Соочување со заканата од тероризам
КОН крајот на 1980-тите, тероризмот навидум опадна. Меѓутоа, се појави еден нов тип терористи. Денешната закана од терористи првенствено доаѓа од екстремистите што си формирале сопствени мрежи на финансирање — преку трговија со дрога, приватен бизнис, лично богатство, добротворни прилози и финансиска поддршка од локалното население. Тие и понатаму се безмилосни како и секогаш.
Во последниве години се зголемија неразумните терористички дејствија. Светскиот трговски центар во Њујорк Сити беше бомбардиран, при што загинаа 6 а беа повредени околу 1.000 лица. Еден култ пушти нервен боен отров сарин во токиската подземна железница, при што загинаа 12 а беа повредени 5.000 лица. Еден терорист ја срамни со земја федералната зграда во Оклахома Сити со камион бомба, при што загинаа 168 и беа повредени стотици луѓе. Како што покажува табелата на страници 4 и 5, сѐ до денес продолжуваат терористички дејствија од најразличен тип.
Општо земено, изгледа дека терористите не се воздржуваат толку како во минатото. Осудениот бомбаш на федералната зграда во Оклахома Сити во 1995 беше цитиран како рекол дека, за да му се посвети внимание колку што му било потребно, сакал „да паднат жртви“. Водачот на групата одговорна за бомбардирањето на Светскиот трговски центар во Њујорк Сити, до кое дојде во 1993, сакал да сруши две згради една врз друга за да загинат сите што биле во нив.
Нов е и изборот на оружје што им стои на располагање на терористите. Луј Р. Мизел, Помл., експерт на полето на тероризмот, изјави: „Живееме во ера на незамислив бес и апокалиптички арсенал: нуклеарен, хемиски и биолошки“. Екстремистите што сакаат да остават поголем впечаток се свртуваат кон посмртоносното оружје што технологијата го става на располагање.
Напад со нули и единици
Она што е наречено сајбертероризам вклучува користење на современа технологија, како што се компјутерите. Едно оружје е компјутерскиот вирус, кој ги уништува податоците или ги парализира системите. Има и „логички бомби“ што ги измамуваат компјутерите да се обидат да направат нешто што не можат и со тоа предизвикуваат да не функционираат добро. Бидејќи економијата и безбедноста на нациите сѐ повеќе зависат од мрежите на информации, многумина сметаат дека јавноста е поотворена за такви терористички напади. И додека повеќето војски имаат системи за одржување на своите комуникации дури и за време на нуклеарна војна, цивилните системи — електричните централи, сообраќајот и финансиските пазари — можат да бидат поотворени за саботажа.
Пред кратко време, ако некој терорист сакаше да предизвика блокада, да речеме, во Берлин, можеби ќе побараше работа како комунален работник за да може да изврши саботажа врз електричниот систем. Но сега, велат некои, можно е еден вешт компјутерски хакер да го затемни градот седејќи во својот удобен дом во некое оддалечено село сосема на другиот крај на светот.
Пред кратко време еден хакер од Шведска навлезе во еден компјутерски систем на Флорида и во текот на еден час го држеше исклучен системот на службата за итни случаи, спречувајќи го одѕивот на полицијата, пожарникарските и лекарските служби.
„Всушност, ние создадовме глобално село без полициски оддел“, забележал Франк Џ. Чилуфо, директор на Специјалната воена група при Центарот за стратегиски и интернационални студии (CSIS). И Роберт Куперман, виш советник на CSIS, во 1997 изјавил дека, ако терористите одлучат да користат високотехнолошки методи, „во моментов не постои ниедна владина агенција што ќе се справи со последиците од нивниот напад“.
Некои аналитичари сметаат дека компјутерските терористи имаат на располагање технолошки средства наменети да се надмудрат секакви заштитни направи што ги измислуваат безбедносните сили. „Непријателот што може да го внесе исправниот вирус или да дојде до исправниот терминал, може да предизвика огромна штета“, рекол Џорџ Тенет, директор на Централната разузнавачка служба на САД.
Терор со хемиски средства и бацили
Постои загриженост и поради употребата на хемиски средства, како и биолошко оружје. Светот беше шокиран на почетокот на 1995, кога чу за терористичкиот напад со отровен гас во токиската подземна железница. Одговорноста за овој инцидент беше фрлена врз една апокалиптична секта.
„Тероризмот се промени“, вели Бред Робертс од Институтот за анализи на одбраната. „Традиционалните терористи бараа политички отстапки. Но сега, некои групи велат дека главна цел им се масовни убиства. Затоа им е привлечно биолошкото оружје“. Дали е тешко да се дојде до такво оружје? Списанието Scientific American вели: „Човек може да одгледа билиони бактерии по релативно мал ризик за себе со опрема што не е пософистицирана од пивски ферментатор и протеински култури, со гас маска и со пластична наметка“. Штом се подготват бацилите, релативно лесно е да се разнесат. Жртвите ќе дознаат дека било употребено некакво оружје дури по ден или два. А тогаш може да биде предоцна.
Се вели дека антраксот е омилен избор на биолошко оружје. Оваа болест го добила името од грчкиот збор за јаглен — а се мисли на црните красти што типично се формираат врз раните што се создаваат на кожата на оние што доаѓаат во допир со стока инфицирана со антракс. Оние што ја планираат одбраната се позагрижени за белодробните инфекции предизвикани од вдишувањето спори на антракс. Кај луѓето, инфекцијата од антракс има висока стапка на смртност.
