Надеж за болните од артритис
„АРТРИТИСОТ не е главна причина за смртност како што се срцевите болести или ракот“, вели д-р Фатима Мејлеј, „но многу влијае врз квалитетот на животот.“ Артритисот може да влијае врз сите аспекти од животот на еден човек. Кои се некои проблеми со кои се соочуваат оние што боледуваат од артритис? Можно ли е да се излезе на крај со нив?
Катјаa од Италија, која има 28 години, вели: „Откако ми беше дијагностициран артритис кога имав 20 години, целиот живот ми се промени. Поради болката, морав да ја напуштам работата и да се откажам од мојата кариера во полновремената служба“. Болката е универзален проблем кај болните од артритис. Ален од Англија, кој има 63 години, вели: „Постојано чувствувате некаква болка во телото, иако можеби не толку јака“. Заморот е уште еден проблем. „Дури и кога можете да ги издржите болката и отекувањето“, вели 21-годишната Сара, „уморот е неподнослив“.
Емоционалната болка
Како што вели 61-годишната Сецуко од Јапонија, секојдневната борба со хроничната болка може „да ве истроши емоционално и умствено“. Дури и обидот да земете молив или телефон може да биде предизвик! Казуми, 47-годишна, се жали: „Не можев да ги правам дури ни обичните работи што може да ги прави едно дете“. Шеесетгодишната Џенис, која веќе не може долго да стои на нозе, вели: „Се обесхрабрувам затоа што не можам да го правам она што го правев некогаш“.
Ваквите ограничувања можат да предизвикаат фрустрација и негативни чувства кон себе. Гаку, кој има 27 години, е Јеховин сведок и вели: „Тоа што не можам целосно да учествувам во делото на евангелизирање или да ги исполнам собраниските задачи ми создава чувства дека не вредам како личност“. Франческа, која се бори со артритис од својата втора година, вели дека „тонела сѐ подлабоко и подлабоко во вртлог на очај“. Таквиот очај може да има негативни духовни последици. Џојс, Сведок од Јужна Африка, признава дека почнала да се изолира од христијанските состаноци. „Едноставно не можев да поднесам да се видам со некого“, објаснува таа.
Болниот можеби е многу загрижен и за иднината — стравува дека ќе стане неподвижен и зависен од другите, стравува дека никој нема да се грижи за него, стравува дека ќе падне и ќе си ги искрши коските, стравува дека нема да може да се грижи за своето семејство. Јоко, 52-годишна, признава: „Кога гледав како се појавуваат деформитети, се плашев дека ќе ги има повеќе“.
И членовите на семејството можат да доживеат емоционална болка бидејќи секојдневно се соочуваат со страдањето на нивниот сакан. Кај некои двојки може да дојде и до сериозна затегнатост во бракот. Дениз, една жена од Англија, вели: „По 15 години брак, мојот сопруг изјави: ‚Не можам повеќе да го поднесувам твојот артритис!‘ Ме напушти и мене и нашата 5-годишна ќерка“.
Значи, артритисот претставува огромен предизвик и за болните и за нивните семејства. Сепак, мнозина успешно излегуваат на крај со него! Да разгледаме како некои го прават тоа.
Почитувајте ги своите ограничувања
Ако боледувате од артритис, неопходно е доволно да се одморате; така ќе се намали заморот. Но, ова не значи дека треба сосема да се повлечете од животот. Тимоти објаснува: „Треба да останете активни за да не дозволите артритисот да завладее со Вашите мисли затоа што, ако се случи тоа, само ќе седите и ќе ја чувствувате болката“. Ревматологот Вилијам Џинзберг од клиниката Мајо забележува: „Тенка е линијата помеѓу правење премногу и правење премалку. Понекогаш луѓето треба да бидат потсетени да успорат и да ја земат предвид својата болест“.
Тоа може да наложи да го промените начинот на кој гледате на своите ограничувања. Дафне, од Јужна Африка, раскажува: „Морав да бидам реалистична и свесна дека сѐ уште можам да правам извесни работи; само што морав да ги правам многу побавно. Наместо да се нервирам или да подлегнувам на фрустрација, едноставно ги правам работите малку по малку“.
Исто така, добра идеја е да се запознаете со различни помошни справи што стојат на располагање, можеби да дискутирате за нив со својот лекар или со физикалниот терапевт. Кеико раскажува: „Монтиравме лифт на скалите. Притискањето на кваките ми предизвикуваше болки во зглобовите, па затоа ги заменивме. Сега можам да ги отворам сите врати туркајќи ги со главата. Ставивме подвижни славини на сите чешми во куќата за да можам да работам барем нешто низ дома“. Гејл, која исто така боледува од артритис, вели: „Моите клучеви од автомобилот и од куќата се закачени на една долга дршка бидејќи така ми е полесно да ги користам. Чешелот и четката за коса имаат продолжена дршка и можам да ги наместам под различни агли за да се чешлам“.
Поддршка од семејството — „извор на сила“
Карла, од Бразил, вели: „Поддршката од мојот сопруг беше од пресудна важност. Тоа што доаѓаше со мене на лекарските прегледи ми влеваше храброст. Заедно откривме како влијае болеста врз моето тело, кои се симптомите и какво лекување ќе биде потребно. Се чувствував подобро затоа што можеше да сфати како ми е“. Да, сопрузите или сопругите што ги прифаќаат ограничувањата на своите брачни другари и што се спремни да дознаат нешто повеќе за нивното заболување можат да бидат огромен извор на сила и поддршка.
На пример, кога сопругот на Бети повеќе не можел да се занимава со градежништво поради својот артритис, таа се вработила како чистачка. Сопругот на Казуми не само што ја негувал туку го работел низ дома она што таа не можела да го прави. Освен тоа, ги воспитал децата да прават што можат за да бидат од помош. Казуми вели: „Мојот сопруг беше извор на сила. Без негова помош мојата состојба ќе беше многу полоша“.
Една жена по име Карол, од Австралија, предупредува: „Внимавајте да не испланирате премногу активности. Чувствата на недостаточност лесно ме обземаат кога не можам да бидам во чекор со семејството“. Ако се даде со вистинско разбирање и обѕирност, поддршката од семејството може да биде извор на сила за болните.
Духовна помош
Катја вели: „Кога некој страда од ваква болест, убеден е дека никој не знае како му е. Затоа е важно да му се обратите на Јехова Бог, знаејќи дека тој навистина ја разбира нашата физичка и емоционална состојба (Псалм 31:7). Тоа што имав добар однос со него ми даде душевен мир за да живеам речиси спокојно со мојата болест“. Библијата со право го нарекува Јехова „Богот на секоја утеха, кој нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:3, 4).
Затоа, молитвата може да биде силен извор на утеха за некој што страда од хронична болка. Казуми раскажува: „Во текот на долгите ноќи кога не можам да спијам од болка, низ солзи му го излевам моето срце на Јехова, молејќи го за сила да ја поднесам болката и за мудрост да се соочам со сите тешкотии. Секако дека Јехова ми одговори“. И Франческа ја доживеала Божјата љубезна поддршка. Таа вели: „Го доживеав исполнувањето на зборовите од Филипјаните 4:13: ‚За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ‘“.
Честопати Јехова Бог ни дава поддршка преку христијанското собрание. На пример, Гејл кажува за помошта што ја добила од своите духовни браќа и сестри од локалното собрание на Јеховините сведоци. „Нивната љубов ми помогна да не паднам во депресија“, вели Гејл. Слично на тоа, кога Кеико била запрашана: „Можеш ли да се сетиш на нешто убаво во твојот живот?“, таа одговорила: „Да, сета љубов и сочувство што ги добивам од сите во собранието!“
Во собранијата на Јеховините сведоци, надгледниците предводат во давањето таква поддршка. Сецуко вели: „Не можам да опишам од колкава помош ми е во борбата со болеста кога старешините слушаат и ми даваат утеха“. Меѓутоа, како што нѐ потсетува Даниел, кој боледува од артритис, „нашите духовни браќа и сестри можат да ни помогнат само ако им дозволиме“. Затоа, важно е болните да останат во контакт со сохристијаните, давајќи сѐ од себе за да присуствуваат на собраниските состаноци (Евреите 10:24, 25). Таму можат да го добијат духовното охрабрување што им е потребно за да истраат.
Страдањето ќе престане
Болните од артритис ѝ се благодарни на медицината за напредокот што е постигнат досега. Меѓутоа, дури и најдоброто лекување е далеку од тоа да биде вистински лек. Долгорочно гледано, болните можат да најдат најголема утеха ако ги прифатат Божјите ветувања за еден нов светb (Исаија 33:24; Откровение 21:3, 4). Во тој свет „хромиот ќе скока како елен“ (Исаија 35:6). Артритисот и сите други болести што го измачуваат човештвото ќе ги снема засекогаш! Питер, жртва на ’рбетниот артритис, вели: „Гледам светлина на крајот на овој темен тунел низ кој минувам“. И христијанката Џулијана вели: „Секој изминат ден го сметам за добиена битка, еден ден помалку што треба да го издржам пред да дојде крајот!“ Да, времето кога ќе му дојде крај не само на артритисот туку и на сите страдања се приближува!
[Фусноти]
a Некои имиња се променети.
b Ако сакате некој Јеховин сведок да Ве посети за да Ви ги објасни библиските ветувања, контактирајте со локалното собрание на Јеховините сведоци или пишете до издавачите на ова списание.
[Слики на страница 10]
Има многу справи што им помагаат на болните да водат продуктивен живот
[Слика на страница 12]
На христијанските состаноци може да се добие љубезна поддршка