Да се разбере артритисот
„КОГА НАВЕЧЕР ЌЕ ПОГЛЕДНАМ ВО МОИТЕ ДЕФОРМИРАНИ СТАПАЛА И РАЦЕ, ПОЧНУВАМ ДА ПЛАЧАМ“ (МИДОРИ, ЈАПОНИЈА).
АРТРИТИСОТ ги мачи луѓето со векови. Египетските мумии даваат доказ дека оваа болест постоела уште пред многу векови. Од неа очигледно боледувал и истражувачот Кристофер Колумбо. И денес милиони луѓе се погодени од неа. Каква е оваа осакатувачка болест?
Зборот „артритис“ доаѓа од грчки зборови што значат „воспалени зглобови“ и е поврзан со преку 100 ревматски болести и заболувања.a Овие болести можат да ги погодат не само зглобовите туку и мускулите, коските, тетивите и лигаментите што ги држат. Некои облици на артритис можат да ја оштетат кожата, внатрешните органи, па дури и очите. Да се сосредоточиме на две болести што најчесто се поврзуваат со артритисот — ревматоидниот артритис (РА) и остеоартритисот (ОА).
Структура на зглобовите
Зглоб е местото каде што се спојуваат две коски. Синовијалниот зглоб е обвиткан со една цврста капсула што го штити и го држи. (Видете ја илустрацијата на 4. страница.) Зглобната капсула е обвиткана со синовијална мембрана. Оваа мембрана создава една течност што служи за подмачкување. Во зглобната капсула, краевите на двете коски се покриени со едно мазно еластично ткиво познато како ’рскавица. Ова спречува да дојде до триење и стругање на коските една од друга. ’Рскавицата има улога и на амортизер, бидејќи служи како перниче на краевите на коските и рамномерно го распоредува притисокот низ коските.
На пример, кога одите, трчате или скокате, притисокот што се врши врз колковите и врз колениците може да биде четири до осум пати поголем од тежината на телото! Додека повеќето удари ги апсорбираат околните мускули и тетиви, ’рскавицата им помага на коските да го издржат овој товар на тој начин што се собира како сунѓер.
Ревматоиден артритис
Кај ревматоидниот артритис (РА), имунолошкиот систем на телото со сите сили ги напаѓа сопствените зглобови. Од некоја непозната причина, големо количество крвни клетки — вклучувајќи ги и Т клетките, кои играат главна улога во имунолошкиот систем на телото — навлегува во шуплините на зглобот. Ова започнува серија хемиски реакции што водат до воспалување на зглобот. Синовијалните клетки можат да почнат неконтролирано да се множат, формирајќи туморозна маса од ткиво наречена панус. Панусот, пак, создава деструктивни ензими што ја уништуваат ’рскавицата. Може да дојде до спојување на површините на коските, што е причина за ограничена подвижност — и огромна болка. Овој деструктивен процес ги ослабува и лигаментите, тетивите и мускулите, а заради тоа зглобовите стануваат нестабилни и делумно исчашени, при што честопати добиваат деформиран изглед. РА обично ги зафаќа зглобовите во симетричен редослед, погодувајќи ги рачните зглобови, колениците и стапалата. Кај повеќе од 50 проценти од лицата со дијагностициран РА се појавуваат јазли или грутки под кожата. Кај некои се јавува анемија и суви, болни очи и грло. РА е придружен со замор и симптоми на грип, вклучувајќи треска и болки во мускулите.
РА многу се разликува во поглед на ефектот, започнувањето и траењето. Кај некого, болката и вкочанетоста можат да настапат бавно, во период од седмици, па дури и години. Кај други, пак, сѐ може да започне наеднаш. Кај некои луѓе, РА трае неколку месеци и потоа престанува без да предизвика некое големо оштетување. Кај други може да настапат периоди на влошување на симптомите наречени напади, а по нив да настапат периоди на повлекување на симптомите и лицата да се чувствуваат подобро. Кај некои пациенти болеста е активна многу години и немилосрдно ги осакатува.
Кај кого постои ризик да заболи од РА? „Почесто се јавува кај жените во средните години“, забележува д-р Мајкл Шиф. Меѓутоа, Шиф понатаму наведува дека „може да го погоди секого на која и да е возраст, вклучувајќи ги и децата и мажите“. Кај оние што имаат роднини со ревматоиден артритис, ризикот е поголем. Понатаму, неколку истражувања покажуваат дека пушењето, дебелината и трансфузијата на крв се значителни фактори на ризик.
