Дали е можна вистинска заштита?
ЕСЕИСТОТ Ралф Валдо Емерсон еднаш изјавил: „Плиткиот човек верува во среќа . . . Силниот човек верува во причината и последицата“. Да, човек кој својата вера ја полага во моќта на магичните амајлии и талисмани, управувањето со својот живот го предава на невидливите сили. Ги отфрла логиката и разумот и се подложува на неразумните празноверни стравови.
Меѓутоа, Библијата може да ослободи од таквите стравови. Покажува дека амулетите и амајлиите се немоќни, без влијание. На кој начин? Според The New Encyclopædia Britannica „за амулетите се мисли дека моќта што ја имаат потекнува од нивната поврзаност [меѓу останатото и] со природните сили“. Тие сили можеби се ‚духовите на умрените‘ или ‚силата на среќата‘. Но, Библијата јасно покажува дека мртвите „ништо не знаат“ (Проповедник 9:5). Според тоа, не постојат духови на умрените кои можат да им помогнат или да им нанесат зло на живите; ниту пак постои некаква невидлива сила во облик на среќа која може да делува во твоја корист.
Во библиски времиња, Бог ги осудил оние кои го напуштаат него, кои ја забораваат неговата света гора, оние кои „поставуваат трпеза за богот на Среќата и кои полнат мешано вино за богот на Судбината“ (New World Translation of the Holy Scriptures). Наместо да добијат заштита, овие застапници на среќата биле предадени на уништување. „Вас ве определив за меч“, изјавил Јехова Бог (Исаија 65:11, 12).
Со тоа што древната вавилонска нација практикувала волшебништво верувала во заштита од мистериозните сили. Но Вавилон бездруго претрпел несреќа. „Истрајувајте во вашите баења и чудовишни маѓепства“, ги предизвикал пророкот Исаија. „Можеби тие ќе ви помогнат . . . Но не! И покрај многуте ваши измами, немоќни сте“ (Исаија 47:12, 13, The New English Bible). Со текот на времето, оваа нација повеќе не постоела. Нивната вера во окултното се покажала залудна. Така и некаков магичен амулат, амајлија или талисман не може ништо да стори за да ти помогне или заштити.
Облик на идолопоклонство
Сепак, некои можеби не гледаат ништо штетно во тоа да носат кристал, зајачка шепа или религиозен медал. Дали тоа навистина се само безопасни ситници? Според Библијата — не. Таа вели дека окултната опрема е сѐ друго само не безопасна.
Употребата на амулетите е облик на идолопоклонство — нешто што јасно се осудува во Божјата Реч (2. Мојсеева 20:4, 5). Вистина, некој можеби не смета дека непосредно го обожува амулетот или талисманот. Но зарем не значи став на почитување и обожавање на невидливите окултни сили ако некој само поседува такво нешто? И зарем не е точно дека на самите амајлии им се посветува внимание во облик на обожавање (како што е бацување)? Затоа, Библијата во 1. Јованово 5:21, ги советува христијаните: „Пазете се од идолите“. Зарем тоа не ги вклучува и предметите кои се сметаат за амајлии или амулети?
Замката на окултното
Преку употребата на амулетите, многумина се фаќаат и во замката на окултното. Вистина, некои можеби носат кристал или магичен напиток повеќе од обичај отколку од убедување. Но исто како што флертување со проститутка може да води до инфекција со СИДА, така и флертување со окултното може да има кобни последици. Од добра причина Бог им забранил на Израелците да практикуваат магија, гатање и претскажување на иднината. „Секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа“, предупредува Библијата (5. Мојсеева 18:10-14).
Зошто била поставена ваква строга забрана? Затоа што невидливите сили кои стојат зад ваквите практики не се ниту духовите на умрените ниту, пак, моќта на среќата, туку Сатана Ѓаволот и неговите демони, а употребата на амулетите директно е поврзана со обожавањето на демоните.a Vine’s Expository Dictionary of Old and New Testament Words вели: „Во волшебништвото, употребата на дрога, било слаба или силна, во принцип била пропратена со баење и привлекување на окултните сили со употреба на различни амајлии, амулети итн.“
Според тоа, оној кој поседува окултна амајлија се вплеткува во спиритизам. Ризикува да биде доведен под злобното влијание и контрола на „богот од овој свет“ — Сатана, Ѓаволот (2. Коринтјаните 4:4). Тогаш, од добра причина Библијата ни заповеда да ги избегнуваме сите облици на спиритизам (Галатјаните 5:19-21).
Ослободување од празноверието
Бездруго, The World Book Encyclopedia забележува: „Празноверието веројатно ќе биде дел од животот сѐ додека луѓето имаат страв едни од други и се во неизвесност што се однесува до иднината“. Но Јеховините сведоци им помагаат на многумина да се ослободат од штетните празноверија. Една жена од Јужна Африка се сеќава: „Ме вознемируваа зли духови, а куќата ми беше полна со мути за да ме заштити од нив“. Јеховините сведоци ѝ помогнале да увиди колку е опасно да се игра со окултното. Како реагирала таа? „Почнав да фрлам сѐ за што сметав дека има некаква врска со демонизмот“, вели. „Здравјето ми се подобри. Го посветив својот живот на службата за Јехова и се крстив“. Денес таа е слободна од празноверието и спиритизмот.
