Како да живеете успешно со својата болест?
БИДЕТЕ уверени дека бранот од чувства што веројатно ги доживувате е сосема оправдан. Иако Вашата болест или повреда можеби е физички факт, умот се спротивставува на промените што Ви ги наметнува болеста. Може да изгледа како Вие и Вашата болест да влечете јаже, како да се води натпревар помеѓу она што сте биле некогаш и она што би можело да стане од Вас. Можеби изгледа дека моментално болеста е во предност. Сепак, Вие можете да го промените резултатот. На кој начин?
„Кога доживувате некаква загуба заради болест“, забележува д-р Кити Стајн, „тоа е многу слично на смртен случај.“ Според тоа, ако сте изгубиле нешто што Ви е толку скапоцено како што е здравјето, сосема е нормално да си дозволите да тажите и да плачете, исто како да умрел некој што го сакате. Всушност, можеби сте загубиле нешто повеќе отколку само здравјето. Една жена објаснува: „Морав да се откажам од работното место . . . Морав да се откажам од независноста што ја имав отсекогаш“. Сепак, имајте исправно гледиште за она што го губите. „Мора да го исплачете она што сте го изгубиле“, додава д-р Стајн, која и самата боледува од мултиплекс склероза, „но сепак, мора да увидите и што сѐ уште Ви стои на располагање.“ Навистина, откако ќе поминат солзите што сте ги пролеале на почетокот, ќе видите дека сѐ уште Ви стојат на располагање добри решенија. Како прво, имате способност да се приспособите.
Еден морепловец не може да ја контролира бурата, но може да ја преброди ако ги приспособи едрата на својот брод. На сличен начин, и Вие можеби не можете да ја контролирате болеста која влегла во Вашиот живот како некоја бура, но можете да се справите со неа на тој начин што ќе ги приспособите своите „едра“, односно, она што го имате во физички, ментален и емоционален поглед. Што им помогнало на други луѓе кои боледувале од хронични болести да го постигнат тоа?
Дознајте нешто за Вашата болест
Откако ќе го пребродат првиот шок од дијагнозата, многумина увидуваат дека е подобро да ја знаат болната вистина отколку да се соочуваат со неодреден страв. Стравот може да Ве парализира, но ако знаете што се случува со Вас, тоа ќе Ви помогне да размислите што можете да направите — а веќе самото тоа честопати има позитивен ефект. „Забележете колку подобро ќе се чувствувате во поглед на сѐ што Ве загрижува ако направите план за тоа како да излезете на крај“, забележува д-р Дејвид Спигел од универзитетот Станфорд. „Долго време пред навистина да направите нешто, го намалувате чувството на неудобност со тоа што ќе испланирате што да правите.“
Можеби чувствувате потреба да дознаете нешто повеќе за Вашето заболување. Како што вели една библиска изрека, „човек со знаење расте во сила“ (Пословици 24:5). „Набавете книги од библиотека. Дознајте колку што можете повеќе за болеста“, советува еден човек кој е врзан за постела. Додека учите кои начини на лекување и техники за успешно соочување Ви стојат на располагање, можеби ќе откриете дека Вашето заболување не е толку тешко колку што сте стравувале. Можеби дури и ќе најдете причини за оптимизам.
Меѓутоа, Ваша првенствена цел не е разумски да ја сфатите својата болест. Д-р Спигел објаснува: „Ваквото собирање информации е дел од еден важен процес во кој треба да се помирите со болеста, да ја сфатите и да ја гледате во исправно светло“. Прифаќањето на фактот дека Вашиот живот е променет но дека не е сѐ завршено е деликатен и честопати бавен процес. Но, овој чекор напред — од разумско сфаќање на болеста до нејзино емоционално прифаќање — е чекор што можете да го направите. Како?
Да се најде деликатна рамнотежа
Можеби ќе треба да го промените своето гледиште за тоа што значи да се прифати болеста. На крајот на краевите, прифаќањето на фактот дека сте болен не е знак на слабост, исто како што не е знак на слабост од страна на морепловецот да го прифати фактот дека се нашол во бура. Напротив, реалистичното гледиште за бурата го поттикнува да дејствува. На сличен начин, Вашето прифаќање на болеста не е слабост туку „напредување во една нова насока“, како што забележала една жена која боледува од хронична болест.
Дури и ако физичките способности Ви се намалени, можеби ќе треба да се потсетувате дека тоа не мора да влијае и врз Вашите ментални, емоционални и духовни квалитети. На пример, дали сѐ уште сте интелигентни и способни да ги организирате работите и да резонирате? Можеби сѐ уште имате срдечна насмевка, чувство на грижа за другите и способност да бидете добар слушател и вистински пријател. Што е најважно, сѐ уште имате вера во Бог.
Освен тоа, не заборавајте дека, иако не можете да ги промените сите свои околности, сепак можете да одредите како ќе реагирате на нив. Ирен Полин од Националниот институт за рак наведува: „Вие сте одговорни за тоа како ќе реагирате на болеста. Вие ја имате таа моќ без оглед на тоа што Ви диктира болеста“. Хелен, една 70-годишна жена која боледува од мултиплекс склероза во напреден стадиум, потврдува: „Не зависи толку од Вашата болест колку од Вашата реакција на болеста дали повторно ќе најдете рамнотежа“. Еден човек кој многу години се бори со еден инвалидитет, вели: „Позитивниот став е како кобилицата која го држи бродот исправен“. Всушност, во Пословици 18:14 стои: „Кога е човекот болен неговиот дух го подига, а поразениот дух, кој може да го подигне?“
Повторно стекнување контрола
Кога повторно ќе воспоставите емоционална рамнотежа, прашањата како што се: ‚Зошто ова ми се случи мене?‘ можат да попуштат пред прашањето: ‚Бидејќи ова ми се случи мене, што да сторам во врска со тоа?‘ Сега можеби ќе одлучите да преземете уште некои чекори за да ја надминете Вашата моментална ситуација. Да разгледаме неколку.
Одмерете ја својата состојба, размислете што треба да промените и потоа настојувајте да го промените она што може да се промени. „Вашата болест е прилика одново да го одмерите својот живот — повик за будење, а не погребно ѕвоно“, наведува д-р Спигел. Запрашајте се: ‚Што ми беше важно пред да се разболам? Како се промени тоа?‘ Поставувајте си вакви прашања не за да откриете што не можете повеќе да правите туку за да утврдите што сѐ уште е можно, можеби со тоа што ќе ги правите работите на поинаков начин. За пример да ја земеме Хелен, што ја спомнавме претходно.
Во текот на изминативе 25 години, мултиплекс склерозата ги ослабнала нејзините мускули. Прво, користела потпирка за да може да оди. Потоа, кога повеќе не можела да ја контролира десната рака, почнала да ја користи левата. Но, ѝ откажала и левата рака. Потоа, пред околу осум години, повеќе не можела да оди. Сега треба некој друг да ја мие, да ја храни и да ја облекува. Ова ја растажува, но сепак, таа вели: „Моето мото и понатаму гласи: ‚Мисли на она што можеш да го правиш наместо на она што си го правел некогаш‘“. А со помош на својот сопруг и медицинските сестри кои доаѓаат на визита, како и со сопствено креативно размислување, таа успева да продолжи со некои активности во кои отсекогаш уживала. На пример, споделувањето на библиското ветување за еден претстоен мирољубив нов свет е скапоцен дел од нејзиниот живот уште од времето кога имала 11 години, и денес сѐ уште го прави тоа секоја седмица (Матеј 28:19, 20). Хелен објаснува како:
„Ја замолувам медицинската сестра што е во визита да го држи весникот за да гледам. Заедно ги читаме некролозите и избираме некои од нив. Потоа ѝ кажувам на сестрата кои мисли би сакала да ги вклучам во писмото до роднините на оној што умрел и таа го отчукува писмото на машина за пишување. Заедно со писмото ја испраќам и брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш,a каде што е објаснета утешната библиска надеж за воскресение. Ова го правам секоја недела попладне. Среќна сум што сѐ уште можам да им ја пренесувам на другите добрата вест за Божјето царство“.
Поставете си разумни и достижни цели. Една причина зошто Хелен се обидува да го промени она што може да се промени е таа што ова ѝ овозможува да си постави цели и да ги постигне. Тоа е важно и за Вас. Зошто? Затоа што поставувањето цели ги насочува Вашите мисли кон иднината, а постигнувањето на целите Ви дава чувство на исполнетост. Исто така, тоа може донекаде да Ви ја врати и самодовербата. Меѓутоа, погрижете се целта што ќе си ја поставите да биде конкретна. На пример, можеби ќе одлучите: ‚Денес ќе прочитам едно поглавје од Библијата‘. Исто така, поставете си цели кои се реалистични за Вас. Бидејќи Вашата физичка и емоционална градба е поинаква од онаа на другите луѓе кои имаат некоја долготрајна болест, можеби нема да успеете да ги постигнете истите цели што можат да ги постигнат тие (Галатите 6:4).
„Без оглед на тоа колку мала Ви изгледа некоја цел, нејзиното постигнување Ве мотивира да правите повеќе“, вели Лекс, кој живее во Холандија. Пред повеќе од 20 години, на 23-годишна возраст, доживеал несреќен случај после кој останал парализиран. Во текот на многубројните третмани на физикална терапија кои следеле, тој бил поттикнат да си поставува цели како, на пример, да си го измие лицето со влажна крпа. Тоа било заморно, но успеал. Кога сфатил дека успеал да ја постигне таа цел, си поставил друга — самиот да ја отвори и да ја затвори пастата за заби. Повторно успеал. „Иако не беше лесно“, вели Лекс, „открив дека можам да правам повеќе отколку што мислев дека е можно.“
Всушност, со поддршка од својата сопруга, Тинеке, Лекс постигнал уште поголеми цели. На пример, во придружба на Тинеке, сега тој оди од куќа до куќа со инвалидска количка за да им пренесе на другите библиско спознание. Исто така, тој прави седмични посети за да охрабри еден тежок инвалид со кој ја проучува Библијата. „Тоа што им помагам на другите“, вели Лекс, „ми дава големо задоволство.“ Како што потврдува Библијата, „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35).
Дали и Вие можете да си поставите цели да им помагате на другите? Тоа што сте болен или инвалид може да Ви помогне да бидете особено вешт утешител заради тоа што проблемите Ве прават почувствителни на туѓата болка.
Останете во контакт со другите. Медицинските истражувања покажуваат дека друштвените контакти влијаат поволно на здравјето. Но, точно е и спротивното. „Врската помеѓу изолацијата од друштвото и морталитетот е . . . исто толку јака како и врската помеѓу пушењето . . . и морталитетот“, наведува еден истражувач. Тој додава: „Можеби за Вашето здравје е подеднакво важно да ги подобрите своите односи со другите луѓе како што е важно да престанете да пушите“. Не зачудува тоа што тој заклучува дека нашите вештини да одржуваме друштвени односи „се пресудни за да преживееме“! (Пословици 18:1, NW).
Меѓутоа, како што е забележано во претходната статија, можеби проблемот е во тоа што некои пријатели престанале да Ве посетуваат Вас. За Ваше добро треба да го запрете сѐ поголемиот бран на изолација. Но, како? Би можеле да започнете со тоа што ќе ги поканувате пријателите да Ве посетат.
Направете посетата да биде пријатно искуство за другите.b Тоа можете да го направите на тој начин што ќе ги ограничите разговорите во врска со Вашата болест со цел на гостите да не им стане заморно да слушаат за неа. Една жена која боледува од хронична болест го решила овој проблем на тој начин што го ограничила времето на разговорите што ги водела со својот сопруг во врска со нејзината болест. „Едноставно моравме да поставиме ограничување“, вели таа. Навистина, болеста не мора да потисне сѐ друго што можете да си кажете. Откако еден гостин отишол кај својот пријател кој бил врзан за постела и разговарал во врска со уметноста, историјата и неговите причини за вера во Јехова Бог, рекол: „Тој не е опседнат само со својата болест. Разговорот со него беше прекрасно искуство“.
Ако задржите добра смисла за хумор, на Вашите пријатели ќе им биде пријатно да наминуваат. Освен тоа, смеењето Ви користи и Вам лично. „Хуморот Ви помага да излезете на крај во многу ситуации и со многу ситуации“, вели еден човек кој има Паркинсонова болест. Навистина, смеењето може да биде добар лек. Во Пословици 17:22 стои: „Веселото срце е одличен лек“. Дури и неколку минути смеење ќе влијаат добро на Вас. Освен тоа, „за разлика од некои други лекови кои ги испробуваме, смеењето е сосема безбедно, нетоксично и забавно“, забележува авторката Сузан Милстреј Велс, која и самата боледува од хронична болест. „Треба само да го изгубиме нерасположението.“
Најдете начини да го намалите стресот. Истражувањата потврдуваат дека стресот може да ги влоши физичките симптоми на некоја болест, додека намалувањето на стресот ги прави поподносливи. Затоа, опуштете се малку одвреме навреме (Проповедник 3:1, 4). Немојте да јадете, да спиете и да дишете опседнати со својата болест. Ако не можете да излегувате од дома, обидете се да го намалите притисокот што Ви го создаваат Вашите емоции на тој начин што ќе слушате тивка музика, ќе читате некоја книга, долго ќе се капете во кадата, ќе пишувате писма или поезија, ќе насликате некоја слика, ќе свирите на некој музички инструмент, ќе разговарате со некој доверлив пријател или ќе се занимавате со слични активности. Тоа нема трајно да го реши Вашиот проблем, но ќе Ви донесе привремено олеснување.
