Можат ли да те заштитат амајлиите за среќа?
БРАЗИЛЕЦ носи кристал во џепот, а американски атлетичар, паричка за среќа. Над креветот во домот на едно ирско семејство виси крстот на св. Бригита. Милиони луѓе овие предмети ги употребуваат како амајлии за среќа, или амулети,a и веруваат дека, ако ги поседуваат, тие можат да ги заштитат од зло и да им донесат среќа.
Земи го, на пример, Бразил. Според списанието Veja, многу Бразилци носат „камчиња или полудраги камења на кои им припишуваат моќ да ја привлечат среќата и виталните енергии кон оној кој ги поседува тие предмети“. Други пак во таа земја, од страв да не ги омаловажат окултните сили, на ѕидот од својот дом обесуваат религиозна слика или некаков натпис. Некои дури Библијата ја користат како света амајлија; ја ставаат на маса секогаш отворена на Псалм 90.
Во Јужна Африка, мути, или народната медицина, се употребува на сличен начин, не само поради нејзините исцелителски својства туку и како заштита од несреќа. Сметаат дека болестите, смртта, финансиските незгоди, па дури и несреќните љубови се случиле поради магија која им ја направиле непријателите или пак поради тоа што не успеале да ги смират мртвите претци. Мути обично се добива од некој селски бајач кој вари напивки од растенија, дрвја или од делови од животни. Меѓутоа, интересно е што мути не е ограничена само на селата; оваа практика е раширена и во градовите на Јужна Африка. Меѓу оние кои се ослонуваат на мути се наоѓаат и бизнисмени и луѓе со факултетски дипломи.
Потрагата по среќа е вообичаена и во Европските земји. Книгата Studies in Folklife Presented to Emyr Estyn Evans нѐ информира: „Скоро не постои жупанија или град во Ирска во кои не би можело да се види коњска потковица прицврстена на или над вратата од некој дом или шупа“. Уште повообичаени се крстовите за среќа исплетени од трска и обесени над креветите или вратите. Набљудувачите велат дека општо гледано, повеќето Ирци не ги сфаќаат сериозно таквите празноверија. Сепак, малкумина од нив ги игнорираат потполно.
Стремеж кон заштита
Што е привлечно во ваквите празни верувања? Очигледно ја задоволуваат основната потреба за сигурност кај луѓето. И навистина, колку луѓе се чувствуваат безбедни во своите домови, а камоли ноќе на улица, ако се додаде кон тоа и трудот да се заработи за живот и грижата околу децата? Да, живееме во време кое Библијата го нарекува „време на неволји“ (2. Тимотеј 3:1, The New English Bible). Затоа, сосем е природно што луѓето имаат силна потреба од заштита.
Тоа може особено да биде случај во култури каде што различните облици на спиритизам и магија се популарни. Стравот од наводните духови на мртвите или да се биде жртва на клетва од страна на непријател може да направи таквата т. н. заштита од амајлија или талисман да изгледа нужна. Како и да е, The World Book Encyclopedia забележува: „Повеќето луѓе, поради своите стравови, се чувствуваат несигурни. Празноверието им помага да ги надвладеат таквите стравови така што им пружа сигурност, уверувајќи ги дека што ќе посакаат тоа и ќе добијат и дека ќе избегнат неволја“.
Сомнителната сила на амајлиите
Така, луѓе од целиот свет носат, чуваат и истакнуваат амулети, талисмани и амајлии од различен вид и облик. Но дали е разумно да се верува дека амајлија, што ја изработил човек, може да понуди некаква вистинска заштита? Повеќето предмети кои популарно се употребуваат како амајлии се сериски комерцијални производи кои се произведуваат масовно. Зарем не се противи на логиката и здравиот разум да се верува дека нешто што е изработено во фабрика може да има магична моќ? Па дури и напивка која специјално ја приготвил селски бајач не е ништо друго освен една смеса од обични супстанции — корења, билки и слично. Зошто таквата смеса би имала магични својства? Освен тоа, дали постои некој очигледен доказ дека луѓето кои користат амулети живеат подолго — или посреќно — од оние кои не ги користат? Зарем не се жртви на болести и смрт и оние кои ги прават таквите магични амајлии?
Наместо да им пружи на луѓето вистинска заштита и чувство дека владеат со своите животи, празноверната употреба на амулетите и талисманите всушност ги одвраќа луѓето разумно да се соочат со своите проблеми и ги поттикнува да се надеваат на среќата како на лек за сѐ. Верувањето во моќта на амаулетите исто така може на оној што ги користи да му даде лажно чувство на сигурност. Еден човек кој е под влијание на алкохол може да тврди дека рефлексите и способностите не му се ослабени, но ако се обиде да вози, најверојатно ќе ги повреди и другите, и себеси. Оној кој ја положува својата вера во моќта на амулетите може на сличен начин да си нанесе штета. Мислејќи дека е заштитен, може да се препушта на неразумни ризици или да донесува немудри одлуки.
Верувањето во силата на амулетите поставува и други сериозни опасности кои се сокриени од милионите кои ги користат. Кои се тие опасности и дали постои некаков соодветен начин да го спречиме злото? Следната статија ќе ги обработи овие прашања.
[Фуснота]
a Webster’s Ninth New Collegiate Dictionary го дефинира зборот „амулети“ на следниов начин: „Амајлија (како орнамент), често пати испишана со враџби или знак кој треба да го заштити носителот од зло (како болест или магија) или да му помогне“.