Лесно оружје, тешки проблеми
СО ДЕЦЕНИИ, во средиштето на разговорите за контрола на оружјето беше нуклеарното оружје. Ова не изненадува многу, бидејќи една единствена нуклеарна бомба може да уништи цел град. Сепак, за разлика од полесното оружје, ова далеку помоќно оружје не се користи во војните веќе преку 50 години.
Почитуваниот воен историчар Џон Киган пишува: „Од 9 август 1945, никој не умрел од нуклеарно оружје. Оние 50.000.000 што умреа во војните од тогаш наваму, во најголем дел, се убиени со евтино оружје од масовно производство и муниција од мал калибар, која е малку поскапа од транзистор и суви батерии што го преплавија светот во истиот период. Бидејќи евтиното оружје многу малку го наруши животот во развиениот свет, со исклучок на одредени места каде што цветаат трговијата со дрога и политичкиот тероризам, на оние што живеат во богатите земји им требаше време да го согледаат ужасот што зад себе го остави ваквото загадување“.
Никој не знае точно колкава количина рачно и лесно оружје е во оптек, но експертите проценуваат дека огненото оружје од воен тип можеби изнесува околу 500 милиони парчиња. Освен тоа, десетици милиони пушки и пиштоли од цивилен тип се во приватна сопственост на граѓаните. Згора на тоа, секоја година се произведува и на пазарот се пласира ново оружје.
Омилено оружје
Зошто рачното оружје стана омилен избор во недамнешните војни? Дел од причината лежи во односот помеѓу конфликтот и сиромаштијата. Повеќето војни што се водеа во текот на 1990-тите се водеа во сиромашните земји — кои се премногу сиромашни за да купат софистицирани системи на вооружување. Рачното и лесното оружје се „за џабе“. На пример, со 50 милиони долари, колку што приближно чини еден современ млазен боен авион, може да се опреми цела една војска со 200.000 автоматски пушки.
Понекогаш, рачното и лесното оружје се уште поевтини. Војските што го намалуваат својот арсенал едноставно подаруваат десетици милиони парчиња од ова оружје или, пак, оружјето „се рециклира“ од еден конфликт во друг. Во некои земји има толку многу автоматски пушки што се продаваат само за шест долари или, пак, можат да се разменат за една коза, пиле или вреќа стари алишта.
Сепак, освен тоа што е евтино и достапно насекаде, рачното оружје е многу популарно и од други причини. Тоа е смртоносно. Само една автоматска пушка со рафален оган може да испука стотици куршуми во минута. Исто така, лесно е за употреба и за одржување. Едно десетгодишно дете може да научи да расклопи и да склопи една типична автоматска пушка. Исто така, дете може брзо да научи да нишани и да пука на група луѓе со таа пушка.
Друга причина за популарноста на ваквото оружје е тоа што е јако и функционално со години. Пушките како што се АК—47 и М16, кои ги носеле војниците во Виетнамската војна, сѐ уште се користат во денешните војни. Некои пушки што се користат во Африка датираат уште од I светска војна. Освен тоа, пушките лесно се транспортираат и се кријат. Еден натоварен коњ може да пренесе десетина пушки до некоја паравоена група сместена во густата џунгла или во некоја далечна планина. Една колона коњи може да пренесе доволно пушки за да се опреми една мала војска.
Оружје, дрога и дијаманти
Глобалната трговија со оружје е сложена работа. Огромни количества оружје легално преминуваат од една во друга земја. По Студената војна, војските на Истокот и на Западот се намалија, а владите им го подарија или им го продадоа вишокот опрема на своите пријатели и сојузници. Според еден писател на Институтот за мировни истражувања во Осло (Норвешка), од 1995 само Соединетите Држави подарија повеќе од 300.000 пушки, пиштоли, митралези и фрлачки на гранати. Се резонира дека е поевтино оружјето да се подари отколку да се расклопи или да се складира и да се чува. Некои аналитичари проценуваат дека секоја година можеби легално ги преминува државните граници рачно и лесно оружје вредно три милијарди долари.
Меѓутоа, илегалната трговија можеби е многу поголема. Обично оружјето треба да се купи на црниот пазар. Во некои африкански војни, паравоените групи купиле рачно и лесно оружје вредно стотици милиони долари, но не со пари туку со дијаманти запленети од подрачјата каде што има рудници на дијаманти. The New York Times коментираше: „Каде што владите се корумпирани, бунтовниците се безмилосни и границите се порозни . . . Блескавите камења станаа причина за ропска работа, убиства, осакатувања, масовно бездомништво и масовен економски колапс“. Колку само е иронично тоа што некој скапоцен камен разменет за автоматска пушка, подоцна може да се продаде во некој елегантен јувелирски дуќан како скап симбол на вечна љубов!
Оружјето е поврзано и со илегалната трговија со дрога. Не е необично криминалните организации да ги користат истите патишта за да криумчарат дрога во еден правец, а оружје во друг правец. На тој начин оружјето речиси станало валута што се разменува за дрога.
Откако ќе замолкне оружјето на војната
Кога ќе завршат војните, оружјето што се користело во нив честопати паѓа во рацете на криминалците. Размисли за она што се случило во една земја во јужна Африка, каде што политички мотивираното насилство било заменето со криминално насилство. Политичкото насилство таму одзело околу 10.000 животи за само три години. Кога завршил тој конфликт, криминалното насилство нагло се зголемило. Конкуренцијата меѓу таксистите преминала во „такси војни“, во кои се најмувале платени убијци за да ги убиваат патниците и возачите на конкурентските компании. Сѐ почесто, во кражбите и во другите криминални дела се користеле автоматски пушки од воен тип. Бројот на убиства извршени со огнено оружје достигнал 11.000 во една од изминативе години, втората највисока стапка во светот за земји што не се во војна.
Сознанието дека криминалците се вооружени и опасни влева страв и несигурност. Во многу неразвиени земји, богатите живеат во вистински тврдини, опкружени со ѕидови и електрични огради што се чуваат под стража ден и ноќ. И жителите на развиените земји преземаат мерки на претпазливост. Ова се случува дури и на места каде што немало граѓански судири.
Значи, и во земјите каде што има војна и во земјите каде што има „мир“, оружјето придонесува за нестабилност. Ниту еден човек не може да го измери смртоносното дејство на оружјето; не можат ниту да се пресметаат мртвите, ранетите, ужалените и уништените животи. Сепак, знаеме дека светот е преплавен со оружје и дека неговиот број постојано расте. Сѐ повеќе, се креваат гласови нешто да се преземе. Но, што може да се стори? Што ќе се стори? Овие прашања ќе ги разгледаме во следната статија.
[Рамка/слика на страница 7]
Еден бивш борец се чувствува „многу глупаво“
Едно момче што било војник и се борело во истата војна поради која станале бегалци луѓето за кои зборувавме во првата статија, одеднаш се нашло како безделник и без скршена пара во градот за кој помогнало да биде освоен. Со огорченост кажува дека го видел синот на својот водач како се вози низ градот со блескав и скап мотоцикл, и поранешните војсководци како прават сѐ само за да дојдат до власт и да стекнат углед. „Кога ќе помислам на петте години што ги поминав во грмушките, убивајќи луѓе и станувајќи мета на другите, се чувствувам многу глупаво“, рекол овој борец. „Ги дававме своите животи за луѓето кои веќе утре ќе заборават како дошле на својата положба“.
[Извор на слика]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА и 7. страница: Момче војник: Nanzer/Sipa Press
[Рамка/слика на страница 8]
„Нема каде да се скриеш“
Современата автоматска пушка, колку и да е смртоносна, има ограничувања. Користи само куршуми. Не може да убие луѓе скриени зад цврсти ѕидови или барикади. Во паниката додека се води борбата, можеби нишанот на војникот ќе се измрда. Ако се држи во рака, дури и под идеални околности, таа е прецизна само до 460 метри.
Воената служба на САД има решение за ваквите „проблеми“ — една нова, високотехнолошка, повеќенаменска пушка наречена Објективно индивидуално борбено оружје (OICW). Доволно лесно за да го држи само еден војник, OICW нема да испукува само куршуми туку и 20-милиметарски експлозивни зрна—гранати. Уште една уникатна карактеристика: Може да ги убие непријателите што се кријат зад барикадите. Сѐ што треба да направи војникот е да нанишани со пушката во некоја точка веднаш над или покрај саканата мета. Ова оружје автоматски ќе ја процени оддалеченоста до избраната мета и однапред ќе програмира еден мал електронски детонатор на гранатата за да експлодира на точно определена оддалеченост, попрскувајќи ја жртвата со шрапнел што пробива под панцирот. „Неговите уникатни способности ќе им овозможат на борбените трупи на САД буквално да пукаат зад ќошовите“, рекол еден претставник на компанијата што работи на ова оружје. Инфрацрвениот нишан му овозможува на ова оружје ефикасно да функционира дури и во темнина.
„Нема каде да се скриеш“ од ова оружје, се фалат неговите конструктори, кои исто така тврдат дека ќе биде пет пати поубиствено од М16 и фрлачката на гранати М203, и тоа на двапати поголемо растојание. Војниците што го користат не мора да се грижат за тоа дали се измрдал нишанот; треба само да погледнат низ визирот и да го повлечат чкрапалото за да испукаат рафал од куршуми и гранати. Ако развојот продолжи како што се планира, првата воена единица ќе биде опремена со OICW во 2007 година.
Меѓутоа, критичарите ги поставуваат прашањата: Како ќе се користи ова оружје кога војниците ќе патролираат низ густо населени подрачја каде што непријателските борци веројатно се наоѓаат меѓу невините цивили? Што ќе се случи кога OICW ќе им се продаде на војските во светот, кои можеби ќе го свртат против нивниот сопствен народ? И што ќе се случи кога оружјето ќе се најде во рацете на терористи и криминалци?
[Извор на слика]
Alliant Techsystems
[Слики на страница 6]
Рачното и лесното оружје честопати се разменуваат за дијаманти и дрога