Младите прашуваат...
Дали е лошо да излегувам со некого ако сум премлад?
„Во последно време, некои од момчињата на училиште ме покануваат да излезам со нив или сакаат да им бидам девојка“ (Беки, 11 години).a
„Повеќето млади од училиште излегуваат со некого. Всушност, не е необично да се види како момчињата и девојките се бакнуваат во ходниците“ (Лијана, ученичка од втора година).
МНОГУ млади почнуваат да излегуваат со некого на многу рана возраст. Медиумите ја рекламираат оваа практика како нешто нормално — како да е безопасна разонода. Онејда, која има 12 години, раскажува: „Речиси секој во училиштето има момче или девојка“. Младата Џенифер се потсетува: „Се сеќавам на деца од трето одделение што излегуваа редовно“. Таа додава: „Почнав да чувствувам притисок да излегувам уште од 11-годишна возраст“.
Се разбира, ако не излегуваш со некого, можеби се чувствуваш изоставен. Впрочем, можеби дури и те задеваат и ти се смеат поради тоа. Сметајќи дека е премлада за излегување, Џенифер ги одбила сите момчиња што ја викале да излезе со нив. Каква била нивната реакција? Џенифер раскажува: „Ми се смееја и правеа шеги на сметка на тоа“. Никој не сака да му се исмејуваат. Но, дали треба да излегуваш со некого само затоа што другите го прават тоа? Што, всушност, значи да се излегува со некого? И за која цел служи?
Што значи да се излегува?
‚Ние не излегуваме. Ние сме само пријатели‘, тврдат многу млади, иако минуваат многу време со некого од спротивниот пол. Но, како и да го наречеш тоа — излегување, одење, па дури и само гледање — кога момче и девојка се издвојуваат и почнуваат да минуваат време заедно во дружење, обично не се работи само за пријателство. Освен тоа, излегувањето не мора да биде насамо. Разговорите на „чет“ линии на Интернет, по телефон, со писма или преку e-mail можат исто така да претставуваат еден вид излегување.
Прашањето е: ‚Колку е сериозно да бидеш речиси цело време само со едно лице од спротивен пол?‘
Опасности од излегувањето
Во Пословици 30:19, Библијата зборува за „патот на мажот кон девојката“. Овој израз покажува дека односите маж—жена следат некоја шема. Кога двете страни се зрели и се придржуваат за Божјиот морал, излегувањето може да води до љубов и, со текот на времето, до чесен брак. Впрочем, Бог ги создал мажот и жената да чувствуваат привлечност еден кон друг. Но, што ако не си доволно возрасен за одговорностите на бракот? Ако излегуваш со некого пред да биде време за тоа, се ставаш во опасна ситуација.
Зошто? Затоа што, ако минуваш многу време заедно со некого од спротивниот пол, сосема е природно да се разбудат твоите чувства. Пред да бидеш свесен за тоа, едвај чекаш да го видиш другиот. Кога не сте заедно, се фаќаш како мислиш на него или на неа. Но, многу често чувствата се еднострани — и некој е многу повреден. Па дури и тогаш кога чувствата се обострани, може да дојде до фрустрација и повредени чувства кога едниот или двајцата не се доволно зрели или возрасни за да стапат во брак. Всушност, како може да заврши една таква врска? Една библиска изрека гласи: „Може ли некој да носи оган во пазувите, а да не му се запали облеката?“ (Пословици 6:27).
Размисли за младата Нина. Таа раскажува: „Запознав едно момче на Интернет. Секој ден со часови разговаравме на „чет“. Емоционално се приврзав за него и мојот живот се вртеше околу него. Врската не траеше многу долго. Кога заврши, бев многу депримирана. Потоа ми се јави и ми рече дека ќе се убие затоа што раскинавме. Тоа ја зголеми мојата депресија“. Кога ќе се сети на минатото, Нина заклучува: „Не вредеше! Врската заврши пред две години, но јас сѐ уште сум во депресија“. Нина едноставно била премлада за да се врзе емоционално за некого.
Интересно, кога Библијата зборува за „патот на мажот кон девојката“, тоа може да се однесува и на сексуални односи. Во денешниов свет, излегувањето честопати е увод во сексуалните односи. Може да започне невино, само со држење за рака. Следно може да биде кратка прегратка и бакнеж во образот. Друга работа е кога такви изрази на наклоност разменуваат две млади полнолетни лица што сериозно си ветиле оддаденост еден кон друг. Но, кога двајца се премлади за брак, таквото однесување само води до непотребно разгорување на сексуалните желби. Изразите на „наклоност“ можат да станат сѐ понесоодветни или понечисти. Тие можат да водат дури и до некој облик на блуд.b
Плодовите на блудот се горки. Некои што се впуштиле во блуд заболеле од сексуално преносливи болести. Други ја губат самопочитта и ѝ наштетуваат на својата совест. Некои млади девојки забременуваат. Не е чудно што Библијата ја дава следнава заповед: „Бегајте од блуд“ (1. Коринќаните 6:13, 18; 1. Солуњаните 4:3). Избегнувањето на прерано излегување со некого ќе ти помогне да внимаваш на оваа заповед.
Кога да почнеш да излегуваш со некого
Ова не значи дека никогаш нема да можеш да излегуваш со некого. Но, ако си тинејџер, веројатно си во периодот што Библијата го нарекува „цветот на младоста“ (1. Коринќаните 7:36). Штотуку почнуваш да се развиваш во маж или во жена. Во овој временски период почнуваш да созреваш физички, емоционално и сексуално. Твоите чувства — вклучувајќи ги и сексуалните желби — можат да бидат посилни од кога и да е во животот. Меѓутоа, тие чувства можат да бидат подложни и на брзи промени. Од таа причина, тинејџерските романси се многу краткотрајни. „Кога излегував со некого“, се потсетува една тинејџерка, „тоа обично траеше една недела, а веќе следната недела раскинувавме“.
Јасно, не е разумно да излегуваш со некого во „цветот на младоста“. Најдобро е да почекаш додека не се запознаеш себеси, што сакаш а што не сакаш и кои се твоите цели. Исто така, треба да бидеш доволно возрасен за да ги исполниш одговорностите на бракот. На пример, Јехова очекува сопругот да се грижи за семејството — физички, материјално и духовно. Ако си тинејџер, дали си подготвен да се вработиш и да се грижиш за сопругата и евентуално за децата? Дали можеш да им помагаш да ја одржат својата духовност? А што ако си млада девојка? Од жената се бара да го љуби и да го почитува својот сопруг; таа мора да ги поддржува одлуките што ги донесува тој. Дали навистина си подготвена да го правиш тоа долгорочно? Исто така, дали си подготвена секојдневно да го водиш домаќинството — да подготвуваш оброци и да се грижиш за децата? (Ефешаните 5:22—25; 28—31; 1. Тимотеј 5:8).
Да илустрираме: Во западните земји, на младите им е сон да го возат семејниот автомобил. Но, што треба да направи еден младинец пред да му биде дозволено тоа? Во повеќето земји треба да добиеш обука и да положиш испит пред да добиеш возачка дозвола. Зошто? Затоа што возењето е сериозна одговорност. Кога ќе седнеш зад воланот, твојот живот и животите на други луѓе ќе бидат во твои раце. Па, и бракот е многу сериозна одговорност! Како тинејџер, можеби едноставно сѐ уште не си подготвен за таква одговорност. Во тој случај ќе биде мудро да одолееш на искушението да излегуваш со некого бидејќи тоа е чекор кон наоѓање брачен партнер. Едноставно речено: Ако не си спремен за брак, не би требало да излегуваш со некого.
За да донесеш мудра одлука во овој поглед, потребно ти е она што Библијата го нарекува „спознание и способност за размислување“ (Пословици 1:4, NW). Затоа, можеби е добра идеја да го искористиш спознанието и искуството на некој постар. Христијанските родители обично се во најдобра положба да ти помогнат да процениш колку си спремен за брак. Исто така, можеби ќе сакаш да добиеш совет од зрели членови на христијанското собрание. Ако твоите родители не сакаат да излегуваш со некого, ќе биде добро да соработуваш со нив. Тие сакаат да ти помогнат ‚да ја оддалечиш неволјата‘ (Проповедник 11:10, NW).
Ако сметаат дека не си спремен да излегуваш со некого, тие можат да ти советуваат во меѓувреме да го прошириш својот круг на пријатели, а не да го ограничуваш вниманието само на една личност. Дружењето со самци и со луѓе што се во брак, со стари и со млади, како и со оние што се на твоја возраст, може да ти помогне да ја обликуваш својата личност и да стекнеш пореално гледиште за животот и за бракот.
Нема да ти биде лесно да чекаш за да станеш спремен да излегуваш со некого. Но, вреди да се чека. Ако го користиш „цветот на младоста“ за да пораснеш во зрела, одговорна полнолетна личност, ќе се поштедиш од многу проблеми. Ќе си дадеш време да се развиеш во личност што може да се справи со притисоците и одговорностите на бракот. Исто така, ќе си дадеш време да созрееш во духовна личност. На тој начин, кога конечно ќе бидеш спремен да излегуваш со некого, другите ќе те сметаат за личност што навистина вреди да се запознае подобро.
[Фусноти]
a Некои од имињата се променети.
b Оригиналниот грчки збор за блуд е порнеиа. Се однесува на сексуална активност што ги вклучува гениталиите, која се извршува надвор од рамките на бракот. Ова вклучува манипулација со гениталиите и орален секс.
[Слика на страница 24]
Изразите на наклоност честопати водат до неволја