Тероризам — наскоро ќе му дојде крајот!
АВТОБУС во Ерусалим, федерална зграда во Оклахома Сити или станбена зграда во Москва — сите тие можат да бидат мета на тероризмот. Иако терористите очигледно сакаат да им пренесат силна порака на политичарите, воените или економските лидери, честопати изгледа дека не постои никаква врска помеѓу нивните идеали и нивната мета. Во многу случаи, метата се обичните луѓе — луѓе што немаат никаква врска со идеалите што ги пропагираат терористите. Тогаш, зошто екстремистите прибегнуваат кон терористички дејствија?
Зошто тероризам?
Тероризмот е систематски, однапред смислен и пресметан. Данокот што го собира во облик на изгубени животи и повреди не е негова првенствена цел. Таквото крвопролевање е средство за една цел, дел од атмосферата на шок и страв што терористот сака да ја создаде за да ја поткопа власта и да биде сослушан додека кажува што сака да постигне. Разгледајте некои фактори што стојат зад насилничките терористички дејствија.
Омраза. „Тероризмот . . . се разгорува со омраза“, навел Луис Џ. Фри, директор на Федералното истражно биро на САД. „Оние што негуваат таква омраза живеат во свет обоен со биготизам, осенчен со заговор и врамен во незнаење.“
Угнетување. Се разбира, има лидери на групи и лидери на земји чии неразумни цели се уништување на други култури“, пишува Стивен Боуман во својата книга When the Eagle Screams (Кога ќе вресне орелот). „Но, јасно е и тоа дека голем дел од тероризмот произлегува од очајот.“
Фрустрација. „Во многу случаи . . . првенствената мотивација на терористот е вистинска фрустрација заради навидум нескротливите политички, социјални и економски сили“, забележува издавачот на книгата Urban Terrorism (Урбан тероризам).
Неправда. „Тероризмот е симптом на некој проблем, а не вистинската причина“, забележува Мајкл Шимоф во својот труд „Политиката на тероризмот“. „Наша долгорочна цел“, продолжува тој, „треба да биде да ги елиминираме социјалните и политичките причини за тероризам, кои лежат во основата . . . Паралелно со нашите дејствија против тероризмот, мора да вложуваме и енергични напори да ја зголемиме слободата, достоинството, правдата и човечките вредности. Само кога ваквите енергични напори ќе имаат ефект, ќе можеме да престанеме со нашите операции за побивање на тероризмот и борба против него.“
Причините и историјата на тероризмот ја докажале вистинитоста на библиската изјава: „Човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). Библијата ги прорекла дури и карактерните црти што водат до тероризам. Таа вели: „Во последните денови ќе настанат критични времиња со кои тешко ќе се излегува на крај. Зашто луѓето ќе бидат себељубиви . . . без природна наклоност, непристапни за каков и да е договор, клеветници, без самосовладување, свирепи, без љубов кон доброта, предавници, своеглави, надуени од гордост“ (2. Тимотеј 3:1—4).
Реалноста е дека човечките напори да се победи тероризмот, без оглед на тоа колку се искрени мотивите, не можат успешно да се справат со неговите причини. Библијата реалистично забележува: „Патот на човекот не е во неговата власт, дека човекот, кој што оди не може да ги управува своите чекори“ (Еремија 10:23). Меѓутоа, иако решението на проблемот со тероризмот е надвор од моќта на човекот, сигурно не е и надвор од моќта на Бог.
Решение
Оние што доживеале неправда или биле угнетени и што се фрустрирани, можат да најдат утеха во библиски загарантираното ветување: „Праведниците ќе ја наследат земјата и непорочните ќе останат на неа; а беззакониците ќе бидат збришани од земјата, и богохулниците ќе бидат искоренети од неа“ (Пословици 2:21, 22).
Наскоро, ова Божје ветување ќе биде исполнето. Божјиот Владетел, Царот што владее, Исус Христос, ќе се погрижи за тоа. Во врска со Христос, едно библиско пророштво вели: „Не ќе суди според виденото, ни ќе пресудува според чуеното, туку ќе им суди по правда на бедните, и прав суд ќе им изречува на бедните на земјата“ (Исаија 11:3, 4).
Да, Божјиот Син, Исус Христос, наскоро ќе ја отстрани секоја неправда, како и оние што се одговорни за неа. Во Божјиот праведен нов систем, секаков вид тероризам и насилство ќе бидат минато. Тогаш секој жител на земјата ќе живее во сигурност, без страв дека ќе му се случи нешто лошо (Откровение 21:3, 4).
[Слика на страница 12]
Библијата ветува дека Бог наскоро ќе отстрани секакво угнетување и неправда