Трева — не само зеленило под Вашите нозе
ЗА НЕКОИ таа е само нешто зелено надвор што мораат да го искосат. За фармерите и фудбалерите, пак, таа е работна маса. А за децата е идеално игралиште. Но, дали терминот трева се однесува само на тревниците, фармите и игралиштата?
Ако живеете во урбана повеќекатница, можеби ќе си помислите дека немате некоја голема врска со никаква трева. Меѓутоа, речиси сите ние имаме секојдневни контакти со некој вид трева и со производите што се добиваат од неа. Што, всушност, е тревата? И како ја користиме?
Што е тревата?
Да го погледнеме одблизу ова понизно растение. Обично сите видови ниски, зелени растенија се наречени трева. Освен растенијата што научно се означени како дел од фамилијата треви (Gramineae, односно Poaceae), некои ги сметаат шамаците и трските за трева. Но, само за фамилијата трева се вели дека е вистинска трева. Нејзините членови обично имаат некои заеднички одлики. Добро разгледајте го она што мислите дека е стебленце трева.
Дали стебленцето е тркалезно и шупливо и дали има глуждови, односно зглобови? Дали ливчињата на тревата што расте од обвивката на стебленцето се долги, сплескани и тесни, со паралелни линии? Дали другите ливчиња се појавуваат на спротивните страни на стебленцето, создавајќи два вертикални реда? Дали корењата се заплеткана мрежа од тенки жилички наместо разгранет главен корен? Дали цветовите — ако можете да видите некој — се незабележливи и мали, формирајќи клас, грозд или китка? Ако сте одговориле со ‚да‘, тоа растение веројатно припаѓа на фамилијата трева.
Иако фамилијата трева обично има едноличен изглед, таа покажува зачудувачка разновидност, од 8.000 до 10.000 видови. Височината на растенијата варира од 2 сантиметри до 40 метри, кај некои бамбуси. Тревата сочинува главен дел од вегетацијата што ја покрива земјата. И тоа не е чудно, бидејќи таа е една од најприспособливите групи растенија на земјата, кое расте и во поларните региони и пустини, и во тропските дождовни шуми и на планинските падини изложени на ветрот. Цели предели со вегетација — како што се степите, љаносите, пампасите, прериите и саваните — се претежно покриени со трева.
Издржливоста е еден клуч за успехот на различни видови трева. За разлика од многу други растенија, тревата не расте на врвот туку во зоните за растење над глуждовите. А новите изданки можат да започнат од стебленца што растат хоризонтално или под земја. Затоа, кога косачката или забите на кравата ќе го отсечат врвот, тревата продолжува да расте, додека многу други растенија престануват. Од таа причина честото косење ѝ годи на тревата за сметка на други растенија и може да го направи тревникот густ и убав.
Освен тоа, кај повеќето треви, ако стебленцето е наведнато од ветрот или изгазено под нозе, може да се исправи растејќи побрзо на страната свртена кон земјата. Од овие причини тревата обично брзо се обновува откако ќе биде оштетена, а тоа ѝ дава предност над другите растенија во борбата за сонце. И можеме да бидеме среќни што тревата е толку јако растение. На крајот на краиштата, ние зависиме од неа.
Сестрано растение
Тревата не само што ја има најмногу туку таа е и најважна фамилија на цветни растенија на земјата. Еден ботаничар рекол дека тревата е основа на нашата храна. Таа е како „брана што го заштитува човештвото од глад“. Обидете се да се сетите што јадевте денес. Дали започнавте со чинија житарици од просо, ориз, овес или сорго? Значи, сте јаделе семе од трева. Или можеби јадевте кифла или некој друг вид леб. Брашното што се користело било добиено од зрна од треви — пченица, ’рж, јачмен и други семиња се исто така треви. Корнфлексот, качамакот и тортиљите се направени од пченкарно брашно и не се исклучок. Пченката е — веќе претпоставувате — исто така трева. Ставивте ли шеќер во чајот или во кафето? Повеќе од половина од сите шеќери се добиени од шеќерна трска, која е трева. Дури и млекото и сирењето се во некоја смисла преработена трева, бидејќи обично од неа се хранат кравите, овците и козите.
