ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g01 8/10 стр. 12-13
  • Дали е погрешно да се оплакува?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали е погрешно да се оплакува?
  • Разбудете се! 2001
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Библиски примери на оние што оплакувале
  • Зошто оплакуваме
  • Иако жалиме, не сме без надеж
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1995
  • Дали постои надеж за нашите мртви?
    Дали постои надеж за нашите мртви?
  • Што се случува со нашите блиски кои умреле?
    Спознание кое води до вечен живот
  • „Твојот брат ќе стане“!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
Повеќе
Разбудете се! 2001
g01 8/10 стр. 12-13

Гледиште на Библијата

Дали е погрешно да се оплакува?

„ПОНАТАМУ, БРАЌА, НЕ САКАМЕ ДА БИДЕТЕ ВО НЕЗНАЕЊЕ ВО ВРСКА СО ОНИЕ КОИ ЗАСПИВААТ ВО СМРТ; ЗА ДА НЕ ТАГУВАТЕ КАКО ШТО ТАГУВААТ И ДРУГИТЕ КОИ НЕМААТ НАДЕЖ“ (1. СОЛУЊАНИТЕ 4:13).

БИБЛИЈАТА дава надеж за оние што умреле. Воскресенијата што ги извршил Исус, како и неговите учења, укажуваат на едно време кога мртвите ќе бидат вратени во живот (Матеј 22:23—33; Марко 5:35, 36, 41, 42; Лука 7:12—16). Како треба да влијае оваа надеж врз нас? Горенаведените зборови на апостол Павле покажуваат дека оваа надеж може да биде утешна кога ќе умре некој сакан.

Ако Ви умрел некој сакан, несомнено сте ја почувствувале емоционалната болка што ја придружува таквата трагедија. Тереза, чиј сопруг со кој била во брак 42 години умрел кратко по операцијата на срцето, наведува: „Тоа беше таков шок! Моето прво чувство беше потполн ужас. Потоа настапи страшната болка што се зголемуваше додека одминуваше времето. Многу плачев“. Дали ваквите реакции покажуваат недостиг на вера во Јеховиното ветување дека ќе ги воскресне мртвите? Дали зборовите на Павле значат дека не е исправно да се оплакува?

Библиски примери на оние што оплакувале

Одговорот на овие прашања го наоѓаме разгледувајќи ги библиските примери на оплакување. Во многу извештаи смртта на некој близок член на семејството била придружена со период на оплакување (Битие 27:41; 50:7—10; Псалм 35:14). Чувствата поврзани со ваквото оплакување честопати биле многу силни.

Разгледајте како некои верни луѓе ја оплакувале смртта на некој сакан што им умрел. На пример, Авраам имал цврста вера дека Бог може да ги воскресне мртвите (Евреите 11:19). Дури и со вакво уверување, кога умрела неговата сопруга, тој ‚жалел за Сара и тажел по неа‘ (Битие 23:1, 2). Кога синовите на Јаков го излажале и му рекле дека неговиот сакан син Јосиф умрел, Јаков ‚ја скинал својата облека и го оплакувал‘ (Битие 37:34, 35). Дури и со години подоцна, помислата за смртта на неговиот мил син сѐ уште му била болна на Јаков! (Битие 42:36—38). И цар Давид тагувал отворено и силно заради смртта на неговите два сина Амнон и Авесалом. Иако обајцата многу го ожалостиле Давид и неговото семејство, тие сепак му биле синови и нивната смрт му нанела голема болка (2. Самуел 13:28—39; 18:33).

Понекогаш оплакувала целата израелска нација како, на пример, за смртта на Мојсеј. Второзаконие 34:8 ни кажува дека Израелците плачеле за него 30 дена.

И на крајот, тука е примерот на Исус Христос. Неговиот близок пријател Лазар умрел. А кога Исус видел како плачат Лазаровите сестри, Марта и Марија, како и нивните пријатели, ‚воздивнал во духот и се вознемирил‘. Иако знаел дека за неколку моменти ќе го врати во живот својот пријател, тој сепак ‚почнал да рони солзи‘. Исус ги сакал своите драги пријателки Марта и Марија. Затоа бил многу трогнат кога ја видел нивната болка заради смртта на нивниот брат (Јован 11:33—36).

Авраам, Јаков, Давид и Исус практикувале голема вера во Јехова и неговите ветувања, но сепак жалеле. Дали нивното оплакување било знак на духовна слабост? Дали нивната тага била знак на недоволна вера во воскресението? Во никој случај! Оплакувањето е нормална реакција на смртта на некој сакан.

Зошто оплакуваме

Божјата намера никогаш не била луѓето да умираат. Јеховината првобитна намера, како што им рекол на Адам и Ева, била Земјата да биде преобразена во прекрасен рај исполнет со среќно семејство во кое би владеела љубов. Би настапила смрт само ако таа прва двојка избрала да не го послуша Јехова (Битие 1:28; 2:17). За жал, Адам и Ева биле непослушни и поради нивната непослушност ‚смртта се проширила на сите луѓе‘ (Римјаните 5:12; 6:23). Значи, смртта е суров непријател што никогаш не бил планиран да постои (1. Коринќаните 15:26).

Затоа, сосема е разбирливо што смртта на некој близок, како еден неприроден настан, предизвикува длабока емоционална болка кај оние што се погодени. Таа создава огромна празнина во нивниот живот. Тереза, вдовицата спомната погоре, го рекла следново во врска со својот сопруг: „Сигурна сум дека повторно ќе го видам кога ќе воскресне, но толку многу ми недостига сега. Тоа е она што многу боли“. Смртта на родителот може да нѐ потсети на сопствената смртност. Смртта на некој млад особено нѐ боли заради трагедијата на еден недовршен живот (Исаија 38:10).

Да, смртта не е природна. Болката што ја предизвикува треба да се очекува и Јехова не го смета оплакувањето како недостиг на вера во воскресението. Како што се гледа од примерите на Авраам, Јаков, Давид, израелската нација и Исус, надворешното изразување на нашата болка во срцето не е знак дека не сме доволно духовни.a

Меѓутоа, додека ние како христијани сигурно жалиме кога ќе умре некој, не тагуваме „како што тагуваат и другите кои немаат надеж“ (1. Солуњаните 4:13). Не одиме во неразумни крајности да тагуваме бидејќи не сме збунети во поглед на состојбата на мртвите. Знаеме дека тие не чувствуваат ниту болка ниту страдање туку се наоѓаат во длабок, мирен сон (Проповедник 9:5; Марко 5:39; Јован 11:11—14). Исто така, имаме целосна доверба дека Исус, кој е „воскресението и животот“, ќе дејствува во склад со своето ветување да ги врати во живот „сите оние што се во спомен-гробовите“ (Јован 5:28, 29; 11:24, 25).

Затоа, ако во моментов тагувате, утешете се од сознанието дека Јехова ја разбира Вашата болка. Ова спознание и надежта во воскресение нека Ви ја ублажат жалоста и нека Ви помогнат да се справите со својата загуба.

[Фуснота]

a За помош во справувањето со тагата, видете страници 14—19 од брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш . . ., издадена од Јеховините сведоци.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели