Пердуви — чудесна творба
ЗАМАВНУВАЈЌИ со крилјата, галебот се вивнува кон небото. Кога ќе се крене во воздухот, се врти и се преметнува, издигајќи се без мака, носен од ветрот. Правејќи само мали промени во аголот на крилјата и опашката, галебот лебди во воздухот речиси без да мрдне. Зошто може да ги прави тие движења толку лесно и совршено? Главно затоа што има пердуви.
Денес, птиците се единствените пердувести животни. Повеќето птици имаат различни видови пердуви. Пердувите што веднаш се забележуваат се покривните пердуви, кои им го даваат на птиците нивниот мазен аеродинамичен облик. Во покривните пердуви спаѓаат пердувите на крилјата и на опашката, кои се неопходни за летање. Едно колибри може да има помалку од 1.000 вакви пердуви, а еден лебед над 25.000.
Пердувите се чудесна творба. Стебленцето (rachis), е еластично и необично цврсто. Од него излегуваат низи испреплеткани алки кои ги образуваат мазните плочки на пердувот. Алките се споени меѓу себе со помош на стотици ситни куки, кои се закачуваат на куките до нив, при што формираат еден вид патент. Кога ќе се откопчаат куките, птицата едноставно повторно си ги закопчува кога се чисти со клунот. И ти можеш да го направиш тоа ако нежно поминеш со прстите низ некој паднат пердув.
Пердувите за летање не се симетрични — внатрешната плочка е потесна од надворешната. Овој одличен аеродинамичен дизајн му овозможува на секој пердув за летање да дејствува како мало посебно крило. Исто така, ако внимателно разгледаш еден поголем пердув за летање, ќе видиш дека по должината на долната страна од стебленцето има еден жлеб. Овој едноставен елемент го зајакнува стебленцето и овозможува тоа да се витка без да се скрши.
Пердувите имаат многу функции
Кај многу птици, меѓу покривните пердуви има распоредено и долги, тенки пердуви наречени filoplumes, како и прашкавести пердуви. Се верува дека сензорите што се наоѓаат во коренот на овие тенки пердуви ја предупредуваат птицата за секое нарушување кај нејзините надворешни пердуви, а можат дури и да ѝ помогнат да ја одреди брзината на летањето. Алките на прашкавестите пердуви — единствените пердуви што постојано растат и не отпаѓаат — се разложуваат во ситен прав за кој се смета дека помага перјата на птицата да бидат водоотпорни.
Освен што ги вршат другите функции, пердувите ги штитат птиците од горештини, студ и ултравиолетови зраци. На пример, морските патки опстануваат и покрај острите и студени океански ветрови. Зошто? Под својата речиси непробојна наметка од покривни пердуви имаат еден густ слој од меки, власести пердуви, наречени внатрешни пердуви. Овој слој може да биде дебел и до 1,7 сантиметри и го покрива речиси целото тело на патката. Овие внатрешни пердуви се толку ефикасен изолатор што досега не е измислен ниту еден синтетички материјал сличен на него.
Со текот на времето, пердувите стареат, па затоа птиците ги менуваат — им паѓаат старите пердуви и им растат нови. Повеќето птици ги менуваат пердувите на крилјата и на опашката според еден јасен, урамнотежен редослед за да бидат секогаш во состојба да летаат.
„Малку премногу совршени“
За авионите да бидат безбедни, потребно е внимателно конструирање, планирање и голема вештина. А како е со птиците и пердувите? Поради недостиг на фосилни докази, еволуционистите водат жолчни расправии во врска со тоа како настанале пердувите. Во списанието Science News се вели дека овие расправии се одликуваат со „речиси религиозен жар“, „зајадливо дофрлање“ и „разгорени чувства меѓу палеонтолозите“. Еден биолог-еволуционист, кој организирал симпозиум за еволуцијата на пердувот, признал: „Никогаш не ни помислував дека некоја научна тема може да предизвика луѓето да се однесуваат толку нечовечно и да покажат толкава огорченост“. Ако е јасно дека пердувите еволуирале, тогаш зошто во дискусиите во врска со тој процес има толкава омраза?
„Проблемот е во тоа што пердувите се малку премногу совршени“, се вели во книгата Прирачник по орнитологија — градба и функција на птиците (Manual of Ornithology — Avian Structure and Function), издадена од Универзитетот Јејл. По ништо не може да се заклучи дека на пердувите некогаш им требало подобрување. Всушност, „најстариот познат фосилен пердув изгледа толку современо што не може да се разликува од пердувите на птиците што летаат по небото денес“.a Сепак теоријата на еволуција тврди дека пердувите мора да се производ на збир од постепени промени кај претходните израстоци на кожата. Освен тоа, како што вели и Прирачникот, „не е можно пердувите да еволуирале, а да нема очигледни промени во преодните фази“.
