Божјето име предизвикува полемика
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ХОЛАНДИЈА
ПРЕВЕДУВАЧИТЕ на една нова холандска Библија предизвикаа полемика како меѓу библиските изучувачи така и меѓу лаиците. Причината? Нивната одлука да го преведат Божјето име со зборот Хеер, односно Господ.
Во декември 1998, само неколку седмици откако преведувачите издадоа еден примерок од своето дело, група жени од една протестантска организација, Kerk en Wereld (Црква и светот), покрена протестна кампања по пошта. Од која причина? Тие го сметаат зборот „Господ“ за „премногу машки“. Наскоро и други групи — католички и протестантски — се придружија во протестната кампања. Во февруари 1999, тројца изучувачи ги придружија своите гласови велејќи дека се застапуваат едноставно за транслитерација на четирите хебрејски букви од Божјето име како ЈХВХ. По кратко време библиските изучувачи, преведувачи и теолози се состанаа во Амстердам за да дискутираат по ова прашање. На крајот на дискусијата, сите учесници беа замолени да гласаат кој превод го претпочитаат.
Под насловот „За име Божје, без расправии за Божјето име“, весникот Nieuwsblad van het Noorden извести за исходот: „ГОСПОД доби само седум гласа. Но, и повеќето алтернативи не добија многу повеќе гласови: Името (1), Единствениот (3), Милостивиот (6), Неименливиот (7), Живиот (10) и Вечниот (15). А победник е . . . ЈХВХ!“ На 15 март 2001, Одборот за надзор на новиот библиски превод одлучи да го користи ХЕЕР (ГОСПОД) со големи букви во намален фонт за да се прикаже божественото име.
Оваа полемика нагласува дека, и покрај несогласувањата за претпочитаниот превод на Божјето име на холандски јазик, изучувачите се согласуваат дека Бог има лично име. Во хебрејскиот јазик ова име се состои од четири хебрејски букви, имено, יהוה, односно ЈХВХ. Како го преведувале терминот ЈХВХ други библиски преводи на холандски јазик во минатото и денес?
Еден Холанѓанец, Николас Хуце, во 1762 издал голем формат од библискиот превод Staten. На насловната страница стоело: „Од важни и добро познати причини, го оставивме непреведено Божјето незаборавно име ЈЕХОВА“. Други прочуени холандски изучувачи — како што се професор Николас Бетс и Петруес Аухустас де Хенестет — исто така го користеле името Јехова.
Интересно, Преводот Нов свет на Светото писмоa доследно го користи името Јехова. Додатокот на Преводот Нов свет на холандски јазик наведува дека тој „и понатаму го користи обликот ‚Јехова‘ затоа што на луѓето им е познат со векови. Освен тоа, ги запазува . . . четирите букви од божественото име, ЈХВХ“. На тој начин, Преводот Нов свет им помогнал на милиони луѓе да ја запознаат вистината за Божјето име.
[Фуснота]
a Издаден од Јеховините сведоци.