ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/5 стр. 4-5
  • Фатени во вител на емоции

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Фатени во вител на емоции
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Неверување, одрекување, потиштеност
  • Несигурност, загриженост, страв
  • Гнев, срам и осаменост
  • Учете од другите
  • Како да живеете успешно со својата болест?
    Разбудете се! 2001
  • Кога ќе настапи здравствена криза
    Разбудете се! 2001
  • Како да си ги контролирам чувствата?
    Разбудете се! 2005
  • Зошто морам да бидам толку болен?
    Разбудете се! 1997
Повеќе
Разбудете се! 2001
g01 8/5 стр. 4-5

Фатени во вител на емоции

„ОТКАКО ми кажаа дека имам болест која е опасна по живот“, раскажува еден постар човек, „се обидов да ги тргнам настрана моите стравови, но бев исцрпен од чувства на несигурност.“ Неговите зборови го истакнуваат фактот дека, откако некоја болест ќе зададе физички удар, задава и емоционален удар. Сепак, има луѓе кои успешно се справуваат со таквите удари. Многу од нив би сакале да Ве уверат дека има начини на кои можете успешно да излезете на крај со хроничните болести. Но, пред да дискутираме за тоа што можете да направите, најнапред подетално да разгледаме некои емоции со кои можеби ќе се соочите на почетокот.

Неверување, одрекување, потиштеност

Емоциите што ги доживувате Вие можеби значително се разликуваат од емоциите што ги доживуваат другите. Меѓутоа, здравствените експерти и оние што се болни забележуваат дека луѓето кои се во здравствена криза честопати доживуваат некои емоции кои се заеднички за сите. По почетните чувства на шок и неверување може да следат чувства на одрекување: ‚Тоа не може да биде вистина‘. ‚Мора да е некоја грешка.‘ ‚Можеби ги измешале лабораториските наоди.‘ Кога ја опишувала својата реакција на веста дека има рак, една жена рекла: „Ви доаѓа да се покриете преку глава надевајќи се дека, кога повторно ќе ѕирнете надвор, сѐ ќе биде минато“.

Меѓутоа, кога ќе почнете да станувате свесни за реалноста, одрекувањето може да попушти пред потиштеноста, чувството на нерасположеност кое се надвиснува над Вас како облак на претстојна несреќа. ‚Уште колку долго ќе живеам?‘ ‚Дали сум осуден да го поминам остатокот од мојот живот во болка?‘ Можеби ќе Ве нападнат вакви и слични прашања. Можеби посакувате да се вратите во минатото, пред да биде поставена дијагнозата, но не можете. Наскоро можеби ќе Ве обземе бран од други болни и силни емоции. Кои се некои од нив?

Несигурност, загриженост, страв

Тешката болест донесува голема несигурност и загриженост во Вашиот живот. „Непредвидливоста на мојата ситуација понекогаш го прави животот многу фрустрирачки“, вели еден човек кој боледува од Паркинсонова болест. „Секој ден мора да чекам и да видам што ќе ми донесе.“ Можеби и Вашата болест Ве заплашува. Ако дошла без никакво предупредување, можеби чувствувате страв кој Ве уништува. Меѓутоа, ако болеста била дијагностицирана откако многу години сте се јадосувале заради симптоми за кои била поставена погрешна дијагноза, стравот можеби е уште поподмолен. На почетокот можеби дури и ќе почувствувате олеснување заради тоа што луѓето конечно ќе Ви веруваат дека навистина сте болен и дека не измислувате. Меѓутоа, кратко по олеснувањето може да следи страшното сознание за тоа што повлекува со себе таа дијагноза.

Можеби Ве загрижува и стравот дека ќе ја изгубите контролата над својот живот. Особено ако цените што имате извесна мера на независност, може да Ве сруши помислата на тоа дека станувате сѐ позависни од другите. Можеби сте загрижени заради тоа што болеста почнува да управува со Вашиот живот и да Ви го диктира секое движење.

Гнев, срам и осаменост

Чувството дека сѐ повеќе губите контрола над животот може да предизвика и чувства на гнев. ‚Зошто јас? Со што го заслужив ова?‘, можеби се прашувате. Овој удар на Вашето здравје изгледа неправеден и бесмислен. Може да Ве обземат срам и очај. Еден парализиран човек раскажува: „Многу ми беше срам заради тоа што сето ова ми се случи само заради еден глупав несреќен случај!“

Можеби ќе западнете и во изолација. Физичката изолација лесно води до социјална изолација. Ако морате да останете дома заради болеста, можеби повеќе не можете да се дружите со старите пријатели. Меѓутоа, повеќе од кога и да е порано, копнеете по контакти со други луѓе. По почетната навала на посети и телефонски повици, можеби сѐ помалку луѓе наминуваат или Ви телефонираат.

Бидејќи е болно да се гледа како пријателите се оддалечуваат, можеби на ова болно искуство сте реагирале на тој начин што сте се повлекле во себе. Јасно, разбирливо е дека ќе Ви треба малку време пред повторно да се соочите со другите. Но, ако во тие моменти дозволите уште повеќе да се повлечете од другите, социјалната изолација (кога другите не доаѓаат да Ве посетат) може да премине во емоционална изолација (кога Вие не сакате да се видите со другите). Во обата случаи, можеби се борите со силни чувства на осаменост.a Понекогаш можеби дури и се прашувате дали ќе преживеете уште еден ден.

Учете од другите

Сепак, има надеж. Ако неодамна сте западнале во здравствена криза, можете да преземете некои практични чекори кои ќе Ви помогнат повторно да стекнете контрола над својот живот.

Се разбира, оваа серија статии нема да го реши Вашиот хроничен здравствен проблем, каков и да е тој. Сепак, информациите што се изнесени можат да Ви помогнат да видите на кој начин да се справите со него. Една жена која имала рак, го сумирала сето она што минувало низ нејзините мисли и чувства со овие зборови: „По одрекувањето настапи силен гнев, а потоа потрага по достапни решенија“. И Вие можете да тргнете во таква потрага, обраќајќи им се на луѓе кои веќе поминале низ истото и учејќи од нив како да го искористите она што Ви стои на располагање.

[Фуснота]

a Се разбира, многумина ги доживуваат овие различни емоции во различен степен и по различен редослед.

[Истакната мисла на страница 5]

‚Зошто јас? Со што го заслужив ова?‘, можеби се прашувате

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели