Дали постои надеж за нашите мртви?
”Кога ќе умре човек ќе живее ли пак?“, прашал еден човек по име Јов пред многу години (Јов 14:14). Веројатно и ти се прашуваш? Како би се чувствувал кога би знаел дека можно е повторно да се сретнеш со твоите сакани кои умреле, токму овде на Земјата под најдобри услови?
Библијата тоа и го ветува: ”Твоите мртовци ќе оживеат, мртвите тела ќе воскреснат!“ Библијата исто така ни вели: ”Праведниците ќе ја наследат земјата, и ќе живеат на неа до века“ (Книга пророк Исаија 26:19; Псалм 37:29, ДК).
За да би имале вистинска доверба во таквите ветувања, мораме да одговориме на некои основни прашања: Зошто луѓето умираат? Каде се мртвите? Отткаде знаеме дека тие повторно ќе живеат?
Смрт, и што се случува кога ќе умреме
Библијата јасно покажува дека Бог во почетокот немал намера луѓето да умираат. Ја создал првата човечка двојка, Адам и Ева, и ги сместил во земскиот рај наречен Еден, и ги поучил да раѓаат деца и да го прошират својот рајски дом по целата Земја. Ќе умрат само тогаш ако не ги послушаат неговите упатства (1. Мојсеева 1:28; 2:15-17).
Адам не ја ценел Божјата доброта, како ни неговата жена Ева, и затоа не послушале. Затоа морале да ја платат пропишаната казна. Ќе ”се вратиш во земјата“, му рекол Бог на Адам, ”од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (1. Мојсеева 3:19). Адам не постоел пред да биде создаден; бил прав. Поради својата непослушност, или грев, Адам бил казнет така што се вратил во земја, во состојба на непостоење.
На тој начин, смртта е отсуство на живот. Библијата ја подвлекува таа спротивност: ”Оти, платата, што ја дава гревот, е смрт, а дарот Божји е живот вечен“ (Римјаните 6:23). Библијата покажува дека смртта е потполно несвесна состојба и вели: ”Зашто живите се свесни дека ќе умрат; а мртвите не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5, NW). Библијата вака објаснува што се случува кога некој ќе умре: ”Му излегува духот, а тој се враќа во земјата своја; тој ден престануваат сите негови мисли“ (Псалми 146:3, 4, NW).
Меѓутоа, бидејќи само Адам и Ева биле непослушни на заповедта дадена во Еден, зошто сите ние мораме да умираме? Тоа е затоа што сите ние сме родени после Адамовата непослушност, па така од него сите сме наследиле грев и смрт. Библијата тоа вака го објаснува: ”Гревот влезе во светот преку еден човек (Адам), а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе“ (Римјаните 5:12; Јов 14:4).
Но некој може да се праша: ’Зарем луѓето немаат бесмртна душа која преживува после смртта?‘ Многумина мислат така и дури велат дека смртта претставува само влез во еден друг живот. Но, таа претстава не доаѓа од Библијата. Библијата учи дека ти си душа, твојата душа тоа си ти самиот, со сите свои физички и психички особини (1. Мојсеева 2:7; Еремија 2:34, NW; Изреките 2:10). Исто така Библијата вели: ”Која душа греши, таа ќе умре“ (Книга пророк Језекиил 18:4). Библијата никаде не учи дека човекот има бесмртна душа која ја преживува смртта на телото.
Како можат луѓето повторно да живеат
Откако гревот и смртта влегле во светот, Бог открил дека неговата намера е смртта да биде обновена во живот по пат на воскресение. Така Библијата објаснува дека Аврахам цврсто верувал дека ”Бог е кадар и од мртвите да го воскресне (неговиот син Исак)“ (Евреите 11:17-19, ДК). Вербата на Авраам била на место, бидејќи Библијата за Семоќниот Бог го кажува следното: ”Бог не е Бог на мртвите туку на живите, зашто сите тие за него се живи“ (Лука 20:37, 38, ДК).
