Утеха за оние што оплакуваат
ТЕРОРИСТИЧКИТЕ напади што беа извршени на 11 септември 2001 во Њујорк Сити и Вашингтон (Д.К.) предизвикаа ужас кај луѓето во целиот свет. Во еден ден умреа илјадници луѓе, вклучувајќи и стотици херојски пожарникари, полицајци и медицински лица.
Од тогаш, Јеховините сведоци вложуваат здружени напори да ги утешат оние што ги изгубиле своите сакани во таа трагедија. Тоа го прават за ‚да ги превијат оние што се со скршени срца‘ и ‚да ги утешат сите жалосни‘ (Исаија 61:1, 2, NW).
Низ годините, Јеховините сведоци утврдиле дека оние што претрпеле загуба на своите сакани честопати размислуваат за прашањата што се наведени подолу. Библијата ги дава одговорите. Зошто не ги проверите библиските стихови подолу во својот примерок од Библијата?
Дали смртта на човекот е предодредена?
Во Проповедник 9:11, Библијата наведува дека „времето и кобта“ („случајноста“, New English Bible) го снаоѓаат целото човештво. Ако смртта е предодредена, тогаш зошто Библијата нѐ охрабрува да преземеме мерки на безбедност? (За пример видете Второзаконие 22:8.)
Зошто умираме?
Адам и Ева — првиот човечки пар — биле сместени во еден земен рај. Да останеле послушни, немало да умрат. Смрт ќе настапела само ако луѓето му биле непослушни на Бог (Битие 1:28; 2:15—17). За жал, Адам и Ева не го послушале својот Творец. Како резултат на тоа, тие ја платиле казната — смрт. Бидејќи сите луѓе потекнуваат од Адам и Ева, сите наследиле грев и смрт. Библијата објаснува: „Преку еден човек [Адам] гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе“ (Римјаните 5:12).
Во каква состојба се мртвите?
По побуната на Адам, Бог рекол: „[Ќе] се вратиш во земјата, зашто од неа беше земен — прав си, и во прав ќе се вратиш“ (Битие 3:19). Значи, смртта е состојба на потполна несвесност — всушност, непостоење. Библијата наведува: „Живите се свесни дека ќе умрат; но што се однесува до мртвите, тие воопшто не се свесни за ништо“ (Проповедник 9:5, NW). Библијата исто така вели дека, кога еден човек ќе умре, „се враќа во својата земја, и во тој ден пропаѓаат сите негови мисли“ (Псалм 146:3, 4).
Зарем немаме душа што ја преживува смртта?
Библијата јасно поучува дека Вашата душа едноставно сте Вие, а не некое апстрактно битие што ќе ја преживее Вашата смрт (Битие 2:7; Пословици 2:10; Еремија 2:34). Затоа можеме да речеме дека, кога ќе умре еден човек, умрела една душа. Библијата јасно наведува: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Езекиил 18:4, ПСП).
Каква надеж постои за оние што умреле?
Библијата открива дека Божјата намера е да ги врати мртвите во живот преку воскресение на една рајска земја, каде што повеќе нема да има болест и смрт. Исус рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29; Откровение 21:1—4).
Кога зборувал за својот неодамна умрен пријател Лазар, Исус ја споредил смртта со спиење (Јован 11:11—13). Освен тоа, откако Исус го воскреснал Лазар, тој не рекол ништо за тоа дека бил на некое место на мачење или место на блаженство во тој краток период додека бил мртов (Јован 11:37—44). Ова е разбирливо, бидејќи мртвите не се свесни. Тие не доживуваат страдање туку го чекаат „часот“ во кој ќе бидат подигнати. Во секој случај, фактот што Исус го воскреснал Лазар покажува дека мртвите можат повторно да живеат. Всушност, со ова чудо Исус покажал во мали размери што ќе се случи под владата на Божјето Царство (Дела 24:15). Колкава само утеха е тоа за оние што претрпеле загуба на своите сакани во текот на овие бурни времиња!