Ако можете да се движите, прошетајте се, појдете да купувате, работете во градината, повозете се со автомобилот или, ако е можно, појдете на годишен одмор. Мора да се признае, патувањето може да биде покомплицирано заради болеста што ја имате, но со подготовка однапред и малку импровизација можат да се надминат препреките. На пример, Лекс и Тинеке, спомнати претходно, успеале да отпатуваат во странство. „На почетокот имаше малку нервози“, вели Лекс, „но имавме прекрасен годишен одмор!“ Навистина, болеста може да биде дел од Вашиот живот, но не мора и да управува со Вашиот живот.
Црпете сила од верата. Вистинските христијани кои успешно се справиле со некоја сериозна инвалидност велат дека нивната вера во Јехова Бог и поврзаноста со христијанското собрание се извор на постојана утеха и сила.c Еве некои нивни коментари во врска со вредноста на молитвата, проучувањето на Библијата, медитирањето за иднината и присуството на христијанските состаноци во Салата на Царството.
● „Повремено сѐ уште паѓам во депресија. Кога ќе се случи тоа, му се молам на Јехова и тој ја обновува мојата одлучност да продолжам да го правам она што можам да го правам“ (Псалм 55:22; Лука 11:13).
● „Читањето на Библијата и медитирањето за она што го читам многу ми помага да задржам душевен мир“ (Псалм 63:6; 77:11, 12).
● „Библиската студија ме потсетува дека вистинскиот живот допрва претстои и дека нема засекогаш да бидам инвалид“ (Исаија 35:5, 6; Откровение 21:3, 4).
● „Верата во иднината што е ветена во Библијата ми дава сила да се справувам со животот од ден на ден“ (Матеј 6:33, 34; Римјаните 12:12)
● „Присуството на состаноците во Салата на Царството ги држи моите мисли сосредоточени на позитивни работи а не на болеста“ (Псалм 26:12; 27:4).
● „Охрабрувачкото дружење со членовите на собранието ми го грее срцето“ (Дела 28:15).
Библијата нѐ уверува: „Господ е добар, Тој е тврдина во ден на неволја, ги познава оние, кои прибегнуваат кон Него“ (Наум 1:7). Цврстата врска со Јехова Бог и поврзаноста со христијанското собрание се извори на утеха и сила (Римјаните 1:11, 12; 2. Коринќаните 1:3; 4:7).
Дајте си време
Успешното живеење со Вашата тешка болест или инвалидност е процес кој „се одвива подолго време, а не прекуноќ“, забележува една социјална работничка која им помага на луѓето да се справат со последиците од долготрајните болести. Дајте си време, советува друг стручњак, бидејќи учите „една сосема нова вештина: да се справувате со тешка болест“. Сфатете дека дури и со позитивен став, може да имате лоши денови или седмици кога последиците од болеста ќе Ве исцрпуваат. Меѓутоа, со текот на времето можеби ќе видите напредок. Тоа било случај со една жена, која рекла: „Толку бев возбудена кога сфатив дека помина еден цел ден без воопшто да помислам на ракот . . . Пред кратко време, никогаш не би помислила дека такво нешто е возможно“.
Навистина, штом ќе ги преживеете почетните стравови и ќе си поставите нови цели, можеби ќе се изненадите од тоа колку добро ќе можете да се справите со ситуацијата — како што илустрира следната статија.
[Фусноти]
a Издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
b Се разбира, предлозите за тоа како да постапувате со посетителите уште повеќе важат за тоа како да постапувате со сопружникот, децата или оној што се грижи за Вас.
c Интересно, бројни медицински истражувања навеле дека верата го подобрува здравјето и благосостојбата. Според професор Дејл Метјус од Медицинскиот факултет во Џорџтаун, „се покажало дека факторот вера е од голема вредност“.
[Слика на страница 7]
Ако дознаете нешто повеќе за болеста, полесно ќе се помирите со неа
[Слика на страница 8]
Со помош на другите, Хелен пишува охрабрувачки писма
[Слика на страница 8]
„Среќна сум што можам да ја пренесувам добрата вест за Божјето Царство“
[Слики на страница 9]
„Открив дека, иако сум парализиран, можам да правам повеќе отколку што мислев дека е можно“ (Лекс).