Да, семоќниот Бог има не само моќ, туку и желба да ги воскресне оние кои тој ќе ги одбере. Самиот Исус Христос рекол: ”Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).
Недолго откако го изговорил тоа, Исус наишол на една погребна поворка која доаѓала од израелскиот град Наин. Мртвиот младич бил единственото дете на една вдовица. Гледајќи ја нејзината голема болка, Исус бил трогнат од сочувствителност кон неа. Му се обратил на мртвото тело и заповедал: ”Момче, тебе ти велам, стани!“ Младичот седнал и Исус го предал на неговата мајка (Лука 7:11-17).
Како во случајот на таа вдовица, големо возбудување било и тогаш кога Исус го посетил домот на Јаир, старешина на еврејската синагога. Неговата 12-годишна ќерка умрела. Но, кога Исус дошол во Јаировиот дом, се доближил до мртвото дете и рекол: ”Девојко, стани!“ И таа станала! (Лука 8:40-56).
Подоцна умрел Исусовиот пријател Лазар. Кога дошол Исус во неговиот дом, Лазар веќе четири дена бил мртов. Иако била во длабока тага, неговата сестра Марта покажала дека има надеж, велејќи: ”Знам дека ќе воскресне при воскресението, во последниот ден“. Но, Исус отишол до гробот, заповедал да го тргнат каменот и повикал: ”Лазаре, излези надвор!“ И тој излегол! (Јован 11:11-44).
Размисли сега за ова: Во каква состојба се наоѓал Лазар во текот на тие четири дена додека бил мртов? Лазар не рекол ништо за тоа дека бил на небото на блаженството или во пеколот на маките, кое сигурно би го направил ако бил таму. Не, Лазар бил потполно без свест во смрт и како таков би останал сѐ до ’воскресението во последниот ден‘ ако Исус не го вратил во живот.
Вистина е дека тие Исусови чуда биле само од привремена корист, затоа што оние кои воскреснале повторно умреле. Меѓутоа, пред 1 900 години тој дал доказ дека, со Божја сила, мртвите навистина можат повторно да живеат! Така со своите чуда Исус во мало покажал што ќе се случува на Земјата под Божјето Царство.
Кога ќе умре некој од нашите блиски
Кога ќе удри непријателот смрт, твојата тага може да биде голема, иако можеби имаш надеж во воскресение. Аврахам имал вера дека неговата жена повторно ќе живее, но сепак читаме дека Аврахам дошол ’да ја изжали и ја исплаче‘ Сара (1. Мојсеева 23:2). А како е со Исус? Кога умрел Лазар, Исус се ’згрозил во духот, и самиот станал жалосен‘, а кратко после тоа ’му навреле солзи на Исус‘ (Јован 11:33, 35, ДК). Значи, кога ќе умре некој кого го сакаш, не покажуваш слабост со тоа што ќе плачеш.
Особено ѝ е тешко на мајката кога ќе ѝ умре детето. Така Библијата ја опишува големата болка што мајката може да ја чувствува (2. Царевите 4:27, ДК). Се разбира дека му е тешко и на ожалостениот татко. ”Камоли јас да умрев наместо тебе“, тажел кралот Давид кога му умрел синот Авесалом (2. Самоилова 18:33, ДК).
Меѓутоа, бидејќи имаш доверба во воскресението, твојата тага нема да биде неутешна. Како што кажува Библијата, ти нема ’да жалиш како и другите, што немаат надеж‘ (1. Солунјаните 4:13). Наместо тоа, ти ќе му се приближиш на Бог во молитва, а Библијата ветува дека ’тој ќе те поткрепи‘ (Псалм 55:22, ДК).
Доколку не е означено поинаку, сите библиски стихови се од преводот на Британското и инострано библиско друштво.
NW — New World Translation of the Holy Scriptures.
ДК — Даничиќ-Караџиќ.