Младите прашуваат
Само пријатели или нешто повеќе? — дел 2
ВО ПРЕТХОДНИОТ БРОЈ, разгледавме два факта.
● Ако ти се родат чувства кон некого пред да бидеш спремен за сериозна врска, ќе бидеш повреден (Изреки 6:27).
● Ако ти се родат чувства кон некого пред да бидеш спремен за сериозна врска, можеш да изгубиш добар пријателa (Изреки 18:24).
ВО ОВОЈ БРОЈ ќе разгледаме
● уште еден факт во врска со тоа што може да се случи ако ти се родат чувства кон некого
● и како можеш да знаеш дали си ја преминал границата на пријателство со некој од спротивниот пол
ФАКТ: Ако ти се родат чувства кон некого пред да бидеш спремен за сериозна врска, може да си ја уништиш репутацијата. Миаb вели: „Некои момчиња се блиски со многу девојки. Но, всушност, за нив тоа е ‚само игра‘. Девојката си мисли дека момчето е заинтересирано за неа, но нему едноставно му годи женско внимание“.
Размисли:
● Без разлика дали си момче или девојка, како тоа што ќе станеш премногу близок со некој од спротивниот пол може да влијае врз твојата репутација?
„Пишувањето пораки на некој од спротивниот пол може да биде многу голема замка. Прво почнуваш со кратки пораки до една личност, но набрзо тие стануваат сѐ подолги и почнуваш да им пишуваш на повеќе луѓе. Пред да си свесна, ти веќе си во врска со три момчиња и секој од нив си мисли дека тој е ‚оној вистинскиот‘ кого сакаш подобро да го запознаеш. Но, кога ќе дознаат што е работата, се чувствуваат повредени, а ти си стекнуваш репутација како девојка што флертува“ (Лара).
Библијата вели: „Детето се познава по она што го прави, дали е неговото дело чисто и исправно“ (Изреки 20:11).
Заклучок: Не е погрешно да се дружиш со лица од спротивниот пол. Но, ако не си поставиш граници, можеш да си нанесеш болка, да изгубиш добар пријател и да си ја уништиш репутацијата.
Како можеш да знаеш дали си ги преминал границите? Еден начин е да се прашаш: ‚Дали твојот најблизок пријател, единствениот кому му кажуваш сѐ, е од спротивниот пол?‘ Една девојка по име Ерин вели: „Ако едно момче ти е само пријател, не би требало да биде првата личност со која сакаш да зборуваш секој ден или првата личност на која сакаш да ѝ ги кажеш најновите случувања. И во никој случај не треба да ти биде рамо за плачење“.
Размисли:
● Зошто може да ти изгледа како привлечна идејата единствениот пријател кому му се доверуваш за сѐ да биде од спротивниот пол? Но, какви опасности постојат?
„Момчињата што ги познавам не ми се најблиски пријатели. Не зборувам со нив на телефон со часови како што би можела да зборувам со другарка. А за некои теми воопшто не сакам да разговарам со момчињата“ (Ријана).
Библијата вели: „Кој си ја чува устата, си ја чува душата. Кој зборува непромислено, пропаѓа“ (Изреки 13:3).
Размисли: Дали е опасно да откриеш премногу работи за себе на некој од спротивниот пол? Што ако еден ден се оддалечите? Ќе ти биде ли криво што си му ги кажал тие работи?
Една тинејџерка по име Алексис вели: „Не избегнувај некого само затоа што е од спротивниот пол. Од друга страна, не се залажувај себеси и не вели дека сте само пријатели ако не е така. Внимавај на своите чувства за да не доживееш болка“.
Статии од рубриката „Младите прашуваат“ има и во други броеви од списанието Разбудете се! кое можеш да го симнеш од веб-страницата www.jw.org
[Фусноти]
a Нешто повеќе можеш да прочиташ во Разбудете се! од јуни 2012, страници 15-17.
b Некои имиња во оваа статија се сменети.
[Рамка на страница 17]
ВИСТИНСКА ПРИКАЗНА: „Се дружев со едно момче и добро се согласувавме. Но, одеднаш сфатив дека нашите разговори стануваат сѐ подолги и дека зборуваме за многу лични работи. Знак дека сме станале премногу блиски ми беше тоа што тој почна да ми кажува за сѐ што го мачи. Еден ден ми пушти имејл во кој пишуваше дека има чувства кон мене. Не знаев што да му одговорам. Од една страна, се почувствував поласкано бидејќи убаво е кога некому му значиш нешто. Но, бев и загрижена. Знаев дека не можеме и понатаму да бидеме ‚само пријатели‘ затоа што очигледно тој сметаше дека сме нешто повеќе. Бев свесна дека ако му кажам дека сѐ уште сме премлади да бидеме во врска, ќе го повредам. Им кажав на моите родители што се случува, а тие ми објаснија колку е важно поретко да контактирам со него. Оваа случка ми покажа колку лесно една навидум мала работа може да прерасне во нешто сериозно. Оттогаш, си поставувам граници во врска со контактите со спротивниот пол, особено кога пишувам пораки. Исто така, можеш да се дружиш во група наместо да поминуваш време само со една личност. Така, вашите разговори нема да преминат на премногу лични работи и нема да се зближите премногу“ (Елена).
[Рамка на страница 18]
ЗОШТО НЕ ГИ ПРАШАШ РОДИТЕЛИТЕ?
