ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g02 8/9 стр. 20-23
  • Чудото од ноево јајце

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Чудото од ноево јајце
  • Разбудете се! 2002
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Негување на јајцата
  • Поглед внатре
  • Излегување од лушпите
  • Запознавање со новите родители
  • Брзоногиот, неспособен за лет и фасцинантен ној
    Разбудете се! 1999
  • Јајцето на птиците
    Разбудете се! 2011
  • Моите пчели изведоа пилиња!
    Разбудете се! 1998
Разбудете се! 2002
g02 8/9 стр. 20-23

Чудото од ноево јајце

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ЈУЖНА АФРИКА

НЕПОДВИЖНО во инкубаторот, ноевото јајце не открива ништо за она што се случува во него или за драматичната претстава што ќе започне наскоро. Меѓутоа, овде на фармата за ноеви имаме прилика да научиме нешто за фасцинантниот развој на нојот, започнувајќи од положувањето јајца.

Негување на јајцата

Во едно примитивно гнездо во песокот, мајката ној лежи врз своите јајца што имаат боја на слонова коска, од кои секое тежи 1.450 грама.a Потоа, секој ден, работниците ги пренесуваат новоснесените јајца во инкубаторите на фармата, кои ќе бидат нивни дом околу шест седмици.

Сега е време за негување на јајцата што се во инкубатор. Се чуваат на топло и удобно место на околу 37 Целзиусови степени — идеална температура за да се развијат новите пиленца во лушпите. За да се спречи жолчката или ембрионот да се сталожат на дното на јајцето и да се прилепат за мембраната на лушпата, фармерот ги чува јајцата во посебни табли каде што автоматски се превртуваат, или, пак, самиот рачно ги превртува јајцата секој ден. Со тоа се имитира начинот на кој родителите ноеви редовно ги превртуваат јајцата во нивната песочна детска соба во степата.

Поглед внатре

Но, како можеме да дознаеме што се случува внатре во јајцето? Нежно кревајќи едно јајце, фармерот го става во еден отвор на врвот на една кутија во која има вклучена светла сијалица. Оваа процедура, позната како прегледување со помош на светлина, му дава на фармерот бледа претстава за извонредните настани што се случуваат во внатрешноста на јајцето. Одвреме навреме тој ги прегледува јајцата со помош на светлина за да го провери напредокот на животот внатре. Ако неколку такви прегледувања покажат дека средината на јајцето останува течна, очигледно е дека тоа не е оплодено и затоа не се враќа во инкубаторот.

Во текот на 39 дена, колку што лежи ноевото јајце во инкубатор, во лушпата што е како порцелан се случува чудесен раст. Истовремено се формира една воздушна ќеса, која со текот на времето зафаќа околу една третина од слободниот простор во јајцето.b На неиспилените пиленца им станува многу тесно во лушпите и тие се поставуваат во положба за нивното скорешно излегување. Но, прво мора да се случи еден многу важен процес — жолчната кесичка мора да почне да се движи низ папочната врвца и папокот и да дојде до нивното мало стомаче. Ова е многу битно затоа што жолчната кесичка содржи хранливи состојки и енергија што наскоро ќе им требаат додека се пробиваат во надворешниот свет.

Излегување од лушпите

Конечно, пристигнува големиот ден и ние сме овде за да го видиме. Прво, малите пиленца мораат да се пробијат низ мембраната во воздушната кесичка пред да успеат да дојдат до самата лушпа. За разлика од други пилиња што имаат голем заб за да ја скршат лушпата, ноевите имаат заштитен слој што помага да се заштити врвот на нивниот мек клун. Држејќи го заштитениот клун наспроти внатрешната страна на лушпата, пиленцето го турка задниот дел од вратот наспроти мембраната што го одвојува од соседната воздушна кесичка. По многу туркање и триење, оваа мембрана конечно се кине. Ова му овозможува на пиленцето да го зафати целиот простор во лушпата. (Видете го дијаграм А.)

Ситните бели дробови на пиленцето конечно го земаат првиот здив воздух! Неговите мали бели дробови сега работат. Меѓутоа, сиот напор прави да стане неподносливо задушливо во тесниот простор во јајцето. Затоа пиленцето не може да се откаже сега — мора да продолжи да се бори и самото да ја скрши лушпата. Со сета своја сила, пилето постојано ја турка главата наназад, удирајќи со врвот на клунчето од внатрешната страна на лушпата. Одеднаш, истоштеното пиленце гледа слаба светлина кога на лушпата се појавува една тесна пукнатина — и од неа пиленцето чувствува вистински свеж воздух! (Видете го дијаграм Б.)

По одморот што му е многу потребен, новоизведеното пиленце добива доволно сила да продолжи да ја крши распукнатата лушпа, добро користејќи ја десната нога и малото заштитено клунче. Потоа, откако ќе ги отфрли парчињата од лушпата како некој минијатурен Голијат, пиленцето се обидува да стане, намигнувајќи му на надворешниот свет со толку достоинство и самоувереност колку што може да собере едно новоиспилено, растреперено нојче. (Видете го дијаграм В.)

Зошто фармерот не му помага на малото пиленце да излезе од скршената лушпа? Тоа е за доброто на самото пиленце. Потребно е малку време за жолчката на јајцето да се апсорбира преку папокот на пилето, кој потоа се собира и се затвора. Лошо упатениот помошник што ќе се обиде да го забрза овој процес може да го повреди нежното мало суштество или да го изложи на сериозни инфекции.

Како и да е, конечно пиленцата на фармата се излезени од своите лушпи. За нас посетителите, глетката на ноевите пиленца што излегуваат од купот скршени лушпи — исцрпени но како победници — е возбудлива глетка.

Запознавање со новите родители

По извесно време топлиот воздух во инкубаторот ги суши меките пердувчиња на пиленцата и тие стануваат неодоливо слатки и меки. Потоа се ставаат во една мала преграда надвор на сонце. Колку ли само уживаат во тоа! Конечно можат да ги размрдаат своите климави ножиња, по што толку копнееле.

Следниот ден е значаен ден за малите пердувести птички. Тие се запознаваат со своите нови родители — возрасни ноеви што ќе се грижат за нив следните три месеци. Досега малите пиленца не почувствувале глад затоа што биле хранети со хранливите материи од жолчката на јајцето. Меѓутоа, неколку дена по испилувањето, тие почнуваат да чувствуваат малку глад. Но, што можат да јадат? На наше изненадување, пиленцата почнуваат да го јадат свежиот измет на своите нови родители! Фармерот објаснува дека ова можеби помага да се поттикне нивниот неразвиен имунолошки систем.

Само погледнете ги малите птички што избезумено се обидуваат да ги стигнат џиновските чекори на нивните нови родители! Сигурно им е потребен голем напор. Но, нојчињата растат неверојатно брзо — зачудувачки 30 сантиметри месечно. Според тоа, чудно, за само еден месец, тие можат да ги стигнат многу поголемите возрасни.

Кога младите адолесценти ќе наполнат шест месеци, тие се сосема пораснати и високи се речиси 2,5 метри. Тешко е да се поверува дека само пред седум месеци овие високи и слаби суштества — со долг врат и нозе — биле само неподвижни јајца во инкубаторот на некоја фарма за ноеви.

[Фусноти]

a За повеќе детали за нојот, Ве молиме видете ја статијата „Брзоногиот, неспособен за лет и фасцинантен ној“ во Разбудете се! од 8 октомври 1999, страници 16—18.

b Ноевото јајце „е издупчено со пори што овозможуваат да влегуваат гасови во јајцето. Помеѓу двете мембрани на лушпата се формира воздушен простор на тапиот крај на јајцето, поради испарувањето по положувањето на јајцето“ (Ostrich Farming in the Little Karoo).

[Графикон на страница 21]

(Види во публикацијата)

ПРОЦЕСОТ НА ИСПИЛУВАЊЕ

А

Б

В

[Извор на слика]

Извор на цртежите: Dr. D. C. Deeming

[Слика на страница 21]

Големиот ден — пиленцата излегуваат од своите лушпи!

[Извор на слика на страница 23]

John Dominis/Index Stock Photography

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели