Младите прашуваат . . .
Што можам да направам за да бидам попривлечен?
„Не ми беше лесно ниту едноставно да водам разговор со девојките. Не знаев што мислат, како се чувствуваат ниту како гледаат на работите“ (Тајлер).
КОИ особини кај момчињата најмногу им се допаѓаат на девојките? „Довербата“, вели тинејџерката Емили. За Робин, една друга тинејџерка, на врвот на списокот е човек да биде забавен. А што ценат најмногу момчињата кај девојките? Не изненадува тоа што едно истражување покажало дека на врвот на списокот е добриот изглед. Поседувањето слични интереси и вредности биле наведени дури на шестото место.
Статиите и анкетите што дискутираат за односите момче—девојка се популарни во списанијата за младите. Јасно, голем број млади луѓе многу размислуваат — или можеби се загрижени — за тоа како гледа на нив спротивниот пол. Можеби дури и ти некогаш си загрижен за тоа. Ова не мора да значи дека се подготвуваш наскоро да стапиш во брак. Едноставно, никој не сака да биде непривлечен или непожелен! Тајлер забележува: „Кога си тинејџер, сакаш да бидеш привлечен за сите. Сакаш да бидеш прифатен од врсниците, машки и женски“. Исто така, можеби еден ден ќе сакаш да најдеш добар брачен партнер. Кога ќе дојде тоа време, природно е дека ќе сакаш да привлечеш некоја таква личност.
Меѓутоа, како христијански младинец, можеби немаш некое големо искуство во постапките со спротивниот пол. Кон ова додај го и притисокот дека треба да бидеш физички привлечен, кој можеби ти го наметнуваат врсниците. Со парадата на супермодели и глумци со набиени мускули што ги гледаш на телевизија и во списанијата, не е чудно што можеби се чувствуваш несигурен и недостаточен. Тогаш, што е потребно за да им бидеш привлечен на другите — вклучувајќи ги и оние од спротивниот пол — на еден изградувачки, позитивен начин?
Колку е глупаво да се надеваш на „совршено“ тело
Клиничкиот психолог Вилијам С. Полак забележува дека под влијание на индустријата за забава, многу млади луѓе „трошат безброј часови на диети, кревање тегови и аеробик, сѐ во обидот да ги променат димензиите и обликот на своето тело“. Некои одат и во опасни крајности, на пример, речиси изгладнуваат, за да го постигнат тоа „совршено“ тело. Сепак, Истражувачкиот центар за социјални прашања вели: „Моменталното мерило за идеална жена што го промовираат медиумите можат да го постигнат помалку од 5% од жените — и тоа само што се однесува до тежината и димензиите. Ако сакаш идеална фигура, лице итн., веројатноста е само 1%“.
Затоа, практичен е библискиот совет од Римјаните 12:2: „Не дозволувајте светот околу вас да ве набие во неговиот калап“ (Phillips). Но, ова не значи дека треба да бидеш немарен во врска со твојот изглед. Сосема е разумно да се грижиш за своето тело со умерени вежби и урамнотежена исхрана (Римјаните 12:1; 1. Тимотеј 4:8). Соодветниот одмор и спиење исто така можат да ти помогнат да изгледаш и да се чувствуваш добро. Истовремено, обрни внимание на хигиената и на личното дотерување. Младиот Британец Дејвид забележува: „Има една девојка што е многу привлечна, но има проблем со непријатниот мирис. Луѓето ја избегнуваат поради тоа“. Затоа, капи се често. Чистите раце, коса и нокти можат да го подобрат твојот изглед.
Иако Библијата не охрабрува претерано да ставаш акцент на она што го носиш, таа ги советува христијаните ‚да се украсуваат со уредна облека, со скромност и здрави мисли‘ (1. Тимотеј 2:9). Носи облека што го подобрува твојот изглед, но што не е шокантна ниту нескромна.a Ако обрнуваш внимание на изгледот во разумна мерка, можеш да ја зголемиш својата самодоверба. Младиот Пол вели вака: „Можеби не изгледаш кој знае како, но можеш да направиш нешто со она што го имаш“.
Внатрешни особини
Иако убавото лице и тело можат да привлечат внимание, долгорочно гледано, „убавината е како балон“ (Пословици 31:30, Byington). Добриот изглед е краткотраен и сигурно не е замена за привлечните особини на личноста (Пословици 11:22). Исто така, не заборавај дека „човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:7). Затоа, наместо да го сосредоточиш целото твое внимание на димензиите на половината или на твоите бицепси, работи на тоа да се украсиш со „тајната личност на срцето во нераспадливото руво на тивкиот и благ дух кој е од голема вредност во очите на Бог“ (1. Петрово 3:3, 4; Ефешаните 4:24). Точно, во денешниов свет многу млади можеби не обрнуваат големо внимание на убавите особини на личноста — а уште помалку на духовните особини.b Но, оние што имаат побожни вредности ги ценат таквите работи и за нив тие се привлечни!
Значи, најдобар начин да им бидеш привлечен на духовно настроени христијани и христијанки е и самиот да бидеш духовно настроен. Негувај ја својата духовност преку молитва, со лично проучување на Библијата и со присуство на христијанските состаноци (Псалм 1:1—3). Сепак, има и други корисни вештини и особини што можеш да ги стекнеш. Не мора да излегуваш со некого или да имаш романтична врска за да ги негуваш овие особини. Напротив, можеш да ги практикуваш во секојдневните постапки со другите.
На пример, дали си несмасен или срамежлив пред некој од спротивниот пол? Младиот Пол признава: „Понекогаш не се чувствувам пријатно — затоа што тие се девојки, а јас не ги разбирам девојките колку што ги разбирам момчињата. И не сакам да се посрамам пред другите“. Како можеш да стекнеш доверба и прибраност што ќе ги опуштат другите? Еден начин е да го искористиш големиот избор на друштво што го има во христијанското собрание. На состаноците покажи личен интерес за другите — не само за припадниците на спротивниот пол што се на твоја возраст туку и за децата, возрасните и постарите (Филипјаните 2:4). Ако научиш добро да се однесуваш со толку различни луѓе, тоа ќе ти помогне да стекнеш самодоверба.
Но, биди внимателен. Исус рекол: „Љуби го својот ближен како себеси“ (Матеј 19:19). Ако имаш позитивни чувства за себеси, ќе бидеш помалку трапав и несмасен со другите.c Меѓутоа, иако е неопходно да имаш извесна мерка самопочит, не претерувај. „Му велам на секој од вас“, рекол апостол Павле, „да не мисли за себе повеќе отколку што треба да мисли“ (Римјаните 12:3).
Исто така, искрено преиспитај ги своите манири и уметност на дружење. Младата Британка Лидија забележува: „Во моето училиште има едно момче што е многу популарно кај девојките. Но, откако ќе го запознаат, не им се допаѓа затоа што е груб и нетактичен“. Луѓето ги привлекува некој што зборува љубезно и тактично и што покажува обѕир кон другите (Ефешаните 4:29, 32; 5:3, 4). „Пријатните манири се како пасош, ти даваат слобода и пристап до луѓето“, забележува д-р Т. Бери Брезелтон. Манирите „се неопходни за да бидеш прифатен од другите“.
Обичаите и правилата на добро однесување се разликуваат во светот. Затоа, можеби ќе сакаш да набљудуваш како се однесуваат меѓу себе зрелите христијани и христијанки. На пример, дали во твојата земја е обичај еден маж да ја држи отворена вратата за една жена? Ако научиш да покажуваш ваква учтивост, ќе бидеш на подобар глас како сталожена личност со добри манири.
И на крај, можеби ќе ти биде од корист да негуваш урамнотежена смисла за хумор. Библијата вели дека има „време за смеење“ и лицето што има смисла за хумор честопати лесно стекнува пријатели (Проповедник 3:1, 4).
Пријателство наспроти флертување
Еден самонаречен „водич за успех во состанувањето“ советувал дека тајната да се привлече некој од спротивниот пол е флертот. На читателите им било речено да се насмевнуваат, да остваруваат визуелен контакт и да ги усовршат ‚уводните зборови‘. Ваквиот совет е спротивен на духот на Павловиот совет до Тимотеј да постапува со припадниците на спротивниот пол „со сета чесност“ (1. Тимотеј 5:2).
Иако флертувањето можеби ќе задоволи нечие его, тоа е неискрено и нечесно. Не мора да флертуваш или да бидеш лажно срамежлив за да водиш интересен разговор. Не мораш ни да поставуваш незгодни или несоодветни прашања за да дознаеш што чувствува и мисли спротивниот пол. Држи се за разговор за работи што се ‚праведни, чесни, вредни за сакање‘ и ќе покажеш дека си на пат да се развиеш во зрел, духовно настроен маж или жена (Филипјаните 4:8). Твојата послушност на побожните начела ќе те направи привлечен не само за спротивниот пол туку и за Богd (Пословици 1:7—9).
[Фусноти]
a Види „Облеката што ја носиме — дали навистина е важна?“, што излезе во нашето издание од 8 мај 1999.
b Според еден истражувач, истражувањата покажуваат дека младите што се интелигентни честопати се исмејувани поради своите способности. Некои млади реагираат со тоа што им ја потценуваат интелигенцијата.
c Поглавје 12 од книгата Младите прашуваат — делотворни одговори, издадена од Јеховините сведоци, содржи многу практични предлози за тоа како да се изгради самопочит.
d Ако си премлад за да стапиш во брак, мудро е да уживаш во друштвото на спротивниот пол во мешани групи. Види ја статијата „Младите прашуваат . . . Што ако моите родители сметаат дека сум премлад за да се состанувам со некого?“, што излезе во изданието на Разбудете се! од 8 мај 2001.
[Слики на страница 15]
Наместо да се сосредоточуваш на твојот изглед, работи на тоа да стекнеш духовни особини
[Слика на страница 15]
Научи да се чувствуваш пријатно со најразлични луѓе