Брзоногиот, неспособен за лет и фасцинантен ној
Од дописникот на Разбудете се! во Кенија
МЕЃУ жирафите, зебрите, гнуата и газелите кои талкаат низ пространата африканска савана, живеат и некои од најнеобичните суштества кои ги дизајнирал Творецот. Луѓето што ги гледаат се импресионирани од нивната големина, височина, силните нозе и прекрасните меки пердуви. Достигнувајќи височина од 2,5 метри и тежина од 155 килограми, тие се најголемите птици што постојат. На јазикот свахили, овие птици се наречени мбуни, но Вие можеби ги познавате според нивното повообичаено име, ној.
Како некоја горделива камила
Многу одамна, на нојот му било дадено името струтокамелус, што е комбинација од латински и грчки јазик и се однесува на наводната сличност со камилите. Исто како камилата, нојот поднесува високи температури и опстанува во пустински предели. Исто така, тој има раскошни трепки, кои ги штитат неговите огромни очи од правот од грмушките. Нозете му се долги и жилави, а стапалата силни и месести, со само два прста. Кога ќе го видат нојот како се перчи на отворените рамнини, набљудувачите се воодушевени од неговата пргавост, издржливост и други карактеристики слични на оние на камилите.
Нојот пасе меѓу своите соседи копитари, хранејќи се речиси со сѐ што ползи или лази. Нојот е сештојад и не се храни само со инсекти, змии, глодари, корења и различни растенија туку голта и дрво, школки, камења, стапчиња и речиси секакви мали, светли предмети.
Поради големината и тежината, тој не може да лета. Сепак, неговите мускулести нозе се доволно јаки за да го направат едно од најбрзите суштества на земјата. Трчајќи преку пустинските предели, може да достигне брзина од 65 километри на час! Нојот „му се потсмева на коњот и на јавачот негов“, забележува Библијата (Јов 39:18). Како потврда за тоа, големата брзина на овој двоножен тркач и неговата кондиција за големи далечини му допуштаат лесно да наттрча многу од најбрзите четириножни грабливци.
Навики на правење гнезда
Во текот на сезоната на парење, мажјакот на нојот изведува богата приредба на додворување. Клекнувајќи пред женката, ги протега своите големи црно-бели пердуви на крилјата и почнува ритмички да ги тресе. Како две огромни ладала, ги движи од едниот до другиот крај. Неговиот гол клун и нозе почнуваат да руменеат, добивајќи светлорозова боја, која претставува прекрасен контраст со пердувите на неговото тело кои се црни како ахат. Нишајќи го долгиот врат од едната до другата страна, тој тапка со стапалата на земјата.
Оваа накитена приредба со префинетите пердуви веројатно е наменета да ја импресионира женката, која има сива боја. Сепак, доста често, додека мажјакот продолжува со својот свадбен додворувачки танц, женката се шетка колвејќи по земјата, без да обрне внимание и рамнодушна на раздвиженоста што настанала околу неа.
Штом ќе ја одбере женката, мажјакот избира место за правење гнездо. Некаде во отворената савана тој ископува една плитка вдлабнатина во правта и во неа води неколку женки. После две-три седмици, во гнездото има дваесетина или повеќе јајца што ги излегле женките.
Во текот на шесте седмици што се потребни за да се излежат јајцата, мажјакот седи врз гнездото во текот на ноќта, а една женка го прави тоа во текот на денот. Во овој период, јајцата се осетливи и нив ги бараат гладните лавови, хиени, шакали, па дури и египетските мршојадци, кои ги кршат фрлајќи камења врз лушпите.
Џиновски јајца, огромни пилиња
Ноевите јајца кои имаат сиво-бела боја или боја на слонова коска се најголемите во светот и секое од нив може да тежи околу 1,5 килограм. Лушпата е тврда и сјајна и има глазирана, порцеланска политура. Секое јајце е еквивалентно на 25 кокошкини јајца, а јајцата на нојот се ценети заради нивните богати состојки и убавиот вкус. Понекогаш Бушманите ги користат празните лушпи како садови за вода.
Кога огромното јајце ќе дојде во фаза на испилување, тоа дава едно огромно пиле! Малечките се незаштитени, но брзо растат и тие се родени тркачи. За еден месец, нивните јаки нозе ги носат со брзина од приближно 55 километри на час!
Заштитата на пилињата е обврска на родителите. Мит е дека нојот ја закопува главата во песокот кога е соочен со опасност. Напротив, птиците родители можат да бидат жестоко агресивни кога ги штитат своите пилиња, одвлекувајќи ги грабливците со силни удари. Друга тактика на одбрана што ја применуваат е да му го свртат вниманието на грабливецот преправајќи се дека се ранети, и со тоа го одвлекуваат вниманието од нивните младенчиња врз себеси. Меѓутоа, ако некој грабливец дојде преблизу, родителите обично се плашат од опасноста и бегаат за да се спасат, оставајќи ги младенчињата да се грижат за себе. Библиската изјава е потврдена како вистинита, бидејќи во тие прилики нојот ‚е немилостив спрема малечките свои, како да не се негови‘ (Јов 39:16).
Раскошни перја
Со илјадници години, човекот му се восхитувал на нојот. Цртежите исклесани во камен прикажуваат древни египетски цареви како ловат ноеви со лак и стрели. Некои цивилизации го сметале нојот за свет. Кинезите ги ценеле неговите прекрасни симетрични јајца и им ги давале на владетелите како скапоцени подароци. Во текот на илјадници години, раскошните грациозни перја на нојот го краселе накитот на капите на воените генерали, на царевите и на африканските поглавари.
Во 14 век, Европејците кои ја следеле модата високо ги ценеле пердувите на нојот. Сепак, не било лесно да се улови ној со лак и стрели бидејќи ова животно има остар вид и брзо бега од опасноста. Во тоа време, нојот не се наоѓал во опасност од истребување.
Потоа, во 19-тиот век, пердувите на нојот повторно влегле во мода. Овојпат, опремени со современо оружје, ловците убиле милиони ноеви. Појавата на фарми за ноеви веројатно спаси од истребување огромен број од овие птици кои се неспособни за лет. Одгледувани во ропство, ноевите се припитомени и се одгледуваат за да дадат пердуви за потребите на модата и за метлички од перја. Од нивната кожа се прават меки кожни ракавици и женски чанти, а нивното месо е на менито во некои ресторани.
Денес, величествениот ној сѐ уште талка низ африканските рамнини. Иако неговото поранешно место на живеење е многу ограничено и на некои места е исчезнат, тој и понатаму живее во осамените суви предели со грмушки кои му се омилени. Таму може да се види како диво трча преку рамнините покажувајќи ги своите големи грациозни перја, изведувајќи ги своите богати додворувачки танци или внимавајќи на своето гнездо со огромни јајца. Всушност, оваа брзонога птица неспособна да лета е уште едно фасцинантно крилесто суштество кое ги радува и ги зачудува оние што го гледаат.
[Слика на страница 16]
Мажјак на нојот
[Слика на страници 16 и 17]
Ноевите спаѓаат во најбрзите суштества на земјата
[Слика на страници 16 и 17]
Нивните стапала можат да бидат силно оружје
[Слика на страница 18]
Женка на нојот