Веќе постои во природата
„Прашај [ги], те молам... небесните крилести суштества, и тие ќе ти кажат... дека сето тоа го направила раката на Јехова“ (Јов 12:7-9)
МОЖЕ да се каже дека телото на птиците е конструирано за летање. На пример, стебленцата од пердувите на крилјата мораат да ја носат целата тежина на птицата. Како е можно крилјата да бидат толку лесни, а сепак толку цврсти? Можеме да дознаеме ако направиме напречен пресек на стебленце од пердув. Тоа личи на сендвич-конструкција, како што ја нарекуваат инженерите — однатре има сунѓереста структура, а однадвор е рапава. Проучувајќи ги стебленцата на пердувите, инженерите почнаа да ја користат сендвич-конструкцијата и кај авионите.
Коските на птиците исто така имаат извонредна градба. Повеќето се шупливи, но некои се зајакнати со внатрешни потпорници во форма позната како Воренов носач. Интересно е тоа што слична конструкција имаат и крилата на еден спејс-шатл.
Пилотите ги управуваат современите авиони со помош на неколку подвижни крилца поставени на крилата и на опашката. Но, птиците користат околу 48 мускули на крилјата за да ја променат конфигурацијата и движењето на крилјата, како и на поединечни пердуви, правејќи го тоа и до неколку пати во секунда. Не е ни чудо што конструкторите на летала им завидуваат на нивните акробатски вештини!
Летот, а особено полетувањето, бара многу енергија. Затоа на птиците им е потребен моќен „мотор“. Срцето на птиците чука побрзо од срцето на цицачи со слична големина и е обично поголемо и посилно. Исто така, низ белите дробови на птиците, воздухот се движи само во еден правец. Ваквиот систем е многу поефикасен од оној кај цицачите.
А колку е ефикасен нивниот „мотор“? Едно мерило за ефикасноста на некое летало е дали може да полета носејќи доволно гориво. За да може еден „Боинг 747“ да лета 10 часа, околу една третина од целокупната негова тежина при полетувањето е гориво. Како споредба, за лет од 10 часа, преселните дроздови може да загубат и половина од својата телесна тежина. Но, кога северната блатка ќе тргне на пат од Алјаска кон Нов Зеланд, повеќе од половина од нејзината тежина е сало. Неверојатно е што таа може без престан да лета речиси 190 часови, т.е. осум дена. Ниедно комерцијално летало не може да го постигне тоа.