Зошто антраксот е толку ефикасно биолошко оружје? Оваа бактерија лесно се одгледува и многу е отпорна. Треба да поминат неколку седмици пред жртвите да го почувствуваат првиот симптом, изнемоштеност како од грип и замор. Следи кашлица и непријатно чувство во градниот кош. Потоа настапуваат силни болки при дишењето, шок и, за неколку часа, смрт.
Нуклеарно оружје во рацете на терористите?
По распаѓањето на Советскиот Сојуз, некои се прашуваа дали на црниот пазар ќе се појави украдено нуклеарно оружје. Меѓутоа, многу експерти се сомневаат дека ова ќе се случи. Роберт Куперман, цитиран претходно, забележува дека „нема доказ дека некоја терористичка група се обидела да набави нуклеарен материјал“.
Поголема причина за загриженост е тивкиот но смртоносен роднина на нуклеарната бомба — радиоактивниот материјал. Тој не експлодира. Нема детонација ниту оштетување од топлина. Наместо тоа, тој испушта радијација што ја разорува секоја клетка. Клетките на коскената срцевина се особено осетливи. Нивното изумирање покренува серија ефекти, вклучувајќи крвавење и откажување на имунолошкиот систем. За разлика од хемиското оружје, кое се распаѓа штом дојде во контакт со кислород и влага, радиоактивниот материјал може да продолжи да нанесува штета со години.
Една несреќа во Гојаниа, град во југоцентрален Бразил, илустрира колку смртоносна може да биде радијацијата. Во 1987, еден човек наивно отворил еден оловен сад прикачен за дел од напуштена медицинска опрема. Садот содржел цезиум-137. Фасциниран од светлиот син сјај на овој камен, човекот им го покажал својот пронајдок и на своите пријатели. За една седмица, во локалната клиника почнале да доаѓаат првите жртви. Илјадници биле прегледани дали покажуваат знаци на контаминација. Стотина жители се разболеле. Педесет побарале болничко лекување, а четворица умреле. Помислата на она што би можело да се случи ако некој намерно го разнесеше цезиумот им создава кошмари на експертите за антитероризам.
Зашеметувачки трошок
Трагичната загуба на човечки животи е најочигледниот резултат на тероризмот. Но, вклучено е и нешто повеќе. Тероризмот може да го уништи или да го одолжи мировниот процес во проблематичните места на оваа планета. Тој предизвикува, пролонгира или утврдува конфликти и го забрзува кругот на насилството.
Тероризмот може да влијае и врз државната економија. Владите се присилени да потрошат многу време и средства во борбата против него. На пример, само во Соединетите Држави, трошоците за антитероризмот изнесуваа повеќе од десет милијарди долари за 2000 година.
Без оглед дали го забележуваме тоа или не, тероризмот нѐ погодува сите нас. Влијае врз начинот на кој патуваме и изборот што го правиме кога патуваме. Ги принудува земјите во целиот свет да потрошат огромни суми пари од данокот за да ги заштитат јавните личности, виталните инсталации и граѓаните.
Затоа, останува прашањето ‚Дали постои трајно решение за камшикот на тероризмот?’ За ова ќе дискутираме во следната статија.
[Рамка/слика на страница 7]
Тероризам во името на екологијата
ЕДЕН нов вид тероризам зел облик на „подметнување пожари, бомбардирања и саботажи во името на заштитата на животната средина и живите суштества во неа“, известува весникот Oregonian. Овие деструктивни дејствија се наречени екотероризам. Најмалку сто позначајни дејствија од овој тип се случија во западните Соединети Држави од 1980, со штета од вкупно 42,8 милиони долари. Ваквите криминални дела се посебно со цел да се прекине шумската сеча, употреба на пустинските предели за рекреација или користењето животни за крзно, храна или научни истражувања.
Овие дејствија се сметаат за терористички бидејќи вклучуваат насилство со намера да се промени однесувањето на поединци и институции или да се измени постапувањето на јавноста. Екотерористите ги фрустрираат истражувачите напаѓајќи далечни цели, честопати ноќе, и оставајќи едвај некаков друг доказ освен јагленисани урнатини. Сѐ до неодамна, криминалните дела во името на заштитата на животната средина имаа ограничено, локално влијание и не привлекуваа големо внимание. Но, во последниве години целите станаа поголеми. „Целта на овие луѓе е да го свртат вниманието врз своите идеали за промена“, рекол специјалниот пратеник Џејмс Н. Дамитио, ветеран истражувач на Службата за шумарство на САД. „А ако мислат дека не привлекле такво внимание, се обидуваат со нешто друго.“
[Рамка/слика на страница 10]
Тероризмот и медиумите
„Публицитетот не е само првенствена цел туку и оружје на оние што користат терор против невините луѓе за да ги унапредат политичките идеали или едноставно за да предизвикаат хаос“, вели Тери Андерсон, новинар кого терористите во Либан го држеле во заробеништво речиси седум години. „Самото известување за политичко киднапирање, убиство или смртоносно бомбардирање е првата победа на терористот. Без вниманието на светот, тие злобни дејствија се безначајни.“
[Слики на страници 8 и 9]
1. Самоубиствено бомбардирање во Ерусалим (Израел)
2. Етнички терористи бомбардираат една банка во Коломбо (Шри Ланка)
3. Автомобил бомба експлодира во Најроби (Кенија)
4. Семејството на жртвите на една експлозија на бомба во Москва (Русија)
[Извори на слики]
Heidi Levine/Sipa Press
A. Lokuhapuarachchi/Sipa Press
AP Photo/Sayyid Azim
Izvestia/Sipa Press