ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/5 стр. 28-31
  • Бранови-убијци — митови и вистини

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Бранови-убијци — митови и вистини
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што се цунами?
  • Двојниот карактер на цунамите
  • Кога брегот ќе остане сув
  • Колку често се појавуваат?
  • Можат ли да се предвидат?
  • Цунамито во Јапонија во 2011 — приказната на преживеаните
    Разбудете се! 2011
  • Послушај го предупредувањето и спаси си го животот!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2016
  • Закана од нови силни земјотреси
    Разбудете се! 2010
  • „Богатството на морето“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2004
Повеќе
Разбудете се! 2001
g01 8/5 стр. 28-31

Бранови-убијци — митови и вистини

СОНЦЕТО зајде пред само неколку минути. Тој мирен петок, 17 јули 1998, мажите, жените и децата од неколку мали села на северниот брег на Папуа Нова Гвинеја ненадејно беа потресени од еден земјотрес со јачина од 7,1 степен. „Главниот потрес“, вели Scientific American, „затресе 30 километри (речиси 19 милји) од крајбрежјето . . . и одеднаш го измени океанското дно во близина на брегот. Како резултат на тоа, морската површина која обично е хоризонтална, нагло се вивна нагоре, создавајќи еден страшен цунами.“

Еден набљудувач вели дека чул нешто што звучело како далечна грмотевица, која постепено исчезнувала додека морското ниво полека се спуштало под знакот за нормален низок водостој. По неколку минути го здогледал првиот бран, висок околу три метри. Додека се обидувал да побегне од него, бранот го престигнал. Втор, уште поголем бран го срамнил со земја неговото село и го носел набљудувачот речиси еден километар, во блиската шума од мангрови дрвја. „Наносот што висеше на врвовите на палмите укажуваше дека брановите биле високи 14 метри“, известува Science News.

Таа вечер џиновските бранови одзеле најмалку 2.500 животи. Иронично беше тоа што една дрвна компанија подоцна подарила дрвен материјал за нови училишта, но буквално не останале деца за да одат на училиште. Речиси сите деца — повеќе од 230 — биле убиени од цунами.

Што се цунами?

Цунами е јапонски збор кој значи „пристанишен бран“. Ова е „соодветен термин“, вели книгата Tsunami! (Цунами!), „бидејќи овие џиновски бранови честопати носеле смрт и пропаст низ јапонските пристаништа и крајбрежни села.“ Што им ја дава на овие монструозни бранови таа стравотна сила и големина?

Цунамите понекогаш се нарекуваат и плимни бранови. Меѓутоа, прецизно речено, плимните бранови едноставно се надоаѓањето и повлекувањето на водата, што го нарекуваме плима и осека. Тие се предизвикани од гравитационата привлечност на Сонцето и Месечината. Дури и огромните бранови — понекогаш високи преку 25 метри — кои се предизвикани од ветровите на бурите, не можат да се споредат со цунами. Кога би можеле да се нурнете под плимните бранови, би откриле дека нивната сила слабее колку подлабоко одите. На извесна длабочина, водата едвај е разбранувана. Но, тоа не е случај со цунамите. Нивното влијание се чувствува од површината па сѐ до океанското дно, дури и ако водата е длабока неколку километри!

Цунами продира длабоко затоа што обично е предизвикан од силна геолошка активност на океанското дно. Затоа, научниците понекогаш ги нарекуваат сеизмички бранови. Океанското дно може да се издигне, кревајќи го столбот вода што се наоѓа над него и создавајќи благо испакнување, кое може да зафаќа површина од 25.000 квадратни километри. Или, пак, океанското дно може да се спушти, нагло создавајќи вдлабнатина на површината на океанот.

Во обата случаја, гравитацијата предизвикува водата да осцилира горе-долу — движење од кое настануваат серија концентрични бранови, како оние што се создаваат кога ќе се фрли камче во езерце. Оваа појава го побива популарниот мит дека цунамите се само обични немирни бранови. Наместо тоа, тие обично се шират во вид на она што се нарекува „воз од цунами“. Цунами можат да настанат и од вулкански ерупции или подводни одрони.

Една од најопустошувачките серии цунами што се памети настанала при експлозијата на Кракатау, еден вулкан во Индонезија, во август 1883. Некои од брановите што се создале тогаш достигнале неверојатна височина од 41 метар над морското ниво и збришале околу 300 крајбрежни градови и села. Веројатно загинале повеќе од 40.000 лица.

Двојниот карактер на цунамите

Брановите што ги создава ветрот никогаш не се побрзи од 100 километри на час, а обично се многу побавни. „Но, цунами брановите“, вели книгата Цунами!, „можат да се движат брзо како млазен авион, со неверојатни 800 километри на час, а во длабоките води на океанскиот басен можат да бидат уште побрзи.“ Сепак, и покрај нивната брзина, тие не се опасни во длабоките води. Зошто?

Прво, затоа што на отворено море бранот обично не е повисок од три метри; и второ, затоа што бранот може да биде долг стотици километри од едниот до другиот крај и тоа му дава благ наклон. Според тоа, цунамите можат да поминат под бродовите без дури и да се забележат. Капетанот на еден трговски брод кој бил во близината на брегот на еден хавајски остров не бил свесен дека поминал цунами сѐ додека не видел како се распрснуваат огромни бранови на далечниот брег. Општо правило за безбедност на море е бродовите да пловат во вода длабока најмалку 100 фати, односно 180 метри.

Цунамите го менуваат својот карактер кога ќе се приближат кон копното и ќе дојдат до поплитки води. Таму, триењето од морското дно го забавува бранот — но не рамномерно. Задниот дел на бранот секогаш се наоѓа подлабоко од предниот дел и затоа се движи малку побрзо. Всушност, бранот се збива, при што заради намалувањето на брзина се зголемува височината на бранот. Во меѓувреме, задните бранови на „возот од цунами“ ги достигнуваат претходните, втурнувајќи се во брановите што се пред нив.

Во последната етапа, цунамите можат да налетаат на некој дел од брегот како бран кој се распрснува или како воден ѕид, но најчесто се појавуваат како плима која брзо надоаѓа, издигајќи се високо над знакот за нормален висок водостој. Познати се случаи кога водата се издигнала повеќе од 50 метри над нормалното морско ниво и однела илјадници метри далеку во внатрешноста деланки, риби, па дури и големи парчиња корали, збришувајќи сѐ што ѝ се нашло на патот.

Измамува тоа што првиот знак дека се приближува цунами не е секогаш појавата на сѐ поголемо испакнување кое надоаѓа кон брегот. Може да биде сосема спротивно — невообичаено повлекување на плимата што зад себе остава суви плажи, заливи и пристаништа и рибите кои се превртуваат во песокот или во калта. Она што ги одредува почетните услови е кој дел на „возот од цунами“ прв ќе дојде до брегот — високиот или нискиот.a

Кога брегот ќе остане сув

Тивка вечер на 7 ноември 1837, на хавајскиот остров Мауи. Околу седум часот истата вечер, објаснува книгата Цунами!, водата почнала да се повлекува од брегот, оставајќи го морскиот гребен гол а рибите на суво. Многу возбудени островјани истрчале за да собираат риби, но неколку поединци, кои биле попретпазливи, побрзале да се искачат на некое повисоко место, веројатно знаејќи од минатите искуства што ќе се случи. Наскоро наишол еден страшен бран од вода кој го кренал целото село од 26 сламени куќарки, заедно со жителите и стоката, носејќи го 200 метри во внатрешноста и ги фрлил во едно езерце.

Истата вечер, илјадници луѓе се собрале на брегот на еден друг остров за да одржат религиозна служба. Повторно, наглото повлекување на водата ги натерало љубопитните Хавајци да побрзаат на плажата. Тогаш, како да паднал од небо, се појавил еден џиновски бран кој се издигал шест метри над знакот за нормален висок водостој и се втурнал кон брегот „со брзина на тркачки коњ“, како што рекол еден набљудувач. Водата што се повлекувала ги одвлекла во морето дури и силните пливачи, каде што некои се удавиле од исцрпеност.

Колку често се појавуваат?

„Од 1990“, вели Scientific American, „10 цунами одзедоа повеќе од 4.000 животи. Беше известено дека во тој период во светот имало вкупно 82 цунами — многу повеќе од историскиот просек од 57 цунами во една деценија.“ Меѓутоа, списанието додава дека ваквиот пораст за кој се известува во голема мера може да се припише на подобрената комуникација, додека големата загуба на животи делумно се должи на зголемувањето на крајбрежното население.

Тихиот Океан е особено познат по појавата на цунами затоа што неговиот басен е сеизмички најактивен. Всушност, „едвај поминува една година без да удри барем еден разорен цунами некаде во Пацификот“, вели еден прирачник, каде што исто така се наведува дека „во текот на изминатите педесет години, 62 процента од сите смртни случаи во земјотресите во Соединетите Држави биле предизвикани од цунами“.

Можат ли да се предвидат?

Од 1948 до 1998, околу 75 проценти од предупредувањата дека ќе има цунами што биле дадени на Хаваите биле лажна тревога. Се разбира, можеме да бидеме задоволни од овој извештај. Меѓутоа, сега се развива еден многу подобар систем на детекција, во кој е вклучена модерната технологија. Во сржта на подобрениот систем за детекција е еден длабочински инструмент што го регистрира притисокот (BPR). Како што покажува неговото име, тој е поставен на длабочина од илјадници метри, на океанското дно.

Овој исклучително осетлив инструмент може да ја регистрира разликата во притисокот на водата додека одозгора поминува цунами — дури и ако е висок само еден сантиметар. Користејќи звучни бранови, BPR пренесува податоци до една специјална бова, која потоа му ги предава на еден сателит. Сателитот, пак, го емитува сигналот до центарот за предупредување од цунами. Научниците се уверени дека овој попрецизен систем за рано предупредување ќе го намали бројот на лажни тревоги.

Можеби најважни фактори за зголемување на безбедноста се свесноста на луѓето и едукацијата. Дури и најдобриот систем за предупредување е бескорисен ако луѓето го игнорираат. Затоа, ако живеете во низок крајбрежен регион каде што често се јавува цунами и локалните власти дадат известување дека ќе има цунами, ако почувствувате земјотрес или ако видите невообичаено повлекување на водата, погрижете се веднаш да побарате некое повисоко место. Запомнете, на отворено море, цунамите можат да се движат брзо како млазен авион, а кога се во близина на брегот можат да јурат со брзина која се постигнува на автопат. Затоа, штом ќе го здогледате бранот, нема никакви шанси да го надтрчате. Меѓутоа, ако се сретнете со цунами додека сте на отворено море и уживате во крстарење или рибарење, можете да се опуштите — Вашиот филџан кафе или чаша вино на масата веројатно нема да се помрднат.

[Фуснота]

a Според списанието Discover, кружното или елиптичното движење на водата што се јавува во внатрешноста на сите бранови исто така е фактор за повлекување на водата. Луѓето кои пливаат во океанот чувствуваат како водата да ги влече кратко пред бранот да дојде до нив. Овој ефект е поголем кај цунамите и затоа е фактор кој придонесува водата да се повлече од брегот или од пристаништата пред да настапи првиот бран.

[Графикон на страница 29]

(Види во публикацијата)

Честопати цунами се создаваат од сеизмичко нарушување на океанското дно

РАСЕД

СОЗДАВАЊЕ

ШИРЕЊЕ

ПРЕПЛАВУВАЊЕ

[Графикон на страница 31]

(Види во публикацијата)

Новата технологија, со која се користат длабокоокеански детектори, се обидува да ги предвиди цунамите

САТЕЛИТСКА ВРСКА

БОВА

ХИДРОФОН

КОТВА

АКУСТИЧНА ВРСКА

ЦУНАМИ ДЕТЕКТОР

5.000 метри

[Извор на слика]

Karen Birchfield/NOAA/Pacific Marine Environmental Laboratory

[Слика на страница 28]

Еден цунами набил една штица низ оваа камионска гума

[Извор на слика]

U.S. Geological Survey

[Слики на страница 30]

Светилникот Скоч Кеп на Алјаска пред да удри цунами во 1946 (лево)

Целосното уништување потоа (горе)

[Извор на слика]

Фотографија на крајбрежната стража на САД

[Извор на слика на страница 28]

U.S. Department of the Interior

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели