Младите прашуваат . . .
Занимавање со окултизам — што има лошо во тоа?
ДАЛИ тинејџерите навистина се интересираат за окултизмот? Една група истражувачи се обиде да го открие тоа спроведувајќи анкета меѓу ученици од 115 основни и средни училишта. Анкетата ги откри следниве отрезнувачки статистики: Повеќе од половина од анкетираните (54 проценти) рекле дека се интересираат за окултизмот и натприродните сили, додека една четвртина (26 проценти) рекле дека се „многу заинтересирани“.
Истражувачите на Универзитетот Алјаска во Енкориџ пишуваат: „Статиите во весниците и списанијата во врска со наводната експлозија на активноста на сатанистичките култови . . . во последниве години зачестија“. Стручните лица велат дека нема многу цврсти докази што ќе ги поткрепат тврдењата дека меѓу младите е раширен сатанизмот. Па сепак, нема сомневање дека многу млади се заинтересирани за разни аспекти на сатанизмот и окултизмот, дури и ако таквиот интерес е само површен.
Затоа, некои млади можеби ќе прашаат: ‚Што има лошо во занимавањето со окултизам?‘. За да одговориме, најнапред да разгледаме некои начини на кои младите се впуштаат во окултизам.
Примамливоста на окултизмот
Една статија во U.S.News & World Report забележува дека „децата и тинејџерите денес имаат пристап и се изложени на збунувачки — честопати загрижувачки — обем на слики и информации што би биле незамисливи дури и пред само 20 години“. Љубопитноста наведува многу млади да читаат книги и списанија, да гледаат видеокасети или да серфуваат на Веб-сајтови на Интернет што содржат окултен материјал.
Според вестите на Би-Би-Си што одат на Интернет, се тврди дека популарните ТВ програми на кои се прикажуваат магии и вампиризам „потстрекнуваат кај децата интерес за магиите“. И некои видови хеви-метал музика исто така содржат насилнички или демонски теми. Колумнистот Том Харпер напишал во весникот The Sunday Star од Торонто: „Мора да го упатам најсилното можно предупредување во врска со она што се случува [во музиката] . . . Никогаш не сум видел нешто толку изопачено. Песните се преполни со лудило, опседнатост, демони, крв, пцовки, секакво насилство, вклучувајќи и силување, самоосакатување, убиство и самоубиство. Смрт и уништување, мрачни пророштва, отфрлање на сѐ што е добро и прифаќање на сѐ што е одвратно и злобно — тоа се темите“.
Дали слушањето таква музика навистина придонесува за деструктивно однесување? Очигледно имало такво влијание барем во еден случај — кај еден 14-годишен младинец во Соединетите Држави кој со нож ја избодел мајка си до смрт и потоа се самоубил. Ѕидовите на неговата соба биле покриени со постери на хеви-метал рок музичари. По настанот, неговиот татко преколнувал: „Кажете им на родителите да внимаваат каква музика слушаат нивните деца“. Тој рекол дека во текот на една седмица пред неговиот син да ја убие мајка си, постојано пеел некоја рок песна ‚за крв и убивање на својата мајка‘.
Потоа, тука се и игрите во кои играш некоја улога, при што во некои игри учесниците можат да играат улога на вештери и други окултни личности. Многу од овие игри содржат демонско насилство.a
Меѓутоа, истражувачката организација Медијаскоп известува: „Истражувањата покажуваат дека склоноста кон хеви-метал музика може да биде значаен показател за отуѓување, злоупотреба на супстанции, психички растројства, ризик да се изврши самоубиство . . . или ризично однесување во текот на адолесценцијата, но музиката не е причина за ваквото однесување. Се претпоставува дека тинејџерите што веќе се мачат со овие проблеми можеби се привлечени кон хеви-метал музиката затоа што текстовите на песните ги изразуваат токму нивните тегобни чувства“.
Можеби сите истражувачи нема да имаат исто мислење за опасностите од слушањето сатанистичка музика. Сепак, може ли „исхраната“ од видеокасети, музика или игри што прикажуваат насилство или самоуништување да не биде отровна? Но, за христијаните, занимавањето со окултизам носи уште поголема опасност.
Божјето гледиште за окултизмот
Во 1. Коринќаните 10:20, апостол Павле ги опоменал христијаните: „Јас не сакам вие да имате удел со демоните“. Кои се демоните и зошто е толку опасно да дојдеме во контакт со нив? Едноставно речено, демоните се поранешни ангели, кои одлучиле да го следат Сатана Ѓаволот. Сатана значи „Противник“, а Ѓавол значи „Клеветник“. Според Библијата, овој поранешен ангелски син на Бог се направил себеси противник и клеветник со тоа што одлучил да се побуни против Бог. Со текот на времето, тој навел и други ангели да му се придружат во бунтовничкиот правец. Со тоа, овие сојузници станале демони (Битие 3:1—15; 6:1—4; Јуда 6).
