ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/9 стр. 28-30
  • Сликање со зборови

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Сликање со зборови
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Што е поезија?
  • Средство за секоја емоција
  • Поезијата помага во помнењето
  • Сакате ли да пишувате поезија?
  • Превод Нов свет — ревидирано англиско издание од 2013
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2015
  • Изреки 17:17: „Пријателот сака во секое време“
    Објаснети библиски стихови
Разбудете се! 2001
g01 8/9 стр. 28-30

Сликање со зборови

ПОЕТОТ е спој на уметник и песнописец. Неговото перо е поттикнато и од неговото срце и од неговата глава. Затоа, добро напишаните песни можат да Ве инспирираат. Исто така, тие можат да Ве наведат на размислување, да Ве насмеат или да Ве расплачат. Книгата The Need for Words (Потреба од зборови) вели: „Поезијата честопати не е ништо повеќе од зборови што се организирани на таков начин што имаат силно, неочекувано влијание. Тоа делумно е причината зошто прочуените песни . . . се незаборавни во секој поглед“.

Ретко се случува убавата поезија да биде дело на плиток ум. Долго време поезијата е поврзана со она што е најважно во животот — односите со другите, љубовта, духовноста, природата и смислата на животот. Затоа, не изненадува тоа што поезијата е една од најстарите уметнички форми. Правејќи споредба меѓу поезијата и прозата (обичниот пишан говор), еден прочуен поет рекол дека, ако двете опишуваат една иста работа и ако двете се подеднакво добро напишани, „стихот ќе се чита стотина пати онаму каде што прозата ќе се прочита еднаш“.

Меѓутоа, како што можеби сте забележале, поезијата постои во многу различни форми. Може да биде римувана или неримувана. Понекогаш дури се чини дека е многу слична на прозата. Затоа, што, всушност, е поезија?

Што е поезија?

The Macquarie Dictionary ја дефинира поезијата како „уметност на ритмично компонирање, писмено или усно, за да се предизвика задоволство од убавите, имагинативни или возвишени мисли“ и како „литературно дело во метрички облик; стих“. Забележете ги двата клучни аспекта на поезијата — ритам и метрика. Ритамот е дел од светот што нѐ опкружува. Го гледаме во плимата и осеката, во годишните времиња, па дури и во чукањето на срцето. Во поезијата, ритамот е тек на звукот што го произведува јазикот; чувствуваме нешто што се повторува додека читаме. Метриката е редослед на ритамот и може да варира од песна до песна. Друга популарна поетска техника е римата. Обично се римуваат последните зборови во стихот. Се разбира, редоследот на римата може да варира. Понекогаш римата следи веднаш во следниот стих или, пак, може да дојде по неколку стиха.

Без да зависи од римата, јапонскиот хаику е познат по комбинирањето на убавина на мислата и зачудувачката краткост. Тој ги збива мислите што се содржани во него само во три стиха што се состојат од 17 слогови — 5 во првиот и третиот стих и 7 во вториот стих.a Неговата убавина и едноставност го направиле хаику пријатен вовед во поезијата за мнозина, дури и за децата во градинка.

Традиционално, поезијата е позната по збивањето на многу мисли во неколку збора. The World Book Encyclopedia наведува дека поетските зборови „кажуваат многу повеќе од она што го велат. Тие ја будат фантазијата . . . Јазикот на поезијата е збиен во мал простор и значењето само на еден збор може да ја покрене мислата, дозволувајќи целата песна да експлодира во Вашата фантазија“. Се разбира, можеби ќе треба некои песни да ги прочитате по неколку пати пред да „детонираат“ во Вашите мисли за да можете да го сфатите нивното значење.

За да ги предизвикаат саканите ефекти, поетите одбираат зборови исто како што еден јувелир ги одбира скапоцените камења. Израелскиот цар Соломон, составувач на пословици и песни, ‚измерил и проучил‘ за да најде „прикладни зборови“ и „да ја изрази направо вистината“ (Проповедник 12:9, 10; 1. Цареви 4:32).

Соломон и неговиот татко, Давид, пишувале во традиционалниот еврејски стил од тоа време. Хебрејската поезија, која честопати била изведувана во музичка придружба, не се потпира на римата. Наместо тоа, таа е позната по ритамот на мислата, односно идеите — литературна форма наречена паралелизам. Стиховите можеби се изразени синонимно, или, пак, прикажуваат контрастни мисли (Псалм 37:6, 9). Честопати, вториот стих ја проширува мислата од првиот стих додавајќи нешто ново. Забележете како е направено ова во Псалм 119:1:

Блажени се оние чиј пат е непорочен,

Кои одат според Господовиот Закон!

Забележи како вториот стих открива што значи да се биде непорочен, имено, да се оди според Јеховиниот закон. Бидејќи библискиот хебрејски јазик вклучува паралелизам, односно смисловен ритам наместо рима, полесно се преведува.b

Средство за секоја емоција

Заедно со песната, поезијата е одлично средство за пренесување низа емоции. Забележете каков спој од неизмерен восхит и чувството на наградена стрпливост е доловен со Адамовите зборови кога Јехова му ја претставил Ева во градината Еден:

Тоа е коска од моите коски,

И месо од моето месо!

Нека биде наречена Жена,

Зашто е земена од Мажот!

(Битие 2:23).

Она што е толку значајно во овие стихови е тоа колку многу кажува буквално и пренесува емоционално во само неколку стиха — економичност што е уште поочигледна во оригиналниот јазик. И поетските книги Јов, Псалми, Пословици и Плач Еремиин доловуваат импресивна низа емоции, покрај тоа што поучуваат животоважни духовни вистини. Всушност, во оригиналниот хебрејски јазик, веќе првиот псалм започнува со зборот „среќен“ или „блажен“. Како би ги опишале чувствата на писателот на следниве зборови од Псалм 63:1? Забележете ја богатата сликовитост, која е истакната карактеристика на хебрејската поезија.

О Боже, Ти си мој Бог: горливо Те барам Тебе;

Мојата душа жеднее по Тебе,

Моето тело копнее по Тебе,

Како сува, жедна и безводна земја.

Книгата Плач Еремиин доловува уште едно расположение. Во неа Еремија ја оплакува трагедијата што го снашла Ерусалим кога паднал во рацете на Вавилонците во 607 пр.н.е. Тој го излева своето срце во пет лирски тажалки од кои зрачи тагата на пророкот, но сепак и неговата свесност дека е извршена божествената правда.

Поезијата помага во помнењето

Заради своите карактеристики, поезијата честопати лесно се помни. Најстарите сочувани грчки поеми, Илијада и Одисеја, се рецитирале напамет на грчките прослави — што е доста голем потфат со оглед на епските размери на овие дела! Очигледно, на памет биле научени и многу библиски псалми. Забележете како сликовитоста, едноставноста и непобитната логика се пренесени во ритамот на следниве стихови од Псалм 115:4—8, каде што е прикажано колку е безумно да се обожаваат идоли:

Нивните идоли се сребро и злато,

Дело на човечките раце.

Уста имаат, а не говорат;

Очи имаат, а не гледаат;

Уши имаат, а не слушаат;

Ноздри имаат, а не мирисаат;

Раце имаат, а не фаќаат;

Нозе имаат, а не одат;

Глас не излегува од нивното грло.

Такви се и оние, што ги направија,

И сите кои се надеваат на нив.

Несомнено, за повеќето луѓе не би било голем проблем да запомнат некој живописен, силен стих како што е овој.

Сакате ли да пишувате поезија?

Од детски песнички до рекламни слогани, поезијата е дел од нашиот живот. Затоа, на повеќето луѓе им се познати барем основните концепти на стихот. Но, ако сакате сами да пишувате поезија, можеби прво ќе сакате да прочитате поголем избор на стихови. Ова ќе Ви помогне да ги сфатите различните начела на компонирањето, а освен тоа ќе го збогатите и својот речник. Се разбира, треба да бидете избирливи и да нѐ се изложувате на нешто што е нездраво или деградирачко (Филипјаните 4:8, 9). Секако, најдобар начин да научите да пишувате поезија е да седнете со молив и хартија и да пишувате.

Со текот на времето, можеби ќе можете дури и да пишувате поезија во која ќе уживаат семејството и пријателите. Зошто не се обидете да ги преточите своите мисли во стихови кога некому ќе му испратите картичка со добри желби или благодарност? Вашата песна не мора да биде долга ниту брилијантна. Едноставно напишете неколку реда со кои искажувате што Ви лежи на срце. Овој предизвик не само што ќе Ви причини задоволство и ќе уживате во него туку несомнено ќе го израдува и примачот кога ќе види дека сте вложиле напор да ги изнесете своите мисли толку креативно и искрено.

Не мора да бидете генијалец во зборовите за да уживате во пишувањето поезија, исто како што не мора да бидете некој голем готвач за да уживате во подготовката на оброк. Комбинирајте еднакви количества желба, фантазија, труд и истрајност со поетот што се крие во Вас, и сликите што ќе ги направите со зборови можат пријатно да Ве изненадат.

[Фусноти]

a За дискусија за хаику, Ве молиме видете во англиското издание на Разбудете се! од 8 јануари 1989.

b Разбудете се! се преведува на 83 јазици. Затоа избравме да употребиме библиска наместо небиблиска поезија како примери во оваа статија.

[Слика на страница 29]

Значителен дел од хебрејските списи се состои од поезија

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели