„Кенгурска мајчинска грижа“ — решение на еден проблем во кој се работи за живот?
Местото на настанот е во една болница во Богота (Колумбија), во 1979. Бидејќи стапката на преживување на предвремено родените бебиња била алармантно ниска, еден колумбиски доктор смислил необично решение — „кенгурска мајчинска грижа“.
Одржувањето во живот на предвремено родените доенчиња е предизвик за лекарите. Бебињата родени со мала тежина честопати се ставаат во топлите услови на инкубаторот, каде што остануваат сѐ додека не добијат на тежина. Меѓутоа, во неразвиените земји, преполнетите објекти, лошите санитарни услови и недостигот на медицински персонал и опрема честопати водат до опасни заразни инфекции.
Еден доктор од Колумбија измислил една метода што изгледа дека го олеснува овој проблем. Како функционира? Кога едно бебе ќе се роди предвреме, за него се води грижа на стандарден начин сѐ додека неговата состојба не се стабилизира. Во меѓувреме, мајката добива обука како да се грижи за своето дете. Кога бебето ќе биде доволно здраво, мајката станува жив инкубатор. Како? Со тоа што го чува бебето веднаш до себе, завиткано вертикално меѓу нејзините гради. Безбедно во својата торба слична на торбата на кенгурот, на бебето му е топличко и лесно може да се храни со мајчиното млеко. Затоа оваа метода честопати е наречена кенгурска мајчинска грижа.
Не е потребна некоја скапа опрема. Мајката носи соодветна блуза или обичен фустан со појас. Кога бебето ќе добие доволно тежина, мајката и бебето можат да си одат дома, а во болница ќе одат само за редовни контроли.
Прелиминарните истражувања покажуваат дека кенгурската мајчинска грижа е ефикасна и безбедна. Освен тоа, изгледа дека унапредува поблиска врска помеѓу доенчето и мајката. Не изненадува што овој метод е прифатен за примена во многу земји. Во Мексико, роднините се обучени да станат „кенгурски татковци“, „кенгурски баби“, па дури и „кенгурски сестри“ за да помагаат кога на мајката ѝ е потребен одморот што сосема го заслужила. Д-р Гвадалупе Сантос, која раководи со една програма за кенгурска мајчинска грижа во Мексико, рече за Разбудете се!: „Ја користиме оваа метода уште од 1992 и видовме колку е ефикасна. Потребни се помалку инкубатори и многу помалку време в болница“.