Остеоартритис
„Остеоартритисот“, наведува Western Journal of Medicine, „во многу аспекти личи на времето — го има насекаде, честопати не го забележуваме, понекогаш остава драматични последици.“ За разлика од РА, остеоартритисот (ОА) ретко се шири на другите делови од телото. Наместо тоа, го сосредоточува своето ерозивно дејство врз еден или врз само неколку зглоба. Кога ’рскавицата ќе почне полека да се разјадува, коските почнуваат да се стругаат една од друга. Ова е придружено со коскени израстоци наречени остеофити. Можат да се создадат цисти, а долната коска се здебелува и се деформира. Други симптоми се испакнати зглобови, звуци на триење и гребење што доаѓаат од зглобовите зафатени со артритис, како и грчење на мускулите, кое е придружено со болка, вкочанетост и ограничена подвижност.
Во минатото се мислело дека ОА е само уште една последица од стареењето. Меѓутоа, специјалистите го напуштија ова долго застапувано гледиште. The American Journal of Medicine наведува: „Нема докази дека еден нормален зглоб, кој е подложен на вообичаени оптоварувања, ќе откаже во текот на животот на еден човек“. Тогаш, што го предизвикува остеоартритисот? Обидите да се разбере неговата вистинска причина се „полни со полемики“, како што вели британското списание The Lancet. Некои истражувачи сметаат дека најнапред настануваат оштетувања на некоја коска, како што се микрофрактурите. Ова, пак, може да предизвика појава на коскени израстоци и разјадување на ’рскавицата. Други мислат дека ОА започнува во самата ’рскавица. Како што дегенерира и се истрошува, мислат тие, се зголемува оптоварувањето врз долната коска. Настануваат патолошки промени додека телото се обидува да ја поправи оштетената ’рскавица.
Кај кого постои ризик да заболи од ОА? Иако возраста сама по себе не е причина за ОА, ’рскавицата на зглобот почесто се губи со напредната возраст. Други кај кои постои ризик се оние што имаат некои аномалии во начинот на кој се составуваат зглобните површини или оние што имаат слаби мускули на нозете и бедрата, едната нога им е пократка од другата или, пак, се јавиле неправилности во врските меѓу прешлените на ’рбетот. Повредата на некој зглоб предизвикана од несреќен случај или од професија во која со повторување на исти движења премногу се користи зглобот, можат исто така да бидат причина за остеоартритис. Штом започне разјадувањето, зголемената тежина може да го влоши ОА.
Д-р Тим Спектор наведува: „Остеоартритисот е сложена болест што има специфични фактори на ризик во животната средина, но има и силна генетичка компонента“. Особено склони на ОА се средовечните и постарите жени со семејна историја на болеста. За разлика од остеопорозата, пред да се појави ОА нема голема туку мала порозност на коската. Некои истражувачи исто така наведуваат дека фактори се и оштетувањата од слободни радикали на кислородот и недостатокот на витамини Ц и Д.
Лекување
Лекувањето на артритисот обично вклучува комбинација на лекови, вежби и промени во начинот на живот. Еден физиотерапевт може да започне програма со терапевтски вежби. Таа може да вклучува вежби за одржување на подвижноста, изометрички вежби, аеробик и изотонички вежби или вежби за издржливост. Се покажало дека тие подобруваат многу симптоми, вклучувајќи ја болката и отоците во зглобовите, заморот, немирот и депресијата. Користите од вежбањето се гледаат дури и кај оние што се многу стари. Вежбите можат да го ограничат и зголемувањето на порозноста на коските. Некои тврдат дека болката им се намалила кога применувале различни облици на терапија топло-ладно и акупунктура.b
Заради тоа што намалената телесна тежина може значително да ја намали болката во зглобовите, начинот на исхрана може да биде главен фактор во лекувањето на артритисот. Исто така, некои тврдат дека исхраната која вклучува производи богати со калциум како што е темниот лиснат зеленчук, свежото овошје и рибите од студените води богати со омега-3 масни киселини — а сиромашна со преработени производи и заситени масти — не само што може да помогне во намалувањето на телесната тежина туку може и да ја намали болката. Како? Некои велат дека таквата исхрана го потиснува воспалителниот процес. Освен тоа, постојат и тврдења дека кај некои лица е ефикасна исхраната во која е елиминирано месото, млечните производи, пченицата и зеленчукот од фамилијата Solonaceae, како што се доматите, компирите, пиперките и модриот патлиџан.
Во извесни случаи се препорачува хируршки зафат наречен артроскопија. Се користи еден инструмент за да се дојде директно до зглобот, при што хирургот може да го отстрани синовијалното ткиво што ги создава деструктивните ензими. Меѓутоа, овој зафат има ограничена ефикасност, бидејќи воспалението честопати повторно се појавува. Уште подрастичен оперативен зафат е артропластика на зглобот, во која целиот зглоб (обично на колкот или на коленото) се заменува со вештачки зглоб. Оваа операција има трајност од 10 до 15 години и честопати е многу ефикасна во отстранувањето на болката.
Во поново време лекарите се обидоа со помалку инвазивни лекувања, како што е зголемување на вискозноста, каде што директно во зглобот се инјектира хијалуронска киселина. Ова најчесто се применува на колениците. Инјектирањето супстанции што го стимулираат обновувањето на ’рскавицата (хондропротективни агенси) исто така имаше извесен успех, како што покажуваат некои истражувања во Европа.
Иако не е откриен лек што може да го излекува артритисот, многу лекови ја намалуваат болката и воспалението, а некои ветуваат и забавување на напредувањето на болеста. Дел од арсеналот што се користи за да се најде олеснување од исцрпувачките симптоми на артритисот се аналгетиците, терапијата со кортикостероиди, нестероидните антиинфламаторни лекови (НАИЛ), антиревматиците што ја модифицираат болеста (АМБ), имуносупресивите, модификаторите на биолошката реакција и лековите добиени со генетички инженеринг што влијаат врз имунолошката реакција. Меѓутоа, олеснувањето може да дојде по висока цена, бидејќи сите овие лекови можат да предизвикаат сериозни несакани ефекти. Одмерувањето на потенцијалните користи и ризици претставува предизвик и за пациентот и за лекарот.
Како успеале да се справат со оваа мачна болест оние што страдаат од штетите што ги нанесува артритисот?
[Фусноти]
a Меѓу нив се остеоартритисот, ревматоидниот артритис, системскиот лупус еритематозус, јувенилниот ревматоиден артритис, гихтот, бурзитисот, ревматската треска, Лајмовата болест, синдром на карпалниот тунел, фибромијалгија, Рајтеров синдром и анкилозантен спондилитис.
b Разбудете се! не се залага за која и да е терапија, лек или хируршка постапка. Секој болен има одговорност да истражи и внимателно да ги одмери третманите во светло на фактите што ги знае.
[Истакната мисла на страница 6]
ДЕБЕЛИНАТА, ПУШЕЊЕТО И ТРАНСФУЗИЈАТА НА КРВ МОЖАТ ДА ГО ЗГОЛЕМАТ РИЗИКОТ ОД ДОБИВАЊЕ РЕВМАТОИДЕН АРТРИТИС
[Рамка/слика на страница 8]
АЛТЕРНАТИВНИ ТЕРАПИИ
Се смета дека некои терапевтски агенси се побезбедни и создаваат помалку несакани ефекти отколку традиционалните методи на лекување. Во нив спаѓаат оралниот колаген од типот II, за кој некои истражувачи тврдат дека е успешен во намалувањето на отоците на зглобовите и на болката кај ревматоидниот артритис (РА). Како? Потиснувајќи ги проинфламаторните и деструктивни цитокини, имено интерлеукин-1 и факторот α кај туморната некроза. Се вели дека и неколку природни хранливи материи покажале извесна способност да ги потиснат овие деструктивни елементи. Во нив спаѓаат витамините Е и Ц, нијацинамид, рибините масла богати со икосапентаеноична киселина и гамалиноленска киселина, маслото од семе од пореч и маслото од јаглика. Во Кина, со години се користи Tripterygium wilfordii, лек на билна база. Се вели дека има извесен успех во намалувањето на последиците од РА.
[Графикон на страници 4 и 5]
(Види во публикацијата)
ЗДРАВ ЗГЛОБ
БУРЗА
МУСКУЛ
’РСКАВИЦА
ТЕТИВА
КАПСУЛА НА ЗГЛОБОТ
СИНОВИЈАЛНА МЕМБРАНА
КОСКА
СИНОВИЈАЛНА ТЕЧНОСТ
ЗГЛОБ СО РЕВМАТОИДЕН АРТРИТИС
НАМАЛЕН ПРОСТОР
РАЗЈАДУВАЊЕ НА КОСКАТА И ’РСКАВИЦАТА
ВОСПАЛЕНА СИНОВИЈАЛНА МЕМБРАНА
ЗГЛОБ СО ОСТЕОАРТРИТИС
СЛОБОДНИ ЧЕСТИЧКИ НА ’РСКАВИЦАТА
РАЗЈАДУВАЊЕ НА ’РСКАВИЦАТА
КОСКЕН ИЗРАСТОК
[Извор на слика]
Извор: Arthritis Foundation
[Слики на страница 7]
Од артритис можат да заболат луѓе од сите возрасти
[Слики на страница 8]
Со програма на вежби и исправна исхрана можат да се олеснат болките