Разгледај го примерот на еден билкар од Нигерија кој во своите исцелителски вештини го мешал спиритизмот. Кога Јеховините сведоци ќе го посетеле, тој по својот обичај ќе ги отерал од пред врата најчесто со закани и клетви. Еднаш дури приготвил посебна напивка, изговорил неколку враџби над неа и му го фрлил в лице на Сведокот! „За седум дена ќе бидеш мртов!“ — спиштел. Седум дена подоцна Сведокот се вратил, поради што билкарот истрчал од куќата верувајќи дека гледа дух! Неговата магија во тој момент се покажала безвредна. Се согласил на библиска студија и на крајот самиот станал Сведок.
И ти можеш да бидеш ослободен од оковите на стравот и празноверието. Вистина, тоа можеби нема да биде лесно. Можеби си израснал во култура каде употребата на амулети и амајлии е вообичаена. Христијаните во древниот Ефес се соочиле со ваков предизвик. Тие живееле во култура во која спиритизмот имал силно влијание. Што сториле кога ја дознале вистината од Божјата Реч? Библијата вели: „А мнозина од оние, кои правеа магии, собирајќи ги книгите свои, ги гореа пред сите; дури ја пресметаа и нивната цена и најдоа дека чинат до педесет илјади сребреници“ (Дела на св. апостоли 19:19).
Да се добие Божја заштита
Ако се ослободиш од сите траги на окултното, дали ќе бидеш оставен без заштита? Напротив, „Бог ни е нам прибежиште и сила, помошник, на секој кој во мака ќе се најде“ (Псалми 45:1). Божјата заштита особено ќе се покаже кога тој ќе го уништи овој зол систем на ствари. „Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки [за да бидат отсечени, NW] за судниот ден“ (2. Петрово 2:9; спореди Псалми 36:40).
Во меѓувреме, ‚времето и непредвидениот настан нѐ погодуваат сите нас‘ (Проповедник 9:11, NW). Бог не ветува дека неговите слуги ќе живеат лагоден живот или дека тој ќе ги заштити од сето зло кое може лично да им се случи. Сепак, тој ветува дека навистина ќе ја заштити нашата духовност и нашиот однос со него (Псалми 90:1-9). На кој начин? Како прво, ни дава закони и начела кои можат да ни користат и да нѐ заштитат од расипаното влијание на Сатана (Исаија 48:17). Со тоа што ќе стекнуваме спознание за Јехова и неговите патишта, ‚расудувањето ќе нѐ брани, а разумот ќе нѐ чува‘ — на пример од неполезни или штетни активности (Соломонови изреки 2:11).
Уште еден начин на кој Бог нѐ заштитува е со тоа што во време на искушенија ни дава ‚сила која е над она што е нормално‘ (2. Коринтјаните 4:7, NW). И кога ситуацијата се заканува дека ќе го надвладее христијанинот, Тој дава ‚мир Божји, што надвишува секој ум‘ за да ги запази срцата и мислите (Филипјаните 4:7). Да, христијанинот е опремен за да ‚се одржи против ѓаволското лукавство‘ (Ефесјаните 6:11-13).
Како можеш да ја добиеш таквата заштита? Почни да стекнуваш спознание за Јехова и неговиот Син, Исус Христос (Јован 17:3). Јеховините сведоци можат многу да сторат за да ти помогнат во тоа. Додека развиваш присен однос со Јехова, ќе можеш да ја почувствуваш неговата љубезна заштита. Бог вели, како што стои во Псалм 90:14: „Бидејќи се надеваше на Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое“.
Навистина, ако си му верен на Бог, тој на крајот ќе те благослови со вечен живот во претстојниот нов свет. За оние кои ќе живеат во тоа време Јехова гарантира: „И никој нема да ги плаши, зашто устата на Господа Саваот го изрекла тоа“ (Михеј 4:4). Болеста и смртта повеќе нема да постојат (Откровение 21:4). Сепак, уште денес можеш да уживаш извесна мера на сигурност — ако развиваш близок однос со Јехова. Како и псалмистот, и ти ќе можеш да речеш: „Мојата помош е од Господа, Кој ги создаде небото и земјата“ (Псалми 120:2).
[Фуснота]
a За повеќе информации види во брошурата Духовите на умрените — Дали можат да ти помогнат или да ти наштетат? Дали навистина постојат? издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
[Слика на страница 6]
Христијаните во Ефес се ослободиле од сѐ што било поврзано со окултното
[Слика на страница 7]
Под Божјето Царство, ќе нема повеќе страв