Долгата борба против ропството
„Еве што значи да бидеш роб: да си малтретиран и да го поднесуваш тоа, со насилство да те тераат да трпиш неправда“ (Еврипид, грчки драмски писател од петтиот век пр.н.е.)
РОПСТВОТО има долга и честопати грда историја. Уште од времето на најраните цивилизации во Египет и Месопотамија, моќните нации ги поробувале своите послаби соседи. Така почнала да се пишува една од најтажните приказни за човечката неправда.
Во текот на вториот милениум пр.н.е., Египет поробил една цела нација од можеби неколку милиони луѓе (Излез 1:13, 14; 12:37). Кога Грција владеела со Медитеранот, многу грчки семејства имале барем еден роб — исто како што типично семејство во некои земји денес поседува автомобил. Грчкиот филозоф Аристотел ја оправдувал оваа практика тврдејќи дека човештвото е поделено на две класи, класа на господари и класа на робови, при што првата има природно право да заповеда, додека втората била родена само за да слуша.
Римјаните го унапредувале ропството уште повеќе од Грците. Во времето на апостол Павле, можеби половина од населението во градот Рим — очигледно стотици илјади луѓе — биле робови. Изгледа дека Римската Империја морала да се снабдува со половина милион робови секоја година за да се градат споменици, за работа во рудници, за обработување на полињата и за да се снабдат со персонал огромните вили на богатите.a Оние што биле заробени во војните обично се користеле како робови, па затоа незаситната потреба на Рим за повеќе робови мора да била силен поттик за империјата да продолжи да води војни.
Иако по падот на Римската Империја ропството било помалку застапено, таа практика продолжила. Според Книгата за катастар на Англија (1086 н.е.), робовите сочинувале 10 проценти од работната сила на средновековна Англија. И, сѐ уште се добивале робови преку освојувањата.
Меѓутоа, уште од времето на Христос, ниеден континент не страдал од разорното дејство на трговијата со робови толку колку што страдала Африка. Уште пред Исусовото време, древните Египќани тргувале со етиопски робови. Во текот на околу 1.250 години, се проценува дека 18 милиони Африканци биле одведени во Европа и на Средниот Исток за да се задоволат барањата за робови на тие простори. Со колонизацијата на Америките, почнувајќи од 16 век, се отворил еден нов пазар на робови и наскоро тргувањето преку Атлантикот станало еден од најпрофитните бизниси во светот. Историчарите пресметуваат дека од 1650 до 1850, од Африка биле земени повеќе од 12 милиони робови.b Многумина биле продадени на пазарите за робови.
Борби против ропството
Низ вековите, и поединци и нации се бореле за да се ослободат од ропството. Во првиот век пред Христос, Спартак повел војска од 70.000 римски робови во една залудна борба за слобода. Револуцијата на робовите на Хаити, пред околу два века, била поуспешна и довела до воспоставување на независна влада во 1804.
Се разбира, ропството се задржало многу подолго во Соединетите Држави. Таму имало робови што одлучно се бореле да се ослободат себеси и своите сакани. Имало и слободни луѓе што искрено се бореле против ропството залагајќи се за негово укинување или помагајќи им на избеганите робови. Сепак, оваа практика била сосема укината со закон во таа земја дури кон крајот на 19 век. Но, како е денес?
Дали борбите биле залудни?
„Никој нема да биде држен во ропство или во потчинетост: ропството и трговијата со робови ќе бидат забранети во сите нивни облици“, наведува Универзалната декларација за човековите права. Оваа цел, воодушевено објавена во 1948, сигурно е благородна. Многу искрени луѓе го посветиле своето време, енергија и средства за да ја постигнат. Меѓутоа, успехот не доаѓа лесно.
Како што покажува претходната статија, милиони луѓе сѐ уште напорно работат во ужасни услови за никаков надомест, а многу од нив биле купени или продадени против своја волја. И покрај добронамерните напори да се укине ропството — и да се потпишат меѓународни конвенции за да се прогласи за незаконско — вистинската слобода за сите и понатаму е недостижна цел. Глобалната економија ја направила тајната трговија со робови попрофитна. Наместо тоа, изгледа дека ропството го стегнува својот стисок врз делови од човештвото. Дали ситуацијата е безнадежна? Да видиме.
[Фусноти]
a Еден древен извор укажува дека некои многу богати Римјани можеби поседувале дури и по 20.000 робови.
b Некои бескрупулозни проповедници тврделе дека Бог го одобрува ова брутално тргување со човечки животи. Како резултат на тоа, многу луѓе сѐ уште имаат погрешен впечаток дека Библијата одобрува таква суровост, што не е точно. Ве молиме, видете ја статијата „Гледиште на Библијата: Дали Бог ја одобрил трговијата со робови?“ во изданието на Разбудете се! од 8 декември 2001.
[Слики на страници 4 и 5]
Оние што биле доведени од Африка во бродовите со робови (горе), во минатото обично се продавале на пазарите за робови во Америка
[Извори на слики]
Godo-Foto
Archivo General de las Indias