Едноставно кажано, дури и теоретски не е можно пердувот да настанал по пат на еволуција. Во спротивно, секој чекор од долгата низа случајни, наследни промени во градбата на пердувот би морал во голема мера да им ги подобри на птиците шансите за опстанок. Дури и на голем број еволуционисти не им се верува дека нешто толку сложено и нешто што функционира толку совршено како пердувот може да настане случајно.
Освен тоа, ако пердувите се развивале постепено во текот на еден долг период, би требало да има фосилни остатоци од преодните облици. Но, досега не е пронајден ниту еден таков остаток. Најдени се само траги од целосно развиени пердуви. Во Прирачникот се вели: „За несреќа на теоријата на еволуција, пердувите се многу сложени“.
За летање не се потребни само пердуви
Совршеноста на пердувите е само еден проблем за еволуционистите, зашто речиси секој дел од телото на птиците е создаден за летање. На пример, птиците имаат лесни, шупливи коски, потоа необично способни дишни органи, како и мускули кои имаат задача да ги замавнуваат и да ги контролираат крилјата. Освен тоа, имаат и голем број мускули со кои се контролира положбата на секој поединечен пердув. Исто така, имаат и нерви кои го поврзуваат секој мускул со многу малиот, но неверојатен мозок, кој е програмиран да ги контролира сите овие работи истовремено, автоматски и прецизно. Гледаме дека за летање се неопходни сите овие неверојатно сложени делови, а не само пердувите.
Но, да не заборавиме дека секоја птица се развива од една малечка клетка во која се содржани сите информации за нејзиниот развој и за нејзините инстинкти, за да може еден ден да се вивне кон небото. Дали ова би можело да се должи на една долга низа случајни настани? Или, пак, наједноставното објаснување е и најлогичното и најточното — птиците и нивните пердуви јасно укажуваат на постоењето на еден ненадминливо интелигентен Творец? Доказите зборуваат сами за себе! (Римјаните 1:20).
[Фуснота]
a Фосилниот пердув е од археоптерикс, изумрено суштество кое понекогаш се прикажува како „алката која недостасува“ во потеклото на денешните птици. Меѓутоа, повеќето палеонтолози веќе не го сметаат за предок на денешните птици.
[Рамка/слика на страница 24]
ФАЛСИФИКУВАНИ „ДОКАЗИ“
Се утврдило дека некои фосилни „докази“, кои порано надалеку и нашироко се изнесувале како потврда дека птиците еволуирале од други суштества, се фалсификувани. На пример, во 1999 год., во списанието National Geographic имаше статија за фосилните остатоци од некое пердувесто животно со опашка како на диносаурус. Во списанието се тврдеше дека тоа животно е „вистинската алка која недостасува во сложениот синџир кој ги поврзува диносаурусите и птиците“. Меѓутоа, на крајот излезе дека овие фосилни остатоци се фалсификат, спој од фосилните остатоци на две различни животни. Всушност, досега не е најдена ниедна таква „алка која недостасува“.
[Извор на слика]
O. Louis Mazzatenta/National Geographic Image Collection
[Рамка на страница 25]
ПРЕКУ ОЧИТЕ НА ПТИЦИТЕ
Луѓето се воодушевуваат на живите бои кои се прелеваат на перјата на птиците. Но, пердувите можеби им се поинтересни на самите птици. Некои птици во своите очи имаат четири вида чепчиња, клетки кои се осетливи на светлина и боја. За разлика од нив, луѓето имаат само три вида вакви клетки. Како резултат на тоа, птиците можат да ја видат ултравиолетовата светлина, која е невидлива за луѓето. На луѓето, мажјаците и женките на некои видови птици, може да им изгледаат сосем исто, но пердувите на мажјакот ја рефлектираат ултравиолетовата светлина поинаку отколку пердувите на женката. Оваа разлика, која птиците можат да ја видат, им помага да си го најдат партнерот.
[Графикон на страница 23]
(Види во публикацијата)
Алка
Кука
Стебленце
[Слика на страница 24]
Покривни пердуви
[Слика на страница 24]
Filoplume
[Слика на страница 25]
Прашкавест пердув
[Слика на страница 25]
Внатрешен пердув
[Слика на страници 24 и 25]
Голема морска птица