Прашај ги твоите родители како тие би одговориле на прашањата во двата дела „Размисли“ од оваа статија. Дали нивните одговори се разликуваат од твоите? Ако да, во што е разликата? Можеш ли да видиш оправдана причина за нивното гледиште? (Изреки 1:8).
[Рамка/слики на страница 18]
ШТО ВЕЛАТ ДРУГИ МЛАДИ
Андре — Колку повеќе време поминуваш со една девојка толку полесно е да ти се развијат чувства и таа да почне да мисли дека си заинтересиран за неа. Ако си имаш поставено цели кои сакаш да ги оствариш пред да почнеш врска, не оставај впечаток дека си спремен за врска.
Кесиди — По природа сум друштвена и, бидејќи растев со машки, убаво ми е кога сум со нив. Но, тоа не е секогаш добро. Не е во ред да се однесувам со едно момче како што би се однесувала со другарка зашто би можела да бидам погрешно сфатена. Најдобро е со момче да се однесувам како да ми е брат!
[Рамка на страница 19]
ЗБОР-ДВА ДО РОДИТЕЛИТЕ
Во исправни околности не е погрешно еден млад човек да се дружи со лица од спротивниот пол. Но, оние што не се спремни за врска која може да води до брак треба да си постават граници.c За нив таквите пријателства треба да останат токму тоа — пријателства и ништо повеќе.
До што може да дојде кога кај двајца ќе се родат чувства пред да бидат спремни за сериозна врска? Првобитната одушевеност брзо може да се претвори во разочарување. Тоа е како да седиш во кола без тркала. Кога-тогаш, момчето и девојката сфаќаат дека нивната врска не оди никаде. Некои можеби ќе почнат тајна врска која би можела да води до многу проблеми. Други одлучуваат да раскинат — што може да води до тоа да се чувствуваат измамени, повредени, па дури може да паднат и во депресија. Како можеш да му помогнеш на твојот тинејџер да не се впушти во една незрела врска? (Проповедник 11:10).
Клучот е отворената комуникација. Отворено зборувај со твојот тинејџер во врска со пријателствата со лица од спротивниот пол. Така ќе можеш да знаеш дали едно пријателство почнува да ги преминува границите и ќе бидеш спремен да му помогнеш.
Некои родители несвесно им отежнуваат на своите тинејџери да зборуваат со нив за нивните пријателства. Забележи што изјавиле некои млади.
„Сакав да зборувам со мајка ми за тоа кој ми се допаѓа, но ме плашеше нејзината реакција“ (Кара).
„Кога ќе ѝ кажев на мајка ми дека ми се допаѓа некое момче, таа веднаш почнуваше: ‚Мене нема да ме видиш на свадбата!‘ А можеше едноставно да рече: ‚Кажи ми нешто повеќе. Што ти се допаѓа кај него?‘ Да го правеше тоа, ќе бев поспремна да го послушам нејзиниот совет“ (Надин).
Сега, забележи колку поинакви биле резултатите кога родителите стрпливо слушале и им дале практични совети на своите тинејџери.
„Моите родители не реагираа претерано кога им кажав за едно момче што ми се допаѓаше. Отворено ми кажаа што мислат, но покажаа разбирање за моите чувства. Поради тоа, ми беше многу полесно да го послушам нивниот совет и уште поотворено да зборувам со нив“ (Корина).
„Кога моите родители ми кажаа кој им се допаѓал кога биле помлади — па дури и ми објаснија зошто не им успеала некоја врска — ми помогнаа да сфатам дека можам слободно да им кажам ако некој ми се допаѓа“ (Линет).
Исто така, добро е да имаш на ум дека понекогаш постојат подлабоки причини зошто твојот тинејџер почнал врска.
„Бев во тајна врска со едно момче затоа што покрај него се чувствував среќна и секогаш беше спремен да ме ислуша“ (Анета).
„Имаше едно момче со кое секогаш ми беше убаво. Ме опсипуваше со внимание, а тоа ми е слабост. Уживам во какво и да било внимание“ (Еми).
„Кога родителите искрено ќе ми кажат дека изгледам убаво или дека нешто добро ми стои, не чувствувам потреба да добивам такви комплименти од момчиња“ (Карен).
Прашај се:
Што можам да направам за мојот тинејџер да се чувствува послободен да ми пристапи? (Филипјаните 4:5).
Дали сум „брз на слушање, а бавен на зборување“? (Јаков 1:19).
Како можам да му помогнам на мојот тинејџер помалку да посакува да добие љубов и одобрување од некој надвор од дома? (Колошаните 3:21).
Заклучок: Помогни му на твојот тинејџер да научи како да не ја премине границата на пријателство со некој од спротивниот пол и да избегне проблеми. Тоа многу ќе му користи кога ќе биде повозрасен (Колошаните 3:5; 1. Солуњаните 4:3-6).
[Фуснота]
c Нешто повеќе можеш да прочиташ во статиите „Младите прашуваат“ во овој и во претходниот број.
[Табела на страница 17]
(Види во публикацијата)
ГРАНИЦИ
ДА
✔ дружи се во група
✔ запознајте се
✔ разговарајте
НЕ
X не се издвојувајте
X не се зближувај премногу
X не флертувај
[Графикон на страница 18]
(Види во публикацијата)
ДРУЖЕЊЕ
ФЛЕРТУВАЊЕ
ДОПИРАЊЕ
ДРЖЕЊЕ ЗА РАКА
БАКНУВАЊЕ