Младите прашуваат . . .
Што ако моите родители сметаат дека сум премлад за да се состанувам со некого?
„Ти си старомодна, мамо. Не живееме во ’50-тите. Сите се состануваат со некого! Повеќе не сум твоето мало девојченце“ (16-годишната Џејни).a
МОЖЕБИ се фрустрираш кога ќе ти речат дека не си спремен да се состануваш со некого. „Сакам да постапувам онака како што вели Библијата и да ги почитувам татко ми и мајка ми“, вели еден младинец, „но мислам дека не се во право. Дури не знам ни како да разговарам со нив за оваа работа.“ Исто како овој млад човек, можеби и ти мислиш дека твоите родители се неразумни и бесчувствителни. Можеби си сретнал некого кој навистина ти се допаѓа и сакаш подобро да се запознаеш со него или со неа. Или можеби мислиш дека со тоа што ќе почнеш да се состануваш со некого, полесно ќе се вклопиш меѓу твоите врсници. „Под притисок си“, вели Мишел. „Ако не излегуваш со некого, децата од училиште ќе мислат дека си чуден.“
Еден семеен советник ја дал следнава забелешка во врска со состанувањето: „Нема подрачје на кое родителите изгледаат понеразумни“. Но, дали тоа што ти се чини дека твоите родители се неразумни значи дека навистина се такви? На крајот на краиштата, Бог ги смета твоите родители за одговорни да те поучуваат, да те воспитуваат, да те заштитуваат и да те водат (Второзаконие 6:6, 7). Дали можеби твоите родители се оправдано загрижени за твоето добро? „Гледам како се надвиснува опасност“, вели еден родител, „и тоа многу ме плаши.“ Зошто многу родители ги фаќа паника ако нивните деца почнат да излегуваат со некого уште од рана возраст?
Опасни чувства
„Моите родители прават да изгледа дека има нешто лошо во тоа да ти се допаѓа некој“, се жали 14-годишната Бет. Меѓутоа, ако твоите родители се христијани, тие многу добро знаат дека Бог ги создал половите меѓусебно да се привлекуваат (Битие 2:18—23). Тие знаат дека ваквата привлечност е нешто природно, дека таа е во склад со намерата на нашиот Творец за човештвото ‚да ја наполни земјата‘ (Битие 1:28).
Освен тоа, твоите родители сфаќаат колку можат да бидат силни сексуалните желби кога си во „цветот на младоста“ (1. Коринќаните 7:36). Исто така, знаат дека немаш големо искуство во тоа како да научиш да ги контролираш тие желби. Ако почнеш да поминуваш подолго време со некој од спротивниот пол лично, по телефон, па дури и допишувајќи се со писма или преку e-mail, сосема веројатно таа привлечност ќе се зголеми. ‚Што има лошо во тоа?‘, можеби ќе прашаш. Па, како можеш на исправен начин да ги исполниш тие желби? Дали навистина си подготвен тие чувства да завршат со логичен заклучок — брак? Веројатно не.
Затоа, состанувањето со некого уште од рана возраст носи сериозни опасности. Библијата опоменува: „Може ли некој да носи оган во пазувите, а да не му се запали облеката?“ (Пословици 6:27). Премногу често, прераното излегување со некого води до предбрачен секс, изложувајќи ги младите на можноста за вонбрачна бременост и сексуално преносливи болести (1. Солуњаните 4:4—6). На пример, младата Тами мислела дека нејзините родители не биле фер кога не ѝ дозволувале да излегува со некого. Затоа почнала тајно да се состанува со некого од училиштето. Меѓутоа, наскоро Тами останала бремена — и нејзиниот живот се променил. Сега таа признава: „Состанувањето не е толку добро како што велат“.
Но, што ако една двојка внимателно избегнува несоодветни контакти? Дури и тогаш, сѐ уште постои опасност од прерано будење и предизвикување љубовни чувства (Песна над песни 2:7). Распалувањето на пламенот на желбите кои по правило можат да се исполнат дури по години во иднина може да предизвика фрустрација и јад.
Некои други работи за кои треба да размислиш: Дали навистина имаш доволно животно искуство за да знаеш што да бараш кај брачниот другар? (Пословици 1:4). Од друга страна, дали веќе ги имаш особините и вештините кои се потребни за да бидеш сопруг или сопруга кој/а навистина ќе биде сакан/а и почитуван/а? Дали навистина ги имаш стрпливоста и одлучноста кои се потребни за да задржиш долгогодишен однос? Не изненадува тоа што повеќето тинејџерски романтични врски се страшно краткотрајни. Малку од нив прераснуваат во долгогодишни бракови.
Затоа, осумнаесетгодишната Моника добро го сумира ова кога забележува: „Сите другарки на училиште ми раскажуваа за своите момчиња. Но, тие или прерано се омажија или на крајот болно раскинаа затоа што не беа спремни да го направат следниот чекор“. Младиот Брендон исто така забележува: „Кога ќе сфатиш дека не си спремен да се обврзеш кон некого но чувствуваш дека веќе си го направил тоа бидејќи излегуваш со него, тоа предизвикува фрустрација. Како да се повлечеш без да го повредиш другиот?“
Твоите родители несомнено се обидуваат да те поштедат од болка и фрустрации на тој начин што инсистираат да не излегуваш со некого сѐ додека не станеш доволно возрасен за да стапиш во брак. Всушност, тие само постапуваат во склад со инспирираниот совет од Проповедник 11:10 (NW): „Отстрани го немирот од твоето срце и оддалечи ја неволјата од твоето тело“.
‚Рашири се‘
Меѓутоа, ова не значи дека не можеш да бидеш во друштво на спротивниот пол. Но, зошто да го ограничиш своето дружење само на една личност? Во еден друг контекст, Библијата нѐ охрабрува да се ‚рашириме‘ во нашето дружење (2. Коринќаните 6:12, 13). Ова е добар совет за младите. Еден начин како да го направиме тоа е да се дружиме во мешани групи. „Мислам дека така е позабавно“, забележува Тами. „Подобро е да имаш многу пријатели.“ Моника вели: „Идејата за група е навистина добра идеја затоа што имаш прилика да видиш луѓе со различни личности и сфаќаш дека постојат уште многу луѓе кои сѐ уште не си ги запознал“.
Можеби твоите родители ќе бидат спремни дури и да ти помогнат да организирате прилики на добра забава заедно со други млади. Ен, мајка на две деца, објаснува: „Секогаш водиме сметка нашиот дом да биде место на разонода каде што децата сакаат да бидат. Ги покануваме нивните пријатели, подготвуваме лесна закуска и оставаме да играат разни игри. На тој начин немаат чувство дека мора да бараат забава на некое друго место“.
Се разбира, дури и кога си во група, сепак треба да внимаваш да не укажуваш премногу внимание само на една личност. Некои млади резонираат дека, сѐ додека се заедно со други луѓе, тоа не е вистинско состанување. Избегнувај такво самозалажување (Псалм 36:2). Ако се комбинираш со истата личност секогаш кога сте заедно со пријателите, тоа е исто како да се состанувате.b Работи на тоа да користиш добро просудување во твоите пријателства со спротивниот пол (1. Тимотеј 5:2).
Вредноста на чекањето
Не е лесно кога ќе ти речат дека си премлад за да почнеш да се состануваш. Но, твоите родители не се обидуваат да те повредат. Напротив, тие прават сѐ што можат за да ти помогнат и да те заштитат. Затоа, наместо да имаш доверба во своето срце и да го отфрлаш нивниот совет, зошто не го искористиш нивното искуство? На пример, зошто не побараш совет од нив следниот пат кога ќе имаш проблем поврзан со спротивниот пол? Пословици 28:26 нѐ потсетува: „Безумен е кој се надева на своето срце“. Младата Кони вели: „Кога му се допаѓам на некое момче, разговорот со мајка ми ми помага да му одолеам на притисокот да излегувам со него. Таа ми раскажува искуства за тоа што се случило со нејзините пријателки и роднини во минатото. Тоа навистина ми помага“.
Ако почекаш малку пред да почнеш да излегуваш со некого нема да биде спречен твојот емоционален развој или да биде задушена твојата слобода. Заради тоа што сѐ уште не си ги презел одговорностите на возрасен човек да се додворуваш и да стапиш во брак, ти имаш слобода ‚да се радуваш за време на твојата младост‘ (Проповедник 11:9). Освен тоа, чекањето ќе ти даде време да ја развиеш својата личност, зрелост и, што е најважно од сѐ, својата духовност (Плач Еремиин 3:26, 27). Како што рекол еден христијански младинец, „треба да се обврзеш кон Јехова пред да се обврзеш кон некој друг“.
Додека стануваш возрасен и твојот напредок станува видлив за сите, твоите родители ќе почнат поинаку да гледаат на тебе (1. Тимотеј 4:15). А кога навистина ќе бидеш спремен да се состануваш со некого, несомнено ќе можеш да го правиш тоа со нивни благослов.
[Фусноти]
a Имињата се променети.
b За понатамошни информации, види страници 232, 233 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слики на страница 20]
Издвојувањето на некого од спротивниот пол за да му укажуваш посебно внимание . . .
. . . обично ќе побуди романтични чувства
[Слика на страница 21]
Наместо да ги ограничиш своите интереси само на една личност, рашири се во твоите пријателства