А Вашиот ручек? Тестенините и пицата се направени од пченично брашно. Пилињата и другата живина честопати се хранат со жито. Стоката се храни со различни видови треви. Значи, во голема мера, јајцата, пилешкото и говедското месо што го јадеме се резултат на тоа што тревата е преработена од метаболизмот на некое животно. Исто така, можете и да пиете трева. Освен млекото, многу популарни алкохолни пијалаци се направени од трева: пиво, виски, рум, саке, боза и повеќето вотки.
Ве молиме, не вознемирувајте се ако не е спомнато Вашето омилено јадење. Едноставно не е можно да се набројат сите прехрамбени производи што се направени од трева. Според некои проценки, повеќе од половина калории што се внесуваат во светот доаѓаат од тревите. Тоа не е чудно затоа што тревата покрива 70 проценти од сета обработена земја!
Меѓутоа, тревата не е добра само за храна. Ако Вашата куќа има ѕидови од кал и слама, тревата е таа што им ја дава потребната цврстина. Во различни делови од светот, покривите се покриени со трева. Во југоисточна Азија бамбусот се користи за скелиња, цевки, мебел, ѕидови и има уште многу други намени. Рогозини и кошници се ткаат од трева, а таа претставува и сировина за лепак и хартија. Не заборавајте ја својата облека. Повеќето животни од кои добиваме волна и кожа се хранат со трева. Од видот трева Arundo donax се добива трската што се користи за дрвени дувачки инструменти, како што е кларинетот. Не е откриен ниеден друг материјал што може да биде рамен на природната трска за таа намена.
Тревата покрива и украсува голем дел од земјата. И колку само убава, успокојувачка и релаксирачка глетка е некоја зелена ливада или добро одржуван тревник! Поради големото количество зелена вегетација што ја произведува, тревата е главен снабдувач со кислород. Нејзините тенки коренчиња исто така ја штитат почвата од ерозија. Имајќи ја на ум нејзината сестраност, нема да се изненадиме кога ќе дознаеме дека примената и одгледувањето на трева има долга историја.
Историјата на тревата
Тревата првпат се спомнува во библискиот извештај за создавањето. Во третиот ден на создавање, Бог рекол: „Нека изникне земјата со зеленило — со семеносна трева“ (Битие 1:11).a Сите главни цивилизации зависеле од некој облик на трева. На пример, Египќаните, Грците и Римјаните јаделе жито и јачмен како омилено јадење; Кинезите јаделе просо и ориз; Хиндусите јаделе жито, јачмен и просо; Маите, Ацтеките и Инките јаделе пченка. А бескрајните степи обезбедувале потребна трева за сточна храна за коњите на монголските коњаници. Да, тревата секогаш била од голема важност за човештвото.
Следниот пат кога ќе видите како се лелее поле со пченка, бујна зелена ливада или само обични ливчиња трева што растат меѓу камењата на некој тротоар, би можеле да застанете и да помислите на оваа прекрасна и многу сестрана фамилија растенија. Исто така, можеби ќе бидете поттикнати да му се заблагодарите на нејзиниот Голем Дизајнер, Јехова Бог, како што направил псалмистот кога пеел: „Господи, Боже мој, Ти си многу велик! . . Ти правиш да никне трева за добитокот, и зеленчук за потребите на човекот, за да вади леб од земјата . . . Благословувај Го Господа“ (Псалм 104:1, 14, 31—35).
[Фуснота]
a Можеби древниот писател на овој текст не правел разлика помеѓу тревните растенија и она што сега се смета за вистински треви.
[Графикон/слики на страници 16 и 17]
(Види во публикацијата)
Структура на тревните растенија
влакнести корења
стебленце
обвивка
глужд
ливче
Главни облици на цветовите на тревата
клас
грозд
китка
[Слики на страница 18]
Дали јадевте трева денес?
[Слика на страница 18]
Дали пиевте трева?
[Слика на страница 18]
Можеби живеете во нешто направено од неа
[Слика на страница 18]
И тие се хранат со трева