Собирање плодови со крилја
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО КОСТАРИКА
ОВИЕ плодови имаат крилја! Да, точно прочитавте — жетвата на овој фармер има крилја. Се разбира, секој добар фармер знае дека неговиот труд е насочен кон производство на добри, здрави плодови. Истото е случај и со овој одгледувач — тој будно ги трга настрана незабележливите грабливци како што се инсектите, пајаците и птиците. За време на жетвата неговата работа се зголемува, бидејќи се обидува да не го изгуби скапоцениот посед што толку трудољубиво го одгледувал во текот на сезоната. Ако е успешен, неговите плодови — што се состојат од по две најраскошно обоени крилја во светот — ќе се најдат илјадници километри од местото каде што биле одгледани. Какви се овие необични плодови? Точно погодивте — тоа се пеперутки.
Одгледувањето пеперутки е трговија од голема вредност. Тоа е генијален и еколошки начин да се зачуваат различни видови пеперутки. Затоа, дали низ главата Ви прелетуваат безброј прашања? На пример, како точно изгледа една фарма на пеперутки? Како функционира? И, каква е нејзината цел? Пред да одговориме на овие прашања, да разгледаме како почнале да се одгледуваат овие нежни суштества.
Почетоци во Кина
Со векови, Кинезите имале обичај да одгледуваат молци исклучително за својата свилена индустрија. Но, дури неодамна се појави потреба од фарми на пеперутки. Во 1970-тите, на островот Гернзи, во близина на брегот на Англија, се одржа изложба на живи пеперутки.
Благородната идеја за потфатот Гернзи беше одново да се создаде една тропска шума полна со пеперутки, чии безброј бои и дизајни ќе ѝ внесат живот. Логично, за ова беше потребен транспорт на пеперутки што потекнуваат од тропските места. Но, како да се пренесат со брод тропските пеперутки живи (животниот век на некои видови изнесува само две до три седмици) и без загуба до некоја дестинација оддалечена илјадници километри од нивната татковина? Ете зошто се појавила потребата од комерцијално одгледување пеперутки на фарми.
Како функционира една фарма
Прекрасната прилика да се види од прва рака како функционира некоја таква фарма е нешто што го одзема здивот. Да се гледа одблизу еден калеидоскоп од многу крилја со живи бои е восхитувачка глетка. Разбудете се! ја посети најголемата фарма и бизнис за извоз од таа област во Централна Америка, Фармата на пеперутки во Костарика. Оваа фарма не само што извезува одгледани кукли туку има и образовна програма за оние што би сакале да знаат повеќе за животниот циклус и биологијата на пеперутките.
Кога ќе влезете во заградениот простор на градината со пеперутки, веднаш ќе Ве восхити глетката на стотици пеперутки што летаат околу Вас, украсени со заслепувачки комбинации на бои — некои летаат и се вивнуваат, други грациозно прелетуваат. Овие блескави разнобојни суштества весело го игнорираат Вашето присуство додека си ја извршуваат секојдневната рутина на јадење, парење и полагање јајца. Како е можно да не бидете импресионирани? Додека ги гледате и мирисате растенијата-домаќини на пеперутките — самоникнати диви растенија и дрвја со банани — брзо ќе сфатите дека тие служат и како храна и како гнездо за пеперутките.
Целосно заградената градина ги заштитува малите јајца од грабливците. Во дивината, стапката на преживување од јајце до возрасна единка е само 2 процента од сите положени јајца, но во засолништата како што е Фармата на пеперутки, стапката се зголемува на 90 проценти.
За исправно размножување и развој на пеперутките неопходно е да има соодветни растенија. Затоа, градината врие од растенија-домаќини на кои женката ќе ги положува своите јајца и со кои ќе се хранат ларвите и гасениците. Растенијата со нектар служат како храна за возрасните. Секој вид пеперутки положува јајца само врз еден вид растение, а ларвата, пак, се храни токму со тоа растение. Затоа е неопходно на фармата да има изобилство растенија-домаќини.
Една женка полага 100 или повеќе јајца одеднаш. Тие личат на ситни капкички вода големи колку точката на крајот на оваа реченица. Не само што ги полага јајцата исклучително на растението-домаќин туку секој вид пеперутки го прави тоа само на одредено место од растението. Така, фармерот може брзо да ги најде јајцата, да ги тргне и да ги складира. Секој ден се проверува дали на растенијата-домаќини има јајца и дали од нив излегле ларви. Откако ќе излезат од јајцата, гладните ларви се гоштаваат од празните лушпи од јајцата. Потоа се ставаат на растенија-домаќини во саксии сместени во мали кафези. Многу е важно кафезите да се чистат додека трае животниот циклус на ларвите, бидејќи ако се занемарат може да се појави болест што ќе предизвика смрт.
По третото луштење, односно стадиумот помеѓу менувањето на обвивките, животот на ларвите се состои само од јадење. Се вели дека, ако едно човечко бебе тешко 3 килограми добива на тежина со иста стапка како една гасеница, односно ларва, по две седмици бебето ќе тежи осум тони!
При петтото и последно луштење ларвите се прицврстени на една гранка или на покривот од кафезот, вешто борејќи се да ја сменат кожата, под која има стврдната корупка, позната како кукла. Сега фармерот треба да биде ефективен и ефикасен.
Куклите треба да се соберат дење, бидејќи тоа е единствениот начин да се одреди нивната возраст. Куклите — кои ги има од 40 до 100 — грижливо се пакуваат во картонски кутии помеѓу слоеви памук. Фармерите и извозниците имаат време од десетина дена во кои ќе му ги достават куклите на дистрибутерот, кој потоа му ги предава на муштеријата, обично дом за пеперутки или некоја слична институција. Ако не се достават до определениот термин, пеперутките ќе излезат додека трае патувањето и ќе умрат. Ако се транспортираат успешно, пеперутките ќе излезат од куклите илјадници километри далеку од својот дом, без воопшто да знаат дека ја смениле адресата. Фармата на пеперутки испорачува од 4.000 до 6.000 кукли месечно до разни институции во целиот свет.
Фармите на пеперутки се множат насекаде. Веќе ги има во Ел Салвадор, Кенија, Мадагаскар, Малезија, Соединетите Држави, Тајван, Тајланд, на Филипините и, се разбира, во Костарика. Исто така, бројот на домови на пеперутки постојано расте со секоја измината година, овозможувајќи им на луѓето во многу делови од светот да ги видат овие извонредни суштества.
Несомнено, одгледувањето и собирањето на плодовите со крилја и понатаму ќе игра важна еколошка улога во зачувувањето на ретки видови пеперутки. Таа трговија може исто така да придонесе да се информира јавноста за деликатната рамнотежа на природните богатства на Земјата.
[Слики на страница 18]
Фармерите поставуваат мрежи за да ги заштитат јајцата и ларвите (1). Куклите, како што е оваа покажана овде (2), се пакуваат во кутии и се испраќаат низ целиот свет (3)
[Извори на слики]
Пеперутка монарх и куклата горе лево: Butterfly House, Mittagong, Australia; пеперутката лево на средина и пеперутките на листовите: Со љубезна дозвола на Buckfast Butterfly Farm
[Извор на слика на страница 16]
K. Schafer/Audiovise