Го изгубив моето неродено бебе
ПОНЕДЕЛНИК, 10 април 2000, беше топол сончев ден и затоа сакав да завршам некои работи. Штотуку влегував во второто тромесечие од бременоста и, иако не се чувствував многу силна, бев радосна што сум надвор. Тогаш, додека чекав ред на касата во едно дуќанче, почувствував дека нешто не е во ред со мене.
Моите стравови се потврдија кога се вратив дома. Крвавев — а тоа не се случи во текот на претходните две бремености — и затоа се преплашив! Му се јавив на мојот лекар, но тој предложи да почекам и да појдам следниот ден бидејќи и онака имав закажано за тогаш. Таа вечер, пред да си легнат нашите две деца, мојот сопруг и јас се помоливме заедно, барајќи од Јехова да ни ја даде потребната сила за сѐ што ни претстои. Потоа заспав.
Но, некаде околу два часот се разбудив со силни болки. Постепено болката попушти, но баш додека повторно тонев во сон, пак се појави и овој пат доаѓаше во редовни интервали. Крвавењето се засили и сфатив дека добив контракции. Брзо размислував, обидувајќи се да откријам дали сум сторила нешто што предизвикало да се случи ова, но не ми паѓаше на ум што ли сум направила погрешно.
Некаде во пет часот наутро знаев дека ќе морам да појдам в болница. Кога пристигнавме со мојот сопруг, ни олесни што се најдовме во рацете на многу љубезен, услужлив и сочувствителен персонал во одделот за итни случаи. Потоа, по два часа, лекарот ни ја кажа веста од која се плашевме: го изгубив моето бебе.
Поради претходните симптоми, јас бев подготвена за ваков исход и ја примив веста прилично добро. Освен тоа, мојот сопруг беше крај мене цело време и ми даваше огромна поддршка. Но, кога требаше да си појдеме дома без бебе, се прашувавме што да им кажеме на нашите две деца, Кејтлин, која имаше шест години, и Дејвид, кој имаше четири години.
Што да им кажеме на децата?
Децата си легнаа свесни дека нешто не е во ред, но како да им кажеме дека нивното идно братче или сестричка умрело? Одлучивме да бидеме отворени и искрени. Мајка ми ни помогна во тоа кажувајќи им на децата дека бебето нема да си дојде дома со нас. Кога пристигнавме, тие ни дотрчаа во пресрет и многу нѐ гушкаа и нѐ бакнуваа. Првото прашање им беше: „Дали бебето е добро?“ Јас не можев да им одговорам, но мојот сопруг, држејќи нѐ сите во цврста прегратка, рече: „Бебето умре“. Се гушкавме и плачевме, и тоа помогна да започне нашето лекување.
Но, не бевме сосема подготвени за подоцнежните реакции на децата. На пример, околу две седмици по спонтаниот абортус, во локалното собрание на Јеховините сведоци беше известено дека еден постар Сведок, близок пријател на нашето семејство, умрел. Четиригодишниот Дејвид почна неконтролирано да липа и затоа маж ми го изнесе надвор. Откако се смирил, Дејвид прашал зошто умрел неговиот пријател. Потоа прашал зошто умрело бебето. Како следно, му рекол на татка си: „Дали и ти ќе умреш?“ Исто така, сакал да знае зошто Јехова Бог сѐ уште не го уништил Сатана и не почнал „да ги средува работите“. Навистина бевме изненадени кога видовме што сѐ минува низ неговиот млад ум.
И Кејтлин поставуваше многу прашања. Кога си играше со своите кукли, честопати си замислуваше дека една кукла е болна, додека другите кукли стануваа медицински сестри или членови на семејството. Таа употреби една картонска кутија како болница за кукли и понекогаш си замислуваше дека една од куклите ѝ умрела. Прашањата и игрите на нашите деца ни дадоа многу прилики да им дадеме важни поуки за животот и за тоа како Библијата може да ни помогне да се справиме со искушенијата. Ги потсетивме и на Божјата намера да ја претвори земјата во прекрасен рај, во кој ќе нема никакво страдање и болка — дури ни смрт (Откровение 21:3, 4).
Како се справив со загубата
Кога првпат се вратив дома од болница, бев емоционално умртвена и збунета. Насекаде околу мене имаше работи што требаше да ги правам, но не знаев од каде да почнам. Им се јавив на неколку пријателки што имаа слично искуство и тие многу ме утешија. Една драга пријателка ни испрати цвеќиња и се понуди да ги земе децата тоа попладне. Бев многу благодарна за нејзината срдечна грижа и практична помош!
