Тероризмот добива ново лице
Кога последен пат на насловната страница на ова списание беше прикажана темата за тероризмот, беше употребена една добро позната слика — маскирани убијци со пиштоли во рацете и силна експлозија во заднината. Меѓутоа, сега оваа слика е поинаква.
ПРИ светлоста на квечерината, еден конвој од еднобојни камиони тивко се движи од сектор до сектор. Камионите запираат во близина на едно училиште. Наскоро, низ разлистаните грмушки зачекорува специјално обучена екипа од мажи со гас маски и облека за хемиска заштита. Единствено нешто што знаат е дека на еден спортски натпревар во училишниот стадион била детонирана една мала експлозивна направа, при што се рашириле гасови од кои се разболеле многу гледачи. Во соработка со локалниот персонал за итни случаи, четворицата мажи претпазливо влегуваат во контаминираната зона за да откријат што се случило. Што испушти таа направа? Антракс? Нервен боен отров?
Луѓето полека одат кон игралиштето, носејќи со себе цел асортиман од опрема за хемиска анализа. Доаѓаат до една мала просторија каде што ги наоѓаат остатоците од експлозивната направа. Нивната мисија е деликатна, бара да ракуваат со минијатурна апаратура за детекција и да поместуваат тешки предмети.
Наскоро нивните маски се замаглуваат. Многу е заморно, дури и за обучени луѓе. Меѓутоа, за помалку од десет минути, го идентификуваат остатокот. „Сигурно е антракс“, потврдува хемичарот што ги придружува.
Изменетото лице на тероризмот
Овој настан не беше толку опасен како што звучи. Се работеше за вежба, проба за тоа како ќе реагира екипата на симулиран напад со отровен гас некаде во северниот дел на државата Њујорк. Оваа група е една од неодамна оформените Тимови за цивилна поддршка против оружјето за масовно уништување. Таквите тимови имаат задача да го проценат обемот и сериозноста на некој нов тип терористички напади со анализирање на сомнителни бацили, хемиски материи или радиоактивен материјал.
Овој тим е еден од многуте во светот што биле формирани како одговор на променливите закани и предизвици што ги поставува тероризмот.a Настаните во последниве години покажуваат дека терористичките дејствија извршени од независни групи или поединечни екстремисти се во пораст. Иако мета на многу терористи сѐ уште се воените инсталации и дипломатските претставништва, некои вклучиле во својот список и напади на таканаречени лесни цели, како што се системите за масовен транспорт, спортските натпревари, прометните градски локации, хотелите и туристичките места.
Потврдувајќи ја промената во однесувањето на терористите, Портер Гос, претседавач на Разузнавачката комисија, забележал: „Ќе мора да го напуштиме нашето старо размислување за државниот тероризам и да го прифатиме новото лице на тероризмот. Сѐ повеќе се соочуваме со тероризам заради идеали“.
Новото лице на тероризмот што се појавува опфаќа акции и стратегии што можеби се потешки да се спречат или да се победат. Сѐ повеќе, терористите можат да користат нови технологии и да си обезбедат независно финансирање. USA Today известува: „Поради новата компјутерска и комуникациска технологија и поради врските со организираниот криминал, борбата против тероризмот е уште потешка“. Ваквиот нов изглед вклучува и нови цели, наведувајќи ги репортерите и аналитичарите на вестите да коваат нови изрази како што се „сајбертероризам“, „биотероризам“ и „екотероризам“.
Колку е заканувачко новото лице на тероризмот? Дали е загрозена Вашата лична сигурност? Постои ли решение за проблемот со меѓународниот тероризам? Следниве статии ќе ги расветлат овие прашања.
[Фуснота]
a Гледиштата за тоа што е тероризам многу се разликуваат. На пример, во земјите што се растргнати од граѓанска војна, насилничките дејствија на една фракција против друга може да се сметаат или како легитимни воени дејствија или како тероризам, во зависност од тоа која страна ќе ја прашате. Во оваа серија статии, зборот „тероризам“ општо земено се однесува на употребата на насилство како средство на принуда.
[Рамка/карта на страници 4 и 5]
(Види во публикацијата)
Деценија на ТЕРОРИЗАМ
1. Буенос Аирес (Аргентина)
17 март 1992
Еден автомобил бомба ја уништува израелската амбасада. Мртви: 29. Повредени: 242
2. Алжир (Алжир)
26 август 1992
Една бомба експлодира на меѓународниот аеродром. Мртви: 12. Повредени: најмалку 128
3. Њујорк Сити (САД)
26 февруари 1993
Религиозните екстремисти поставуваат масивна бомба што експлодира под Светскиот трговски центар. Мртви: 6. Повредени: околу 1.000
4. Мацумото (Јапонија)
27 јуни 1994
Членовите на групата Аум Шинрикјо пуштаат отровен гас сарин во една станбена населба. Мртви: 7. Повредени: 270
5. Токио (Јапонија)
20 март 1995
Членовите на Аум Шинрикјо пренесуваат шест пакети во возовите на токиската подземна железница, при што ослободуваат смртоносен гас сарин. Мртви: 12. Повредени: повеќе од 5.000
6. Оклахома Сити (САД)
19 април 1995
Камион бомба експлодира во една федерална зграда. Обвинети се екстремистите од десното крило. Мртви: 168. Повредени: повеќе од 500
7. Коломбо (Шри Ланка)
31 јануари 1996
Етнички терористи пуштаат во една банка камион полн со експлозив. Мртви: 90. Повредени: повеќе од 1.400
8. Лондон (Англија)
9 февруари 1996
Ирски терористи предизвикуваат експлозија на бомба во една јавна гаража. Мртви: 2. Повредени: повеќе од 100
9. Ерусалим (Израел)
25 февруари 1996
Бомбаш самоубиец крева во воздух еден автобус. Осомничени се религиозните екстремисти. Мртви: 26. Повредени: околу 80
10. Дахран (Саудиска Арабија)
25 јуни 1996
Камион со гориво во кој има бомба експлодира надвор од еден американски воен објект. Мртви: 19. Повредени: 515
11. Пном Пен (Камбоџа)
30 март 1997
Напаѓачи фрлаат четири гранати сред една демонстрација. Мртви: до 16. Повредени: повеќе од 100
12. Коимбатор (Индија)
14 февруари 1998
Религиозни милитанти вршат серија бомбардирања. Мртви: 43. Повредени: 200
13. Најроби (Кенија) и Дар ес Салам (Танзанија)
7 август 1998
Бомбардирани се американските амбасади. Мртви: 250. Повредени: повеќе од 5.500
14. Колумбија
18 октомври и 3 ноември 1998
Едниот напад е со бомби, а другиот со проектили. Цел на првиот напад е нафтовод. Мртви: 209. Повредени: повеќе од 130
15. Москва (Русија)
9 и 13 септември 1999
Две големи експлозии уништуваат две станбени згради. Мртви: 212. Повредени: повеќе од 300
[Извори на слики]
Извор: Интердисциплинарен центар, Харзлија (Израел)
Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.
Victor Grubicy/Sipa Press
[Рамка/слика на страница 6]
Сајбер-напади
Март 1999: Извештаите покажуваат дека компјутерите на Пентагон се под „координиран, организиран“ рафал од натрапници. Во компјутерскиот систем на Одделот за одбрана на САД се регистрираат 60 до 80 напади секој ден.
Средината на 1999: Во период од три месеци, антивладини хакери илегално влегуваат на Веб–страниците на американскиот Сенат, Федералното истражно биро, американската армија, Белата куќа и неколку кабинети на Соединетите Држави.
Јануари 2000: Во целиот свет, се известува дека бизнисите потрошиле 12,1 милијарди долари во текот на претходната година во борбата против „економскиот тероризам“ во облик на штетни компјутерски вируси.
Август 2000: Еден хакер продира во Веб-страниците на една владина агенција и на една локална управа во Обединетото Кралство.