„Смртта е проголтана засекогаш“
ЗАМИСЛИ си да прочиташ во весник ваков наслов, наместо да читаш за смртта на девојче што се убило. Се разбира, ниеден весник досега не можел да објави таков наслов. Но, тие зборови се наоѓаат во една книга што е стара илјадници години — Библијата.
Во Светото писмо смртта е добро објаснета. Библијата не само што ни кажува зошто умираме, туку ја објаснува и состојбата на мртвите и дава надеж за нашите блиски што умреле. Зборува и за величественото време кога ќе може да се извести: „Смртта е проголтана засекогаш“ (1. Коринќаните 15:54).
За да ја објасни смртта, Библијата користи познати, а не некои таинствени, неразбирливи изрази. На пример, таа честопати го споредува умирањето со ‚заспивање‘ и ги опишува мртвите луѓе како ‚заспани во смрт‘ (Псалм 13:3; 1. Солуњаните 4:13; Јован 11:11-14). Смртта исто така е наречена и „непријател“ (1. Коринќаните 15:26). Што е уште поважно, Библијата ни помага да разбереме зошто смртта може да се спореди со спиењето, зошто луѓето умираат и како ќе биде победен овој непријател.
Зошто умираме?
Првата книга од Библијата кажува дека Бог го создал првиот човек, Адам, и го сместил во рајски дом (Битие 2:7, 15). Кога го започнал животот, Адам добил работни задачи, но и една јасна забрана. Во врска со едно дрво во градината Еден, Бог му рекол: „Да не јадеш од дрвото за познавање на доброто и злото! Во денот кога јадеш од него, навистина ќе умреш!“a (Битие 2:17). Значи, на Адам му било јасно дека смртта не е нешто неизбежно. Таа би дошла како последица ако се прекрши Божјиот закон.
За жал, Адам и неговата жена Ева биле непослушни. Тие избрале да одат против волјата на својот Творец и ги пожнеале последиците од тоа. Бог им ги открил последиците од нивниот грев: „Прав си и во прав ќе се вратиш“ (Битие 3:19). Тие сега имале една сериозна маана — станале несовршени. Нивната несовршеност, или грешност, водела во смрт.
Оваа маана — гревот — слично како една наследна болест се пренела и на потомството на Адам и Ева, на целото човештво. Адам не само што ја изгубил можноста тој да живее без камшикот на смртта, туку несовршеноста ја пренел и на неговите потомци. Човечкото семејство станало заложник на смртта. Библијата изјавува: „Поради тоа, како што преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, така и смртта се прошири на сите луѓе, бидејќи сите згрешија“ (Римјаните 5:12).
„Гревот влезе во светот“
Оваа наследна маана, или гревот, не може да се види под микроскоп. „Гревот“ се однесува на моралните и духовните слабости што биле пренесени на нас од нашите први родители, а тоа имало и физички последици. Меѓутоа, Библијата ни кажува дека Бог го обезбедил лекот. Апостолот Павле објаснува: „Зашто платата што ја дава гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Во првото писмо до Коринќаните, Павле изнел и едно уверување за кое мислел дека е многу важно: „Зашто како што во Адам сите умираат, така и во Христос сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15:22).
Очигледно е дека Исус Христос игра клучна улога во отстранувањето на гревот и смртта. Тој рекол дека дошол на Земјата „да ја даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“ (Матеј 20:28). Тоа може да се спореди со киднапирање, во кое заложникот може да биде ослободен само ако за него се плати одредена цена. Во овој случај, откупнината што може да нѐ ослободи од гревот и смртта е совршениот човечки живот на Исусb (Дела 10:39-43).
За да ја плати откупнината, Бог го испратил Исус на Земјата да си го жртвува животот. „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него . . . да има вечен живот“ (Јован 3:16). Пред да умре со жртвена смрт, Христос ‚сведочел за вистината‘ (Јован 18:37). Исто така, за време на својата служба искористил некои настани за да покаже која е вистината за смртта.
„Девојчето . . . спие“
Додека бил на Земјата, смртта не била нешто непознато за Исус. Тој почувствувал колку боли да изгубиш блиски луѓе и потполно бил свесен дека и тој самиот предвремено ќе умре (Матеј 17:22, 23). Всушност неколку месеци пред Исус да биде убиен, умрел неговиот близок пријател Лазар. Тој настан ни помага да дознаеме како Исус гледал на смртта.
Набрзо откако дознал за смртта на Лазар, Исус рекол: „Нашиот пријател Лазар отиде да си отпочине, но јас одам таму да го разбудам од сонот“. Учениците претпоставувале дека, ако Лазар само се одморал, тогаш наскоро ќе му биде подобро. Затоа Исус јасно рекол: „Лазар умре“ (Јован 11:11-14). Очигледно, за Исус смртта била како спиење. Можеби тешко можеме да ја разбереме смртта, но знаеме што е спиење. Додека спиеме ние не забележуваме дека минува времето и не знаеме што се случува околу нас, затоа што привремено не сме свесни за ништо. Токму вака Библијата ја објаснува состојбата на мртвите. Во Проповедник 9:5 пишува: „А мртвите ништо не знаат“.
Уште една причина поради која Исус ја споредил смртта со спиење е тоа што луѓето можат да се разбудат од смртта со помош на силата од Бог. Во една прилика Исус го посетил домот на едно разжалостено семејство, чиешто девојче тукушто умрело. „Девојчето не е умрено, туку спие“, рекол Исус. Потоа му пристапил на мртвото девојче, го фатил за рака и тоа ‚станало‘. Со други зборови, тоа станало од мртвите (Матеј 9:24, 25).
На сличен начин Исус го воскреснал и својот пријател Лазар од мртвите. Но, пред да го направи тоа чудо, тој ја утешил Марта, сестрата на Лазар, со зборовите: „Твојот брат ќе стане“. Таа со увереност рекла: „Знам дека ќе стане при воскресението во последниот ден“ (Јован 11:23, 24). Очигледно очекувала сите Божји слуги да бидат воскреснати некогаш во иднината.
Што точно значи воскресението? Грчкиот збор „воскресение“ (ана̀стасис) буквално значи „станување“. Означува станување од мртвите. Иако на некои ова може да им звучи неверојатно, сепак, откако рекол дека мртвите ќе го чујат неговиот глас, Исус рекол: „Не чудете се на ова“ (Јован 5:28). Воскресенијата што Исус ги извршил на Земјата нѐ уверуваат во ветувањето што го дава Библијата дека мртвите што се во сеќавањето на Бог ќе се разбудат од нивниот долг „сон“. Во Откровение 20:13 е проречено: „Морето ги предаде мртвите кои беа во него, и смртта и Хадесот [општиот гроб на човештвото] ги предадоа мртвите кои беа во нив“ (Откр. 20:13).
Дали овие мртви ќе воскреснат за пак да остарат и повторно да умрат, слично како Лазар? Тоа не е Божјата намера. Библијата нѐ уверува дека ќе дојде време кога „смрт нема да има веќе“, па така никој нема да старее и потоа да умира (Откр. 21:4).
Смртта е непријател. Човечкиот род има многу други заеднички непријатели, како што се болеста и староста, кои исто така предизвикуваат страдање. Бог ветува дека ќе извојува победа над сите нив и на крајот ќе донесе смртна казна за најголемиот непријател на човекот. „Како последен непријател ќе биде уништена смртта“ (1. Коринќаните 15:26).
Откако ќе се исполни тоа пророштво, луѓето ќе уживаат совршен живот, неизвалкан од грев и смрт. Дотогаш, можеме да се утешиме со тоа што знаеме дека нашите блиски што умреле сѐ одмораат и, ако се во сеќавањето на Бог, ќе воскреснат во времето што тој го одредил за тоа.
Ако ја разбереме смртта нашиот живот ќе има смисла
Ако јасно ги разбереме смртта и надежта за мртвите, може да се смени нашиот став кон животот. Ијан, спомнат во претходната статија, во своите 20-ти години дознал за библиското објаснување за смртта. Тој вели: „Во мене секогаш постоеше некаква надеж дека татко ми е некаде“. „Затоа, кога дознав дека тој само спие во смрт, отпрвин бев потиштен.“ Меѓутоа, кога прочитал за Божјето ветување дека ќе ги воскресне мртвите, Ијан бил пресреќен што дознал дека повторно ќе го види татко му. „За првпат во мојот живот, почувствував мир“, се сеќава тој. Точното разбирање за смртта му донело внатрешен мир и спокојство.
Клајв и Бренда го загубиле нивниот 21-годишен син, Стивен, во трагичната сообраќајна несреќа спомната во претходната статија. Иако знаеле што вели Библијата за смртта, сепак биле скршени од болка поради ненадејната загуба. И покрај сѐ, смртта е непријател и болно ранува. Нивното библиско спознание за состојбата на мртвите постепено им ја ублажило тагата. Бренда вели: „Тоа што разбираме што значи смртта ни помогна да се соземеме и да продолжиме со животот. Се разбира, не поминува ни ден а да не помислиме на времето кога Стивен ќе се разбуди од длабокиот сон“.
„Смрт, каде ти е осилото?“
Јасно, тоа што ќе разбереме во каква состојба се мртвите ќе ни помогне да имаме урамнотежено гледиште за животот. Смртта не мора да биде мистерија. Можеме да живееме без морбиден страв од овој непријател што ни дише зад петиците. Сознанието дека смртта не мора да стави засекогаш крај на нашиот живот ја отстранува секоја причина да живееме за задоволствата, уверени дека „животот е премногу краток“. Тоа што знаеме дека нашите блиски што умреле, а се во Божјето сеќавање, спијат во смрт и чекаат воскресение, може да нѐ утеши и да ни ја врати желбата да продолжиме со животот.
Да, можеме со доверба да гледаме на иднината кога Јехова Бог, Дарителот на животот, ќе ја погребе смртта засекогаш. Навистина ќе биде голем благослов кога ќе можеме со право да прашаме: „Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?“ (1. Коринќаните 15:55).
[Фусноти]
a Тука за прв пат во Библијата се зборува за смртта.
b Откупната цена била совршен човечки живот, зашто токму тоа го загубил Адам. Гревот се пренел на сите луѓе и поради тоа ниеден несовршен човек не можел да послужи како откупнина. Затоа, Бог го пратил својот Син од небото за таа цел (Псалм 49:7-9). За повеќе информации за оваа тема, види го 7. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.
[Слика на страница 5]
Непослушноста на Адам и Ева водела до смрт
[Слика на страница 6]
Исус го фатил девојчето за рака и тоа станало
[Слика на страница 7]
Многумина го чекаат времето кога нивните блиски што умреле ќе се разбудат од спиењето, како Лазар