Исус го нарекол Сатана „владетелот на овој свет“ (Јован 12:31). Сатана и неговите демони чувствуваат „голем гнев“ поради тоа што им претстои уништување (Откровение 12:9—12). Не изненадува тоа што оние кои доаѓаат во контакт со демоните станале злобни. Една жена од Суринам, која израснала во семејство што практикувало спиритизам, видела од прва рака како демоните „уживаат да ги измачуваат своите жртви што не сакаат да им се подложат“.b Затоа, стапувањето во контакт со овие сурови духовни суштества на било кој начин е многу опасно!
Од таа причина, Бог му заповедал на својот древен народ, Израел, да ги избегнува сите окултни практики. „Му се гади на Господа, секој што прави нешто такво“, опоменува Второзаконие 18:10—12. И христијаните биле предупредени дека „оние кои практикуваат спиритизам“ ќе бидат уништени од Божјата рака (Откровение 21:8). Дури и површното занимавање со окултизам е осудено од Бог. „Престанете да го допирате она што е нечисто“, заповеда Библијата (2. Коринќаните 6:17).
Ослободување од окултните постапки
Дали веќе си ја направил грешката да се занимаваш со окултизам? Во тој случај, размисли за она што се случило во градот Ефес, во првиот век. Таму мнозина ‚се занимавале со магија‘. Но, некои биле трогнати од моќните дела што ги извршил апостол Павле со помош на светиот дух. Со какви резултати? „Мнозина од оние кои се занимаваа со магија ги собраа своите книги и ги изгореа пред сите. И ја пресметаа нивната цена и утврдија дека вредат педесет илјади сребреници. Така Јеховината реч моќно растеше и преовладуваше“ (Дела 19:11—20).
Што ни кажува ова? Дека, ако некој сака да излезе од канџите на демоните, мора да ги уништи сите предмети што се поврзани со сатанското обожавање! Тоа ги вклучува сите книги, списанија, постери, стрипови, видеокасети, амајлии (предмети што се носат за „заштита“) и демонски материјал земен од Интернет (Второзаконие 7:25, 26). Фрли ги сите предмети што би можеле да се користат за гатање, како што се кристални топки или алфабетски таблици. Ослободи се и од музиката или видеокасетите што содржат сатанистички теми.
Потребни се храброст и одлучност за да се преземат вакви смели чекори. Но, користите можат да бидат големи. Една христијанка по име Џинc купила компјутерска игра што на почетокот ѝ изгледала безопасна. Додека се пробивала низ нивоата на играта, открила аспекти од играта што имале спиритистички призвук. По кратко време почнала да сонува страшни соништа со насилство! „Се разбудив сред ноќ“, вели Џин, „и ги уништив сите ЦД-а со игри“. Со каков резултат? „Оттогаш немам проблеми“.
Ако покажеш вистинска одлучност да се ослободиш, ќе успееш. Сети се на одлучноста што ја покажал Исус кога Ѓаволот се обидел да го намами да го обожава. „Исус му рече: ‚Бегај, Сатано! Зашто напишано е: ‚Јехова, твојот Бог, да го обожаваш, и единствено нему да му принесуваш света служба‘. Тогаш Ѓаволот го остави“ (Матеј 4:8—11).
Не бори се сам
Апостол Павле нѐ потсетува дека сите христијани ‚водат борба против злите духовни сили на небесните места‘ (Ефешаните 6:12). Но, не обидувај се сам да се бориш со Сатана и неговите демони. Побарај помош од твоите богобојазливи родители и од старешините во локалното христијанско собрание. Можеби ќе ти биде незгодно да признаеш, но како резултат на тоа ќе добиеш поддршка која многу ти е потребна (Јаков 5:14, 15).
Исто така, не заборавај дека Библијата вели: „Спротивставете му се на Ѓаволот, и тој ќе побегне од вас. Приближете му се на Бог, и тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:7, 8). Да, ти ја имаш поддршката од Јехова Бог! Тој ќе ти помогне да се ослободиш од замката на окултизмот.
[Фусноти]
a Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Има ли опасност во игрите во кои играш некоја улога?“ во изданието на Разбудете се! од 8 декември 1999.
b Види ја статијата „Отфрлање на јаремот на спиритизмот“ во англиското издание на придружното списание Стражарска кула од 1 септември 1987, издадено од Јеховини сведоци.
c Името е променето.
[Слика на страница 24]
Ослободи се од сите предмети поврзани со сатанското обожавање
[Слика на страница 24]
Чувај се од Веб-сајтови што шират спиритизам