Гледиште на Библијата
Дали Бог ги одобрува војните?
КОЛКУ само често владетелите, генералите, па дури и свештениците објавувале или застапувале војни во името на Бог! Во 1095, со благослов на папата Урбан II, започнала Првата крстоносна војна со која христијанскиот свет сакал повторно да го заземе „Светиот град“, Ерусалим. Но, пред да стигнат на својата цел, една група крстоносци биле погубени од Турците, чија ревност за Алах била еднаква на верата во тројство што ја имале крстоносците.
Во август 1914, во текот на Првата светска војна, еден млад Германец напишал од својот логор: „Ако има правда и божествено водство во историјата — а во тоа сум апсолутно убеден — тогаш победата мора да биде наша“. Истиот тој месец, цар Николај II ги испратил руските војски против Германија, објавувајќи: „Од сѐ срце ги поздравувам моите јуначки трупи и моите славни сојузници. Бог е со нас!“
Така охрабрени, милиони војници отишле на фронтот, потполно уверени дека Бог е на нивна страна. Многу луѓе сметаат дека Бог го допушта таквото војување како цена за слободата и го поткрепуваат тоа посочувајќи ги војните во Хебрејските списи (обично наречени Стар завет). Дали е исправно нивното толкување на Божјата реч?
Војните на древниот Израел
Јехова Бог издал одредба Израел да води војни за да ја ослободи Ветената земја од изопачените Ханаанци (Левит 18:1, 24—28; Второзаконие 20:16—18). Токму онака како што Бог ги казнил злосторниците со потоп во времето на Ное и со оган во случајот на Содом и Гомор, така ја употребил нацијата Израел како свој меч на извршување суд (Битие 6:12, 17; 19:13, 24, 25).
Според Библијата, Израел водел и други битки под Божје водство, обично за да ги одбие непријателите што се заканувале без причина. Кога нацијата му била послушна на Јехова, војните што ги водела имале поволен исход (Битие 34:24; 2. Самоил 5:17—25). Но, кога Израел ќе се осмелел да се бори спротивно на божествениот совет, тоа водело до катастрофа. Разгледај го случајот на цар Јеровоам. Игнорирајќи едно директно пророчко предупредување, ја испратил својата огромна војска во граѓанска војна против Јуда. Кога масакрот конечно завршил, 500.000 војници на Јеровоам биле мртви (2. Летописи 13:12—18). Дури и верниот крал Јосија во една прилика тргнал во битка во која не требало да се вмеша. За таа избрзана одлука платил со својот живот (2. Летописи 35:20—24).
Што покажуваат овие настани? Дека во древниот Израел, одлуката да се води војна ја донесувал Бог (Второзаконие 32:35, 43). Тој го праќал својот народ да се бори со одредени намери. Меѓутоа, тие намери биле постигнати уште многу одамна. Освен тоа, Јехова претскажал дека оние што му служат „на крајот на деновите“ ќе „ги прековаат мечевите во плугови“ и нема ‚да се учат веќе на војување‘ (Исаија 2:2—4). Јасно, библиските војни не ги оправдуваат денешните конфликти, од кои ниеден не се води под Божје водство ниту на негова заповед.
Ефектот на Христовото учење
Додека бил на земјата, Исус покажал како да се замени омразата со несебична љубов, давајќи заповед: ‚Љубете се еден со друг како што јас ве љубев вас‘ (Јован 15:12). Исто така, тој рекол: „Среќни се мирољубивите“ (Матеј 5:9). Грчкиот збор „мирољубиви“ што е употребен овде значи повеќе отколку само да се ужива состојба на спокојство. Тој вклучува да се негува мир, активно да се работи за да се унапреди добра волја.
За време на апсењето на Исус, апостол Петар се обидел да го одбрани со убиствено оружје. Но, Божјиот Син го прекорил со зборовите: „Врати го својот меч на неговото место, зашто сите кои се фаќаат за меч, од меч и ќе погинат“ (Матеј 26:52). Како ги примениле овие зборови христијаните од првиот век? Забележете ги следниве цитати.
„Едно внимателно разгледување на достапните информации [покажува] дека, сѐ до времето на Марко Аврелиј [121—180 н.е.], ниту еден христијанин не станал војник; и ниту еден војник, откако станал христијанин, не останал во воена служба“ (The Rise of Christianity — Подемот на христијанството).
„Однесувањето на [раните] христијани било многу поинакво од она на Римјаните . . . бидејќи Христос проповедал мир, тие одбивале да станат војници“ (Our World Through the Ages — Нашиот свет низ вековите).
Бидејќи Христовите ученици одбивале да служат во легиите на императорот, Римјаните убиле многу од нив. Зошто христијаните задржале таков непопуларен став? Затоа што Христос ги поучил да бидат миротворци.
Војување во денешно време
Замислете си каква страшна ситуација би настанала кога Христовите следбеници би се бореле во спротивставени војски, обидувајќи се да се убијат едни со други. Таквото сценарио би било спротивно на христијанските начела. Всушност, оние што го слушаат Богот на Библијата не повредуваат никого — дури ни своите непријателиa (Матеј 5:43—45).
Јасно, Бог не ги благословува денешните световни војни меѓу луѓето. Бидејќи се мирољубиви, вистинските христијани го поддржуваат мирот што ќе биде воспоставен во целиот свет под Божјето Царство.
[Фуснота]
a Библијата зборува за „Ар-Магедон“, наречен и „војната на големиот ден на Семоќниот Бог“. Ова не се однесува на човечка војна туку на Божјето селективно уништување на злосторниците. Значи, Ар-Магедон не може да се употреби за да се оправдаат современите човечки конфликти или да се заклучи дека Бог ги благословува (Откровение 16:14, 16; 21:8).
[Слика на страница 28]
Шпанскиот генерал Франсиско Франко, сликан со неколку католички свештеници
[Извор на слика]
Фотографија на Националната архива на САД
[Слика на страница 29]
Грчки православни свештеници ги благословуваат војниците пред да заминат на Косово, 11 јуни 1999
[Извор на слика]
AP Photo/Giorgos Nissiotis