Слушајте и учете
„ЦЕЛИ 85 проценти од она што го знаеме сме го научиле со слушање“, вели еден извештај во весникот Toronto Star. Иако голем дел од времето го минуваме во слушање, нешто ни го одвлекува вниманието, преокупирани сме или, пак, забораваме 75 проценти од она што сме го чуле. Овие впечатливи статистики ја нагласуваат потребата да ја развиеме нашата способност да слушаме.
„Слабата умешност на слушање лежи во основата на многу проблеми во општеството“, вели еден извештај. Ребека Шафир, патолог за говор и стручњак за комуникација, смета дека ова честопати е фактор во самоубиствата, насилството на училиште, распадот на семејствата и злоупотребата на дрога.
Социолозите забележуваат дека луѓето имаат различни стилови на слушање. Некои се слушатели ориентирани на луѓе и сакаат да ги чујат сите интересни детали поврзани со некоја приказна. Други се слушатели ориентирани на настани и сакаат говорникот да премине на главното. „Затоа, во некој разговор помеѓу слушател ориентиран на луѓе и слушател ориентиран на настани постои можност за неуспешна комуникација“, вели Star.
Со добра причина Исус ја нагласил потребата ‚да обрнеме внимание на тоа како слушаме‘ (Лука 8:18). Доброто слушање покажува добри манири. Тоа е неопходен дел од добрата конверзација. Практичните предлози за тоа како да се слуша во некој разговор вклучуваат игнорирање на она што го одвлекува вниманието, благо наведнување напред и реагирање со поглед и климање со главата. Бидејќи голем дел од нашето учење зависи од тоа дали ефикасно слушаме, мораме постојано да работиме на тоа да бидеме внимателни.