Ги средив семејните фотографии во албуми. Ги гледав и ги држев неупотребените бебешки алиштенца — единствените допирливи работи што ме потсетуваа на бебето што го изгубив. Со недели бев во емоционална збрка. Некои денови не можев да престанам да плачам — и покрај големата поддршка што ја добивав од семејството и пријателите. Понекогаш мислев дека ќе полудам. Особено ми беше тешко да бидам со пријателки што беа бремени. Претходно си мислев дека спонтаниот абортус е само нешто минливо во животот на жената, нешто што го преболуваме без многу проблеми. Колку само грешев!a
Љубовта — најдобриот лек
Освен времето што минуваше, ефикасен лек беше и љубовта што ми ја покажаа сопругот и сохристијаните. Една сестра подготви оброк и ни го донесе. Еден собраниски старешина и неговата сопруга ни донесоа цвеќе и прекрасна картичка и останаа со нас таа вечер. Знаевме колку се зафатени и затоа нивната обѕирност нѐ трогна. Многу други пријатели ни испратија картички и цвеќиња. Едноставните зборови „Мислиме на вас“ ни значеа толку многу! Еден објавител од собранието напиша: „На животот гледаме онака како што гледа Јехова — како нешто многу скапоцено. Ако тој знае кога ќе падне некое врапче на земја, тогаш сигурно знае кога ќе падне и човечки фетус“. Мојата снаа ми напиша: „Нѐ воодушевува чудото на раѓање и живот и подеднакво сме изненадени кога нема да успее“.
Додека бев во Салата на Царството, по неколку седмици, ми дојде да заплачам и морав да излезам пред да започне состанокот. Две драги пријателки што забележаа дека излегов расплакана седнаа со мене во автомобилот, ме држеа за рака и ме насмеаја. Наскоро сите три се вративме внатре. Колку е радосно да се има пријатели што ‚се поприврзани од брат!‘ (Пословици 18:24).
Откако се рашири веста, се изненадив кога дознав колку други Сведоци поминале низ истото искуство. Дури и некои со кои не бев толку блиска претходно можеа да ми дадат посебна утеха и охрабрување. Нивната поддршка полна со љубов во моментот кога ми беше потребна ме потсети на библиската изрека: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17).
Утеха од Божјата реч
Меморијалот на Христовата смрт се одржа седмицата по мојот спонтан абортус. Една вечер, додека ги читавме библиските извештаи за Исусовите последни денови, одеднаш ми дојде мислата: ‚Јехова знае колку е болно да изгубиш нешто. Тој го изгубил својот син!‘ Бидејќи Јехова е наш небесен Татко, понекогаш заборавам колкаво разбирање покажува тој и колкаво сочувство има кон своите слуги — и мажи и жени. Во тој момент почувствував огромно олеснување. Се чувствував поблиска до Јехова од кога и да е порано.
Исто така, црпев големо охрабрување и од библиските публикации, особено од минатите изданија на списанијата Стражарска кула и Разбудете се! што зборуваат за загубата на некој сакан. На пример, многу ми помогнаа статиите на тема „Соочување со загубата на дете“ во англиското издание на Разбудете се! од 8 август 1987, како и брошурата Кога ќе умре некој што го сакаш.b
Крај на жалоста
Како што минуваше времето, знаев дека закрепнувам кога успевав да се смеам без да чувствувам вина и да разговарам без да го спомнувам бебето што го изгубив. Па сепак, понекогаш наидував на „емоционални мини“, на пример, тогаш кога ќе се видев со пријатели што не чуле за мојот спонтан абортус или кога во нашата Сала на Царството ќе дојдеше некое семејство со ново бебе.
Потоа, едно утро се разбудив чувствувајќи дека конечно облаците се подигнале. Уште пред да ги отворам очите, имав чувство дека сум излечена — мир и спокојство што не ги имав почувствувано со месеци. Сепак, кога повторно забременив околу една година откако го изгубив бебето, пак ми се појавија мисли дека би можела да имам уште еден спонтан абортус. За среќа, во октомври 2001 ми се роди здраво машко бебе.
Сѐ уште тагувам по бебето што го изгубив. Сепак, целиот тој настан го зголеми моето ценење за животот, за семејството, за сохристијаните и за Бог — кој нѐ утешува. Исто така, тоа искуство ја подвлече трогателната вистина дека Бог не ни ги зема децата туку дека „времето и непредвидениот настан им се случуваат на сите“ (Проповедник 9:11).
Со нетрпение го очекувам времето кога Бог ќе ја отстрани жалоста, плачот и болката, вклучувајќи ја и физичката и емоционалната болка што се доживува кога ќе дојде до спонтан абортус (Исаија 65:17—23). Тогаш сите послушни луѓе ќе можат да речат: „Смрт, каде ти е победата? Смрт, каде ти е осилото?“ (1. Коринќаните 15:55; Исаија 25:8). (Приложено.)
