Богот од Христијанските грчки списи?
Затоа што во различни делови на Библијата се опишани различни особини на Бог. Само во книгата 1. Мојсеева, за него се вели дека ‚го доболело во срцето‘ што луѓето биле зли, а наречен е и „Создателот на небото и на земјата“ и „Судијата на целата земја“ (1. Мојсеева 6:6; 14:22; 18:25). Дали овие различни описи се однесуваат на истиот Бог? Без никакво сомнение!
Да наведеме еден пример: Во еден град живее еден судија. Оние на кои тој им судел го познаваат како човек кој цврсто се држи за законот. За неговите деца, тој е великодушен татко кој многу ги сака. Неговите пријатели, пак, го сметаат за добар другар кој има голема смисла за хумор. Истиот човек е и судија, и татко, и пријател. Само што во различни околности доаѓаат до израз различни страни од неговата личност.
Истото е случај и со Јехова Бог. Во Хебрејските списи тој е опишан како „Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со милост и вистина“. Но веднаш потоа дознаваме и дека „не ослободува од казна“ (2. Мојсеева 34:6, 7). Овие две страни на неговата личност се во согласност со значењето на Божјето име. „Јехова“ буквално значи „оној што предизвикува да стане“. Тоа значи дека Бог станува сѐ што треба за да ги исполни своите ветувања (2. Мојсеева 3:13-15). Но, останува истиот Бог. Исус рекол: „Јехова, нашиот Бог, е еден Јехова“ (Марко 12:29).
Дали Хебрејските списи биле заменети?
Денес е вообичаено учебниците да бидат заменети кога ќе се дојде до нови сознанија или ќе се смени јавното мнение. Дали Христијанските грчки списи ги замениле Хебрејските списи? Не.
Да сакал Исус Хебрејските списи да бидат заменети со извештајот за неговата служба и со писмата од неговите ученици, јасно ќе го кажел тоа. Но Лука, кога опишал што направил Исус кратко пред да се вознесе на небото, рекол: „И почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци [во Хебрејските списи], им го протолкува [на двајца свои ученици] она што е напишано за него во сите Писма“. Подоцна, им се појавил на своите верни апостоли, кои биле заедно со уште некои, и им рекол: „Тоа е она за кое ви зборував додека уште бев со вас, дека мора да се исполни сѐ што е напишано за мене во Мојсеевиот закон, во Пророците и во Псалмите“ (Лука 24:27, 44). Зошто Исус би цитирал од Хебрејските списи на крајот од својата служба на Земјата ако тие биле застарени?
Откако било основано христијанското собрание, следбениците на Исус продолжиле да ги користат Хебрејските списи за да покажат уште кои пророштва требало да се исполнат, за да објаснат кои корисни начела се содржани во Мојсеевиот закон и за да ги охрабрат христијаните да останат верни наведувајќи им добри примери на Божји слуги од минатото (Дела 2:16-21; 1. Коринќаните 9:9, 10; Евреите 11:1 — 12:1). Апостол Павле напишал: „Целото Писмо е вдахновено од Бог и корисно“b (2. Тимотеј 3:16). Од каде се гледа дека Хебрејските списи се корисни до ден-денес?
Совети за секојдневниот живот
Да го земеме за пример денешниот проблем со расните предрасуди. Еден 21-годишен Етиопјанец од еден источноевропски град вели: „Каде и да одиме, мора да сме во група. Се надеваме дека, ако сме неколку души заедно, никој нема да нѐ нападне“. Тој уште додава: „По 6 часот навечер не излегуваме никаде. Особено гледаме да не се возиме со подземната железница. Зашто, кога ќе нѐ видат, луѓето не гледаат ништо друго освен нашата боја на кожа“. Дали Хебрејските списи се занимаваат со овој тежок проблем?
На Израелците од старо време им било речено: „Ако меѓу вас живее дојденец што се населил во вашата земја, немојте да постапувате лошо со него. Дојденецот што живее меѓу вас нека ви биде како роден Израелец. Сакајте го како самите себе, зашто и вие бевте дојденци во египетската земја“ (3. Мојсеева 19:33, 34). Во тоа време, со закон се барало од Израелците да бидат обѕирни кон доселениците, односно кон „дојденците“, а тој закон е запишан во Хебрејските списи. Зарем нема да се согласиш дека, ако луѓето постапуваат според начелата на кои се заснова тој закон, ќе се реши проблемот со расни предрасуди што постои денес?
Во Хебрејските списи се зборува и за мудро ракување со парите. Се разбира, таму нема детални финансиски совети, но може да се најдат некои практични упатства. На пример, во Изреки 22:7 читаме: „Кој зема на заем, слуга му е на оној што му го дава заемот“. Голем број финансиски советници се согласуваат дека човек што непромислено купува на кредит може финансиски да пропадне.
