Дали е „Стар завет“ или се „Хебрејски списи“?
ДЕНЕС христијанскиот свет практикува да ги користи термините „Стар завет“ и „Нов завет“ за да ги опише деловите на Библијата што се напишани на хебрејски/арамејски и на грчки јазик. Но, постои ли некаква основа за да се употребуваат овие термини? И, од кои причини Јеховините сведоци главно избегнуваат да ги користат во своите публикации?
Вистина, може да изгледа дека 2. Коринтјаните 3:14, според Светото Писмо на македонски јазик, како и според некои други постари преводи, како што е германскиот Septembertestament, прв превод на Мартин Лутер (1522), ја потпира оваа практика. Во македонското Свето Писмо, овој стих гласи: „Но умовите нивни заслепеа, бидејќи и до ден денес, кога се чита Стариот завет, покривалото стои несимнато, зашто Христос го симнува“.
Меѓутоа, дали овдека апостолот зборува за 39-те книги кои обично се нарекуваат „Стар завет“? Грчкиот збор преведен со „завет“ е диати́ки. Познатата германска теолошка енциклопедија Theologische Realenzyklopädie, коментирајќи за 2. Коринтјаните 3:14, вели дека ‚кога се чита стариот диати́ки‘ во овој стих е исто како ‚кога се чита Мојсеј‘ во следниот стих. Според тоа, вели таа, ‚стариот диати́ки‘ го означува Мојсеевиот Закон или, во краен случај, Пентатеухот. Тој сигурно не се однесува на сите претхристијански вдахновени списи.
Апостолот се осврнал само на дел од Хебрејските списи, на стариот сојуз на Законот, што го запишал Мојсеј во Пентатеухот; тој не се осврнал на Хебрејските и Арамејските списи во целост. Освен тоа, не мислел дека вдахновените христијански писма од првиот век од нашата ера сочинуваат „нов завет“, бидејќи овој термин не се среќава никаде во Библијата.
Исто така, треба да се забележи дека грчкиот збор диати́ки, што Павле го користи овде, всушност значи „сојуз“. (За натамошни информации види New World Translation of the Holy Scriptures—With References, Додаток 7Е, страница 1585, објавено од Библиското и трактатно друштво Стражарска кула од Њујорк, Инк. 1984.) Затоа, во голем број современи преводи може да се прочита како „стар сојуз“ наместо како „стар завет“.
Во овој контекст, “National Catholic Reporter” вели: „Терминот ‚Стар Завет‘ неизбежно создава чувство дека тоа е нешто помалку важно и застарено“. Но Библијата всушност е едно дело и ниту еден нејзин дел не е застарен или „стар“. Нејзината порака е доследна од првата книга во хебрејскиот дел до последната книга во грчкиот дел (Римјаните 15:4; 2. Тимотеј 3:16, 17). Според тоа, имаме оправдани причини да ги избегнуваме овие термини што се темелат на неточни претпоставки, па претпочитаме да ги користиме поточните термини „Хебрејски списи“ и „Христијански грчки списи“.