[Фусноти]
a Истражувањето покажува дека секој реагира на свој начин на спонтаниот абортус. Некои се збунети, други се разочарани, а трети се премногу тажни. Жалоста е природна реакција на сериозната загуба како што е спонтаниот абортус, велат истражувачите, и таа е дел од процесот на лекување.
b Издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка на страница 25]
Зачестеност и причини за спонтаниот абортус
„Истражувањата покажуваат дека 15 до 20 проценти од сите дијагностицирани бремености завршуваат со спонтан абортус“, вели The World Book Encyclopedia. „Но, ризикот од спонтан абортус е највисок во текот на првите две седмици по зачнувањето (оплодувањето), период кога повеќето жени не ни знаат дека се бремени“. Други податоци наведуваат дека повеќе од „80 проценти од спонтаните абортуси се случуваат во текот на првите 12 седмици од бременоста“, од кои барем половина се смета дека се предизвикани од дефекти во хромозомите на фетусот. Овие дефекти не се резултат на слични дефекти во хромозомите на мајката или таткото.
Други причини за спонтан абортус можат да бидат поврзани со здравствената состојба на мајката. Медицинските лица укажуваат на хормонални нарушувања и нарушувања на имунолошкиот систем, инфекции и абнормалности во грлото на матката или во матката на мајката. Хроничните болести како што е дијабетесот (ако не се контролира соодветно) и високиот крвен притисок можат исто така да бидат некои од факторите.
Според експертите, спонтаниот абортус не е секогаш предизвикан од физички вежби, кревање тешки предмети или сексуални односи. Слаба е веројатноста да се предизвика спонтан абортус со некој пад, мал удар или ненадеен страв. Едно дело наведува: „Фетусот нема да биде оштетен од повреда освен ако повредата не е толку сериозна што го загрозува Вашиот живот“. Колку само добро сведочи конструкцијата на матката за еден мудар и љубезен Творец! (Псалм 139:13, 14).
[Рамка/слика на страница 27]
Како можат да помогнат семејството и пријателите
Понекогаш е тешко да се знае што точно да се рече или да се направи кога некоја роднина или некоја пријателка ќе има спонтан абортус. Луѓето реагираат различно на таквата загуба и затоа не постои едноставна формула за утеха и помош. Сепак, разгледајте ги следниве предлози.c
Практични работи што можете да ги направите за да помогнете:
◆ Понудете се да се грижите за постарите деца.
◆ Подгответе оброк и однесете му го на семејството.
◆ Не заборавајте го и таткото. Како што рекол еден татко, „во ваква ситуација не се произведуваат многу картички за татковците“.
Ќе биде од помош да речете:
◆ „Чув за твојот спонтан абортус и многу ми е жал.“
Овие едноставни зборови значат многу и можат да ја отворат вратата за натамошни утешни зборови.
◆ „Во ред е да се плаче.“
Солзите честопати се на работ на очите во првите седмици, па дури и месеци, по спонтаниот абортус. Уверете ја личноста дека немате пониско мислење за неа ако ги покажува своите чувства.
◆ „Може ли да ти се јавам повторно следната седмица за да видам како си?“
Во почетокот, на оние што имале спонтан абортус може да им се покаже многу сочувство, но како што одминува времето и тие сѐ уште чувствуваат болка, можеби ќе имаат чувство дека другите ги заборавиле. Добро е да знаат дека Вие и понатаму ги поддржувате. Чувствата можат да продолжат да се јавуваат со седмици или со месеци. Можат да надојдат дури и по успешна бременост.
◆ „Навистина не знам што да кажам.“
Честопати е подобро да се рече ова отколку да не се рече ништо. И Вашата искреност и фактот дека сте таму ја одразуваат Вашата грижа.
Што да не се рече:
◆ „Секогаш можеш да имаш друго бебе.“
Иако тоа е вистина, може да се сфати како недостиг на сочувство. Родителите не го сакале кое и да е бебе, тие го сакале токму тоа бебе. Пред да размислуваат за друго бебе, веројатно ќе треба да го прежалат бебето што го изгубиле.
◆ „Можеби нешто не било во ред со него.“
Иако можеби е така, тоа не е многу утешно. Во мислите на мајката, таа носела здраво бебе.
◆ „Барем не го запозна бебето. Ќе беше многу полошо да се случеше подоцна.“
Повеќето жени се приврзуваат за своето неродено бебе многу рано. Затоа, кога тоа бебе ќе умре, обично следи жалост. Оваа жалост е зголемена од фактот што никој друг не го „познавал“ бебето како што го познавала мајката.
◆ „Барем ги имаш другите деца.“
За ужалените родители ова може да биде исто како на некој сакат човек што ја изгубил раката да му се рече: „Барем имаш друга рака“.
Се разбира, мора да се признае дека дури и најгрижливите и најискрени луѓе понекогаш кажуваат нешто погрешно (Јаков 3:2). Затоа, проникливите жени што имале спонтан абортус ќе покажат христијанска љубов ако не им се лутат на оние што даваат добронамерни но нетактични забелешки (Колошаните 3:13).
[Фуснота]
c Адаптирано од A Guide to Coping With Miscarriage (Водич за справување со спонтаниот абортус), подготвен од Групата за поддршка при спонтан абортус во Велингтон (Нов Зеланд).