Освен тоа, луѓето што само трчаат по пари — а такви има многу денеска — прилично точно ги опишал најбогатиот човек во историјата, цар Соломон. Тој напишал: „Кој го љуби среброто, никогаш не му е доста сребро, и кој го сака богатството, никогаш не му е доста добивка. И тоа е суета“ (Проповедник 5:10). Колку мудро предупредување!
Надеж за иднината
Целата Библија има само една тема: Преку Царството на чело со Исус Христос ќе биде оправдано Божјето право да владее и ќе биде посветено Божјето име (Даниел 2:44; Откровение 11:15).
Преку Хебрејските списи дознаваме во поединости каков ќе биде животот кога ќе владее Божјето Царство. Тоа ни дава утеха и нѐ приближува кон Тој што ни ја дава таа утеха, Јехова Бог. На пример, пророкот Исаија прорекол дека животните и луѓето ќе бидат во мир: „Волкот ќе живее со јагнето, леопардот ќе лежи со јарето, телето и младиот лав и згоеното животно ќе бидат заедно, а мало дете ќе ги води“ (Исаија 11:6-8). Колку убава иднина!
А што велат Хебрејските списи за оние кои се обесправени поради расни или етнички предрасуди, поради сериозна болест или поради економска состојба врз која не можат да влијаат? Во нив за Исус Христос пророчки е кажано следново: „Тој ќе го избави сиромавиот кој вика за помош, страдалникот и секој што нема помошник. Ќе се сожали на бедниот и на сиромавиот и ќе ги спаси душите на сиромасите“ (Псалм 72:12, 13). Таквите ветувања се практични бидејќи оние што веруваат во нив се сигурни дека во иднина ќе биде подобро, и тоа им дава сила (Евреите 11:6).
Не е чудо што апостол Павле бил поттикнат од Бог да напише: „Сѐ што беше некогаш напишано, напишано е за наша поука, за преку својата истрајност и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15:4). Хебрејските списи сѐ уште се неразделен дел од Божјата вдахновена Реч, Библијата. Освен тоа, многу се корисни за нас. Се надеваме дека и ти ќе посакаш да дознаеш нешто повеќе за учењата од целата Библија и да му се приближиш на нејзиниот Автор, Јехова Бог (Псалм 119:111, 112).
[Фусноти]
a Во оваа статија, Стариот завет го викаме Хебрејски списи. (Види ја рамката „Стар завет или Хебрејски списи?“ на страница 6.) Новиот завет Јеховините сведоци го викаат Христијански грчки списи.
b Хебрејските списи содржат бројни начела кои многу ни користат денес. Меѓутоа, мора да нагласиме дека за христијаните повеќе не важи Законот кој Бог му го дал на израелскиот народ преку Мојсеј.
[Рамка на страница 6]
СТАР ЗАВЕТ ИЛИ ХЕБРЕЈСКИ СПИСИ?
Изразот „Стариот завет“ се сретнува во 2. Коринќаните 3:14 во Преводот на МПЦ. Во тој стих, грчкиот збор дјати́ки е преведен како „завет“. Меѓутоа, во повеќе современи преводи на други јазици, како што е New International Version, зборот дјати́ки е преведен како „сојуз“, а не како „завет“. Зошто?
Лексикографот Едвард Робинсон вели: „Поради тоа што стариот сојуз е запишан во книгите на Мојсеј, [дјати́ки] се однесува на книгите на сојузот, односно на Мојсеевите списи, поточно на законот“. Во 2. Коринќаните 3:14, апостол Павле се осврнал на Мојсеевиот закон, кој е само дел од претхристијанските списи.
Според тоа, кое име повеќе одговара за првите 39 книги од Светото писмо? Исус Христос и неговите следбеници, кога зборувале за овој дел од Библијата, не оставале впечаток дека е застарен, односно стар, туку го нарекувале „Писмата“ и „светите Писма“ (Матеј 21:42; Римјаните 1:2). Во согласност со тие изјави вдахновени од Бог, т.н. Стар завет Јеховините сведоци го нарекуваат Хебрејски списи, бидејќи тој дел бил напишан главно на хебрејски јазик. Истото важи и за т.н. Нов завет. Тој дел го нарекуваат Грчки списи, бидејќи луѓето што биле вдахновени од Бог да го запишат тој дел од Библијата пишувале на грчки.
[Слики на страница 4]
Еден човек може да биде познат како строг судија, добар татко и вистински пријател
[Слика на страница 5]
Исус ги користел Хебрејските списи во текот на целата своја служба
[Слики на страница 7]
Кои библиски начела можат да ни помогнат да донесуваме исправни одлуки?